22/04/2024
нота.мк
Аналитичка Нота

Поврзаност меѓу поединци и странски организации со првопријавеното лице за злоупотреба на ЕУ-пари

Нола Исмајлоска-Старова ја пријавила Лидија Димова во шест институции на почетокот на јуни 2020 година за злоупотреба на ЕУ-фондови. Нота.мк дојде до документот и ги праша и Исмајлоска-Старова и Димова за таа пријава. Националната координаторка за евроинтеграции не одговори, додека Димова тврди дека тоа што го пишуваа во документот ѝ било најавено на состанокот со Зоран Заев, на кој ѝ било побарано да ја повлече пријавата во Обвинителството. Анализирајќи го тој случај, пријавата во Обвинителството и фотографии и податоци на Интернет, Нота.мк дојде до поврзаност меѓу лицата.

„Како пратеник во собранието на Република Северна Македонија сум имала можност да остварам голем број на средби со претставници на владини и невладини организации од Европа. При една од последните контакти со организации, бев лчно запознаена со сериозни наоди за злоупотеба од страна на една невладина (името е отстрането од редакцијата, н.з.), а можеби и на лица вработени во Националната Агенцина за европски образовни програми и мобилност за да може таа злоупотреба да се случи“, вака со печатна грешка во Агенција, и други во имињата на институциите, го почнува Нола Исмајлоска-Старова своето известување за злоупотреби.

Нола Исмајилова Старова допис

Тоа на почетокот на јуни 2020 година е испратено до шест институции во Македонија: Министерство за образование и наука, Финансиска полиција, Основно јавно обвинителство, Управата за јавни приходи, Државниот завод за ревизија и Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Натаму се наведуваат организации од Шпанија, Португалија, Естонија и Бугарија. Тие биле партнери во проект и се наведени како оштетени. Според договорот, тие требале да ги добијат парите преку три уплати од пријавената македонска невладина организација, која, пак, како координатор на проектот ги добила европските пари од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.

Реакцијата следува откако оваа невладина организација не им уплатила последен дел во висина од 68.434 евра. Сите четири странски организации се наоѓаат во пријавата за злоупотреба на над 2,2 милиони евра, која македонското Обвинителство ја добило од Лидија Димова, тогашна директорка на Националната агенција.

Странските организации партнери во проекти по насока на првопријавеното лице

Овие странски организации се јавуваат во тендерите на училиштата пријавени во Обвинителството. Поттикнати од првопријавеното лице, тие во огласот за тендерите ги наведуваат конкретните странски организации. Меморандум за соработка со тие организации бил услов за пријавување на партнери во проектот. Такви меморандуми имале двете пријавени фирми.

Назад кон пријавата на Нола Исмајлоска-Старова. Нота.мк ја контактираше и посочената македонска невладина организација, но оттаму беше одбиено да се даваат официјални или неофицијални изјави. Лидија Димова објаснува дека на координаторот на проектот – таа македонска невладина организација, му била исплатена последна рата, затоа што надворешни независни оценувачи му дале потребна оценка за спроведувањето на проектот.

„Барањето на Нола Исмајлоска-Старова не можеше да биде исполнето, поради правилата на Еразмус+. Имено, по доставувањето на конечниот извештај, Националната агенција прави евалуација на проектот и за таа цел користи надворешни лица – евалуатори. При оценувањето на проектот тие му доделуваат бодови. Според правилата, проектот мора да добие над 50 бода за да се исплати остатокот. Проектот за кој беше заинтересирана Нола Старова имаше повеќе од 50 бода – не се сеќавам точно колку, и Националната агенција му го исплати остатокот“, објаснува поранешната директорка Лидија Димова. 

Нола Исмајлоска Старова

Најавена пријава

Таа најпрво за Нота.мк, а потоа и за други медиуми, тврдеше дека во јуни 2020 година тогашниот премиер Зоран Заев, во присуство на Нола Исмајлоска-Старова, во седиштето на СДСМ од неа побарал да ја повлече кривичната пријава. Таа одбила и, според неа, затоа ѝ се случил медиумски линч и судски процес. Сега Димова открива и нов детал од тој состанок. Имено, на него ѝ стигнала закана од Нола Исмајлоска-Старова.

„Пријавата следуваше веднаш по заедничката средба со тогашниот премиер Зоран Заев, Нола Исмајлоска-Старова и со мене во седиштето на СДСМ кога од мене беше побарано да ја повлечам кривичната пријава. За волја на вистината, како реакција на моето неодобрување, таа уште тогаш ми најави дека ќе преземе таков чекор“, вели Димова, додавајќи дека покрај македонските институции, пријава од Нола Исмајлоска-Старова добиле и во Делегацијата на Европската Унија во Скопје, но и до Генералниот директорат за образование и култура на Европската комисија во Брисел, каде што, според Димова, таа била „малку повнимателна“. „Имено, во Брисел не се жалеше од мене и од Националната агенција, туку пријави сосема друго лице кое му должело пари на првоосомничениот за спроведување на Еразмус+ проект, но кое не беше дел од спорната шема“, одговара Димова.

Димова вели дека била контактирана од претставници на Европската комисија и додава: „Јас објаснив дека случајот е поврзан со шемата за злоупотреба на 2,2 милиона евра. Од денешна перспектива, мислам дека токму таа му направи лоша услуга на првопријавениот, зашто тогаш на Брисел му стана сосема јасно дека се работи за валкана шема на испумпување средства од Еразмус+ и мислам дека тогаш е активиран и ОЛАФ, поради меѓународната димензија на измамата“.

Lidija Dimova

Поврзаност со првопријавеното лице

Нота.мк ја праша Димова зошто сегашната Национална координаторка за регионална соработка реагирала во тој случај?

„Првопријавеното лице во аферата вредна 2,2 милиони Евра од Еразмус+ е долгогодишен пријател на Нола Исмајлоска-Старова уште од времето кога биле двајцата политички ангажирани за ВМРО-ДПМНЕ во Струга“, одговори Димова, додавјќи: „По откривањето на аферата и по сугестија на Брисел, јас ги замрзнав сите конечни исплати на грантови на правните лица од спорната шема. Нола Исмајлоска-Старова испратила писмо (документот за кој се зборува во овој текст, н.з.) до Министерството за образование инсистирајќи да биде исплатен првоосомничениот нејзин пријател во рамките на еден друг проект финансиран од Еразмус+, односно барајќи од Националната агенција да почне да се занимава со микроменаџирање на проекти. Како резултат на тоа, добив писмо од тогашниот министер за образование, кој потоа го испрати и лицето задолжено за Еразмус+ во МОН да побара објаснување од Националната агенција во врска со писмото“.

Нота.мк чека две недели на одговори од Министерството за образование. Одговори не добивме ниту од посочената Нола Исмајлоска-Старова. Преку мејл и Ватсап порака таа беше прашана каква е нејзината поврзаност со првопријавеното лице, зошто пред неа било побарано од Димова да ја повлече пријавата во Обвинителството и каква е нејзината поврзаност со тој случај? Неуспешен беше и обидот преку телефонски повик да се добие одговор на овие прашања.

Нота.мк најде фотографија јавно објавена на Фејсбук на 06.11.2011, на која е означена Нола Исмајлоска-Старова со првопријавеното лице. Таа ја има лајкнато фотографијата, а со кликање на тагот се отвора профилот на Исмајлоска-Старова на Фејсбук. Поради почитување на членот 8 од Насоките за етичко известување на онлајн медиумите, кој дава насоки за идентитетот на осомничените лица, Нота.мк нема да ја објави ниту заматената фотографија.

Фотографии ги откриваат врските

Преку пребарување на Интернет, фотодокументација и споредување на податоци во различни пријави, Нота.мк дојде до поврзаност меѓу првопријавеното лице и странските организации, кои ги спомнува Нола Исмајлоска-Старова. Така на фотографии се гледаат лица од невладините организации од Бугарија, Шпанија, Естонија со првопријавеното лице.

Лице од Естонија, кое е на фотографија со првопријавеното лице, е наведено како лице за контакт во естонската невладина организација, која се појавува во распишани тендери од македонските училишта, во делот за обезбеден меморандум за соработка. На повеќе фотографии со првопријавеното лице се појавува и персона од шпанската организација. Фотографии со неа се направени и во 2017 година во Шпанија и во Грузија – земјата од која има две од 23 пријавени лица за злоупотреба на европски пари во Македонија. На една од тие фотографии од 2017 година е и едно лице од пријавените грузиски државјани.

eur mkd

Нота.мк има и фотографии на кои првопријавеното лице е со лице од бугарската невладина организација, која се јавува и во пријавата на Димова за злоупотреба на парите и во таа на Исмајлоска-Старова за исплата на парите. Првата фотографија со сопственикот на бугарската невладина организација е од јули 2017 година.

Фирма во Бугарија

Преку контакти со луѓе упатени во работењето на првопријавеното лице дојдовме до име на фирма регистрирана во бугарскиот главен град Софија, чиј наводен реален сопственик е првопријавеното лице. Официјален сопственик на фирмата е лице со грчко име и презиме. Тоа лице се јавува и во пријавата на Димова, како сопственик на фирма, која послужила за прикривање на трагата на парите.

EU flags

За потсетување, Нота.мк од 18.03. годинава објавува серија текстови за злоупотреба на ЕУ-фондови и истраги на ОЛАФ. Десет дена по првата вест на Нота.мк директорот на Националната агенција, м-р Марко Ѓоргиевски на прес-конференција во Владата потврди дека Македонија ќе враќа злоупотребени 2,2 милиони евра. Нота.мк објави и документ од ОЛАФ од 2013 година кој се однесува за истрага против исто лице, кое се јавува како првопријавено и во 2019 година.

Тогаш Македонија ги вратила во Европската комисја злоупотребените пари во висина од 152.181,67 евра, по што ОЛАФ го затворил случајот. Истото лице, кое има двојно македонско и бугарско државјанство, во 2010 година е разрешено од функција поради неетичко постапување при распределбата на европските фондови“.

Нота.мк можеше да разговара со сведок на ОЛАФ, кој прашан дали има сознанија за инволвирање на високопрофилирани политички лица во овие злоупотреби одговори: „Лицето со двојно државјанство има своја логистика директно во кабинетот на Премиерот, т.е. тој со години е политички ментор и блисок пријател на еден од Националните координатори во Владата“. Димова тврдеше дека ѝ се случила медиумска хајка и судски процес поради неповлекувањето на пријавата за злоупотреба на фондовите на ЕУ. Нота.мк објави документ од ОЛАФ дека против неа е направена истрага, но не се најдени докази за злоупотреба на пари од ЕУ. Нота.мк објави дека и покрај пријавата во Обвинителството и претходните потврдени случаи на злоупотреби на пари од ЕУ, преку проекти со образовни установи, универзитет, но и старски дом тие и натаму се слеваат кај пријавените лица.

Related posts

Европска комисија: Националната агенција е две години со нарушен статус

ЕК: Земјата мора да го подобри спречувањето и известувањето за неправилности со ЕУ-фондовите

Пријавените и по пријавата во Обвинителството си добивале ЕУ-фондови

Два месеци плус пролонгирање на враќањето на злоупотребени ЕУ пари

Се одчитува....

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading