Ниту една импресивна градба изградена од човекот, ниту најцврстата карпа создадена од природата, не се отпорни на силниот бран на времето. Доаѓаат денови кога она што е создадено, се претвора во пепел. Но, човекот, тој вешт градител, наоѓа начин да зачува парче од себе, дел од своето постоење. Како гулаб гласник му патува пораката, ги минува временските бариери за да им каже на оние по него кој бил и зошто бил, и дека не било пустеж сѐ пред него. А има ли друг начин да стигне пораката ако не преку духовната оставнина, која, како најскапоцен ковчег, е пренесена во нашата суштина, честопати без и да бидеме свесни колку е важен и единствен тој товар што го носиме со себе. Истражувањата на идентитетот се многу сложени, но не постои истражувач што ќе го заобиколи фолклорот како извор, бидејќи во него се огледуваат многу колективни и лични идентитетски битки. Македонскиот идентитет може да се изведе од три темелни ентитета: античка Македонија, словенство и христијанство (Шукарова 2009). Особено за последните два, како мотиви може да се истражува во фолклорот.
Почетокот на една долга собирачка кариера
Фолклорот за многумина е дел од минатото, конзервирана историја и на него честопати се гледа со симпатија, а се посветува внимание ретко и по потреба. Заеднички и општ е впечатокот на фолклористите дека државата сè помалку инвестира во проучувањето на фолклорот. Спротивно на сето ова, еден современ Дон Кихот го има за своја страст, хобито – речиси професија и втор идентитет. Многуликовен е собирачот Иван Котев, слоевит човек, кој, со сопствениот пример, нѐ поучува, ни покажува како изгледаат децении трпеливо тапкање на нерамен и правлив пат. А го чекорел, го набивал тлото од Робово до Старо Коњарево, од Струмица преку Собри до Дојран, од Дабиље преку Босилово до Иловица.
Нема село во кое не стапнала неговата нога, во кое не поттикнал човек да пее, да раскажува. Нема таков со кого тој не скршил муабет-два: „Работа и стари палтина сѐ ќе си има“, вели Иван на прашањето работи ли некој материјал во моментот. Во една пригода го прашав како ја плете мрежата на информатори, кој е тој таен котелец што го извлекува и му ја прави плетката вешта, посебна. Иван рече: „Информаторот мора да почувствува дека е важен. Не дека е до тебе, туку над тебе. Не смееш да му пристапуваш со големина, со надменост или резервирано“ (Котев, 2021). Јас додавам: Треба да си топол, прилагодлив, кроток. Да се оформуваш како тестото што расте до топлото ќумбе. Дури тогаш ќе нарасне песната во градите на пејачот како погача, како пресен леб ќе му се срони од устата. За тоа како ја чекал песната, приказната, Иван има бројни анегдоти.

Како што рибарот е подготвен цел ден и цела ноќ да чека рибата да го фати мамецот, така и тој не еднаш преседел цела ноќ во некое задимено, скушно сопче за да ја слушне ветената приказна, за една песна пиел со домаќините цел ден и на крајот информаторот се опил и песната останала неиспеана, па преспивал во чудни околности во домови на луѓе што првпат ги видел, само за да ја има можноста да ги орасположи, да ги одоброволи да споделат нешто од себе, нешто свое. Тој нè соочува со некои важни прашања за секој од нас: Колку сме подготвени да жртвуваме за она што ни е позив, одбран пат, сакана дестинација? Иван Котев, пред сè, ја има таа природна предодреденост за тој повик. Тој не е нестрплив човек и не е готован, што би рекле струмичани. Готован значи дека чека друг да му организира сè, а тој само да дојде и да го снима информаторот.
Сам ги одредува работните, а неплатени часови, сам го диктира темпото, а тоа никогаш, во овие 50 години, не било ниту лесно, ниту бавно. И овие случки не се со одреден број луѓе. Туку со повеќе од 1000, според некои забелешки на Иван (Котев, 2021). Првиот информатор на Котев бил човек од Босилово. Чичко Тодор Мицов Донев еден ден дошол кај Иван во училиштето и бидејќи претходно веќе разговарале, му рекол: „Ај ќе ти испеам некоо песна“.
Кога подоцна си го слушнал гласот на магнетофонот „Грундиг“, старецот се изненадил. Гласот на чичко Тодор трештел од машината и тоа бил мигот кога се маѓепсал. Сфатил најверојатно, босиланецот, дека неговите песни ќе се вртат долго по неговото физичко заминување. Во тој миг, додека пеел во зимското попладне, го открил клучот за бесмртноста. Станал, ја затресол шапката и го отпоздравил: „Добро, ќе ти кажам оште, ама другпат“ (Котев, 2021).
Додека учителствувал во Босилово, преку тој прв контакт, Иван почнал да се распрашува за луѓето, кои знаат добро да раскажуваат и кои убаво пеат. Иако млад и неопитен, Иван знаел дека квалитетот на материјалот многу зависи од тоа каква е природата на оној што ќе интерпретира. И така, често се поврзувал со весели, еснаф луѓе, кои понатаму му ги посочувале и оние посрамежливите. Тие за кои и блиските не знаеле каков талент, каква вештина поседуваат. Најголем дел од тој заокружен број, околу 1000 информатори, е снимен во нивните домови. Или пак, во домовите на блиски роднини или пријатели, или во селското училиште, домот на култура и сл. Сепак, тоа било во некоја автентична и позната средина за нив.

Тие фолклорни материјали снимени во стотици различни села и градови во регионот се исклучително податлив материјал, кој допрва ќе биде предмет на идни научни проучувања. Исказите, информативниот разговор со информаторите, пеењето на песните и раскажувањето ни даваат увид и во развојот на струмичките говори, кои варираат дури и од село до село и можат понатаму да послужат и за истражувања во областа на дијалектологијата. Токму народните говори се база врз која можат да се прават истражувања особено од перспектива на неколку децении, како и промените што ги имале тие под дејство на стандардниот јазик затоа што, најпосле, не постои толку изолиран говор, којшто немал никакво влијание (Марковић 2020), но колку и какво, можеме да видиме токму од записите на Котев.
Една информаторка и пријателка на Иван раскажуваше како тој открил дека таа е вешта раскажувачка: „Чина умре и тука стана врвулеш. Деца викат, старите трчат нагоре-надоле, викам еваа не бива така. Зберах децата и им викам елајте баба прикаски јас ќе ви кажувам, не одејте на там. И си ги наредих децата у собата, оставииме старите да си гонат работата. И сосем случајно директоро (се мисли на Иван Котев, кој бил директор во училиштето каде што учела информаторката, С. М.) ме чујал како им кажувам прикаски на децата. И ми вика Данче, ти ного убаво прикажуваш прикаски. Ќе ми кажеш ли некоо на мене, да те снимам. Как нема да ти кажам директоре. Кога сакаш тугај. Еми ја саа додека си расправаш ќе уклучам диктафоно“ (Станоеска, 2021). Овој исказ ни открива неколку аспекти на фолклористот Иван.
Прво за неговиот авторитет. Каков е односот на раскажувачката кон човекот, кој бил директор во училиште во кое таа учела пред педесетина години. Ословувањето со „директоре“, не е ласкање, туку одраз на длабока почит, која се изградила уште во нејзината најрана возраст. Вториот момент на кој сакам да се задржам е колку е тој посветен, но и фокусиран на собирачката работа. Дури и во најтешките мигови, кога е присутен на испраќањето на покојникот, забележува дека има добра раскажувачка, која познава интересни приказни и се поврзува со неа. Неговата работна етика е восхитувачка. Во оваа случка ние добро гледаме зошто толку многу луѓе, низ годините, посакале да му запеат, прифатиле да бидат негови информатори. Тоа е тој природен пристап. Ненаметлив. Неговата собирачка дејност е сврзана со неговата личност, со сето тоа што е тој.
Собирањето како животен повик и пасија
Иван не е собирач само во одредени пригоди, туку тој е собирач, архивар на секое кафе, на секоја седенка, на секој настан на кој присуствува(л). И луѓето знаат дека е така. Затоа им е, најверојатно, многу полесно да му се отворат, да го пуштат гласот и фантазијата кога се во негово присуство. Но, не секаде бил пречекан вака пријателски. Во младоста често другарувал и патувал со писателот Киро Донев. Во негов манир, додека повеќето присутни се опуштале и весело разговарале, Иван постојано го вадел тефтерчето од внатрешниот џеб на сакото и запишувал. Водел забелешки за некоја интересна изрека, за ангдотите, за поговорките, кои спонатано се изговарале, а за кои говорителите и не биле свесни дека ги употребуваат. Но, некому му се видело чудно таквото однесување, па го повикал Киро настрана за да го искара: „Киро, кој е тај шо ни го донесе на мааста, да не е некој шпион? Неманема ваде тефтеро нешто да запише. Нем негде даа заглаваме зарди него“ (Донев, 2015).
Оние, пак, што добро го познаваат не само што не се зачудувале кога ќе го виделе како запишува, туку и му потенцирале: „Иване, чујал ли си ја таа?“ Неговите колеги од училишниот колектив споделуваа спомени како го доживувале: „Од далеку ќе го чуеш дека доаѓа со неговата стара ‘дијана’, и со една кожена чанта која секогаш го придружуваше. Беше точен, секогаш навремен во сите работи и со тоа наметнуваше стравопочит и кај колегите и кај учениците. Со погледот даваше забелешки, не користеше ниту одвишни зборови, ниту применуваше некој друг метод. Знаевме колку го интересира фолклорот и честопати кога некој колега или ученик ќе посочеше информатор, тој знаеше по работното време да продолжи во истражување на теренот, запознавање на информаторот или оној што може да го поврзе со тој човек. Многу енергија трошеше за тоа. Имаше заразен ентузијазам“ (Манчев 2018).
Во Дабиље има две личности за кои со сигурност може да се каже дека се легенди: едниот е Атанас Караманов – локален херој, војвода. Другиот е Иван Котев, архивар на херојските и не толку блескавите настани, човек што длабоко навлегол во селската историја, во локалната култура на живеење, внимателно ја проучува(л) и запишува(л) и е познавач не само на ситуациите, туку на целиот некогашен и сегашен амбиент и толку многу има собрано од тамошните жители, што како да вдишал од нивниот дух, станал еден од нив.
Собирачкиот повик на Котев остави силни впечатоци кај многу поранешни ученици на училиштето. „Не бива одма и ага и чалма“. Со оваа изрека нè пречека пред некој ден Јордана Станоевска, родена 1954 година, информаторка на Иван Котев, со којашто имав чест да се запознаам, алудирајќи на брзата преселба на својот син во Западна Европа и на времето за адаптација што е потребно на целото семејство да се приспособи на тамошниот живот, култура. Не стана(л) веднаш и Иван Котев ниту ага, ниту така лесно некој му стави(л) чалма. Туку беа потребни повеќе од пет децении да го добие своето заслужено место, а тоа е почит и почест на еден од највидните фолклористи на денешницата во Македонија.
Струмичани, за некој надарен човек, со особен талент, ќе кажат: „Има њух“. Значи, има сетило, го чувствува она што го прави, што го умее подобро од многумина. Верувам дека е слична ситуацијата и со Иван Котев. Тој ја насетил убавината на македонската песна, од дете бил привлечен од вештите раскажувачки, кои ја користеле секоја пригода на семејството да запеат за животот, од животот.
За мајка си вели дека знаела песна за секоја пригода, за секоја ситуација. Имал само 13 години кога му е објавена првата запишана народна песна. За тој запис на песната „Мануло мајсторче“ добил награда и го повикале да му ја врачат пред учениците во училиштето. „Се качив на платформата, во едни панталони, ни куси ни долги и бос. Буквално бос. Ама кога ме пофалија, ми ги дадоа книгите, кои ми беа награда, почувствував таква гордост. Многу бев среќен. Тие книги ги чував до неодамна, кога ми се поплавија со уште петстотини други наслови од детската литература“ (Котев, 2018). Токму затоа, за Иван може да се рече дека е роден собирач зашто токму како дете, самоиницијативно ја наполнил првата тетратка со песни од Робово, коишто ги слушал од: мајка си Савета, сосетките и роднините, кои се собирале во нивниот дом, а имало и ситуации кога и на дворот, опуштени низ песна славеле и тажеле.
Најверојатно треба да потенцираме дека Иван има најмалку 70 години собирачка дејност, што е податок за респект. За почетоците во фолклорот, Иван вели дека содржината на песната било тоа што најпрво го привлекло кон народното творештво. „Мама ја пееше песната за Ѓорги Грозникот. Девет си сина мајка имала, девет сина невени, десетти Ѓорги Грозникот. Ме фасцинираше тоа, ме тераше на размислување, каква мајка е таа да оддели едно дете. Ама кога го сторила тоа, црната чума влегла дома и сè покосила. И девет сина – невени, и девет снаи – невенки и девет внучиња – невенчиња. Мајката останала сама во куќата како кукавица. Кога се вратил Ѓорги Грозникот, двајцата се прегрнале и мртви паднале. Сѐ уште не можам да дадам одговор на некои прашања што тогаш како дете ме замислиле“, ќе рече Иван (Котев, 2021).
Но, собирајќи ги, тој добро навлегол во наравот на народниот пејач, кој бил и праведен и благ, но и суров кон оние за кои пеел. Нивните дела и искуства понекогаш ги величел, понекогаш само ги пренесувал, а неретко и ги казнувал оставајќи ги во народната меморија како антихерои. Според тоа, повикот на Иван Котев не е само да ги собира народните мудрости, да биде хроничар на нашиот бит. Тој е добар учител за животот. Не само запишувач. Невозможно е да преброиме колкупати точно зборувал Иван Котев пред струмичките: медиуми, новинари, известувачи, пред пошироката јавност во различни пригоди.
Котев-соработник на локалните и националните медиуми
Невозможно е да се замисли, а не да се реализира информативно издание на некој локален и регионален медиум во кое се зборува за традиција, обичај, за испреплетени пагански обичаи со верски празници, а да не е вклучен, консултиран тој, да не е поканет да поразговара и да објасни како тие појави, тие конкретни теми се обработени во фолклорот. Што ни кажува тоа? Во овој забрзан свет во кој никој нема време за никого и никој нема време за ништо, тој има и време и желба да ги едуцира, да ги потсетува или да го збогатува знаењето на сограѓаните. Не одбива, ниту во најголемите жештини, ниту по најголемите студови, да дојде со својата „дијана“, потоа и со „нисанот“, а во последно време многу често и пеш, добро подготвен на темата, со многу примери и записи од народното творештво. Од анализираните архивски материјали, но и оние што се веќе дигитализирани, направивме шема по која се пресметуваше колкупати годишно Иван Котев имал итервјуа за фолклорот на оваа телевизија, но секако на различна тема.
Грубите пресметки на ТВ канал Вис – Струмица се дека Иван Котев, во изминатите триесет години, колку што постои телевизијата, зборувал меѓу 400 и 500 пати. Овде се сметаат: интервјуа со него на одредена тема: обичаи, празници, други теми од фолклорот, промоции на негови и на туѓи книги, учества на симпозиуми, документарни филмови и репортажи. Не може да се доброи каде сè не бил тој, кому сè не подал рака да прескокне уште едно скалило, несвесен дека тие раце пружени кон него небаре за поддршка, се испреплетувале и станувале негови сопствени скалила, кои го издигнуваат над просечноста, но и над неговата претстава за себе.
Долга е листата на теми и на настани за кои тој редовно настапува. Со тоа исполнува една улога на народен учител. Веројатно во малку градови, како во Струмичко, луѓето знаат толку многу за фолклорот, благодарение на несебичното споделено знаење од Иван Котев.
Она што Иван Котев во својот живот го собрал, нам ќе ни се потребни три животи да го проучиме
Она што го собрал во еден живот Иван Котев, нам ќе ни требаат уште три да го проучиме. Но, дотогаш да му помогнеме да се издаде сето тоа што го собрал, затоа што не му оди лесно печатењето со молби, со многу одбиени барања до Министерството за култура, со бројни разочарувања. Се чини дека дели слична судбина со многу други македонски собирачи. Кузман Шапкарев во Софија 1882 година сведочи за еден таков фрагмент од судбината на Ѓорги Пулевски кога вели дека поради сиромаштија Пулевски сакал да влезе во државна служба за да може материјално да се згрижи колку-толку и да се посвети на својата собирачка работа: „Му рекле дека се прима во служба, но да си го фрли народното облекло и да се облече во европски алишта.
Старецот одговори: ’Ако вие сакате да ме принудите да си ја фрлам народната облека со којашто сум пораснал и сум работел толку време за својот народ, тогаш јас не ви ја сакам ни службата ни платата, и си излегол. ‘Оттогаш и до денеска овој старец стои без никаква служба во престолнината, се занимава пак со старини, одејќи меѓу своите сотатковинци дулѓери од Дебарско за да си ги дополнува трудовите. Тој има многу материјал, но му недостасуваат средства за да може да го издаде на свет. Само еден мошне малечок дел, и тоа материјал од новото време го издаде поминатата година во ограничен број примероци (се однесува на книшката Македонска песнарка, објавена во Софија во 1879 год. – С. М.) повеќето од кои што ги испрати во Русија до редакциите на весниците“ (Ристовски, 1989).
Не било полесно печатењето ниту на творбите на самиот Кузман Шапкарев. Тој во 1861 година му испратил единаесет народни песни од Охрид на познатиот бугарски писател Георги Раковски. Во пропратно писмо му напишал дека има стотина такви песни, но нема средства да ги испечати. Објаснил дека се најразновидни песни од Охрид. Како и во многу други случаи и кај него љубовта кон народната песна се развила под влијание на блиски луѓе, поточно на вујко му Јанаки Стрезов, како и под влијание на зборникот на Стефан Верковиќ, Зборникот на Миладиновци. Слично било и со Марко Цепенков, кој важи за најплоден македонски собирач на народно творештво.
Сето ова може да биде потврда за тешкиот пат на македонските собирачи на народно творештво, но, не смееме ниту да помислиме дека треба да биде правило, особено затоа што живееме во сопствена, независна земја и не постои никакава пречка да вложуваме во собирањето и во истражувањето на материјалната и на нематеријалната оставнина. Треба да продреме подлабоко во нашата култура и во нашето минато затоа што кога науката нема други докази, за објаснување на многу историски и други факти се служи токму со фолклорот. А минатото понекогаш е празна соба полна духови.
Потребен е клуч да се влезе во тој непознат простор, некој што ќе проветри, ќе ѝ даде смисла зошто таа постои, а со тоа ќе ја исполни: со музика, со игра, со песна, со збор. Тоа е на некој начин работата на Иван Котев. Да го запише она што нашиот предок го оставил како свое наследство, свој белег на едно автентично живеење, но, без ова сведоштво, без клучарот што во некоја рака е и Иван и информаторот, собата е не само празна, ами и глува.

