20/05/2024
нота.мк
Аналитичка Нота

Македонија не барала ни знаење, ниту пари од ЕУ за реставрација на реките

Во Европа веќе се спроведуваат проекти за реставрација на реките – отстранување на хидроцентрали, брани и ослободување на речните корита. На европските реки досега се отстранети 6.223 брани и препреки. Таков пример на Балканот има во Црна Гора.

„Во Франција се урнати многу брани. Исто така и поголеми. Така, сега има програма, таа се вика ‘Отворени реки’, па отстранувањето на брана стана голема тема“, вели Анете Шпангенберг, шефица на одделот за конзервација во германската фондација „ЕуроНатур“.

Anete Spanenberg

„Ние во текот на оваа година успеавме да ја направиме онаа припремна работа за реката Пчиња и притоките на реката Пчиња, на којашто има повеќе од 40 такви бариери, брани, слапови ит.н. коишто го фрагментираат речното корито, ги фрагментираат живеалиштата, биодиверзитетот на Пчиња. Ќе работиме на Шар Планина на реката Бистрица, на којашто има три мали хидроцентрали веќе, а во Маврово ќе работиме на Мала река“, објаснува Ѓорѓи Митревски, проектен координатор за заштита на води во организацијата „Екосвест“.

Gorgi Mitrevski

Прашавме во Европската комисија – дали македонските власти побараале пренесување искуство и финансиска поддршка од ЕУ за обновување на реките погодени од малите хидроцентрали?

„Властите од Северна Македонија немаат побарано ни пренесување на знаење или искуство, ниту финансиска поддршка од Европската комисија во врска со обновувањето на реките потенцијално погодени од малите хидроцентрали“, информираат од Европската комисија.

Да се отстранат неисплатливите мали хидроелектрани

Во германската фондација „ЕуроНатур“ сметаат дека малите хидроцентрали, коишто се економски неисплатливи, треба да се срушат и реката да се врати во првобитна состојба. Повикуваат нови воопшто да не се градат.

Gabriel Svaderer

„Ја пренасочувате целата вода, ја губите целата природа, ги имате сите овие социјални влијанија и речиси никакво зголемување на производството на електрична енергија, бидејќи тоа е толку мало во споредба со она што е потребно. Значи, има еден вид генерално правило дека 95% од хидроцентралите произведуваат помалку од неколку проценти од електричната енергија од хидроенергија. Значи севкупно не е воопшто значајно. Значи ја уништуваме природата без придобивка за општеството. Некои, имаат бенефит и тоа се најчесто оние кои ја имаат концесијата, затоа што тие навистина заработуваат со неа“, вели Габриел Швадерер, директор на германската фондација „ЕуроНатур“.


Urlih Ajhelman

„Значи, генерално, реките на Балканот се со извонреден квалитет. Значи живоста, природноста не може да се најде во таква состојба никаде во Европа. Затоа го нарекуваме ‘Синото срце’ или ‘Сино срце на Европа’“, вели Улрих Ајхелман извршен директор во организацијата „Ривервоч“.

Енергетската стратегија на македонската влада до 2040 година предвидува дека до таа година 44% од вкупната потрошувачка на финалната енергија ќе бидат од обновливи извори. Во тие проценти влегува и струјата од малите хидроцентрали.

„Согласно Договорите за концесија кои ги има склучено Министерството за економија, се очекува дека во наредниот период во комерцијална работа ќе бидат пуштени 8 мали хидроелектрани кои се во завршна фаза на изградба“, нѐ нформираа од Министерството за економија.

mala hidrocentrala

Веќе немало да се градат нови мали хидроелектрани

Македонските власти се одлучни да не ги раскинуваат договорите со оние кои почнале или веќе изградиле мала хидроелектрана. Спогодбено ќе се раскинуваат договорите со тие кои не започнале со градба. Нови немало да се градат, оти се научило од грешките, а и граѓаните требало да се слушаат.

„Веќе се размислува и се оди во таа насока дека веќе не треба да се градат нови мали хидроелектрани. Јас можам да кажам кое е моето мислење и мислењето на партијата која што ја застапувам – сѐ повеќе се размислува дека не треба да се оди со малите хидроелектрани“, вели министерката Каја Шукова.„Со време увидено е дека најверојатно потенцијалот на реките, односно на водните тела коишто обезбедуваат да можат да работат малите хидроелектрани, немаат максимален капацитет. Значи, не можат да обезбедат доволно количество на вода. И, учиме на грешките“, додава Шукова.

Kaja Shukova

Но, гласот на државните ревизори не бил чуен во повеќе институции, кои не знаеја за наодите во извештај објавен пред помалку од две години. Во него се забележуваше дека имало периоди на користење вода без дозвола за водно право, дека дел од малите хидроцентрали не уплатиле 22,8 милиони денари во државниот буџет, како и дека трошоците за енергија од повластените производители во една деценија изнесувале 91 милион евра.

Проблеми со наплатата на надоместокот за вода

Повеќе од еден месец чекавме на одговори од Владата, кои не ги добивме. Во различни институции ни тврдеа дека без дозвола за водно право не се давале лиценци.

Marko Bislimoski

„Значи, да не ги сатаназираме малите хидроелектрани. Да не правиме проблеми. Едноставно за да се изгради мала хидроелектрана треба да се исполнат сите предуслови за заштита на животната средина. И тоа мора да се направи. Вие сега ако анализирате, значи ние не би можеле никогаш по овие стандарди да ја направиме хидроелектраната во Маврово“, рече м-р Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.

„Има проблем со уплаќањето на надоместокот за води. Тоа нема зошто да го криеме. Се обидуваме да направиме механизми како да го следиме секое издадено решение за уплата на надоместок дали е соодветно реализирано, односно дали се уплатени надоместоците. Дека има недостатоци – има“, признава министерката Шукова.

prepreki na reki

Од министерството што таа го раководи ни потврдија дека „се евидентирани неуплатени надоместоци кај дел од производителите на електрична енергија, кои не се носители на дозволи за користење на вода, туку истата ја користат врз основа на јавно приватно партнерство со комуналните претпријатија и со водостопанствата“. Бидејќи нема конктретни податоци, Министерството за животна средина по писмен пат побарало информации од секој концесионер за пресметаните и уплатени надоместоци за користење на водата.

Автори: Александар Методијев, Сузана Мицева

Овој текст и документарниот филм „Синото срце“ беа развиени со поддршка на Journalismfund Europe

journalismfund

Related posts

Видлив воздух, невидливи луѓе

Димитар Мицев

Странец се обидува да го подобри квалитетот на воздухот во Скопје

Димитар Мицев

Фалат 48 проценти од потребните инспектори за животна средина

Димитар Мицев

Трицифрени милионски штети поради аерозагадувањето во Македонија

Димитар Мицев
Се одчитува....

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading