16/11/2026
нота.мк
Културна нота

ПОГЛЕД КОН ВАЈАРСКИОТ СВЕТ НА НИКОЛА СМИЛКОВ

Уште никој никому не префрлил за тоа

ако се вљубил

во спокојството на каменот.

„Камен“ – Анте Поповски

Nikola Mladenov

Скулптурите на Никола Смилков ѝ даваат на македонската уметност уште еден силен аргумент, зошто треба биде спокојна, дур ликува под светлата на светските уметнички галерии. Скулптурите на Смилков имаат свое место во просторот и времето и своја уметничка семиологијa, создавајќи околу себе чисто семиотичко поле. Секоја скулптура е семиотички знак, силно метафорично поставен. Оригиналната уметничка концепција создала оригинален уметнички израз, imopectore (од дното на срцето) на самиот вајар. Емоција создадена од земја, откорната од наша онтолошка природа на смртници, застанати пред животот како попатна станица на едно вечно патување, вечно движење.

Поставени во затворениот галериски простор, чиниш секоја поставена на личниот постамент, за себе си оградила свој простор. А пак сите заедно, како да дишат во еден животен ритам. Фасцинантно е сознанието дека на каменот му се одземени суровоста и студенилото, дека на острите агли им е дадена нежна мекост, дека на емоцијата ѝ е дадена најубавата форма како и да ја наречеме: љубов, нежност, копнежливост, тага, осаменост…. Некакво чувство на урамнотеженост лебди околу скулптурите на Никола Смилков, мир во немирот, спокој во неспокојот, живот од безживотното. Да се посегне по каменот и од неговата безживотност да се дестилира емоција е чин на пркос. Земјата ‒ студената прегратка за трошното човечко тело, уметникот со својот допир ја пресоздава во нов живот, целосно претопувајќи се во концептот на вечното кружење на материјата. Раката, емоцијата и земјата како spiritus agens за творечката мисија на Никола Смилков, во симбиоза создаваат една посебна поетика на скулптурата. Смилков уморакотвори во меѓупросторот на естетското, со подвигот на раката на емоцијата ѝ дава форма, за да му ја понуди на светот како чиста есенција. Со движењата на раката, уметникот го облагородува каменот, создавајќи антропоморфизирани фигури со свој карактер и душа. Како да сака на секоја своја форма да ѝ даде личен идентитет. Движењата фатени во сопствената драматичност оддаваат впечаток на целосно преклопување на формата и содржината. Мазни излиени површини, едно приклонување кон совршенството – вечниот копнеж на минливиот и трошен свет.

Nikola Mladenov

На високите постаменти стојат скулптури извајани со модерен естетски израз, но поставени во универзалната димензија на постоењето. „Занес“, „Очекување“, „Копнеж“, „Сеќавање“, „Будење“, „Меланхолија“ се само форми на едно ефемерно постоење, но пресоздадени во камен, глина, мермер или бронза, тие за окото на набљудувачот се скаменети емоции со силна рефлектирачка енергија. Нашето око на наивни набљудувачи ги впива минималистичките фигури како отпечатоци од еден голем и хаотичен свет. И во сета таа хаотичност, човекот подзапира, за да застане, да ги погледне на поминување. Спокојни се тие, секоја во својот безбеден простор. И не се тоа конкретни ликови од животот на уметникот, тоа се универзалните човечки судбини потонати во бездна или издигнати на пиeдестал. Тука е човекот умислен во сопствената големина и доминација, а во суштина e толку мал, кревок и кршлив. Неодминливо е чувството дека при допирот на скулптурата, таа би се стопила под дејството на топлината на дланката, би исчезнала, би се слеала во крвта и би станала емоција. Преку вајарството, Смилков всушност се изразува себеси и сопствениот поглед на свет, но и многу повеќе од тоа. Уметник од таков профил преку скулптурата му се отвора на светот, како да ги пресекува градите на две за да може на светот да му го даде она по кое тивко копнее. Светот денес и малиот човек фрлен во него е гладен и жеден за љубов, за допир, за прегратка, разбирање, слушање.

Една тивка лирска меланхолија извира од секоја од скулптурите, една аура на неизнудено спокојство, чувство на очекување дека во секој миг скулптурата би проговорила или пак дека таа и набљудувачот немо се разбираат. А набљудувачот пак, како да препознава собеседник во скаменетото правоаголно лице седнато полузгрбавено, замислено чекајќи. Таквата заумност во изразот ги прави мистични фигурите, надмено поставени на постамените под галериските светла. Имаме право да си замислиме дека кога истите ќе се угаснат, фигурите се будат, ги креваат своите глави, ги поткреваат прекрстените нозе и танцуваат во галеријата испразнета од човечки погледи. Во вајарските приказни на Смилков како да течат две нарации, едната длабоко лична, раскажана од уметникот во прво лице, и другата, онаа на колективот. Колективот и неговите општествени борби се неодминливи теми во естетиката на скулпторот. Тој умее емоцијата на колективот да ја сублимира во дело коешто ќе говори многу погласно од сите кажани и прекажани истории.

Својот вајарски идентитет Никола Смилков го гради со години. Тој како постојано да ги негува, расте и одгледува своите дела, како што се љуби и чува дете. Ни се чини дека неговите скулптури се создаваат по некакви лични одживеани дијалози коишто се случуваат во внатрешниот свет на уметникот. По таквите духовни сеанси на себеоткривање, раката посегнува да направи реплика на чувствениот свет, да го опредмети. Човекот во скулптурите на вајарот извира низ неговата убавина, страст, таинственост, гордост, кршливост, колебливост, копнежливост, разумност, достоинство. Уметникот е во постојана потрага по сите лица на егзистенцијалната драма на човекот. Неговите дела имаат универзална поставеност кон светот и затоа се лесно разбирливи за љубителите на уметноста секаде. Ако уметникот тежнее кон возвишеното, со притаена желба да го надмудри земното за да се извиши кон бескрајот, тогаш вајарот е најблиску до остварувањето на тој вечен копнеж.

Се одчитува....

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading