03/03/2024
нота.мк
Аналитичка Нота

Најавената пријава од Арсовска против Усје и по една година ја нема

Цементарница Усје годишно гори околу 4.000 тони текстилен отпад, а кон алтернативното гориво што се гори спаѓа и пластиката, оризовата арпа и лушпи од кафе. Лани градоначалничката на Скопје најави кривична пријава, која и по една година Усје ја нема добиено.

Cementarnica Usje

Во Скопје има неколку големи индустриски капацитети, кои се контролирани од Државниот инспекторат за животна средина и бројни помали погони и сервиси контролирани од градски и општински инспектори. И покрај тоа разграничување на надлежностите, пред една година, градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, објави дека по контролата на градските инспектори ќе поднесе кривична пријава против Цементарница Усје.

Иако е поминато повеќе од една година, во Цементарница Усје немаат добиено пријава од неа. А, ние не добивме ни интервју, ниту пишани одговори на темата. Аровска лани на прес-конференција одржана на 12.01.2023 година кажа дека:

„Граѓаните на градот Скопје недозволиво е да бидат жртви на профитите на неколкумина, кои со децении нѐ трујат, обидувајќи се со ‘донации’ по општините, коруптивно однесување и најразличен вид на влијанија да се амнестираат од одговорноста за загадувањето на животната средина, од кое илјадници граѓани страдаат од бројни заболувања“.

Arsovska

Од техничкиот директор во Цементарница Усје побаравме коментар на оваа изјава.

Goce Cvetkovski

„Не коментираме политички изјави. Вистината е дека Цементарница работи во согласносност со сите прописи и нашите емисии се во рамките на дозволените вредности. Добивме една пријава од Државниот инспекторат за животна средина. Другата сѐ уште не сме ја добиле. Ако воопшто и се појави“, нагласува Гоце Цветковски, технички директор во Цементарница Усје.„Да бидам поточен. На почетокот на 2023 година беа направени ненајавени мерења на емисиони точки во процесот на производство на Цементарница Усје, од кои се утврди дека сите емисии од самиот процес се во рамки на дозволените вредности. Еднинствено спорна беше една позиција – се работи за парен котел, за која според нас мерењата не покажуваат на загадување, но тој спор останува да се решава во институциите“, додава директорот Цветковски.

Државниот инспекторат утврдил двојно зголемување на азот моноксид и азот диоксид кај котларата. На Цементарница Усје ѝ било понудено преку спогодба, како што овозможувал законот, да плати преполовена казна – наместо целосен износ од 180.000 евра да плати 90.000 евра. Но, до спогодба не дошло, па случајот завршил на суд, бидејќи мерењето наводнобило направено со три години небаждарен уред.

„Цементарница Усје смета дека не направила прекршување и нема да плати ни 50 проценти, ако не направила прекршување. Ако направила прекршување ќе плати колку што треба“, нагласува техничкиот директор Гоце Цветковски.

„Постапката е во судот. Значи, сѐ уште не сме повикани во судот. Цементарница не го прифати спогодувањето, коешто се одвиваше кај Министерството за животна средина и просторно планирање. Имавме надминување на азотните оксиди за два ипол пати. Во тој дел беше загадувањето. Во останатиот дел, каде што имавме технолошки процес немавме надминување на сите десет мерни точки.Правниот субјект прифати постапка на спогодување, потоа не го потпиша записникот за спогодување и целата постапка се префрли во судот во Скопје“, објаснува Сретен Стојковски, директор на Државниот инспекторат за животна средина.

Sreten Skojkovski

Претходно 35.000 тони италијански отпад, сега 4.000 тони домашен отпад

Цементарницата Усје, која постои од 1955 година, со текот на годините е модернизирана и, како што тврдат од менаџментот на компанијата, со опрема од германска фирма се мери загадувањето на сите 11 испусни точки. Во оџаците имало сонда, која секоја секунда испраќала податоци, од кои се прават просечни дневни вредности, кои се објавуваат еднаш неделно. Тие податоци не покажуваат загадувања над дозволеното. Во цементарата две години се горел увезен отпад од Италија, кој не можел да се рециклира. Дозволата била за 35.000 тони годишно.

Goce Cvetkovski

„Тоа течеше скоро две години – од 2018. Помалку од две години. Во почетокот на 2020 година настана измена на законот и беше забрането увезување на отпад, кој треба да се користи енергетски. Оттогаш не се користи увезено гориво од отпад, туку се ориентиравме на добивање гориво од домашни фракции на отпад. Користиме лушпи од ориз, лушпи од кафе, текстилни остатоци од кроење, картони и амбалажа, кои не можат да се рециклираат. Генерално, тоа се материјалите кои се користат“, објаснува техничкиот директор на Цементара Усје, Гоце Цветковски.

Побаравме да го видиме тој отпад од текстилни материјали, кои останувале по лон производство или производство во автомобилската идустрија, но не ни беше дозволено. Директорот уверува дека контролите на ткаенините се правеле пред издавање на дозволата, а се правеле и од време на време по случаен избор.

„Кога е нешто спакувано, не знаеме внатре содржината каква е, бидејќи…“

– „Знаеме“, одговара Цветковски.

„Бидејќи постои мафија со ѓубре, која пробува во источноевропски земји да го пласира својот отпад. Дали мислите дека можеби треба да правите такви контроли, за да видите внатре да не имате и друг материјал, освен текстил?“

– „Ние ќе дознаеме веднаш дали имаме некои работи кои нема да одговараат за употреба. Генерално разговараме за сериозни странски инвеститори, како компании, кои шијат за автомобилска индустија и за други текстилни производители“, вели директорот Цветковски.

Забранет увоз на отпад како гориво

Од Германската Федерална агенција за животна средина бевме информирани дека во статистиката за надворешна трговија со отпад Македонија се јавува со мали количини во однос на целиот германски извоз, но тие количини се главно текстил. „Бидејќи не може јасно да се направи разлика меѓу текстилни отпади и секнд хенд облека, се поаѓа од тоа дека тука се работи за второто. Бидејќи скоро имаше проблеми со експортот на секнд хенд облека од ЕУ, во моментов се работи на правила за конкретизирање на разликувањето од текстилните отпади. Нелегални извози не можат да бидат исклучени“, стои во одговорот. Во Македонија е забранет увоз на отпад како гориво. МВР во минатите две години има откриено 24 диви откупни центри на отпад во Скопје, но нема евидентирано случаи на вмешаност на индустриски капацитети во нелегални активностни со отпад.

Cementarnica Usje

Текстилниот отпад што се гори во Цементарата Усје, или околу 4.000 тони годишно, е дел од алтернативното гориво од отпад што заменувало пет проценти од енергијата потребна за производство. Во алтернативно гориво спаѓа и пластиката.

„Оној отпад, кој не може да се рециклира, треба или да се депонира, што е лоша опција, или да се употреби енергетски. Под пластика подразбираме етикети, на пример од амбалажа, онаа пластика на пример за еднократна употреба, како чаши за пиење вода, кафе. Такви фракции се.Најгруба проценка е дека по тие пет проценти алтернативно гориво, односно се последните, се користи природен гас и мазут до околу два до три проценти. Тие служат само за загревање на процесот по ремонт, по застој. Остатокот е петролкокс. Може на периоди да биде и јаглен. Значи, пет и три се осум. Останатите 92 проценти се петролкокс и јаглен“, објаснува директорот Цветковски.

Загадувањето во Цементарата Усје доаѓало од опкружувањето

Откако гасовите, создадени при согорувањето на 2.000 степени, ќе поминеле низ вреќи со филтри се мерело загадувањето.

„Ако јас ставам инструмент зад вашата ограда, Вие сте криви за ПМ10? А, можеби комшијата прави нешто друго. Можеби сте на раскрсница. За таков ПМ10 разговараме ние.Значи, тоа што воздухот во Скопје бил тој ден, не знам кој, со повисок ПМ10, тоа е навистина лошо, ама не значи дека ние сме криви“, вели Цветковски.

– „Добро, сакате да кажете дека тоа загадување, односно тоа зголемено ниво на ПМ10 не било од вас, туку било од комшилукот, од опкружувањето“.

 „Од повеќе фактори. Можеби сме и ние дел од факторите. Ама да кажеме дека ние сме? Ако ние сме во ред на нашите емисиони точки, како ќе станеме поголеми надвор“, прашува директорот Цветковски.

На апликацијата АirCare често се гледа дека постои една темна линија на загадување која се протега од Усје, преку Лисиче, Ново Лисиче и Аеродром се протега до Железара и Чаир.

Намаленото производство на Макстил и Усје не било поради воздухот

Додека државни институции информираа дека Цементарница Усје и Макстил одлучиле да не работат за да се намали загаденоста, во Усје нѐ информираат дека секоја зима прават ремонт, поради намалената побарувачка на цемент во тој период, а од Макстил нѐ информира дека додека во Валавницата се работи секој ден континуирано во три смени, Челичарницата работи околу петнаесетина дена во еден месец, поради двојно поголемиот капацитет од Валавницата.

usje

„Така беше во изминативе пет-шест години и се надеваме дека така ќе продолжиме и во иднина. Во конкретниов период, Челичарницата ќе работи од 12.01. до 26.01.“.

Makstil

И Макстил постојано го контролирал аерозагадувањето од два оџака, и податоците како месечна вредност се објавени на страницата на фирмата. Макстил досега не бил казнет, бидејќи немало утврдено аерозагадување.

„Макстил користи исклучиво електрична енергија, топлинска енергија добиена од природен гас и занемарливо малку хемиска енергија добиена од кислород. Не користи и не користел ниеден друг вид енергија“, информираат од компанијата.

Филтерската прашина компанијата ја извезувала во странство – последен пат во Јужна Кореја, каде од неа се вадел цинк. За коварината и троската компанијата бара извоз во некоја земја во регионот.

makstil

Граѓаните често прстот го вперуваат кон индустријата како извор на аерозагадување. Со експанзијата на градот, тој ги има заобиколено индустриските капацитети. Сега околу Усје се наоѓаат згради и куќи. Експанзијата е затоа што главното финансирање на оштините е од издавањето градежни дозволи, комуналии и собирањето данок на имот.

Изработката на документарниот филм „Пази! Видлив воздух“ и изработката на онлајн-текстовите е поддржана од Journalismfund Europe.

journalismfund

Автори: Александар Методијев и Сузана Мицева

Сите содржини на nota.mk се авторски. Превземањето е дозволено според правилникот за превземање на содржини.

Related posts

Видлив воздух, невидливи луѓе

Димитар Мицев

Странец се обидува да го подобри квалитетот на воздухот во Скопје

Димитар Мицев

Фалат 48 проценти од потребните инспектори за животна средина

Димитар Мицев

Остави коментар

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading