Каков е придонесот на образовниот процес во Германија во зголемените бројки на малолетни деликвенти со странско државјанство? Какво е гледиштето на просветните работници, а какво на учениците за состојбата во германските училишта? Игра ли улога јазикот во малолетничката деликвенција?
Од особена важност за спречување на криминалот меѓу децата и адолесцентите со мигрантско потекло е поттикнувањето на нивното учество во образованието и намалувањето на дезинтеграцијата,оценува Покраинската служба за криминалистика во Дизелдорф.

„Со цел на децата со мигрантско потекло да им се дадат истите можности и да се минимизира ризикот оваа деликвенција да отиде подалеку од нормалната малолетничка деликвенција, едноставно е многу важно општеството како целина да осигура дека овие деца се интегрирани, добиваат исти образовни можности како и другите деца, дека јазичните поддршки може да бидат применети или нешто слично и дека оваа интеграција всушност треба малку општествено да се поврзе со семејството.
И тогаш овие деца нема да се разликуваат од другите во нивните шанси реално да пораснат во процесот на социјализација без да извршат никакви кривични дела и да бидат целосно интегриран член на ова општество“, нагласува портпаролката Десел.
Криминолозите сметаат дека еден од факторите за тргнување по криминален пат е недостатокот на признавање на вредноста на детето како во домот, така и во училиштето. За да добиеме слика за средината во која учат децата и на македонските и на другите доселеници во Германија отидовме во Цајц, град во Саксонија-Анхалт, за да разговараме со претставници на ученичката унија.

„Особено забележуваме дека насилството меѓу учениците станува сè попикантен проблем, кој дефинитивно треба да се реши. На учениците им треба место за контакт на кое ќе можат да се обратат за да разговараат за релевантните проблеми. Она што ние во училиште го забележавме, особено во сегашно време, е дека десничарските екстремистички инциденти едноставно се зголемуваат. Ова е нешто што ние како ученици секојдневно го доживуваме“, вели Шарлоте Хитер, заменик-генерална секретарка на Федералната ученичка конференција.

„Многу студии ги потврдуваат чувствата на нас учениците дека инцидентите на насилство од екстремната десница, или едноставно десноекстремистичките настани, стануваат сѐ почести во училиштата. Во Бранденбург се зборува за тројно, во Берлин за двојно и во Хесен исто така за тројно зголемување. Ова е изразено, на пример, преку формирање на десничарски екстремистички групи во училиштата. Се прават поздрави на Хитлер, се делат кукасти крстови во училиштата и студиите го докажуваат тоа. Штотуку споменатата студијата од Хесен го покажува тоа, на пример, дека поздравите на Хитлер се многу, многу голема тема таму“, вели Фабијан Шен, генерален секретар на Федералната ученичка конференција.
„Една работа се местата на живеење во поединечните одделенија, односно што различните подрачја на живеење се одделени по класи и преку тоа едноставно се создава јаз и дистаци помеѓу одделенијата и тоа едноставно може натаму да доведе до социјална нееднаквост, и исто така и до дискриминација. И ова дефинитивно треба дополнително да се изнесе на преден план, за овој проблем да не може дополнително да се влошува и да може да се смири“, објаснува Беа Гизе, заменик-генерална секретарка на Федералната ученичка конференција.

Учениците велат дека превенцијата и едукацијата за насилството мора да биде интензивирана во училиштата. Друг голем проблем во училиштата во Германија е што тие одамна се за реновирање. Германската банка КфВ има пресметано дека реновирањето на германските училишта би чинело 55 милијарди евра и дека една од десет општини едвај може да ги одржува училиштата. Видеа и фотографии од состојбата во училиштата со руинирани тоалети се објавуваат на социјалните мрежи.
Во Нојзес крај Аугсбург на темава разговаравме со претседателот на Германската унија на наставници, кој истовремено е и директор на гимназијата „Јустус фон Либиг“.
„Ако повеќе не се осмелувам да одам во тоалет, затоа што од него толку многу ми се гади и не ми се допаѓаат условите таму, тогаш не треба да ме чуди ако има некаков вандализам. И ова е малцинство што го упропастува сето тоа, но тие едноставно кршат. И сето ова заедно ја влошува ситуацијата во едно училиште. Вака треба да им пристапам на проблематичните училишта, или на училиштата со предизвик: со персонал, реновирање и создавање соодветен амбиент“, нагласува Штефан Дил, претседател на Германското здружение на наставници.

Во германските училишта недостасуваат наставници и посебно обучен безбедносен персонал, кој Здружението на наставници го бара. Истражување на Фондацијата Роберт Бош, објавено во април годинава, покажа дека скоро секој втор наставник во германско училиште забележува психичко и физичко насилство меѓу учениците. Насилството некогаш доаѓа и поради недоволно познавање на јазикот.
„Понекогаш може да има само недоразбирања и потоа, за жал, доаѓа до тоа човек да стане насилен, да се случи физичко насилство, така да се каже наместо да се разговара, веднаш некој се удира или соборува. Се разбира, ова не треба да биде така. Во овој поглед, јазикот е исто така клуч за ненасилна меѓусебна интеракција и за меѓусебна интеракција со почитување. И затоа е важно сите ние на крајот да зборуваме на ист јазик во училиште. Затоа што веќе имаме паралелки, во основно училиште, каде ниту едно дете не зборува германски како мајчин јазик. Па, во мојот роден град Аугсбург, тука во близина, има одделенија во основно училиште каде што нема деца, кои имаат германски како мајчин јазик. И можеби ова не мора да го очекувате како за баварски град, но тоа не е исклучок и го има во Нирнберг, како и во Минхен или Регенсбург, а тоа го има и во половина Германија. Се разбира, во Дуизбург, Бохум, Берлин, Келн ит.н. Во метрополските области тоа е стандард да имаме вакви одделенија“, вели Дил.

Затоа Здружението на наставници бара полагање германски јазик како услов за запишување во училиште, а кој нема да го помине тестот да го учи јазикот во подготвителна година. 15 проценти од сите ученици во Германија во учебната 2023/2024 година биле со странски пасош. Бројот на македонските расте со текот на годините – од 10.066 во 2016 година на 15.477 во 2022 година.
Додека во Германија се зголемува бројот на македонски ученици, во Македонија тој паѓа и училишни објекти се затвораат.
„Училишта како правни субјекти не се затвораат, односно се затвораат подрачни објекти на одредени училишта во рурални средини. Според статистичките податоци во последните 5 години затворени се 45 училишни објекти поради тоа што немало запишани ученици“, информираат од Министерството за образование и наука.
Автори: Александар Методијев и Сузана Мицева
Соработници: Сања Петров и Маријан Чиријак
Овој текст, прекуграничното истражување и изработката на документарно-истражувачкиот филм „Малолетни деликвенти – меѓу детството и криминалот“ беа направени со поддршка на Journalismfund Europe.


