22/04/2024
нота.мк
Аналитичка Нота

Отчукувањето на Синото срце на Европа

Насир Усеини поседува воденица стара околу 500 години и како петта генерација во Теарце ја продолжува традицијата на мелење брашно со помош на силата на водата. Но, воденицата некогаш престанува да работи, оти до неа не дотекува вода. Сомнежот е во изградените мали хидроцентрали.

„Точно, тоа е точно. Има некогаш застој и ќе прекине за да ги наполни цевките. Цевките нивни се едно метро ширина. И тој кога ќе ја сопре овде ќе застане. Дури да ги наполни тие цевките, затоа што можеби има четири километри од овде до првата централа горе. И тие кога ќе влезат во цевките, реката не може да стигне. Реката ќе се намали“, вели воденичарот Усеини.

Nasir Useini

Го прашавме дали тогаш воденицата престанува да работи? „Престанува, да работи – саат, два“, одговара Усеини.

Во тетовското село Теарце има три мали хидроцентрали. Покрај со воденицата, Усеини тврди дека има проблем и со водата за пиење, па селаните полнеле вода од друго место или купувале во продавница. Тој гледа уништување на природата со изградбата и работата на малите хидроелектрани.

„Отвори пат, ни ја уништија природата, буките, мислам планината ни ја уништи целосно. Се оди со џип, со кола, трактор до Три води. Имаме место викано Три води. Таму завршија сѐ – уништија дрвја, сѐ. Рибите ни ги уништи може да речам 70-80 проценти. Риба нема во реката. Порано јас сум бил риболовец. Сум фаќал риби по килограм, по 900 грама, по 700 грама. Сега нема таква риба, не постои. Трето, патот што ни се отвори од хидроцентралите го уништи и ловот горе. Јарецот, козата, еленот, срните – дивечот ни го уништи и може да речам 70, 60 проенти“, додава Усеини.

Nasir Useini

Во близина на една од нив, каде имаше дополнителни градежни активности, го сретнавме Вахедин Реџепи, кој има имот спроти хидроцентралата. Тој смета дека старата инфраструктура и губењето на водата низ водоводната мрежа е причина за проблемот со водата за пиење.

Vahedin Redzepi

„Сега ова е приватна работа. Јас жалам што општината не ја земала сама да ја изгради, како што е во другите земји, и да биде најјака општина“, вели Реџепи и додава: „И да ја има под нејзино владение централата за да има профит од неа.Штом ние сме се затекнале овде да живееме значи ние живееме тука, бидејќи нам ни се допаѓа водата, природата, планината и нормално ние живееме, ние треба да ги користиме тие добра од природата. Меѓутоа, така е работата сега со овој, како да речам, приватниот бизнис, некако во Македонија нема ни правила ни ништо“.

Повластени производители менувале статус поради подобри пазарни цени

Во Македонија има вкупно 125 мали хидроелектрани, од кои 90 користат повластени тарифи, и периодот на кој се издаваат дозволите за работа вообичаено е околу 35 години. По тој период, или доколку концесионерот порано се откаже од лиценцата за работа, малата хидроелектрана останува во државна сопственост.

Досега такво барање за откажување немало. Но, имало друго барање – за излегување од повластениот статус поради енергетската криза и зголемените цени на слободниот пазар, кои станале повисоки од загарантираната цена договорена со државата. Повластениот производител смее да го раскине договорот пред истекот на рокот на важност и така го губи статусот на повластен производител и нема право повторно да се стекне со истиот.

Marko Bislimoski

„И, сега имаме доста случаеви, кога повластени производители, па и мали хидроелектрани, не го сакаат повеќе тој статус“, објаснува м-р Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и додава: „Затоа што, кога екстремно се зголемија цените на пазарот на електрична енергија од 2021, го раскинаа договорот. Имаат законско право. И, електричната енергија си ја продаваат на слободниот пазар“.

Воревизорски извештај на Државниот завод за ревизија објавен оваа година се нагласува дека можноста за избор неповолно се одразила во енергетската криза.

„Со извршената ревизија утврдивме дека со почетокот на енергетската криза и зголемувањето на берзанските цени на електричната енергија ова право го искористиле 36 повластени производители. Од нив 11 се мали хидроелектрани. (…) Истакнуваме дека постои потреба од разгледување на можноста за промена или доуредување на законската регулатива со која се уредува правото на повластените производители кои користат повластена тарифа да ги раскинуваат безусловно договорите за откуп на електрична енергија, посебно во услови на енергетска криза, кога потребите на државата се најголеми. Искористената можност за раскинување на договорите (…) неповолно се одразила за време на енергетска криза“, стои воревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија објавен на 29.06.2023 под наслов „Подготвеност на енергетскиот систем да се справи со енергетската криза“.

Мало учество во вкупното производство

Учеството на овие мали хидроелектрани во вкупното производство на електрична енергија во Македонија е околу три проценти, со тенденција за опаѓање. Од една страна поради намалениот интерес за нови хидроелектрани, а од друга страна поради производството од други обновливи извори.

Hidrocentrala Tearce

„Процентуалното учество, во зависност од хидрологијата, е некаде во вкупно производство на наша домашна електрична енергија, е околу 3,5 проценти. Во зависност од хидрологијата. Тоа значи дека може да отиде и четири, а ако имаме лоша хидрологија да падне и под три. Некаде во просек е 3,5 проценти, но сега со сериозната пенетрација на фотоволтаици, математички тој процент ќе паѓа, објаснува м-р Бислимоски.

„Нови иницијативи, искрено да Ви кажам, се минимални, многу ретки и мислам дека ќе бидат сѐ поретки“, вали министерката за животна средина, Каја Шукова, која ја прашавме дали годинава немале барања за концесии. „Имавме. Мислам дека имаше само околу две барања за нови хидроелектрани и тоа не е во национални паркови, не е во близина на заштитени подрачја. И на тоа многу ќе внимаваме“, додава Шукова.

Kaja Shukova

Намалување на барањата е и поради успехот на чешката организација „Бенквоч“, која успеа да ги убеди меѓународни финансиски институции да се повлечат, покрај од проектите Бошков мост и Луково поле, и од финансирањето на мали хидроелектрани. Тие беа во фокусот на повеќе влади и инвеститорите се привлекуваа со така наречени „feed-in“ тарифи, или повластени тарифи под кои електричната енергија ќе биде откупена од производителите.

„Во тој домен има два различни начини на поддршка или на субвенционирање. Едниот на англиски е познат како „feed-in“ тарифи или фиксни тарифи, што значи дека на инвеститорите им се обезбедува загарантиран откуп на произведената електрична енергија по загарантирана цена, без разлика на пазарните случувања. И овој механизам се употребува кога се водедуваат нови технологии, коишто се скапи и треба да се поддржат“, објаснува Ѓорѓи Митревски, проектен координатор за заштита на води во организацијата Екосвест.

Gorgi Mitrevski
Hidrocentrala Tearce

„Малите хидроцентрали сѐ уште во Македонија се финансираат, односно се субвенционираат преку овој метод на фиксни тарифи, иако не станува збор за нова технологија. Таа е вообичаена веќе технологија. Секаде применлива за производство на турбини, комерцијална е ит.н.Другиот начин е она што се вика премии. Тоа значи дека инвеститорите се поддржуваат на тој начин што откако ќе ги изградат своите постојки за произвотство на електрична енергија од обновливи извори, доколку не успеат да ја продадат електричната енергија, да ја пласираат на пазарот на електрична енергија, таа им се откупува по некоја загарантирана минимална цена со цел да не бидат премногу финансиски изложени“, објаснува Митревски.

„Северна Македонија е една од единствените земји во регионот која сè уште, барем теоретски, нуди повластени тарифи за новите мали хидроцентрали. И ова е нешто што беше многу важен фактор во целиот бум. Но, Северна Македонија, иако ние всушност поднесовме жалба до Секретаријатот на Енергетската заедница на оваа тема пред неколку години и навистина не ни е јасно зошто толку се спротивставуваат да го променат овој модел, бидејќи во моментов тој јасно нуди повластени услови за малите хидроцентрали во споредба со другите извори“, вели Пипа Галоп, енергетски офицер за Југоисточна Европа во чешката организација „Бенквоч“

Pipa Galop

.„Меѓу другите, Кочо Анѓушев беше еден од сопствениците на неколку централи, дури и додека беше во владата, и затоа беше видливо дека владата нема да удри премногу на бизнисот со мали хидроелектрани, од кој тој лично профитираше. Мислам дека имаше и други, но тој беше главен со најголем број постројки и можевме да документираме дека добивал значителен приход од повластените тарифи“, додава Галоп.

Хидроелектрани на водоводна мрежа

Дел од малите хидроцентрали се изградени на водоводна мрежа. Таков е случајот во Националниот парк Маврово, каде две се изградени на водоводот. Во паркот се изградени вкупно четири мали хидроцентрали, а планирани биле 16. Не само поради нив, туку и поради неконтролираното градење постои страв од немање доволно вода за пиење.

Hidroelektrana Mavrovo
Tomo Gorgoski

„Вопшто не се води сметка со енормната градба во последниве години. Тоа можам да го кажам вака како период од короната и посткороната. Маврово доби толкава димензија во делот на градбата, што стварно самиот се запрашувам дали во иднина ќе имаме доволно вода за пиење или ќе мора да се користат дополнителни водозафати. Ако издашноста на изворите соодветствува ќе имаме нови водозафати. Ако не, не знам што ќе правиме. Веројатно ќе мораме да ја користиме акомулацијава“, вели Томо Ѓорѓевски, раководител за заштита на шумите во НП Маврово.

Во соседниот Национален парк Шар Планина, во селото Теарце, Насер Усеини се надева дека водата за неговата воденица, реновирана со пари од Европската унија, ќе ја има и натаму. За и традицијата и животот да продолжат.

Автори: Александар Методијев, Сузана Мицева

Овој текст и документарниот филм „Синото срце“ беа развиени со поддршка на Journalismfund Europe.

journalismfund
Се одчитува....

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading