22/04/2024
нота.мк
Културна нота

Даница Ручигај – ALBA AVIS НА МАКЕДОНСКАТА ПОЕЗИЈА


Жена сум,

Ќе те надојам

Да израснеш!

— Даница Ручигај

Книжевноста не може без убавината, таа е зачната во нејзината матка, од неа се храни, извишува, за неа умира и повторно се раѓа. Когa творецот умира, неговиот збор продолжува да живее, постојано хранејќи се од убавината, која се пресоздава и му дава смисла на сѐ она што постои околу нас.

Поетските пејзажи што поетите ги распостилаат во своите песни, се изродени од утробата на убавината, во и надвор од нас. Таа е насекаде, таа е првородената семка на универзумот која бескрајно се расплодува и никогаш не умира. Ако убавината е емоција, тогашпоезијата е емоција – есенција на  убавото, магичен круг на две совршенства. Во шеесеттите години на XX век , Скопје ја има Даница Ручигај, млада поетеса која ги прави првите чекори на сцената на поезијата. Убава и своја, таа се осмелува да ја пушти својата песна да се разлее како течно сребро по калдрмените улици на градот, да им даде нов сјај, нова душа.

Скопје, 1963

Утрото, далечната 1963 година кога јулското изгрејсонце го буди Скопје, младата поетеса го положува своето тело во урнатините на домот, таму каде се зачнала, за повторно да се врати во утробата на земјата. Но во мигот на нејзиното физичко исчезнување започнува да живее нејзината поезија, таа како да почнува да говори од под урнатините, да се пробива низ правот и пепелта, за да ја задуши тагата по прерано згаснатиот живот, да ги скамени солзите и да навести враќање: Вратете ме назад во отпочнувањето / кругот ќе го искривам / ќе го здоболам / ќе го исушам изворот негов („Кругови“). Последниот нејзин стих е нејзиниот последен подој со кој ја нахрани мислата за да порасне, да се извиши над земните урнатини. Телото на Даница остана заѕидано во столбовите на македонската поезија која тогаш, во шеесеттите години, започнуваше да се извишува.

Но, како и во легендата, нејзината града остана несоѕидана, остана слободна за да продолжи да го дои зборот, новороденчето чии кревки усни жедно чекаа да капне благородната капка живот. Нејзиното отсуство е факт и во моментите на негово прифаќање нејзината присутност станува видлива, гласна и постојана. Како да требало да замине за да биде забележана, да стане неодминлива станица покрај која години подоцна, ќе поминуваат новите патници кои се движат од предградието, кон центарот на современата македонската поезија.

Посебноста на поетесата

Поетскиот имагинариум на Ручигај ја поставува жената како субјект кој со својата љубов и искрени чувства сака да го освои просторот, но и како објект кон кој се свртени очите на светот. Тие што ја познавале лично младата поетеса, сведочат за нејзината посебна надворешна и внатрешна убавина, за возбудата и воодушевеноста со која го живеелеа животот, кој пак ѝ задавал тешки удари. Даница  е дамата која била пред своите врсници и во наобразбата и во идејата дека жената има право на освојување на духовните пространства на љубовта. Откината во миговите на нејзиниот тивок духовен растеж, таа зад себе ја остава својата поезија, која ја продолжува приказната за неа. Околу нејзиниот лик како да лебди аура на мистичност, на недореченост за тоа, уште колкуубавата поетеса имаше да даде.

Првата македонска поетеса

Alba avis или белата ретка птица прераснува во синоним за името на Даница Ручигај, првата македонска поетеса. Наликува на ширококрила птица во слободен лет, се среќава многу ретко, некаде во височините меѓу карпестите предели, а пее во занес и своевиден претсмртен транс. Лета слободно, се извишува и прави ниски прелети, иако знае дека токму зад карпите ја демнат големите грабливци, за кои таа е лесен плен. Натпевајќи ги сите птици, издигнувајќи се над сопствената болка, птицата умира. Блиска ни е легендата за птицата која само еднаш во животот пее, во немир барајќи го дрвото со гранки од трње. Острите трње се одарот за нејзиното кревко тело кое, предавајќи ѝ се на болката, умира заедно со најубавата песна што ја пее, како своја претсмртна молитва.

Нашата поетеса, птицата чија песна стана чујна, ги бараше малите сонца, да ги разгори прелетувајќи покрај нив, да пламнат. Кога тлото силно ќе се стресе, а страотната сила ќе ја расцепи земјата на милиони пукнатини, сонот на младата жена успана во (не)спокој, ќе се прекрши на половина. Сон прекршен на половина епоследната каденца на поетесата, која ја пишува својата претсмртна песна. Но, поетесата сонува, постојано и потајно, патува освојувајќи светови кои за нејзината земна, смртна природа, се далечни и нестварни. Подобро да се сонува нестварното, отколку да се живее во апатија и рамнодушност кон светот. Даница со сета своја посебност и необичност, го љуби животот, го посакува денот за средба и ноќта за сон со љубениот.

Наметнати норми

Но тaа не му се приклонува на патетичниот ламент, нејзиниот стих е молскавица од зборови, силна и видлива на отвореното небо. Нејзината непосредност, но и воздражаната надворешност, ја прават жена со само навидум силен дух и одважна мисла. Токму поради таа нејзина отвореност кон светот, честопати ќе биде осудувана од оние кои, заробени во загушливата патријархална средина, ја набљудувале како нешто што ги нарушува наметнатите норми на однесување.

Сосема оправдана е дилемата, дали ако Даница не доживееше таков трагичен крај на својот млад живот, критиката ќе имаше доблест, нејзиното дело да го даде на показ и да се произнесе по него?! Позната  е мислата на Урсула К Ле Гвин: „Ако сакате вашето пишување да биде сфатено сериозно, не мажете се и немајте деца, но над сѐ, не умирајте. И, ако веќе мора да умрете, извршете самоубиство. Тоа тие ќе го почитуваат“. (*)

Критиката, држејќи ги секогаш жените некаде во сенка, реагира само тогаш кога за жената-автор ќе се врзе некаква трагична приказна. И навистина, македонската книжевна историја бележи таков податок. Имено, во Историјата на македонската книжевност XX век од Миодраг Друговац, двете жени – авторки кои се спомнуваат, а не се меѓу живите, се Даница Ручигај и Радмила Трифуновска. И двете ќе доживеат трагичен крај! Светскиот канон за кој зборува Ле Гвин, како да се потврдува во случајот со македонските поетеси, иако би сакале да веруваме дека станува збор за случајност.

Која е Даница Ручигај

Даница Ручигај, рожба од мајка Албанка и татко по потекло од Словенија, жена во која се вкрстуваат многу немирни реки, творец чија поезија гори од страст и болка ги газела улиците на Скопје, убава, грациозна, своја. Како таква останува запишана на првите страници на македонската книжевна историја, отстапени за жените-творци. Даница нема своја претходничка, нема ментор чиј пат би го следела. Таа едноставно е Ева во Градината на гревот. Исправена пред големи животни искушенија, пробувајќи од забранетите плодови, храбро се носи со постојаните налети на силните животни бури.

Но, поетесите, нејзините современички, како и оние кои ќе дојдат по неа, ќе знаат да го препознаат нејзиниот чекор, трагата што таа ја остави, за тие да одат по неа. Жените-критичаркииздашно ќе се произнесат за нејзината поезија, со тоа оддавајќи ѝ почит на нивната храбра претходничка која, во едно поинакво време, ќе го направи првиот чекор значаен за еманципацијата на жената во книжевниот свет. Женскиот критичарски прочит ѝ дава една сосема поинаква перспектива на книжевната форма за која се произнесува.

Ликот на Даница

Грациозност, мудрост, умешност да се владее со харизмата како дар од Бога, таков е ликот на Даница кој загадочно гледа од црно-белите фотографии. Скршена, осамена и несреќна жена говори низ стиховите на двете нејзини збирки. Неверојатен спој на едното и другото, но едното го надополнува другото и никако не се исклучуваат. Харизматичната и високо самосвесна Даница е жена од емоција, жена која бара и дава љубов, а што е најважно, без задршки тоа го изјавува низ стиховите. Стихови со „молски акорди“ (Александар Ежов 2003:145) со мали слабости на кои укажува Ежов, такви се првите објави на Даница. Поезија со катарзични мигови, стихови со една силна отвореност кон себе и кон светот, такви се песните со кои Даница го најави своето доаѓање на македонската книжевна сцена. Но, помислата дека тоа се нејзините први несигурни чекори во светот на поезијата, нѐ носи до заклучокот дека таа поезија си има своја вредност.

Даница Ручигај влегува во поезијата со младешки полет, но многу зрело им приидува на прашањата за смислата на животот без љубов и денот без радост. Исповедно, поетесата ја отвора вратата на сопствениот интимен свет, обременет од лични несреќи, што самата таа ги преживеала. Интензивното присуство на таквите емоции ја прави нејзината песна слика со напластени темно-сиви тонови. Во време кога нејзините колеги поети се свртени кон поетскиот израз кој тежнееше да се слушне неговиот афирмативен тон, Даница одеше на спротивната страна на ветрот. Изобилството од бои, колоритот и раскошниот пејзаж, наеднаш се замрачуваат, месечината и ноќта како постојано да се тука, а меланхолијата станува придружен тон на стихот.

Песни кои се читаат без задршка

Нејзините песни се читаат без задршка. Поетесата како да нема време да подзастане, да воздивне, да се одмори , па да продолжи. Емоциите надоаѓаат брзо, како да удираат со сета своја сила, а таа не се обидува да ги задржи, напротив, ги следи додека не папса и не падне од умора. Секој стих е еден здив, следниот стих уште еден здив и сѐ така до последната издишка. „За книжевникот – уметник, чекорите, приближувањето кон мотивот, кон неговото усвојување и асимилирање, се напори што исцрпуваат. Тргне ли кон својот објект, за него нема враќање назад. Сознанието дека може да продре и стаса таму каде што никој пред него не бил, силно, неотклонливо ја обзема неговата творечка страст, упатувајќи го, водејќи го кон новото, недостапното, непознатото.“ (Ѓурчинов 1983:39).

Само уметниците можат да ја прифатат тезата дека создавањето значи црпење на емотивниот и творечки потенцијал и дека откривањето на новите пространства на духот е страст која целосно го обзема уметникот. Даница како да била создадена од чиста емоција која во нејзината поезија се артикулира и станува стих. Лирското Таа во нејзините стихови гази по неосвоените предели на љубовта.Животот постојано ѝ задава силни удари, ги губи блиските и сакани луѓе, носи во себе некаква скриена тага која, убавата Даница ја преточува во стихови.

Нејзините стихови горат од усвитеност. Нашата поетеса сакајќи да ја открие смислата на светот околу себе, всушност ни го откри светот во себе. Еден богат свет, свет кој допрва требало да гради свои мали прибежишта. Откривањето на песната на Даница беше момент на пресврт во македонската книжевност, момент на сознание дека една жена во својата соба под падините на Водно твори и се подготвува да влезе во светот на поетите, да се соочи со нив, храбро, достоинствено, така како што ѝ доликува.

Критиката за Даница

Критиката ја споредува со жени кои извршиле силно влијание во светот на уметноста: Силвија Плат, Сафо, Контеса де Диа, Емили Дикенсон,  она што за српската поезија е Десанка Макисимовиќ, за бугарската Елисавета Багрјана, Марина Цветаева и Ана Ахматова за руската литература, тоа е Даница Ручигај за македонската литература. Даница застанува на страната на која, жените со својот творечки дар, му даваат рамнотежа на светот, ја одржуваат неговата хармонија.Двете страни, односно двата светогледи, женскиот и машкиот, наоѓаат заеднички значења во поезијата. Зборувајќи за „женско писмо“ однапред поставуваме линија на разграничување, иако сме свесни дека честопати, читајќи книга, воопшто не се интересираме за тоа дали авторот е жена или маж.

Името останува на корицата, а она што нѐ воодушевува, возбудува и ни ја вознемирува рамнодушноста се наоѓа внатре на страниците, без да има потреба да каже од кој пол е неговиот автор. Кица Колбе во текстот посветен на Рут Клигер, Еврејка, австриска писателка и професорка, вели дека „Клигер е жена која сака да покаже дека литературата е целосна дури кога во неа ќе стане видлив и „поинаквиот поглед” на писателките. Тоа е важно не само за правата на жените, туку и за хуманоста на општеството“. Токму тој „поинаков поглед“ дава и поинаква перспектива во толкување на прашањата за целовитоста на светот чија рамнотежа ја одржуваат двата пола.

Перото во рацете на жената

Книжевноста неминовно ја има улогата на еманципатор, на силно влијателен медиум кој може да изврши влијание светот да се промени на подобро. Спрегата меѓу  женскиот и машкиот свет веќе одамна е попуштена и нема сила да ја држи жената настрана од книгата. Жената одамна не е само муза, инспирација за мажот, таа го зема перото за со него да му напише на мажот што всушност сака и по што копнее. Книжевноста станува поле на кое жената започнува да ги води првите битки за својата еманципација и да се одбрани од наметнатите стереотипи и забрани. „Нурната во едно време во кое може да се прифати сѐ, освен тој вид женска слобода“ (Лужина 2017:265), Даница нашла начин, преку поезијата да го освои просторот што природно ѝ припаѓа.

Убавата поетеса само физички заминува од привремено изградениот дом од камен и песок, нејзиниот вистински дом е поезијата, таа стамена градба што не ја рушат ни земјотреси ниту какви било земни катастрофи. И тоа што заминува на таков начин , како да ја прави уште позагадочна, неоткриена, уште попривлечна за толкување. Кога се размислува за Даница, неминовно се раѓа сликата на убавата жена која била потајно погледнувана заради својата единствена убавина, за жената која во скопските поетски кругови влегувала можеби со плашлив чекор, но не дозволувала нејзините колеги да го заблежат тоа.

Синоним за храбра и даровита жена

Таа е поетеса која го надживеала своето време и станува синоним за храбра и даровита жена која, не можејќи да го премолчи немирот, не можејќи да го смири неспокојот, посегнува по перото и со него гради храм на зборот и љубовта. Токму во тој храм се моли и тихува. Ако поезијата е најсовршениот облик на слободната мисла, тогаш Даница Ручигај е поетеса за која слободата е единствениот врвен принцип за кој вреди да се живее и најпосле, да се умре.

Таа живеела и творела во својот слободен свет, во него љубела без задршка, во него горела од страст по недостижното, но и најтивко го слушала ехото на својот даровит поетски глас. Даница Ручигај преку поезијата остави траг за своето постоење под ѕвездосводот блеснат од светлината на ѕвездите со машки имиња. Даница остави многу недоречености во своите песни, ни ги остави за да се обидеме да ги дообјасниме, да ги расветлиме и да им дадеме ново име. Но, нејзината песна останува да биде слободна, таму горе на врвот до кој самата се искачила.

Ако громовите удираат во врвови, тогаш таа била нивна постојана цел. „Критиката умее да говори, а сите уметности се неми“, вели НортропФрај, но токму „немоста“ го прави уметничкото дело многузборливо и многузначно, знак од кој се раѓаат многу значења. И оние кои лично ја познава и оние кои ја запознаа преку нејзината поезија, говорат со восклик и почит за жената на која песната ѝ беше тивка молитва, во храмот на љубовта што самата го изгради.


(*)Цитирано според: Јасна Котеска. Македонското женско писмо. Скопје: Македонска книга, 2002, стр. 21

Автор: Ана Витанова – Рингачева

Фотографија:

УГД – Македонистика

www.ursulakleguin.com

Се одчитува....

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading