16/11/2026
нота.мк
Аналитичка Нота

Без дигитализација нема современи и успешни универзитети

Со часови се чека за упис на факултет, за пријава на испит или за заверка на семестар. Редици нервозни студенти и понатаму е секојдневна слика на најстариот универзитет во земјава „Свети Кирил и Методиј“, особено за време на уписите на бруцоши и пред почетокот на семестрите. Постоењето на толку многу мануелни активности, како чекање за уплата за различни потреби на банкарските шалтери, а потоа чекање и на шалтерите на факултетите на УКИМ, го прави овој универзитет далеку од она што значи современа високообразован институција која го олеснува и поевтинува процесот на учење на студентите. Од УКИМ велат дека се прават напори да се воведе дигитализација на целиот универзитет иако тоа е преобемен и прескап процес. Утешно е што кај некои факултети состојбата е малку поразлична. На пример Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство и Електротехничкиот факултет имаат целосно дигитализирани административни услуги.

UKIM

Од УКИМ велат дека во април годинава изготвиле Стратегиски план на универзитетот за следниот четиригодишен период 2024-2029 година и дека во него е опфатена и потребата од дигитална трансформација на Универзитетот. Сметаат дека на тој начин ќе ја задржат лидерската позиција во земјава. Сепак, во самата стратегија покрај предностите на Универзитетот како постоењето на платформите iKnow која овозможува електронско внесување, чување и обработка на податоците во врска со студентите и наставата, како и iLearn, што овозможува подобра соработка и комуникација меѓу студентите, наставниот кадар и административните служби, како и поголема флексибилност и скалабилност на ИТ ресурсите, наведени се и слабостите.

Меѓу нив е отсуството на стратегија и акционен план за дигитализација, недоволна ИТ поддршка на ниво на УКИМ, недоволен ИТ персонал во единиците, недоволно развиен универзитетски компјутерски центар итн. Како можност за излез од таквата ситуација УКИМ ги гледа странските проекти и програми, воведување на готови решенија за дигитализација на административното работење и други можности.

Она што може да го забави УКИМ во реализиацијата на зацртаните планови е постојаниот пораст на цените на cloud услугите, со што може да се ограничи инвестирањето во други важни апсекти на дигитализацијата. Дигитализацијата на УКИМ е важна тема и за Универзитетското студентско собрание. Велат дека доставиле барање до Ректоратот за итен почеток на овој процес. „Да се направат потребни законски зимени и од почетокот на академската 2025/26 година индексот да е дигитален“, потенцираат од УСС.

USS

Дигитализацијата на македонските универзитети е тема со која се занимаваат и научници и експерти. Така, во Анализата на состојбите со дигитализацијата на државните универзитети, комуникологот Бојан Кoрдалов забележува дека од дигитализацијата на образованието зависи иднината на денешните генерации ученици и студенти.

Boris Kordalov

„Дигиталниот и технолошки напредок рапидно ги менува повеќето полиња од нашиот секојдневен живот, како и динамиката на социјалните и економските односи, а од наша страна е неопходно тоа да го насочиме во посакуван правец за нас и целото општество“, вели Кoрдалов.

Оваа анализа открива и дека вложувањата на државните универзитети во дигитализацијата се многу мали. Така, Универзитетот „Гоце Делчев“ издвојува 13 % од својот буџет за дигитализација, додека Универзитетот „Мајка Тереза“ и Универзитетот „Св. Климент Охридски“ издвојуваат 15 % и 9,56 %, соодветно. Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ одвои 11 % од својот буџет. Најмала буџетска распределба има на
Универзитетот во Тетово со само 3 %. И покрај малите буџети за дигитализација, среднорочните планови на државните универзитети за напредок на дигитализацијата се прилично амбициозни.

Универзитетот „Гоце Делчев“-лидер во дигитализацијата на високото образование

Светол пример во дигитализацијата на македонските универзитети е токму „Гоце Делчев“ од Штип. Професорите забележуваат дека универзитетот е речиси целосно дигитализиран и ги следи трендовите за примена на современи дигиталниа латки.

„Благодарение на тоа студентите на сите три циклуси имаат целосно олеснети административни процедури, лесна и брза комуникација со професорскиот и административниот кадар на Универзитетот и секако бесплатен пристап до стручната и научната литература. Електронската библиотека на УГД, имплементирана во 2011 година, поседува над 1000 наслови, научно истражувачки и стручно-апликативни публикации во дигитална форма до кои студентите имаат пристап и истите може бесплатно да ги користат за учење и истражување. Во изминатите 12 години имаат над 450.000 симнувања на книгите што се достапни во е-библиотеката“, вели вонредната професорка Ана Витанова – Рингачева од Катедрата за македонски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет.

Ana Vitanova Ringaceva


Витанова-Рингачева говори и за други можности на дигитализацијата, зачувување на огромното културно, јазично и книжевно богатство што се чува по библиотеките и институтите, со цел да им се остави на идните генерации. „Истото го мислам и за црковните книги зачувани во локалните цркви и светилишта. Првиот сериозен чекор го направи Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје со дигитализација на повеќе од 5 милиони ливчиња со јазични записи собирани со децении“, вели професорката Витанова-Рингачева. Според неа, дигитализацијата е нужна во сите аспекти на функционирање на универзитетите и другите научни институции, но потребен е и дополнителен ангажман на научните работници за да се промовираат предностите и бенефитите од дигитализацијата.

UGD

„Со колеги од нашиот Универзитет започнавме да размислуваме за дигитализација на првите изданија на подлистокот Лик на весникот „Нова Македонија“. „Лик“ сведочи за развојот на македонскиот јазик во периодиката и увидот во него значи увид во развојот на македонската книжевно-јазична историја и култура, воопшто. Македонската периодика од 30-те години на минатиот век до денес ги сведочи сите развојни фази низ кои поминало македонското општество, го чува македонскиот дух во сите сфери на животот. Да се дигитализираат најстарите весници и списанија на пример, значи да се врами и конзервира македонската култура, вредност по која светот нѐ препознава“, вели Витанова-Рингачева.

Државата ветува многу повеќе вложувања во развојот на високото образование следниот период

Новото владино раководство и Министерството за образование и наука имаат план да се вложува во сите аспекти на високото образование, вклучително и дигитализацијата. За таа цел најавија започнување на процес за основање Национално координативно тело за реформи во високото образование, истражувањето и развојот.

MON

„Координативното тело ќе биде управувано од министерката за образование и
наука, а во чија работа ќе учествуваат претставници на универзитетите и научните институции, МАНУ, МОН, Националниот совет за високо образование и научно истражувачка дејност, бизнис заeдницата и граѓанскиот сектор“, велат од МОН.


Од МОН појаснуваат дека целта на ова тело, покрај унапредување на високото образование и науката во Македонија, ќе биде критичко преиспитување на универзитетската мрежа, како и јасно дефинирање на активности и реализација на обврските што ќе придонесат за воведување европски стандарди и критериуми за квалитет на високото образование и на науката и за интеграција на земјата во единствениот европски образовен и научен простор. „Во работата на ова координативно тело максимално ќе се запазуваат вреностите на градење на општествен консензус почитувајќи ги ставовите на сите заинтересирани субјекти и институции“, додаваат од МОН.
Според МОН, сите овие промени ќе влијаат на целосната трансформација на високото образование, приспособено на потребите на студентите и професорите. Светските практики покажуваат дека дигитализацијата нуди и многу поголема флексибилност на наставните програми, како комбинирана настава, учење од далечина и привлекување поголем број странски студенти. Освен тоа, една од придобивките е и зголемената соработка помеѓу студентите и професорите, што обезбедува подобра и
поквалитетна комуникација во универзитетската заедница.

Со овој текст, НОТА.мк се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбаса

Related posts

Се одчитува....

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading