(Од беседата на Сузана Мицева за Светите Кирил и Методиј по повод 160 години училиште на народен јазик во с. Дабиља)
Денес, сеќавајќи се на времето во кое се броиме како народ со училиште на свој народен јазик, и под светлината на сознанието дека подолго од век и половина ја продолжуваме традицијата во нашето место, онаа што ја започнале десетици поколенија пред нас, не можеме а да го немаме истиот благ трепет што го имале нашите предци кога го изговарале првото слово на мајчиниот јазик. Тоа слово, мекиот звук на азбуката, се роди од трудот, благородниот ум и крепкиот дух на двајца браќа. И секогаш штом ги спомнеме Светите Кирил и Методиј, ни се чини дека сѐ живо се исправува со почит, затоа што нивното дело ги оприсутнува во секој миг во кој зборуваме на својот јазик и пишуваме со наше писмо.
Делото на Светите Кирил и Методиј е настан што ја промени европската културна историја. Нивната мисија не беше само темел на словенската писменост и книжевност, туку и сила што ја преобликува општествената, политичката, религиозната и културната физиономија на словенските народи. Двајцата млади мисионери се зафаќаат со ваква задаќа во мошне тежок период, кога Европа е растргната од борби и поделби по многу основи. Во едно такво нестабилно време, тие тргнале да го расчистат патот на збунетиот словенски народ, ограден со неукост и немоќ. Прашањето со кое се обиделе да го објаснат и да му отворат поле на новото слово било упатено токму кон тие кои се обиделе да им го ускратат правото на свое писмо.
„Не врне ли дожд од Бога подеднакво за сите? А сонцето не грее ли исто така за сите? Зарем не дишеме воздух сите подеднакво? Па тогаш, како не се срамите да признаете само три јазика, а за сите други народи сакате да бидат слепи и глуви?“ – вака говореле браќата и после нивните зборови ништо не било исто.
А потоа, од слушањето на ритамот на словенскиот говор, преку делото на Светите Кирил и Меотдиј се роди глаголицата и писмото се рашири низ целиот словенски род. Словенскиот јазик влезе во богослужбите, словенскиот дух се ослободи, а христијанството осветли илјадици умови и допре многу срца. За словенскиот народ тоа значеше нова цивилизациска ера. За својата богомудра работа, Светите Кирил и Методиј во православната црква се признати како рамноапостоли, бидејќи нивното дело е на исто рамниште со онаа на Христовите следбеници-апостолите. Мисијата на светите браќа стигна до Источна и Централна Европа, нуделе писмо, покрстувале, проповеделе, низ љубов и разбирање го направле она што со векови не им успеало на многу освојувачи – го придобиле словенскиот народ и го обединиле- во верата и во писменоста. Така, тогаш мисионерски, но од денешна перспектива и визионерски, Светите Кирил и Методиј прават нешто монументално. И дават слобода но и право на словенските народи да имаат историја. Затоа што без писмо, без траг дека сме постоеле, без сопствен печат за нашите премрежја, ние не можеме ниту да бидеме посведочени. Оној што постои без запис, е како да нема минато, и останува само бледа легенда што ќе лебди неодредено во времето. Да се потсетиме на наравот на освојувачите, кои при влегувањето во секоја нова територија прво ги бараат ракописите и артефактите. Не само како свој вреден плен, туку и како можност да ги редефинираат просторите и историјата.
Со мисијата на Светите Кирил и Методиј почнал јасно да се оцртува идентитетот на словенските народи. Затоа таа има и повеќезначајна и многулика димензија. Обединувачката димензија се огледува во ширењето на глаголицата меѓу сите словенски народи и обединувањето со исто, разбирливо за сите писмо. Образовната димензија ја дава масовното описменување на Словените и преминувањето на цел еден народ од неписменост во писменост. Христијанската димензија е една од најсилните – со разбирливите литургии на словенски јазик, Божјото Слово се доближува до словенските народи, а христијанството почнува масовно да се шири. Културната димензија се исцртува преку целата нивна работа, кога стануваат мост на разбирање на две различни култури, словенската и западноевропската. А потоа и низ можноста што им се даде на народите самите да се изразат и претстават, служејќи се со свое писмо. Во крајна цел, делото на Светите Кирил и Меотдиј истовремено е просветителско и дипломатско, затоа што со збор и љубов, а не со оружје и сила ја извојуваа една од најважните битки на денешницата- правото за јазична и духовна слобода.
Образованието како темел на цивилизацијата
Денес, кога се сеќаваме на почетоците на училиштето во село Дабиље, мораме да се навратиме на суштинската мисија на образованието – да ги менува животите на луѓето, да ги оплеменува, облагородува. Сфатено во денешен контекст, образованието е социјален инструмент што го обезбедува континуитетот на заедницата. Дури и во народното мислење, образованието е капиталистички производ- билет за подобра иднина. Сите сме ги слушале изреките: „Учи за да најдеш добра работа, за да бидеш прифатен во општеството, за да успееш во животот“. Ако внимателно ги проанализираме, тоа се само егзистенцијалистички флоскули кои го одделуваат човекот од неговите корени. Спротивно на ова, Светите браќа се воделе од чисто алтруситички побуди. Ако ги парафразираме нивните свети пораки, тие би биле следните: „Еве ви писмо да ги разберете Божјите зборови, сами да прочитате, да се осветлите и да прогледате со свои очи“. Денес, кога се разнишани многу вредности на кои се градеше словенската култура, пвоторно мораме да се вратиме на нивните темели: Да учиме не за да имаме можност да стекнуваме материјални добра, туку да учиме за да се разбереме себеси, да го разбереме подобро светот и да го поправиме со добри мисли и вредни дела. Повеќе хуманизам, помалку егоизам. Образование што прочистува, што таложи безвременски знаење, затоа што само чистото знаење е наше бесценето богатство, кое никој и со ништо не може да ни го оттуѓи и одземе. Дали тој дар, оставен на нас пред дестина векови правилно го негуваме и чуваме, или сме го зеле здраво за готово, е прашање кое секој од нас треба да си го постави, за да ги провери своите ставови за смислата и целта образованието.
Ние овде во Струмица сме биле благословени да нѐ допре љубовта и милоста на многу големи и свети луѓе. И веројатно Бог така нѐ зачувал од ветрометот на разни намери, праќајќи ни силни луѓе во клучни мигови да нѐ просветлат и да нѐ поучат. Во четрвтиот век тоа биле Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици, кои за првпат ни го вдахнале христијанството во нашите души и на овие простори. Но, немирните времиња носеле свои предизвици и по речиси пет века, во деветтиот, кога култот кон свештеномачениците тука бил сѐ уште жив и силен, повторно доаѓа Методиј и со својата безусловна љубов и саможртва покрстил околу 54.000 луѓе. Тешко е да се определи со прецизност местото во кое дејствувал Свети Методиј, и дали токму некој од нашите предци е покрестен од неговите раце, но факт е дека неговото дело длабоко го променило ликот на тогашна и денешна Струмица, за што сведочат и бројните православни храмови кои никнуваат по нивната мисија.
Се навраќаме на чесните и љубовни дела на апостолите, за да се преиспитаме самите, колку љубов и несебичност има во денешните наши дела и во нашите животи? Постои ли саможртва, самопрегор, или се однесуваме како сѐ од нас да тргнало, како ништо да не ни било оставено, ниту дадено, туку дека ние сме папокот на светот? Христијанските подвизи што се вкрстувале во овие краишта не треба да не возгордеат, тие не нѐ прават посебни, ниту одбрани, туку благосовени и почестени. И за тоа треба да благодариме.
Не само со поклон, туку со одогворност и самообврзување, да го зачуваме пламенот на писменоста и да се потрдуиме светлината да стигне и во најтемните краишта на нашата земја и во нашите срца.
Нека е вечна славата на Светите Кирил и Методиј, нашите светилници!

