03/03/2024
нота.мк
Аналитичка Нота

На Скопје му требаат дваесетина години да стигне до почист воздух

Air polution IQAir

Швајцарската компанија IQAir, која ја прави листата со најзагадени поголеми градови во светот, пред еден месец беше обвинета од градоначалничката Данела Арсовска дека шири лажни вести за аерозагаденоста во Скопје. Пред неа, фирмата добила оспорување на резултатите само од градоначалник во Романија.Компанијата регистрирала низ светот нелегални горења навечер.

„Неразбрлива е за нас потребата од пласирање на сензационалистичката лага за наводна загаденост на градот Скопје“, напиша Арсовска во соопштение испратено во медиумите на 20.12.2023. Отидовме во швајцарскиот град Арбон за да разговараме со сопственикот на компанијата, која ја прави оваа листа, за тоа како се создава оваа листа и каков е квалитетот на воздухот во Скопје?

Мерливите податоци тие ги добивааат од сензори на терен, а таму каде што ги нема користат моделни податоци добиени од сателитски снимки.Податоците за Скопје се собираат од 2017 година.

Frank Hames

Мислам дека Скопје стартуваше од лоша точка во однос на квалитетот на воздухот. Стана подобро со текот на времето. Мислам дека има надеж. Секоја година станува за еден до два микрограми подобро. Има мал напредок што доаѓа. Мислам дека тоа покажува дека има мал напредок, но сѐ уште мислам дека ако одиме само вака бавно ќе требаат десет или дваесет години за да се постигне квалитет на воздухот, којшто е поприфатлив“, вели Франк Хамес, извршен директор на IQAir.

Скопје како Лос Анџелес

Експертот за аерозагадување вели дека листата на најзагадени градови ја прават врз основа на 30.000 извори на податоци низ светот, кои доаѓаат од владини мерни станици, од други институции или приватни лица. „Така сега имаме колекција на податоци, која доаѓа во реално време и може да ни даде добра слика за светот во смисла на квалитет на воздух“, вели Хамес. Од тоа мноштво на податоци прави паралела меѓу Скопје и Лос Анџелес.

„Што тие ни покажуваат за Скопје е дека тоа е очигледно средина со предизвици. Имате планини наоколу и во основа имате форма на тенџере. Тоа е многу слично со Лос Анџелес во овој поглед, навистина, затоа што загадувањето е заробено таму. Вие очигледно имате бројни индустрии таму, кои придонесуваат. Имате сообраќај, кој може да биде густ. Потоа во зима имате одвивање на многу приватни греења, кои ја прават ситуацијата полоша“, посочува директорот на IQAir и додава: „Во зима има инверзивен слој, кој го задржува целото загадување долу. Добар пример за тоа е Скопје и други големи градови на Балканот“.

Frank Hames

Индустрии нелегално горат навечер

Температурната инверзија значи дека, наместо да следи нормалниот тек од потопол воздух, кон поладен и ладен воздух, се случува потоплиот воздух да е меѓу поладниот и ладниот воздух, со што се оневозможува нормалниот тек кон атмосферата.

skopje pollution

„Домаќинствата се голем проблем за загадувањето на воздухот во Скопје, посебно во зима. Во многу сиромашни земји и во земји во кои населението можеби нема доволен пристап до чисти материјали за греење, горењето отпад е еден од големите проблеми, посебно во зима. А, кога горите пластика и кога горите дрво, кое е под стандардите, шансите да произведувате аерозагадување се до 10 пати поголеми отколку, на пример, со гас или со многу чисто горивo. Можеме да забележиме дека некои индустриски играчи, околу светот, всушност прават некои од горењата навечер за да ја сокријат таа активност од властите. И така треба да ги погледнете информациите од мониторите за квалитетот на воздухот во реално време за да видите. Некогаш гледате како се создаваат врвовите на загадување на воздухот во ноќта“, додава Хaмес.

„Кога е темно нема да го видите чадот“, додава Хамес, објаснувајќи зошто нелегални активности се случуваат во ноќта и зошто сензорите се значајни во тоа откривање.

Киев во војна ставил повеќе сензори отколку пред неа

Во последниот извештај од Европската комисија за напредокот на Македонија се забележува дека не е направен никаков напредок во законодавството и ограничен напредок во мониторирањето на квалитетот на воздухот.

air pollution sensor

„Пораката до владите е дека мониторирањето на квалитетот на воздухот, ако имате вистинска посветеност, не е толку тешко. Имаме добар пример. Ја имаме Украина, посебно Киев, којшто во сегашната војна има многу тешко време, но тие всушност додадоа повеќе станици во мониторирањето на квалитетот на воздухот отколку пред војната. Така што, тоа Ви покажува дека дури и под многу тешки услови, ако луѓето се соберат и одлучат за вистинските приоритети, тогаш тие можат да направат голема разлика во смисла на идентификувањето на аерозагадувањето и подобрување на доброто мониторирање на аерозагадувањето“, нагласува Франк Хамес.

Швајцарскиот експерт вели дека забележува кај некои власти дека идентификувањето на аерозагадувањето би можело да биде проблем. Според него е позначајно да се идентификува изворот на проблемот и да се работи со секого на негово решавање.

„Секогаш ѝ велиме на владата дека аерозагадувањето не е предизвикано од владата, но би можело да биде помогнато да се реши од властите. Но, тоа треба заеднички да се направи. Ние сите создаваме аерозагадување. Сите сакаме да имаме топла средина. Сите сакаме да имаме транспорт. И, така мислам дека ако владата и луѓето работат заедно проблемот може да биде решен“, потенцира извршниот директор на IQAir.

Прекугранично аерозагадување

Загадувањето на воздухот нема граници. Создадено на едно место, тоа слободно се движи со ветрот и преку границите на една земја.

map pollution

„Можеме да видиме дека аерозагадувањето може да се движи околу светот. Не е изненадувачки дека дури и во рамките на Западен Балкан имате загадување на воздухот што се движи од еден град во друг во зависност од условите на ветерот, па дури и од една земја и еден регион во следниот“, објаснува Хамес, додавајќи: „Гледаме генерално дека квалитетот на воздухот во зима е од голема грижа на Балканот“.

Сателитските снимки, на кои се гледа движењето на аерозагадувањето, се достапни на сајтот на швајцарската компанија. Сателитите, при зумирање, им покажуваат површина од пет на пет километри, што оневозможува точно детектирање од кое место во населбите доаѓа загадувањето, но нови сателити наскоро ќе им го овозможат и тоа детектирање. Од сензорите на терен и сателитите во вселената експертите имаат јасна слика за лошиот квалитет на воздухот на Балканот.

Автори: Александар Методијев, Сузана Мицева

Овој текст и документарниот филм „Пази! Видлив воздух“ беа развиени со поддршка на Journalismfund Europe.

journalismfund

Сите содржини на nota.mk се авторски. Превземањето е дозволено според правилникот за превземање на содржини.

Related posts

Видлив воздух, невидливи луѓе

Димитар Мицев

Странец се обидува да го подобри квалитетот на воздухот во Скопје

Димитар Мицев

Фалат 48 проценти од потребните инспектори за животна средина

Димитар Мицев

Остави коментар

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading