16/11/2026
нота.мк
Аналитичка Нота

Електронската испратница за шумска сеча заглавена во законски измени

Иако Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство планираше од јуни месец годинава да стартува со електронска испратница за сечење дрва, со цел намалување на илегалната сеча и манипулациите на хартија, тоа не е сторено. Се чека на законски измени во делот на катастарот на шумите, кои можеби ќе се случат по изборите. Во меѓувреме испратниците и натаму се на хартија.

„Проектот ‘Поддршка на реформите во шумарството во Северна Македонија’ заврши во месец јуни 2025 година. Во рамките на проектот беа спроведени низа активности за развој на шумарството во Северна Македонија, вклучувајки ја и имплементацијата на електронскиот систем за следење на дрвна маса, кој покрај другото има и главна улога во следењето и на илегалните активности поврзани со дрвната маса. Во моментот е завршена интерабилноста на системите и потсистемите, кои се дел од целокупниот главен Шумски информациски систем (ИФИС), и по оваа фаза на усогласување со сите други потсистеми е потребен определен временски период, по кој тој ќе биде и официјално пуштен во употреба“, информира извор од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Министерство за земјоделство и шумарство

Во Министерството планирало во најскоро време да започне со примената на електронската испратница, а системот ќе работел со „моменталната состојба на податоците во Катастарот“. Како што објавивме и во истражувањето „Шумите во пламен“, проблемот е што Македонија и натаму има непрецизна евиденција на шумските појаси, нешто што го користат и пироманите и дрвокрадците. Непрецизната евиденција ни беше потврдена и од Обвинителството, и од Катастарот, но и од Министерството за земјоделштво, шумарство и водостопанство на брифинг во јануари годинава, кога беше посочено дека:

„Во однос на шумските пожари, проблем претставува пошумувањето или самата обнова на шумата на површини кои биле пасишта, кои не се внесени како катастарска парцела ‘шума’. Ако се фати сторител на лице место не може да се санкционира за палење или за сеча на шума, затоа што на хартија стои дека таа површина е пасиште. Најверојатно со одлука на Влада овие површини ќе се внесат во Катастарот како шума“.

Седум месеци подоцна Министерството информира дека е поминато прво и второ читање на измените на Законот за шумите, со кои ќе се регулирало управувањето на неуредената шума и шумско земјиште. Кога тие измени ќе се најдат на пленарна седница и гласање во Собранието, зависело од оваа институција, но и од претстојните локални избори.

„Во врска со Катастарот на шумите, Ве известуваме дека во собраниска постапка е Предлог измената и дополнувањето на Законот за шумите, каде што се уредува начинот и постапката за управување/стопанисување со неуредена шума и шумско земјиште, кое во рок од една година ќе влезе во посебните планови за стопанисување со шумите, и истото неуредено земјиште ќе биде плански уредено“, информира изворот од Министерството.

Пред седум месеци од Катастарот нѐ информира дека оваа иституција не оди на терен за да ја попише шумата, туку дека исклучиво постапува по пријава.

„Можеме да видиме колку шума е запишана кај нас, но немаме евиденција на пример, колку шума има целата територија на државата. Не поседуваме информации дали некоја парцела која е заведена како земјоделско земјиште во меѓувреме мажеби станала шума, или спротивно, некоја шума во меѓувреме да била ископачена и претворена во нива, доколку за тоа не е поднесена соодветна пријава“, информираат од Агенцијата за катастар на недвижности.

Претходно во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ни посочија дека намерно се подметнувале пожари, за со опожареното дрво да се изнесе и неопожарено дрво. Фирми сечеле неопожарено дрво и го носеле на местото на пожарите, за опожареното дрво да го искористат како камуфлажа за изнесување на нелегалната дрвесина. Поради немањето целосен катастар на шумите, лица кои подметнале шумски пожари не можеле да одговараат за делото, затоа што на хартија површината се водела како пасиште, иако во реалноста таа во меѓувреме по природен или вештачки пат станала шума.

„Софтверот е во Министерството, а испратниците на таблет ќе ги издаваат Македонски шуми на лице место. Електронската испратница за количините на дрво фирмите нема да можат да ја менуваат и манипулираат. МВР и Шумската полиција преку ГПС ќе имаат увид во движењето на возилата натоварени со дрва, а на терен ќе се проверува количината исечено дрво и на дополнителни контролни пунктови“, нѐ информираа пред седум месеци во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за планот со електронските испратници.

нелегална сеча Јабланица

При дрвокрадството често испратниците за количините се чувале непополнети, па при контрола се внесувала количината на хартија, нешто што треба да се избегне со електронските испратници.

До 26 Август годинава биле, според дозволите, официјално биле исечени 113,02 метри кубни дрвна маса, од кои 45 метри кубни биле опожарено дрво. Извезени биле 80,17 метри кубни дрво, од кои 17,87 метри кубни биле опожарено дрво. Овие колинини се драстично помали од количините во минатите години, што ги објавивме на овој линк: (Видео) Извоз на опожарено дрво зад димот во шумите – нота.мк

„Постоеше и еден договор склучен помеѓу правно лице и ‘Национални шуми’ за сеча и извоз од 1.000 м3 опожарено техничко дрво, со важност на договорот до 15.04.2025 година, меѓутоа немаше реализација на сеча, а соодветно на тоа и извоз на опожарено техничко дрво“, информираат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Сеча и извоз на дрво - Македонија 2025

Она што е зголемено годинава е бројот на фатени подметнувачи на шумски пожари. Споредено со минатата година, годинава биле уапсени три лица повеќе. Министерството за внатрешни работи од почетокот на април до 26 Август годинава регистрирало вкупно 1.470 пожари на отворен простор, при што приведено било 41 лице. По преземени истражни мерки МВР поднело 26 кривични пријави.

„Најголемиот број на настанати пожари е утврдено дека се предизвикани од човечки фактор, со различни мотиви и се преземаат мерки и активности за расчистување на случаите и откривање на нивна евентуална меѓусебна поврзаност. Воедно Ве известуваме дека од 01.07.2025 година, откако е воведена забрана за движење во шуми, до 26.08.2025 без писмено одобрение за движење во шума, биле затекнати 27 лица. Против истите ќе бидат поднесени соодветни поднесоци по Законот за шуми“, информира македонското Министерство за внатрешни работи.

Користењето на дронови, според ова министерство, помагало во раното лоцирање на пожарите, но и на можните причини и сторители.

„Во насока на рана превенција од пожари, полициските служби употребуваат дронови за мониторирање на шумските појаси на територијата на државата. Со воведувањето на овие оперативни мерки зголемена е ефикасноста во делот на раното предупредување и лоцирање на евентуалните пожари, како и детектирањето на можните причини или причинители на истите“, објаснуваат од МВР.

Шумски пожар - хеликоптер МВР

Македонските шуми не горат само во топлите летни денови. Потврда за тоа се пожарите во јануари годинава. На 1 Јануари се гасел пожар во местото Грбавец, меѓу селата Робово и Мачево, кадешто гореле црн бор и смрека. Повторно на празник, овојпат на вториот ден Божиќ – 8 Јануари, се гасел подметнат пожар во пехчевското село Негрево. 90 проценти од пожарите во македонските шуми се предизвикани од човекот.

Различни македонски институции ни твреа во истражувањето „Шумите во пламен“ дека шумските пожари се подметнувале од фирми таму каде што има борови насади, за потоа дрвото да се користи за производство на пелети. Во шумските пожари калориската вредност на борот не опаѓала, додека на дабот опаѓала. Затоа, најчесто пожарите биле во предели со борови. По пожар во шума и склучен договор за сеча, фирмите имале рок од две години да ги отстранат опожарените дрвја. Фирмите чекале да помине време и да се намалат контролите на терен за да изнесат поголема количина од таа во договорот. Затоа е значајно воведувањето на електронската испратница, за да се намалат манипулациите на хартија при контрола на терен.

Александар Методијев

Related posts

Се одчитува....

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading