16/11/2026
нота.мк
Културна нота

ЏАКОМО СКОТИ –МАКЕДОНСКИ КНИЖЕВЕН ГЛАСНИК ВО ИТАЛИЈА

Џакомо Скоти е италијански и хрватски, двојазичен и дводомен поет, писател, новинар, раскажувач, преведувач, есесист, мировен активист, хуманист. Роден е на 1 декември 1928 во Савијано, близу Неапол во Италија, живеел и работел во Пула, Трст и Риека, каде што сѐ уште живее, пишува и твори. Имено, токму во престолнината на Кварнерскиот Залив, се одржа промоција на најновата, една од неговите стотици книги, поетската збирка „Другото лице на морето“. Промоцијата се одржа во Палатата „Модело“, седиште на Заедницата на Италијанци во Риека, во организација на проф. Вани Д’Алесио, италијански и хрватски историчар, социолог и модератор на настанот (благодарение на кого и го запознав Џакомо Скоти и дознав за неговите заложби за македонската култура и јазик), Џанлука Пачучи, италијански поет и Филип Јеглински, полски филолог. По тој повод, се сретнав со Џакомо и разговаравме за бројни прашања што поезијата ги отвора и обновува, но пред сѐ за неговата срдечна и несебична посветеност на македонската литература, јазик, поезија, историја и култура.

Giacomo Scotti

Џакомо Скоти е член на Хрватското друштво на писатели, на Хрватскиот ПЕН Центар и на Италијанскиот сојуз на писатели; од 1986 година живее и твори на двата јазика на своите две татковини, италијански и хрватски јазик. Има објавено стотици книжевни дела меѓу кои се издвојуваат најнапред песни, поеми, раскази, есеи, сказни и раскази за деца, статии од областа на политиката, историјата, социологијата и етнологијата, и бројни преводи пред сѐ на македонски поети и писатели на италијански јазик.

Неговата средба со македонскиот јазик, вели, била суштински емотивна. Имено, Џакомо како активен учесник во бројни миротворни движења и проборник за правда меѓу народите, ќе рече дека сочувствувал со македонскиот јазик кој често бил порекнуван и сметан за нечиј дијалект. Токму за време на југословенските војни, тој се обидува да ги одржи сите нитки со неговите македонски пријатели поети и писатели, имајќи веќе зад себе неколку значајни учества на Струшките вечери на поезијата каде што не само што бил поканет како значаен поет гостин и имал свои читања, туку и во годината кога Еуџенио Монтале добива Златен венец, Џакомо со гордост и радост ќе напише: „Таа година како Неаполитанец се почувствував поголем Џеновезец од Монтале“. Од средината на 20 век, Скоти со значајни преведувачки избори, прилози, текстови, есеи и антологии ќе даде длабок и моќен влог кон силната афирмација на македонската преводна литература и општо поезија во Италија. Џакомо Скоти ги има преведено поединечно и следниве книжевни дела на македонските поетии писатели, некои од нив и негови пријатели: Блаже Конески со делото “La ricamatrice”, (Маја, Сиена, 1967, Божин Павловски со “L’ombra di Radovan”, (Ау-арте, Падова, 1968), Матеја Матевски со “Nebbie e tramonti”, 1969, Борис Вишински со “L’arcobaleno”, (Треви, Рим, 1971), “La valanga”, (1975), Анте Поповски со “Terra di Macedonia” (Линт, Трст, 1972), Славко Јаневски со “Il soldato due metri sotto terra”, (Линт, Трст, 1975) и Коста Рацин со “Albe candide” (Macedonian Review, Skopje, 1975), потоа Ристо Јачев, Санде Стојчевски, Божин Павловски, Петре Бакевски, Даница Ручигај, а меѓу неговите најпознати дела се издвојуваат антологиите и збирките есеи: “La poesia macedone” (Сиена, 1965), “Narratori macedoni” (Сиена, 1967), “Canti popolari macedoni dal Medio Evo ad oggi” (Милано, 1971), “La Macedonia racconta: favole e magia”, (Пула, 2006).

Giacomo Scotti

Освен тоа, со преводи и прилози кон литературните списанија и друга периодика, на италијанската културна јавност ѝ има претставено триесетина најзначајни автори, од Константин Миладинов до современите автори, а во Риека во 1981 приредува специјален број на книжевното списание „Ла батана“ посветен на македонската литература и култура. Во своите долгогодишни пишувања и преведувања, Џакомо ѝ е неколку пати претставен на македонската читателска јавност преку негови обраќања на разни симпозиуми и семинари на Струшките вечери на поезијата, но и преку објави на негови есеи, песни и критички текстови во македонската периодика, имено во „Разгледи“, „Стремеж“, „Културен живот“, „Мисла“, „Современост“, „Акт“ (бр. 67, Скопје, 2020; избор песни во превод на Наташа Сарџоска). За него и неговото дело голем број на научни трудови и есеи има напишано Васил Тоциновски кој во 2011 во „Мост од Ѕуница“ (списание на Македонското културно друштво „Илинден“ од Риека) објавува превод на авторски труд на Џакомо под наслов: „Од епското платно на македонското опстојување“ како и научен труд на хрватски јазик со наслов: „Џакомо Скоти, промотор и преведувач на македонската литература во Италија“ како и научниот осврт „Скоти – автор на антологии на македонска книжевност“ објавен на италијански јазик во превод на Дарио Сафтиќ во ревијата „Ла батана“ во Риека во 2013. Тоциновски (во „Мост од Ѕуница“ во издание на Македонско културно друштво „Илинден“, Риека, 2011, стр, 139-145) ќе запише дека Скоти пишува содржајни есеи кои не само што се задржуваат на македонското епско творетво, туку и ги проучуваат опшествено-политичките и културни прилики со што Скоти прегледно ги доловува македонските книжевни случувања и општествени контексти до италијанските читател. Понатаму, Тоциновски се осврнува на вниманието што Џакомо ѝ го посветува на манифестацијата „Во чест на Св. Кирил и Методиј“ која се одржува во базиликата Сан Клементе во вечниот град, Рим, со што создава историски след, осврнувајќи се на јазикот на сесловенските просветители со кој словенските народи ќе влезат во големото европско семејство на јазици и на култури.

Освен тоа, Тоциновски пишува дека Скоти се осврнува и на народниот мајчин јазик со кој ја извршувале богослужбата првите македонски писатели Јоаким Крчовски и Кирил Пејчиновиќ, па сѐ до генерацијата на Кочо Рацин, Коле Неделковски и Венко Марковски кои пишувале на литературен македонски јазик. Скоти и во својот есеј „Пукнала пушка над планина“ ја реафирмира својата наклонетост, посветеност и пријателство кон Македонија, но и со своите критички огледи ја засведочува посебноста и самосвојноста на развојот на македонскиот народ преку културата, уметноста и творештвото на македонскиот јазик.

Од поновите публикации, би ги издвоила непомалку значајните збирки на есеи објавени кај италијанскиот издавач Беса Мучи:

  • „Македонски бајки“ (2021), антологија од стотина страници, поделена во три поглавја посветени соодветно на македонските приказни, басни, поговорки и изреки. Џакомо Скоти прави интересен и волшебен приказ на различните манифестации на народната уметност, од танцот па сѐ до златарството и како добар раскажувач, го фаќа читателот за рака и го придружува во свет создаден од традиции, слики, движења, ликови од бајки, фасцинантни собитија и чиста магија. Приказните и афоризмите од разнолика природа на кои се осврнува Скоти ја слават историската и народната убавина;
  • „Југославија, земјата што веќе не постои: патувања, откривања и сретнувања во Западниот Балкан“, (2021) Скоти се осврнува на Скопје и скопскиот земјотрес, на неговите престои на Струшките вечери на позијата покрај Охридското Езеро, на добитниот на Златниот венец на СВП, Нобеловецот Еуџенио Монтале, на неговите долгогодишни пријатели и соработници, македонските италијанисти Борис Вишински и Наум Китановски, но пред сѐ пишува за македонската воена криза и конфликт од 2001 во едно поглавје насловено: „Македонија 2001: поезија и атентати“ со што се докажува себеси не само како филантропски поддржувач на македонската книжевна историја, туку и како политички приврзаник на македонското прашање;
  • „Ветерот на Меглена: митолошки, легендарни, историски, епски и љубовни песни на македонскиот народ“ (2022), каде што, низ историски осврт и книжевен избор, Скоти исткајува епска слика на македонското историско опстојување низ пишаната и усната литература. Во сите епохи на своето опстојување, македонскиот народ, и покрај својата проблематична историја, успеал да го зачува својот јазик и своето културно наследство. Оваа збирка, резултат на долгогодишно проучување и истражување, е драгоцено сведоштво токму за тоа. Народните песни претставени во оваа книга се движат од митолошки песни до епски, легендарни и историски певови и песни за ајдуци и комити, па сè до песните на партизаните во Втората светска војна. Ним им се надоврзуваат и оние кои ги придружуваат истакнатите моменти од секојдневниот живот на човекот: љубовни песни, свадбени и пригодни песни, романси и балади. „Ветерот на Меглена“ е вистинско и богато доближување на италијанските читатели до македонската култура и народна традиција во авторство на одличен познавач на македонскиот фолклор и епска книжевност;
  • „Расфрлани писма на еден лунѕач: патувања низ Западен Балкан“ (2024), каде што пишува за неговите гостувања на струшкиот поетски фестивал, говори за значението на овој поетски настан од светски рамки и големина, и токму во ова дело низ навидум патеписни записи, Џакомо испреплетува етнолошки описи на градовите Прилеп, Ресен, Преспа и Отешево, на Пелистер, на Црн Дрим и на Охридското Езеро, како суштински топоними на македонската книжевна традиција, со бројни свои препеви на истакнати македонски поети меѓу кои (според редоследот на цитирање во самиот осврт): Петре М. Андреевски, Јован Павловски, Петар Бошковски, Стојан Тарапуза, Санде Стојчевски, Богомил Ѓузел, Радован Павловски, Јован Котески, Видое Подгорец.

Конечно, за време на мојот книжевен престој во Гориција, во ноември 2024, неколку италијански поети ми рекоа дека се запознале со македонскиот фолклор, бајки и поезија токму благодарение на преводната и литературно-приредувачка дејност на Џакомо Скоти. Оттаму, поради сето горенаведено и она што самиот ќе го каже, целта на ова интервју и есеј е да потсетиме и да покренеме јавно познание во јавноста дека, во мај 2009, Македонскиот културен форум од Пула го предлага истакнатиот македонист и македонофил Џакомо Скоти како кандидат за Државната награда на Република Македонија „Св. Климент Охридски“ за унапредување на културните врски меѓу Република Италија и Република Македонија како и меѓу Република Хрватска и Република Македонија, упатувајќи го предлог-барањето, преку Амбасадата на Република Македонија во Хрватска, до Владата на Република Македонија, потпишан од Претседателот на Македонскиот Културен форум, Алдо Климан, но никогаш не добива позитивен одговор од Македонија – земјата со која Џакомо останува суштински и длабински поврзан и чијшто јазик, поезија, традиција, историја и култура ги пренесувал и преведувал со децении во Италија и во Хрватска.

Наташа Сарџоска: На италијански за прв пат Вие ги преведувате и објавувате најзначајните македонски поети и писатели. Приредувач сте и на неколки избори и антологии на современа македонска поезија на италијански и хрватски јазик. Вие читате течно на македонски јазик, го сакате овој јазик, сте гостувале седум пати како поет на Струшките вечери на поезијата, затоа би Ве прашала како се јавува кај Вас интересот за македонскиот јазик?

Natasa Sardzoska

ЏС: Мојата љубов за Македонија се роди преку поетската креативност на нејзините најдобри мажи и жени на перото. Јас ја открив Македонија преку поезијата, преку нејзините врвни големи поети, некои од нив и мои лични пријатели, преку магичниот фестивал на поезијата во Струга на кој гостував честопати. Го засакав македонскиот јазик бидејќи е мал јазик и бидејќи честопати во времето на Југославија сум слушал како тој бидувал порекнуван, негиран та дури и сметан за дијалект. Јас говорам хрватски јазик па оттаму не ми беше тешко да го научам и македонскиот. Се приврзав за таа земја и благодарение на моите многубројни поетски гостувања и читања на светски познатиот и прекрасен фестивал Струшки вечери на поезијата.

Мојот прв превод на македонски автори датира уште од 1962 кога во ревијата „Галерија“ во Палермо објавив единаесет македонски поети и еден расказ на Димитар Солев. Потем, во 1965 издавачката куќа Маја од Сиена ја објавува мојата антологија „Македонска поезија“ којашто станува и предмет на студиите по македонистика во Италија во време во коешто се знаеше многу малку за Република Македонија во западноевропскиот свет. Биче Тиблети во книжевната ревија „Ил рагуаљо летерарио“ (Милано,1965) за оваа моја антологија ќе напише: „Оваа книга нѐ воведува во запознавањето со македонската култура и литература на еден за нас близок народ, македонскиот, со Македонија чиешто срце е Скопје, градот срозен од страшната катаклизма и кој сега се раѓа како светски град со светската солидарност. (…) Од оваа поезија извира нитка на поетска универзалност“. Литературниот критичар Маркато Гваљарди во ревијата „Миносе“ (Венеција, 1965) пишува: „Македонските поети имаат посебна, убава одлика, исполнета со хармонија и нежност (…) очуденост, вжарена фантазија, моќна продорност, чувства и благост“. За оваа антологија излегува и книжевен осврт на хрватски јазик во Загреб во „Вјесник“ во авторство на хрватскиот писател и преведувач Густав Крклец. Подоцна следеа мои преводи на песни од Коста Рацин, Константин Миладинов, Блаже Конески, Ацо Шопов, Матеја Матевски, Венко Марковски, Анте Поповски, Славко Јаневски, Санде Стојчевски, Ристо Јачев, Божин Павловски, Јован Павловски, Петре Бакевски, Цане Андреевски, и многу други. Во мојата антологија „Македонска поезија“ ја застапив и Даница Ручигај. Еве мој препев на еден нејзин моќен стих:

.
Lasciai
tutte le mie stelle
sopra il tuo petto
per farmele portare via.

.

Честопати доаѓав во Македонија како поет и живо се сеќавам на секое мое гостување на Струшките вечери на поезијата, каде што првпат бев гостин на покана на Академик Милан Ѓурчинов кому во едно писмо му признав дека во Италија издавачите на поезија не им плаќаа хонорари на авторите па така трошоците за објавување на италијанската антологија на македонската поезија ги покрив самиот јас, продавајќи нива што татко ми ми ја беше оставил во наследство во родното село Савијано.

Кога пристигнав на струшкиот поетски фестивал, бев воодушевен од присуството на поети од сите југословенски земји, па од Полска, Романија, тогашниот Советскиот Сојуз, Италија, Бугарија, тогашна Чехословачка и од славењето на поезијата на бројните поетски манифестации во Струга: „Поезија: земја без граници“, „Ноќ без интерпункции“, „Мостови“ и чудесните места каде што читавме песни: Црквата Света Софија и Самуиловата тврдина во Охрид и мостот над реката Црн Дрим пред стотици луѓе, манастирот во Калишта, пред илјадници луѓе жедни за поезија. Кога прв пат дојдов во Струга се дружев многу со Богомил Ѓузел и со Неџати Зекирија.

Giacomo Scotti

Потоа, во 1965 паметам дека патував со авион од Загреб за Скопје за да гостувам пак на струшкиот фествал и во авионот го запознав рускиот поет Евгениј Евтушенко кој кога виде како пребледев од турбуленциите зеде да ми рецитира поезија на глас. Потоа се дружевме во Струга, тој висок два метра, а јас покрај него како џуџе од метар и шеесет. Истата таа година, Петар Т. Бошковски објави осврт во „Разгледи“ за мојата антологија на македонска поезија објавена во Италија, а на моја огромна чест Петре М. Андреевски на (тогашниот) српско-хрватски јазик објави осврт за мојата прва поетска збирка „Брегови на тишината“ во списанието „Багдала“ во Крушевац. Во 1971 година за време на мојот престој во Струга, Анте Поповски, тогашен директор на весникот „Нова Македонија“ ми се јави и побара да бидам дописник од Италија за тој весник. Истата година на 8 септември во интервју за весникот „Ла воче дел пополо“ за срушкиот фестивал кажав: „Ова е извонредна манифестација затоа што создава непрекината осмоза на мисли, идеи, текови, средби, заемни познанства и ги поттикнува преводите од еден на друг јазик. Поетите кои по природа се осамени, може да се сретнат еднаш во годината и да се дружат цела една недела на бреговите на најдлабокото европско езеро во Охрид, под сенките на Тврдината на Самуил, основачот на првата македонска држава“. Во Струга гостуваа десетици италијански поети кои лично ги среќавав, меѓу кои Карло Ричи, Данте Мафија, Луиза Спацијани, Аугусто Фонсека, Гаетано Лонго, Нуло Миниси, Лучо Клобас, Анселмо Прегара, Мачрела Бачи, Марчела Батилана, Фулвиа дел Сото, Умберто Мангани, Лаура Минели, Антонио Контилијано, Доменико Спацијали, Карло Бугати, Лоредана Баљун, Карло Пиреа, Винченцо Бјанки, Бруно Ромби, Клаудио Поцани, а благодарение на струшкиот фестивал два врвни италијански поети беа крунисани со Златниот венец на поезијата: Еуџенио Монтале во 1973 и Едоардо Сангвинети во 2000. Се сеќавам дека кога, по две години, му беше доделена на Монтале Нобеловата награда, во Рим, поетот Марио Сократе ми рече: „Твоиве македонски другари се одлични: со Златниот венец ја предвестија Нобеловата награда за Монтале“. Истата таа година, во Неапол, поетот Лино Курчи за познатиот издавач Рицоли објави избор поезија со наслов „Со сиот човек“ каде што тој застапи четири мои песни што ги напишав во 1971 во Македонија: „Пазарот во Струга“, „Џамијата во Охрид“, „Хераклеја Линкестис“ и „Иконата во Нерези“. Во 1982 на поетски средби во Приједор многу другарував со Радован Павловски и Тодор Чаловски. Ги носам во срцето и моите етнографски истражувања, очудувања, патувања и престојувања во Преспа, Ресен, Прилеп, Скопје, Отешево и сите подароци што сум ги добивал во Струга: книги, песни, поети и вина од Тиквеш. Ги паметам и моите активни учества на повеќе чествувања на Браќата Кирил и Методиј во Рим и Неапол неколку години по ред на 24 мај и каде што земав учество на „Денови на македонската култура“, сите во чест на Св. Кирил и Методиј кои се одржуваа во Театарот Сан Карло во Неапол. На едно од тие чествувања, ми се чини во 1978, одржав беседа и заедно со македонската делегација бевме примени кај градоначалникот на Рим, Карло Џулио Арган. Во рамки на таа манифесација, го придружував Матеја Матевски на неговото гостување во Неапол на Универзитетот „Ориентале“ каде што се изучуваше македонскиот јазик под раководство на Наум Китановски.

Со Македонија останав духовно поврзан и за време на војната со која се сруши и столчи Југославија. Во тој период се вратив во Италија, во Неапол, подоцна во 1991во Трст од каде што често патував за Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина како специјален дописник за весникот „Ил манифесто“ од Рим и како претставник на Италијанскиот центар на солидарност кој ја координираше хуманитирната помош за жртвите од војната и бегалците. Ми беше тешко, речиси невозможно, да се јавам во Македонија. Мојата единствена врска тогаш беше Борис Вишински кој патуваше за Италија често. Во тоа време како плод на нашите размени излезе книгата „Невидливиот часовник“, мојот избор и превод на поетското творештво на Петре Бакевски, во издание на сицилијанскиот издавач Ла меридијана од Палермо. Но поради војната речиси цели петнаесет години оттогаш имав загубено секаков контакт со Бакевски и со Вишински.

Навистина за време на југословенските војни мојот живот во Хрватска стана тежок. Моето творечко засолниште беше списанието „Ла бетана“ во Риека, но меѓу 1991 и 1995 поради мои статии за воените злосторства објавувани во „Ил манифесто“ во Рим, бев жртва на закани, следења та дури и обид за атентат во Риека – настан што предизвика голем интерес во италијанската јавност и кој стигна на расправа на Европскиот парламент во Стразбур. Поради затворањето на границите можев да се вратам во Македонија дури во 2001. Истата таа година бев среќен да го дочекам Матеја Матевски во градот на Свево и Саба, каде што му беше доделена наградата „Трст и поезија 2001. По тој повод, Матеја во своето излагање кажа дека и јас имам за таа награда придонес зашто сум бил првиот што ја превел неговата поезија во Италија. Меѓутоа, таа година кога се вратив во Македонија како поет претставник на Италија заедно со Луиџи Манци, но за прв пат и како поет претставник на Хрватска, чијшто граѓанин сум, заедно со хрватските поети Славко Михалиќ и Љерка Цар Матутиновиќ, со жал видов една различна земја: иако домаќините правеа напори нашиот престој во Струга да биде спокоен, јас чувствував дека Македонија беше крваво ранета и погодена од албанските банди. Таа година, за разлика од другите години, речиси немаше поети од другите поранешни југословенски републики, освен ние од Хрватска, дојде Есад Бабачиќ од Словенија и Радмила Лазиќ од Србија. Немаше албански поети од Македонија, но дојдени беа од Албанија Скендер Руси и Ентела Сафети. Благодарение на Струшките вечери на поезијата, таа година за мене е многу важна бидејќи читав како италијански поет на италијански јазик на „Меридијани“ и како хрватски поет на хрватски јазик на „Мостови“. Бев гостин и во куќата на Ристо Јачев од каде што се гледаше целото Охридско Езеро. Читавме во Калиште, Радожда, беше магично. Таа година во срцето на фестивалот беше добитникот на Златниот венец, ирскиот Нобеловец, Шејмас Хини. За време на една вечерна седенка во хотелот во Скопје, на телевизија дознавме за уште еден терористички напад во Македонија. Хини ми прочита во очите прашање што јас не се осмелив да му го поставам, но кое лебдеше во воздухот. Хини ми рече дека ни за миг не се колебал дали да допатува во Македонија затоа што, кажа тој: „на вакви ситуации ние Ирците сме навикнати веќе повеќе од дваесет години“.

Giacomo Scotti

Но во сите тие тешки воени години ја носев Македонија во срцето. Во едно интервју што излезе во Риека во весникот „Нови лист“ на 9 септември 2001 изјавив: „Благодарение на Струшките вечери на поезијата, Македонија се прослави ширум светот меѓу светските поети и не постои земја во светот до којашто не допрела македонската поезија. Македонија стана огниште и расадник на поетски таленти. Македонската поезија е македонска гордост. Струшките мостови ќе бидат засекогаш трајни мостови на соработка меѓу разните народи и култури“.

НС: Може ли да ни ги наведете насловите на сите дела што до ден денешен сте ги објавиле за македонската литература?

ЏС: Имам до сега објавено 15 дела посветени на македонската книежевност: „Антологија на македонската поезија“ (1965), „Македонски раскажувачи“ (1967), „Македонски народни песни од Средниот век до денес“ (1971), „Македонија раскажува: бајки и магија“ (2006), „Пукнала пушка на планина: епски песни на македонскиот народ“ (2010), „Македонски бајки“ (2021), „Ветерот на Меглена: митолошки, легендарни, историски и љубовни песни на македонскиот народ“ (2022), како и бројни раскази и поединечни преводи на песни од поетите: Рацин, Конески, Шопов, Матевски, Павловски, Поповски, Јаневски, објавени во италијанската книжевна периодика и во хрватските списанија за италијанското малцинство во Хрватска и два романа од Борис Вишински: „Виножито“ и „Лавина“. Освен овој преведувачки опус, сум пишувал критички огледи за македонската книжевност и како есеист и како литературен критичар во периодиката на хрватски и на италијански јази. Во 1963 во „Разгледи“ кај вас објавив избор „Современи италијански поети“.

НС: Имате објавено неколку дела избор на есеи за македонската фолклорна традиција и литературно творештво на сказни и бајки. Што значи за Вас овој симболичен свет, како се раѓа Вашиот интерес за македонските бајки и сказни и за етнолошките одлики на македонската книжевна традиција?

ЏС: Во мојата антологија „Македонски бајки“ во издание на Беса Мучи кое излезе во ноември во 2021 година во градот Нардо во Италија, наративно и критички обработувам македонски басни, бајки, сказни, поговорки, афоризми, мота и изреки во три поглавја низ еден историски преглед. Ме импресионираат непресушните теми што македонскиот фолклор и народна уметност ги доловуваат во волшебен свет на значења и симболи составен од природа, животни, одежди, вино, плодност, семејство, танци, златарство, земјоделство, дом, татковина, љубов, мудрост. Со овие приказни и како раскажувач и како научник сакав да ја прославам фасцинантната магија на народната фолклорна убавина на македонската историја. Ова е едно од моите најнови дела посветени на македонската книжевна традиција кое постигна значаен успех, читаност и бараност во Италија и тоа ме прави горд и среќен.

НС: Дали за сите овие заложби, труд и љубов кон Македонија сте добиле некакво признание од македонските власти?

ЏС: Најголем придонес даден за мојата посветеност и ширење на македонската култура, книжевност и историја, го има дадено професорот и книжевен критичар Васил Тоциновски, кому срдечно му благодарам. Исто така сакам и Вам, драга Наташа, да Ви изразам благодарност што дојдовте во Риека за да ме интервјуирате тука кај мене дома. За жал овие 96 години што ги носам на плешки не ми дозволуваат да отпатувам во Вашата прекрасна земја што отсекогаш многу сум ја сакал.

Патем, би сакал да ги издвојам и овие признанија од пет македонски здруженија: Диплома и бронзен медалјон од Macedonian Review од Скопје; „Златно перо“ од Здружението на преведувачи на Македонија (кое заборави да ми ја врачи наградата, па таа ми беше врачена за време на моето гостување во Струга во 1974); „Повелба за особен придонес во афирмација на јазикот на прифаќање и соживот меѓу народите“ од Македонскиот културен форум во Пула; „Благодарница за посебен придонес и успешна соработка на проекти за заштита, зачувување и промоција на вредностите на македонската култура, јазик, традиција и обичаи“ од Здружението на Македонци во Риека „Илинден“; „Златна повелба за придонес во промоцијата на македонскиот јазик и литература“ од Здружението за литература и култура од Струга и „Благодарница за ценетиот придонес во афирмацијата на македонската литература“ од Друштвото на писателите на Македонија“ во 1977.

Мои песни на македонски јазик се објавени во превод на Александар Поповски (во „Современост“ во 1974), на Ристо Јачев (во „Културен живот“ во 1983) и во ваш превод (во „Акт“ во 2020).

НС: Со Вашиот богат животен опус, покажувате дека не е доволно само да се чита, пишува и преведува поезија туку и дека таа треба да се живее. Како ја опишувате поезијата? Дали за Вас е таа посебна уметност? За време на Вашето излагање во Риека испративте поетски повик да се обноват вредностите на солидарност и хуманост, па дали се тие за Вас и нераздвојни нитки од поетскиот живот и дело?

ЏС: Поезијата е спасение. Поезијата ни ја храни радоста во сончевите денови, поезијата ни носи утеха во болката. Поезијата е мајчиниот јазик на човечкиот вид, зашто таа живее и гори во срцето на сите човечки суштества. Поезијата е врвна уметност зашто таа создава јазик со кој човекот ја толкува болката и радоста, копнежот и надежта…

НС: … точно, зашто доколку не е поезијата, не би можел никако поинаку да ги искаже. Ќе ни пренесете некој Ваш стих вдахнат со Македонија?

ЏС:… а Вие тоа добро го знаете.

На мостот на поезијата во Струга

Кревкиот глас на водата,
празникот на овој воздух што ноќта го вдишува,
тишината на ѕвездите во небесните тајни,
на мојата обеспокоена рамнотежа на далечен човек:
како да го преведам во крик
ова немирно течение на реката Црн Дрим
тукушто родено в езеро, а веќе нетрпеливо
заитано кон море,
оваа мрачна песна од изворот на оваа
толку црна, а нежна
вода?

Ви благодарам што дојдовте да ме видите.

Автор: Наташа Сарџоска

Се одчитува....

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading