„А Климент создавал книжевност што сама по себе е јазик, ниту поезија, ниту проза, едноставно создавал дело, внесувал искреност не само во своите слова туку и во својот однос братски воспоставен со содружниците, со дружината, со соборот (…). А Наум со сета своја скромност истите ги бранел и возвеличувал. Но не без причина!(…)
Радувај се, Науме, зашто жива е твојата одбрана на седмочисленичкото ваше заемно дело. И сега и секогаш и во вечни времиња.
Знајно и вистинито.“
(Пандев, 2022: 12-13)
(извадок од книгата „За нашите етички основи“ од проф. д-р Дејан Донев)
Ако Свети Климент Охридски останал запаметен во колективната народна меморија преку неговата просветителска дејност, преку подучувањето на народот не само на пишување и читање, туку и на други практички работи, ликот и делото на Свети Наум останале врежани во таа меморија како за учител, просветител, основач на првата монашка заедница во Охрид, но најмногу за чудотворец кој има моќ да лекува и за време на животот и по смртта од најразлични болести и луѓе од разни вероисповеди.
„… според преданието на светите Отци за редот и хармонијата во духовниот развој, Св. Наум е рамноапостолен, односно врховен учител и просветител на луѓето. Тој е оној што претходно со својот ум, преку молитвата, допрел во длабочините на своето срце и кој може со своето слово да допре и до длабочината на срцата на своите ближни. Тој е оној што го поминал патот на очистувањето на срцето од страстите преку просветлување на умот до обожение на личноста и кој може да биде непрелестен патеводител на своите ближни до целта – Христос. Тој е оној кој Го познал Бог од опит на несоздадената божествена светлина во своето срце и кој таа светлина богоспознанието незапирливо ја шири насекаде околу себе, низ просторот и времето.“ (Митрополит Струмички Наум, 2011: 46)
Но, од овој аспект на анализа, можеби и уште поважно, Свети Наум останал запаметен и по заштитата на манастирот, не само како место за описменување и пренесување на осознаеното, туку најмногу по наградување на оние што со добра мисла доаѓале во кругот на манастирот. Уште повеќе, она по што ги заслужија сите почести и заслуги е фактот што:
„дејноста на овие двајца истакнати кирилометодиеви ученици означува враќање на реализцијата на идејата за ширење на словенската цивилизациска свест назад кон нејзините извори – Македонија (…). Охридскиот духовен и книжевен центар кој се одликува со особеностите и критериумите воспоставени од Свети Климент и Свети Наум Охридски, како еден континуитет на кирилометодивското учење и дејност.“ (Стојанов, 2016: 73)
Во оваа смисла, поаѓајќи од тоа дека не е доволно само да се тргаш од злото, туку дека суштината е тргајќи се од злото и да го тргнеш злото, а тоа го можеш само кога ќе почнеш добро да постапуваш, долично на човека како Божји храм – станува јасно зошто и како една етика на практичко дејствување, како што тоа
е случајот со Свети Климент, прераснува во една етика на духовно обликување на просторот и луѓето каде што се живее. Дека на Свети Климент тоа му поаѓа од рака доказ е и тезата на Свети Наум Охридски Чудотворец дека до духовност во целосна смисла на зборот во неговото сеопфатно значење може да се
дојде само доколку претходно се создадат услови кои човекот, и како тело и како суштество, ќе го донесат до свеста за неговата должност спрема Бога. А тоа може да биде само доколку, не само со материјалите услови, туку и со духовниот простор, се овозможи секој од нас, на свој начин и сразмерно на своите потреби и можности, да се пронајде во Божјите храмови или на ѕидовите кои се насликани.
Био/библио забелешка
Наспроти оскудните информации за животот на Свети Наум, а уште повеќе и поради фактот што неговиот живот бил во многу нешта во сенка на животот на Свети Климент, сепак, согласно расположивите извори (двете словенски житија, грчкото житие , Панонските легенди и Опширното/Пространото Климентово житие), можно е да се направи барем една делумна реконструкција на животната врвица на овој просветител, духовник и мисионер, еден од основоположниците на словенската и македонската писменост и просвета. Според преданијата, од кои „најкарактеристично е преданието свети Климент Охридски“ (Антиќ, 1982: 25–26), кое во својата основа го има житието на Теофилакт Охридски, Свети Наум е роден во првата половина на IX век, израснал во Мизија, „воспитан од благородните негови (родители), сето благородство и богатство го сметаше за плева…“ (Миловска, 1996: 87) Како eдeн oд Пeттoчислeницитe и најблиски ученици
кoи сoрабoтувалe сo слoвeнски рамнoапoстoли Кирил и Методиј, Свети Наум уште од својата младост верно ги следел учителите во Моравија и Панонија, каде што во текот на многу години (863 – 885) им го проповедал Божјото слово на словенските народи на нивниот роден јазик. Нив ги обучувал во писменоста, ги распространувал богослужбените книги, кои рамноапостолните браќа ги превеле од старогрчки јазик на
словенски, а во 868 година потврдата на истото стигнало и од Рим, кога папата Адриан II (867 – 872) го признал делото на словенските учители како богоугодно, ги осветил словенските книги и благословил да се служи литургија на словенски јазик, а Свети Наум, меѓу останатите, бил ракоположен за презвитер.
(Миловска, 1996: 88)
По смртта на словенскиот учител Свети Методиј во 885 година, во Моравија настанала жестока борба меѓу учениците на солунските браќа Свети Кирил и Свети Методиј и германските свештеници. Проповедниците биле фрлени во темница, приковани во окови, подложени на мачење, продавани како робови во Венеција, а некои и брутално протерани преку граница. И Свети Наум е меѓу протераните свети проповедници, кои движени од Божјата Промисла стигнале до Дунав каде што се разделиле по групи. Некои од нив тргнале кон Мизија, други во Далмација и Дакија, „Божјото слово умножувајќи го насекаде стократно.” (Миловска, 1996: 89) Свети Наум заедно со светите Климент и Ангелариј отпатувале во Бугарија, каде бугарскиот цар Борис ги примил со радост бидејќи имал потреба од такви ученици, т. е. сакал да го прошири своето
влијание во западните делови, поточно во Македонија. (История македонского народа, 1986: 21) Тој го испратил Свети Климент како учител во Македонија, во Кутмичевица (некаде меѓу Охрид, Девол и Главеница), отворајќи ја страницата на Охридскиот книжевен центар, а Свети Наум останал во
престолнината Плиска, да организира словенски просветен и книжевен центар. Иако не во престолнината Плиска, каде што била резиденцијата на византискиот архиепископ на Бугарија, туку во блискиот словенски град Преслав, Свети Наум ја отворил вратата на Преславскиот книжевен центар, учителствувајќи и проповедајќи во манастирот изграден во чест на свети Пантелемон, близу Преслав (886 – 893)
.
Во 893 година, на црковно-народен собор, кога неговиот „брат“ Свети Климент бил ракоположен за словенски епископ во Велика, на неговото учителско место во Кутмичевица бугарскиот цар Симеон го испратил Свети Наум. Така, „Наум и Климент дојдоа во пределите илирски и лихнидски.”
(Миловска, 1996: 89) Тука Свети Наум го возглавил просветителското дело, кое седум години го извршувале заедно со Свети Климент (Миневски, 2015: 24), односно во Македонија, во
Охридската книжевна школа, притоа издигнувајќи се како втор главен претставник во Охридскиот книжевен центар. Познато е дека се занимавал со литературна дејност, иако, за жал, денес сѐ уште не е позната ниту една творба потпишана со неговото име. Можеби од скромност или друга причина,
никаде не си го ставил името, иако, според зборовите на Константин Брегалнички, се вели дека поттик да го напише „Поучителното евангелие“ му дал Свети Наум. (Поленаковиќ,
2007: 344) Сепак, она по што оставил длабока трага е неуморниот труд (задно со Свети Климент) над преводот на Светото писмо и oстанатитe цркoвни книги од грчки јазик на словенски јазик, поради што биле наречени и „новите Мојсеј и Арон.
И додека во Охрид Свети Климент ги вршел светителските/епископските трудови, Свети Наум, како мудар учител, чудотворец и молитвеник околу кого се собрале многу монаси (Миневски, 2015: 24), го втемелил монаштвото и изградил манастир во чест на светите Архангели (денешен Свети Наум), на јужниот брег на Охридското Езеро, кој освен што станал извор на благочестие, прибежиште за бедните, образец на
моралниот живот, бил и центар за хумана медицина каде се лекувале болни од најразлични болести, а според некои преданија најмногу болести поврзани со психички состојби.
Познат е и како чудотворец бидејки се зборува дека направил многу чуда, а некои од нив се претставени и на фреските од неговиот манастир, како онаа на која е претставен „како ја впрегнал мечката да го влече плугот наместо волот што го изела“.
Импресионираат и другите сцени од животот и чудата на Свети Наум кои се насликани во втората зона од Наумовиот гробен параклис: „Вкочанување на монахот што се обидел да го украде телото на Свети Наум од неговиот гроб“, „Лекување на нервно заболени“, „Крадец на коњ кого зората го затече пред вратите на манастирската црква“ и „Ведрото остава вдлабнатина во каменот“. Подетално Грозданов, 2015, а особено Ристески, 1990, каде
се објавени 120 легенди.
Според првото житие на Свети Наум, манастирот бил изграден во 900 година, според второто во 905 година. Овој манастир уште во времето на Свети Наум обилувал со богат фонд на книги, а подоцна низ вековите станал вистинско хранилиште на словенски книги и ракописи. Така, овој манастир како и манастирот на Свети Климент можат да се вбројат меѓу првите македонски манастири што располагале со богати манастирски библиотеки.
„Познато е дека едно одделение од католиконот со посебен влез служел за сместување на болните. Сѐ уште се памети времето кога од повеќе места од Македонија, но и од други балкански предели се во храмот заболени чие лекување почнувало со претстава во гробниот параклис на Св. Наум. На сите сочувани примероци сликата е речиси идентична. Заболените се седнати така што нивните нозе се поставени помеѓу две штици со кои се изведува „шок терапија“. Еден век подоцна, во фрескоживописот на Трпо Зограф, се забележува постоење на трем кон кого е приклучено и лекувањето. Демоните излегуваат од устата на заболените, тие се замислени, со голи гради, со деформирани лица и опашки. Заболените се унеѕверени, деформирани и носат само долни кошули на колковите. Интересно е дека на бакрорезот на Жефарович болничкото одделение е одделено од храмот. Св. Наум, кој ги лекува, е поставен меѓу црквата и болните, во западниот трем. Позната е традицијата дека најтешко заболените од храмот на Св. Наум биле носени во манастирот Св. Марена, во тешкиот планински масив над подградец.“ (грозданов, 2011: 22).
Се упокоил на 23 декември 910 година, а неговиот брат Свети Климент чиноначалствувал на неговото погребение во манастирот што тој го основал и престојувал десет години завршувајќи го својот земен 80-годишен пат и кој меѓу народот е познат како манастир на Свети Наум. Таму и сега почиваат неговите свети мошти, лекувајќи – со силата на Христовата благодат – душевни слабости и болести (Митревски, 1983: 139), лекувајќи и за време на животот и по смртта, лекувајќи од најразлични болести и луѓе од разни вероисповести, односно сите што искрено и со верба му се обраќаат без разлика на вера
и народност.
Етиката на чудотворство
Говорејќи за Свети Наум Чудотворец, неговото дело и
етика, најпрво мораме да се вратиме и потсетиме на Светиклиментовата етика, која, во принцип, можеме да ја дефинираме и како етика и како философијата на образованието, како начин да се дојде и до оние делови од нашето суштество, нашето постоење, нашата свест, но и деловите на она во кортексот за
кои не секогаш имаме потполно рационално, научно или егзактно објаснување. Со други зборови, токму со своето конкретно дејствување Свети Климент, кој поголемиот дел од својот живот го посветил на истражување на човечкото тело и начините на неговото одржување во состојба во која, ослободено од своите слабости, ќе биде посветено на создавање, што ги оспособува учениците и следбениците барем малку да го продолжат она што тој го започнал – на своите наследници им создал не само конкретни резултати, туку им всадил и одредени начини на размислување за човекот, не само како Божји дар, туку пред сѐ како нешто за што треба да се размислува за да се дојде до Бога. Всушност, се работи за воспоставување на етика која поаѓа од фактите дека не може да постои Бог, ниту пак до Него да се
дојде, а уште помалку да се биде Негов храм, доколку човекот пред сѐ не се отвори во себеси за себе, пред Бога за Бога. Вака сфатена, применувана и со резултат докажана, Светиклиментовата етика покажува и дека до духовност во целосна смисла на зборот, во неговото сеопфатно значење, може да се дојде само доколку претходно се создадат услови кои човекот, и како тело и како суштество, ќе го донесат до свеста за неговата должност спрема Бога. Но не само спрема Бога за да се исполни неговата накана за нас, туку услови кои ќе го доведат до свеста за должноста спрема Бога да се биде човек на човека! А тоа може да биде само доколку не само со материјалите услови, туку и духовниот простор, се овозможи секој од нас на свој начин и сразмерно на своите потреби и можности, да се пронајде во Божјите храмови или на ѕидовите кои се насликани, како што се насликани во црквите на град Охрид каде што Свети Наум најмногу создаваше простор преку конкретно дејствување. Но, сепак, ова не е единствената причина што Свети Наум станал чудотворец и светец, а уште помалку објаснува зошто е прогласен за таков. Имено, светец можел да стане и со тоа што започнал или овозможил изградба на огромен број на цркви донесувајќи голем број на фрескописци и иконописци, кои со своите дела, давајќи душа на нивната внатрешност, дале душа и на човечката внатрешност. Со тоа, во секој случај, ако не пред Бога, тогаш пред човештвото, го заслужил името на светец, односно ја исполнил не само својата човечка – етичка обврска – сѐ свое на другите да им даде туку и ненарушувајќи ги владеачките канони, ги удоволил и условите на црковните власти според кои се станува светец онаков каков што црквата бара, за и понатаму да може да ја остварува својата функција во услови во кои повеќе била контролор отколку создател или ослободител.15
Дека тоа е така – нема сомнение, исто како што нема сомнение ниту во тоа дека претходното не го прави да биде чудотворен или чудотворец, со што ова прашање сѐ уште останува отворено. Имено, чудотворец може да се стане на два начина. Најчесто, така што некоја овластена група на беатификатори, одредени „исцелувања“ или „настани“ ги прогласува за Божјо чудо. Вториот е оној кога етиката на своите учители
светите Кирил и Методиј, но, пред сѐ, Свети Климент, станува основа за создавање на простор во кој човекот ќе дојде до она што го прави човек – духовен простор во кој ќе се пронајде себеси, отворајќи се за Духот – како во случајот со Свети Наум. (Темков, 1998: 80–97) Таков простор може да се отвори на повеќе начини. Но, она што сигурно го докажа Наум како „чудотворен“ е фактот што станувајќи еден од основачите и водечките луѓе на т. н. Охридска книжевна школа,16 попозната како „Прв словенски универзитет“, свесен за фактот дека пишаниот збор во тоа време не бил само привилегија на одреден слој и начин истиот тој слој да владее со луѓето, но наедно и незаобиколувајќи ги сознанијата дека светот се вреднува, прифаќа или одбива во зависност од тоа што во него гледаме – помеѓу останатото го основа и манастирот денес познат под името Свети Наум. Но, да се основа и изгради манастир и со тоа се стане прв основач на манастир во овие предели, само по себе не е чудо затоа што надвор од секаков сомнеж е дека такви светилишта се градат ex nihilo како Божјиот свет. Чудото е во тоа што, и тоа е она што во суштина го прави „чудотворен“ – направил спој, синтеза помеѓу вкоричениот Божји збор и насликаниот Божји збор по мера на човекот, онаков каков што е во време во кое сме, но не помалку и за она и оние кои доаѓаат. Што е уште поважно, сликарите на тие фрески и икони, токму поради тоа што работеле под закрила на човекот кој длабоко во себе сфатил дека само давајќи ја внатрешната слобода на идејата, па макар и формално спакувана, може да се говори не само за времето во кое тие настанале (фреските и иконите). (Грозданов, 2015: 215) Имено, битен е и фактот дека тие овозможиле и на времето кое ги наследило и на луѓето кои ги оценувале, проценувале или осудувале, независно од своето гледиште, сепак на крајот да спознаат дека постојат вредности кои не зависат од времето или материјалните услови, туку според просторот што се отвора како дел од човековото живеење како Божје суштество: не според волјата на Бог тој да не се чувствува сам, туку како суштество кое само давајќи простор на другите во себе, отвора простор за себе во другите, а со тоа и простор за пат до Бога.

