16/06/2024
нота.мк
Аналитичка Нота

На Македонија ѝ фалат мешани шуми

Во времето на Југославија се направила грешка во Македонија кога се одлучило да се пошумува со еден вид дрвја. Цената за немањето мешани шуми се плаќа денеска.

mono shumi

Мешаните шуми се поотпорни на болести и на пожари. Пожарот во шуми со еден вид дрвја се шири побргу, а за негово ширење придонесуваат и шишарките, кои при пожар летаат и прават нов пожар.

Valentin Gruevski

„При пожарите летаат шишарки, зголемуваат и побргу е ширењето на пожарот и тоа го имавме ние во пожарите во 2021 во Малешевијата, кога изгоре огромна површина. Нам тогаш ни изгореа, според нашите проценки, околу 400.000 кубни метри дрвен материјал“, објаснува директорот на ЈП Национални шуми, Валентин Груевски.

Во времето на Југославија се мислело дека на Македонија ѝ фалат повеќе иглолисни дрвја, па такви и се саделе.

„Бидејќи во нашата држава составот на шумите е повеќе листопадни шуми, а многу помалку четинарски шуми се сметало во тоа време дека треба да се пошумува со четинарски или иглолисни видови. Не водејќи многу сметка на која надморска височина, односно на кое место растат, истите се саделе. Исто така се садеа и се создаваа чисти насади. Значи, не мешани насади, туку чисти насади, претежно од црн бор, помалку од бел бор и од чемпрес“, наглсува Саша Јовановиќ, раководител на секторот за шумарство во Министерството за земјоделие.

Sasa Jovanovik

Монокултурите требале да ја зајакнат економијата

По двете светски војни не само на територијата на тогашната Југославија, туку и во Европа, ваквите шуми требале да ја зајакнат економијата. Но, таквата неприродна шума е ранлива.

Aleksander Held

„Значи, ние гледаме дека најранливите шумски формации, без разлика дали зборуваме за суша, за бури, за поткорници, за пожар се всушност еднослојните монокултури, односно класичната индустриска шума, која беше пошумена по Првата и Втората светска војна со цел брзо да се поттикне економијата. Во тоа време вистинска одлука, но секако на голема површина се работело со малку видови дрвja: смрека, бор, црн бор ит.н. Оваа шумска формација е секако нешто неприродно“,објаснува Александер Хелд,виш експерт во Европски институт за шуми – ЕФИ.

„Ако гледаме шуми слични на природните тогаш таму гледаме многу разновидни видови дрвја, слично на сликата зад мене. Стари дрвја, големи дрвја, мали дрвја, дебели дрвја, млади дрвја, различни видови дрвја“, додава Хелд.

Онаму каде што имаме случајно мешање или направен некој обид да се направи некое мешање, а тоа е во време на садење, кога правеле некои експерименти, таму состојбата е сосема друга и се приметува дека и во случај на пожар како таму пожарот го намалува својот интензитет, па може таму да се изгасне, па дури може и да се стопира. За болестите е слично“, објаснува проф. д-р Никола Николов од Шумарскиот факултет.

Македонските шуми не се третираат авионски поради извозот

Пожарите и климатските промени се стрес фактор за појава на болести, габи и на поткорници – инсекти, чии ларви под стеблото го јадат дрвото и доведуваат до негово сушење. Од боров четник, преку жолтомешка, до увезена болест пред многу децении од Италија и кисели дождови – нападите врз дрвјата во македонските шуми доаѓаат од различни страни.

pozari dalecina

„Ако земеме дека нашата држава има милион хектара (шума, н.з.), боров четник зафаќа некаде околу 12.000 до 13.000 хектари шума. Во минатото се вршени авиотретирања за сузбивање на овој инсект, меѓутоа во последните десетина години не се чини тоа, туку се наложува механичко уништување на гнездо на овој инсект. Зошто не се прави тоа? Затоа што од нашата држава се врши извоз на споредни шумски производи, како што се разни видови на шумски плодови: смрека, мов итн., и каде што земјите коишто се увозници на тие производи бараат потврда од Министерството дека во последниве десет години не е вршено авиотретирање, бидејќи авиотретирање не се врши во земјите на ЕУ“, објаснува Саша Јовановиќ од Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство.

Увезена болест го уништува костенот

Во времето на Југославија, при увоз на дрво од Италија, во Македонија почнува да се шири габа која го напаѓа костенот.

„Од значајните да кажам проблеми, дури би рекол и перманентен проблем од аспект на габите, тука е габата Cryphonectria parasitica, којашто народски се нарекува рак по корен на костенот и го напаѓа питомиот костен. Не е само кај нас. Таа е распространета по цела Европа“, вели професорот Никола Николов.

Последиците од оваа габа се чувствуваат и во Националниот парк Маврово.

„Може да кажеме дека голем процент или висок процент од популацијата на питомиот костен е исушена и е уништена. Оваа појава е забележана 1972 година. Увезена ни е болеста, така што не сме можеле да преземеме ништо во тој домен, бидејќи никој и не презел во светот за да може да ги заштити. И покрај костенот ќе го споменам и брестот, на којшто природно полулацијата полека, но сигурно згаснува. На крајот ќе ги споменам дабовите шуми од сите видови, коишто ги има во паркот. Имаме неколку видови. Се појавува најнапред сушењето од врвот кон коренот“, објаснува Томо Ѓорѓиевски, раководител за заштита во НП Маврово.

изедено поткорници

По напади од различни страни, како што се дрвокрадци, пожари, болести, инсекти, шумата пробува самата да се обнови. Но таа обнова може да трае со години. Затоа државата помага со околу 1.000.000 нови садници годишно таа обнова да се забрза.

Автори:Александар Методијев, Сузана Мицева

Овој текст и документарниот филм „Кревките шуми“ беа развиени со поддршка на Journalismfund Europe.

journalismfund

Related posts

Видлив воздух, невидливи луѓе

Димитар Мицев

Странец се обидува да го подобри квалитетот на воздухот во Скопје

Димитар Мицев

Фалат 48 проценти од потребните инспектори за животна средина

Димитар Мицев

Трицифрени милионски штети поради аерозагадувањето во Македонија

Димитар Мицев
Се одчитува....

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading