21/05/2024
нота.мк
Аналитичка Нота

Без инфраструктура до странски туристи во Преспа

Синдикалниот туризам е далечно минато за Преспанското Езеро. Кампување, планинарење, возење велосипед во природа – тоа е интересот на странските туристи кои доаѓаат на одмор во Преспанскиот регион. Тие не доаѓаат за капење во езерото, туку за алтернативен туризам. И градоначалници и хотелиери во трите дела од Преспа тврдат дека бележат зголемен број на странски туристи, нешто што ние при теренската работа во средината на јули не можевме да го забележиме.

Некои туристи, кои не сакаа да бидат снимани, ни рекоа дека не ни забележуваат дека нешто се случува со Големото и Малото Преспанско Езеро, бидејќи за нив првиот впечаток од широките плажи, настанати поради повлекувањето на водата, е дека тоа е нормална состојба. Но, други беа однапред информирани дека Преспанското Езеро е во проблем.

Знаевме дека има проблеми. Значи, посебно преку интензивното користење на водата, преголемотo користење, исто така внесувањето на хранливи материи. Сите овие езера се карактеризираат со тоа што се многу бистри езера и имаат малку хранливи материи. Тоа значи дека интензивирањето на земјоделието ги загрозува овие езера“, вели Јакоб Фар, германски биолог и турист во Отешево. Забелешката на овој германски биолог и турист е во однос на вештачките ѓубрива, кои завршуваат и во езерото и го поттикнуваат создавањето на алгите на површината на водата и преку тоа и уништувањето на живиот свет на дното.

Имав навистина нешто прочитано за езерото и дека има проблеми, дека тоа има помалку вода и со гравовите, кои… Не знам, во која земја се садат?“, прашувајќи се пробува да се сети германската музичарка и туристка во Отешево, Корнелија Румп. „Во Грција? Добро, дека ним им треба премногу вода, дека тоа му одзема премногу вода на езерото и дека преку премалку врнежи езерото добива и премалку вода. Стварно сега пред малку зборувавме за тоа и маж ми при возењето надолу виде дека навистина на брегот се гледа дека езерото е повлечено“, додава Румп.

Во Нивици, или Псарадес, канадската уметница Софи Кабот доаѓа по вторпат. За разлика од првата посета во 2019, по четири години забележува промени: „Прекрасно е овде, но можеме да видиме дека нивото на водата се намалува. Го гледаме по слоевите на карпата. Слушнав и за пеликаните, кои беа уништени од вирусот“.

Птиците како магнет за туристи

Таа укажува на птичјиот грип кој пред помалку од две години тешко ја погодил колонијата на пеликаните, кои гнездат во Малото Преспанско Езеро. Нивната бројка оваа година се враќа во нормала. На птиците се гледа како на можност за привлекување туристи. Лани грчката влада помогнала со штанд на саем за птици во Велика Британија да се претстави дека во Преспа има многу за набљудување.

Stratos Vailopulos

„Во Велика Британија има околу повеќе од 1.500.000 членови на клуб за набљудување птици. Можеби и повеќе. И претпоставуваме дека низ цела Европа има повеќе од девет или 10 милиони луѓе кои се заинтересирани за набљудување птици. Тоа е причината што имаме целна група, која би нѐ посетила нас во Преспа“, објаснува Стратос Василопулос, претседател на Туристичката асоцијација на Преспа.

Нов граничен премин за скратен пат

За скратен пат на туристите, но и за олеснување на движењето на локалното население и на научниците се бара отворање на граничниот премин „Маркова нога“, кој бил затворен во шеесетите години на минатиот век по желба на тогашната грчка влада. Денеска до преминот води земјен пат и освен што нема асфалт, за време на снимањето во јули таму немаше ниту објекти. На македонска страна сликата изгледа сосема поинаку: асфалтиран пат и објекти за граничарите.

Vasilopulos

Од тука, од моето село, на шест километри е границата. Но, не е асфалтирано. Тој што треба да дојде тука во Преспа, треба да направи 150 километри да дојде од Битола, Лерин и на крај да дојде во Преспа за да го види националниот парк што го имаме тука. Ако се отвори, мислам дека тука во местото ќе има многу туристи. Многу ќе има од Европа: од Франција, од Германија, од Холанија, од Шпанија, па дури од Чешка ми дојдоа тука, а и од Полска“, вели Вангелис Василопулос, сопственик на комплексот Преспа ризорт и вила Платитеа.

Прашавме во грчкото МНР кога ќе биде отворен граничниот премин. И покрај вететувањето, одговор не добивме. Градоначалникот на Преспа открива дека за него веќе е земан кредит. „И исто така сега ја имаме и последната, стратешката програма – отворање граничен премин за што постои заклучен кредит од околу шест и пол милиони“, открива градоначалникот на Преспа, Панајотис Паскалидис.

panajotis pariskalidis

Од Европската комисија во Брисел како стратешки проект го оценија отворањето на граничниот премин „Маркова нога“, за што веќе биле дадени средства и од ЕУ. „Во однос на прекуграничните активности (…) предвидени се средства (4,5 милиони евра) за реализација на стратешки проект – отворање на граничниот премин Маркова нога во регионот Преспа. Оваа операција од стратешко значење треба да засили некои активности, кои се веќе финансирани во рамките на Програмата Грција-Северна Македонија 2014-2020 година, особено студиите за прекуграничниот пат Лемос/Ресен, што ги поврзува двете земји Грција-Северна Македонија (со 0,7 милиони евра)“, нѐ информираа дополнително од Европската комисија во Брисел.

Лоша инфраструктура и запустени одморалишта

Инфраструктурата е проблем и на албанската страна, како што признава градоначалникот на Пустец, Пали Колефски.

Бројот на туристи во последните години, значи минатата и оваа година е сѐ поголем. Значи, има заинтересирани, но сакам да бидам искрен – инвестициите во овој правец, можностите на нашата општина, се многу мали. Да ти кажам, немаме никакви можности да инвестираме во инфраструктурата. Значи, луѓето се заинтересирани. Претежно доаѓаат туристи од Германија, од Европа, значи од други држави. И, се разбира доаѓаат од Албанија, од другите страни, и од Македонија, кои доаѓаат за да пробаат преспански крап. Зготвен преспански крап тука. Значи, туристите се зголемуваат, ама инфраструктурата е лоша“, искрен е градоначалникот на Пустец, Пали Колефски.

pali kolefski

На македонска страна синдикалниот туризам одамна го нема, одморалиштата се запустени, а домашните туристи ги нема во доволен број. „Какви се бројките на туристи сега во однос на претходни години?“ го прашавме поранешниот туристички работник Љубен Котевски. „Па, не е за коментар, да Ви кажам право“, вели тој. Прашан што значи тоа и дали бројките се мали, одговара:

Па, мали се! Во овој дел што беше како синдикално одморалиште ‘Претор’ сега има околу стотина кревети. Вкупниот број на лежаи некаде би бил 150. Своевремено имаше 3.500 сместувачки кревети, кога беа во функција тие синдикални одморалишта“, објаснува Љубен Котевски, пензиониран сопственик на туристичка агенција во Ресен.

ljuben kotevski

Запустените локации ѝ паднале во очи и на македонската министерка за животна средина, Каја Шукова:

Вистина е. Видов и одредени локации, каде што навистина е многу запустено. Општините понекогаш, колку и да сакаат да интервенираат, многу често, затоа што голем дел од тие такви објекти се во приватна сопственост, не можат да реагираат“.

kaja sukova

Руини – слика за општината Ресен

Една таква напуштена приватна локација е и порано познатиот хотел „Европа“. Неговите рушевини привлекуваат туристи. Во деновите кога бевме во Отешево можевме да видиме како дури и семејства со деца шетаат низ руините на хотелот. Влезот кон хотелот не е блокиран и никаде нема табли за забранет пристап или предупредување од можна опасност, која демнее на секоја страна во објектот. Туристи објавуваат фотографии направени во него на Инстаграм. Хотелот подолг период е целосно руиниран, како и објектот познат како „Вила на Тито“ веднаш до него. Рушевините привлекоа и тројца моторџии од Чешка. Прашавме еден од нив: зошто дошол да го посети?

Бидејќи сакам урбекс. Тоа е како разгледување на напуштени згради. Едноставно ја сакам историјата на зградите“, вели Јозеф Пожарек, чешки моторџија.И каков е Вашиот прв впечаток, кога го гледате хотелот во оваа состојба“, го прашавме дополнително. „Навистина е срамота што е во ваква состојба“, вели Пожарек гледајќи во руините на хотелот.

Хотелот е слика и за целата општина Ресен. Меѓуградската автобуска станица е исто така руина и практично не постои со години, поради нерасчистен имотноправен спор. Во општината нема ниту јавен превоз од едно до друго туристичко место. Градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски, тврди дека опшитана сама не можела да организира јавен превоз, а на повикот за јавен превоз, отворен скоро една деценија, не се јавувале приватни фирми.

„Гостите се снаоѓаат…“, а и хотелиерите

Градоначалникот на Ресен смета дека масовен туризам, каков што имало во минатото во Преспа, не треба да има, и дека за регионот екотуризмот и кампувањето се сосема доволни. Спореднего, хотелиерите треба сами да си го организираат превозот за туристите.

И самите би го организирале кога би имале интерес. Во секој случај, ние имаме друга опција. Го имаме Охридскиот аеродром на 60 километри, па гостите се снаоѓаат со нивните туроператори да дојдат и до Преспа без линиски превоз“, вели Тозиевски кој, додека нема јавен превоз во општината, сака да направи еден прекуграничен:

Мојата желба и иницијатива е не само тука да имаме линиски превоз, туку разговаравме и со градоначалникот на Корча и двајцата се заложивме дека и на национално ниво кај надлежните министерства ќе го покренеме прашањето да имаме еден линиски превоз што нашите туристички центри би ги поврзал и со албанските, пред сѐ на почеток со Корча, а потоа да се прошири еднаш, двапати или трипати во неделата да можеме и тоа да го ставиме во понудата“.

jovan tozievski

За да можат своите туристички капацитети да ги стават на понуда, хотелиерите мора прво да се справат со последиците од повлекувањето на езерската вода, што на крајот значи прилив на трошоци за уредување на плажите.

Па, зборуваме за илјадници евра. Најмалку 10, мислам, и нагоре, за да се постигне некое ниво, задоволително ниво, како би можеле да се подобрат условите, да им се даде нешто на туристите да останат малку повеќе време. Водата на езерото е повлечена можеби должински околу повеќе од сто метри. Сега моментално има само трева, кал, значи не е ни внатре водата… Мислам, и ако се дојде до водата, сепак не би можело да се плива, бидејќи нивото на водата е многу ниско и има кал. Сега тоа претставува и поголеми финансиски трошоци за нас, бидејќи навистина не знам што можеме да направиме за да ја подобриме ситуацијата на плажата“, вели Лилјана Нечовска, управител на комплексот „Лејквју“ во Отешево.

liljana nencovska

Немаме базен, затоа што има законски регулативи што не ни дозволуваат да градиме базен. Претежно се работи за котата на езерото, што беше измерена во 1936. Од тогаш како појдовна точка, од таа точка 50 метри навнатре кон копното не смее да се гради“, додава таа.

При чистење на имотот случајно бил откриен дел од тајните на Преспа.

aleksandar nencovski

Видовме случајно на паркингов, кога чистевме сѐ, една метална врата внатре во планината и откако отворивме видовме како тунелче. Сѐ распаднато од земја, од дождови. Го исчистивме тој дел, па видовме дека има како тунелчиња и завршува во оваа соба тука каде што сме сега и гледаме сѐ е соѕидано со бетон, со камења, значи со некоја намера. За што беше не знаеме точно. Најдовме од Југославија некои парички, некои муниции. Претпостауваме дека е, на пример, за некои политичари, коишто иделе тука на одмор, за да имаат како некоја безбедна соба. За такви луѓе“, објаснува Александар Нечовски, син на сопствениците на хотелот „Лејквју“ во Отешево.

Привлекување туристи додека се губи популација

Преспанско Езеро се смета за едно од десетте најзначајни водни живеалишта во Медитеранот и во светот. Паралелно со губењето на водата се губи и популацијата во регионот. Според последниот попис во Албанија од 2011 година, за помалку од 21 процент е намалена популацијата во Пустец, проценти кои според локалното население во меѓувреме се влошени. Општината Преспа во Грција, според тамошниот попис од 2011 година, била најмалку населена општина во земјата. Пописот од 2022 година покажа уште полоши податоци. На македонскиот попис од 2021 година, пак, Отешево е во групата на празни места без лица со вообичаено место на живеење.

  • Prespa krajbrezje
  • Konjsko plaza
  • Kurbinovo pogled na prespa
  • Golem grad

Овие места, кои губат население, се надеваат на придобивање туристи. Покрај за губењето на популацијата, трите држави немаат најдено решение ни за спас на езерото, ниту за подобрување на инфраструктурата, која би им го олеснила престојот на туристите во регионот. Многу полиња за работа, но дали има и доволно време?

Автори: Александар Методијев, Сузана Мицева, Елона Елези и Есмералда Топи

Овој напис и документарецот „Преспа – жедното езеро“ беа развиени со поддршка на Journalismfund Europe (www.journalismfund.eu)

journalismfund

Related posts

Може ли Преспа да се спаси по примерот на Дојран?

Димитар Мицев

Преспа – жедното езеро

Димитар Мицев
Се одчитува....

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading