- С.М: Поетската книга „Рајсфершлус“ го доби највисокото признание, наградата „Браќа Миладиновци“ на СВП. Сѐ уште е свежо сеќавањето, па како ќе го опишете чувството и како тоа се менува во овој постфестивалски период?
Ј.В: „Струшките вечери на поезијата“ е еден од најстарите и најважните поетски фестивали во светот. Да добиете вакво признание, во рамките на овој фестивал, што воедно е и највисоката национална награда за поезија кај нас е неверојатно чувство! Многу ме радува што мојата „Рајсфершлус“ ја доби „Браќа Миладиновци“, особено затоа што се работи за една несeкoјдневна концептуална поетска книга што на некој начин беше храброст и да се напише, и да се издаде, но и да се награди, и заради формата (песни во проза), но и заради содржината. Ја имав среќата во жири-комисијата да членуваат исклучителни книжевни критичари, што умееја вистински да продрат во слоевите на моето писмо и да ја препознаат чистата лирика што се криеше во прозната и експериментална форма на текстот. Деновиве од печат излезе второто издание на книгата, веќе ја претставив во неколку градови низ земјата и надвор, а следуваат претставувања и во Штип, во Битола, но и настани во Црна Гора и во Бугарија. Наскоро од печат ќе излезе и препевот на англиски јазик во Ирска, под насловот Expecting Lions, како издание на Three Spire Press, во кое покрај песните од „Рајсфершлус“, има и песни од моите две претходни стихозбирки. Ме контактираа и издавачи од Хрватска и од Грција, па се надевам дека и тие препеви ќе се случат во иднина. Како што одминува времето и книгата допира до што повеќе читатели така во мене зрее чувството на исполнетост, што ми дава поттик да продолжам да пишувам.
- С.М: „Рајсфершлус“ е поетски текст што нуди можност за повеќе и различни читања. Мислите ли дека можеби тоа ѝ го олесни патот на книгата – можноста да има повеќе начини на поврзување со читателите?
Ј.В: Мислам дека во сите мои книги постои таа можност читателот да биде активен дообразувач на текстот, некој што ќе ги пополни празнините што намерно му ги оставам за да се поврзе со делото. Кога пишувам сакам да сум куса и прецизна во поетската слика, но без да ја обременувам со детали, сакам со зборовите да воведам во некакви размисли или во чувства и потоа тие да се развијат кај читателот во зависност од нивните претходни животни и читачки искуства, да се огледаат во текстот и да го пронајдат таму тоа што го носат во себе. Оттаму и разните толкувања на книгите.Впрочем, улогата на читателот е нешто што сериозно се истражува во теоријата на книжевноста. Во конкретнава книга му се обраќам на читателот што е љубопитен, што сака активно да влијае врз значењата на исказите и што има игрива природа, па текстот на песните е прозно организиран на страницата и изостануваат големи букви и интерпункциските знаци за пауза (точки и запирки) за читателот да може да си игра со почетоците и краевите на рајсфершлусот/патентот и со тоа да ја доживее слободата на создавањето што ја чувствував и самата додека ја пишував книгата.
- С.М: Вие ѝ припаѓате на онаа генерација поети кои сѐ уште важат за „млади“. Зошто во Македонија на поетите не им е дозволено да остарат? Дали сметате дека е манипулативен обид да се држат настрана, да не им се даде местото што го заслужуваат? Ве прашувам пред сѐ затоа што вие промовирате млади автори кои се во своите рани и средни дваесетти години.
Ј.В: Точно е дека постојат такви ставови и во нашата книжевна средина, но и надвор. Ние не сме некаков исклучок од тоа што „владее“ во книжевната хиерархија. Некој „едвај“ стигнал до некоја позиција, па не сака така лесно да се откаже од тоа, особено додека не го пополни својот личен список со посакувани награди, небаре се работи за некаков албум со сликички од „панини“. Но, исто така, сметам и дека низ годините, и јас со мојата работа, но и другите колеги што го делат мојот став дека зрелоста на текстот не е нужно правопропорционална со возраста на авторот, покажавме и сѐ уште работиме во насока на бришење на тие крути генерациски граници и одредници и се обидуваме да ги доближиме авторите и нивната поетика едни до други. Исто така, активно работиме и на доближувањето на поезијата на читателите, покажувајќи им колку многу квалитет и новини во поетскиот јазик воведуваат токму младите. Би додала и дека бројноста на публиката на разните книжевни настани кај нас е за восхит и за почит, а фактот што младите се секогаш дел од нив е нешто што понекогаш ги шокира нашите гости до странство, бидејќи тоа не е случај во нивните средини. Се гордеам со новата генерација млади македонски автори и се радувам што сум сведок на нивниот развој. Тие и без нас веќе брзо чекорат нанапред, оти умеат самите да се организираат и серизно си ја сфаќаат работата, вредни се, многу читаат и едвај чекам да видам што следно ќе создадат.
- С.М: Посветени сте на издаваштвото, на домашни автори но и на преводите и препевите. Но, особено доминира поезијата во книгите што ги поддржувате, иако таа полошо се пласира на пазарот. На што се должи тоа – на свесна одлука или уметничка судбина?
Ј.В: Можеби на некакво ретко лудило (се смее). Имам некоја нишка бунтовност уште од мала возраст, ако нешто ми се види неправедно, сакам да го сторам тоа што е во моја моќ и да го исправам. Исто така, и кога нешто ми недостига, наместо да ламентирам зошто го немам/е, правам што можам да го создадам. Така, пред години, забележав дека многу издавачи немаа интерес да издаваат поетски книги (и целосно ги разбирам), па си реков, кога никој друг не се нафаќа на ова, еве јас ќе бидам таа што ќе се занимава со оваа работа. Ја сакам поезијата и ги сакам домашните автори, како еден од нив сум и многу свесна за сето тоа што ни недостига како институционална поддршка. Ние, македонските издавачи, особено малкумината од нас што се насочени кон поддршка на домашните автори, сме некакви алхемичари или магионичари, зашто понекогаш и самата не сфаќам како со толку малку ресурси добиваме солидни резултати. Но сметам дека клучот во успехот е заедништвото и солидарноста што сѐ повеќе заземаат простор на нашата книжевна сцена и го истиснуваат застарениот себичен однос што вообичаено им се припишува на уметниците.
- С.М: По СВП заминавте во Црна Гора, па во Софија и во Белград. Колку е важно вмрежувањето и патувањето за личен развој и опит?
Ј.В: За мене патувањата се исклучително важни, особено сакам кога патувам сама и на тој начин имам можност вистински и длабоко да се поврзам со новите места, но и со луѓето што таму ги запознавам, да се огледам во нив и да дозволам тие искуства да ме менуваат и креативно да ме обликуваат. Многу од моите песни се напишани под влијание на патувањата што врз мене оставиле трага. Според мене, за книжевноста да има смисла таа треба да комуницира на повеќе нивоа и во повеќе културни средини.За тоа да се случи од големо значење се преводите, но и гостувањата на книжевни настани во другите земји. Ја имав таа среќа да стекнам многу контакти и пријателства, но потоа работев на тоа да ги умножам, да ги расплодами да ги споделам. Низ годините успеав,преку изградените пријателства, да официјализирам соработка со институции од културата од Ирска, од Хрватска и од Грција, но неофицијално таа мрежа е широко и далеку поразгранета. Книжевните размени нѐ одржуваат во тек со збиднувањата на глобално ниво, што е важно за квалитетот на делата. Исто така, сметам дека имаме и долг и обврска и кон младите, и самите пред себе, да истраеме во битката за одржувањето на нашиот јазик и на нашата култура, да ги развиваме и најквалитетното од нас соодветно да го претставуваме надвор.
- С.М: Долги години сте во оваа македонска и европска книжевна средина. Кои се заедничките карактеристики на македонската уметничка реалност со регионалната?
Ј.В: Ми се чини дека најочигледно заедничко со регионот ни е колку многу талентирани уметници имаме, а колку малку поддршка добиваат за да се остварат во полн сјај. Во некои поразвиени земји каде што свеста дека имаат јазик со помал број говорители и култура што е под закана да се изгуби заради процесите на глобализацијата имаат стратегија со која ги заштитуваат своите уметници и државата им обезбедува средства за живот, за тие да можат да се бават само со креативната работа. Во регионов немам слушнато дека постои таква поддршка,овде писателите мора да работат многу други нешта за да заработат за живот.Можеби некој ќе рече: „ех, што им фалеше на авторите од првата или од втората генерација, пишувале во време на војни или во сиромаштија, на светлина од свеќи или на отсјајот на месечината од старата тепсија, па ете оставиле трајни дела“,но не знаеме колку повеќе автори можеби ќе имавме од тоа време, кога би имале подобри услови за креативна работа. Треба да се угледаме на овие држави што сериозно ја сфатиле опасноста што ја носи глобализацијата за нивните култури, примарно по нивната автентичност изразена преку мајчиниот јазик,и сериозно да поработиме на темите како заштита на јазикот и културата, особено што доживеавме нашиот идентитет, културата и јазикот да ни бидат негирани во 21 век. Да заклучам, заедничкото со регионот ни е односот на политичарите кон културата, а разликата меѓу нас и поразвиените европски земјие токму разликата во таа релација.
- С.М: Сметате ли дека малиот пазар и потенцијал ги обесхрабрува авторите?
Ј.В: Апсолутно! Имам впечаток дека делумно веќе одговорив на ова прашање погоре, нѐ обесхрабрува фактот што трудот на нашите автори не е вреднуван. Издавачите не се моќни самостојно да исплатат соодветни авторски хонорари и да вложуваат сопствени средства во поддршка на домашните автори, особено ако зборуваме за уметничка и некомерцијална литература, а поддршката од Министерството за култура или од општините е далеку од пристојна и достоинствена. Времето да се напише една книга ни е скапоцено, и кога нашиот труд не е вреднуван, многу често одлучуваме да се откажеме од пишување и слично, и да се посветиме на тоа што ќе ни ги плати сметките. Некој ќе рече дека толку ни се можностите како земја, но неодамна тема во јавноста беше колку средства трошат нашите општини за гостувањето на разноразни истрошени и ветви балканскимузички „ѕвезди“ ‒ по стотици илјади евра за концерт!, а наспроти тоа, ќе зборувам за мојата сфера, малкуте книги што добиваат општинска поддршка се финансирани со суми помеѓу помалку од двесте и петстотини евра, што некогаш не се доволни ни за самото печатење на тиражот на книгата. Тие се оправдуваат дека таквите настани им носат популарност и публика, но не е ли крајно време да се престане со тој популизам и одговорно и трпеливо да се работи на тоа младите да бидат правилно насочени кон квалитетна уметност и да создаваме нова публика за книжевни настани, за театар, за други музички концерти што ќе понудат продуховеност наместо некаква турбо-катарза.Впрочем, и училиштита го носат предзнакот општински, па нели тој влог би бил најправилниот можен, а сигруна сум дека резултатите ќе бидат силно видливи по само неколку години.
- С.М: „Поетска ноќ во Велестово“ и „Скопски поетски фестивал“ се два поетски фестивала кои сериозно ја збогатуваат поетската мапа на Македонија. Имате ли чувство дека се вградувате во нешто големо и значајно?
Ј.В: Не знам дали се чувствувам како да се вградувам во нешто големо, тоа веројтно времето ќе го покаже, јас само се чувствувам како некој што многу работи! (Се смее) „Поетската ноќ во Велестово“ носи со себе долга традиција и неверојатна листа имиња на учесници, заради што на фестивалот пристапувам со многу одговорност, па и со извесна стравопочит секогаш кога стапнувам на „сцената“ пред чешмата на тој камен на средселото на кој стоеле голем број наши класици ‒ Радован Павловски, Петре М. Андреевски, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Анте Поповски, Јован Котески и ред други… Идејата за поетски фестивал во Скопје, пак, е стара и сум ја слушала уште во студентските денови, но ете никој до сега не се беше нафатил да прави поетски фестивал во Скопје во овој формат. „Скопскиот поетски фестивал“ има пет изданија зад себе, тој е како мало дете што сѐ уште се развива и се бори со своите детски болести, но брзо расте и се развива и веќе достигна одредена регионална популарност, а и програмски полека стигнуваме таму каде што сакавме да бидеме.И мене и на обата тима од фестивалите ни претстојат уште многу предизвици и многу работа, но ова го правиме од срце за нашите автори, за нашата заедница, за македонската книжевност да биде препознаена во регионот и пошироко како квалитетна, жива и прогресивна.
- С.М: Ја негувате и поддржувате идејата на Славе Ѓорго Димоски, да се прави поетски фестивал во магичното Велестово. Во една прилика рековте дека фестивалот почнал како отпор, но, сега тој носи десетици поети од различни земји секоја година. Колку фестивалот стана културен амбасадор, па и туристичка точка низ овие три децении?
Ј.В: Во фестивалот влегов во момент кога го имаше достигнато својот зенит и беше на врвот со тогашниот концепт на целовечерна манифестација. Потребни беа нови врвови за да не дојде до пад или некава апатија/инерција. Јас влегов со три цели, да стане интернационален, да вклучи повеќе жени и млади поети и да трае повеќе денови, односно да се транформира од манифестација во фестивал. Сега, по толку години не само што тие цели се исполнија туку направено е и многу повеќе. Многу странски поети сакаат да гостуваат и бараат начини како да ги поканиме. Во Европа го нарекуваат „бутик“ фестивал. Многу од поетите кога ќе се вратат во своите земји опиени од магичното Велстово, но и од атмосферата на фестивалот, пишуваат, статии, репортажи и песни со што верувам придонесуваат кон „туристичкиот“ аспект, исто така, ликовните уметници оставаат слики, скултруи и мозаици во селото што дополнително придонесува кон туризмот, а и самата општина го нуди фестивалот на мапата туристички атракции.
- С.М: Имате сериозни книжевни ангажмани, дали тие ви го арчат времето за мислење и пишување?
Ј.В: Има ангажмани што ми го арчат и времето, и енергијата, и понекогаш ме демотивираат, па се запрашувам зошто воопшто се нафатив да го „играм орото“ и зошто едноставно не се зафатам со нешто што ќе биде и поплодоносно и ќе ми нуди повеќе време за себе и за семејството, но има и такви што кога ќе се случат ја бришат секоја таква помисла, ме хранат и ме исполнуваат, ми даваат смисла и надеж дека работите се менуваат на подобро и дека со мојата работа влијаам кон позитивните промени во мојата средина. Создавам книги, а со тоа создавам и чувства на радост, и кај авторите и кај читателите. Организирам настани на кои се претставува квалитетна уметност, но се случуваат и пријателства, некоии се вљубуваат, се разменуваат искуства и ставови, се случуваат толку убави дружби за кои се раскажува години подоцна… И така, тоа што понекогаш се празни, одново се полни, некогаш дури и до прелевање, па чувствувам голема благодарност, може да се нарече и благослов, што имам ваков живот и што можам слободно да си ги одбирам битките.
Интервјуирала: Сузана Мицева

