21/05/2024
нота.мк
Аналитичка Нота

ЕК: Земјата мора да го подобри спречувањето и известувањето за неправилности со ЕУ-фондовите

Шемата со измамата на фондови од ЕУ продолжува и со трета фирма, по пријавата на две други во Обвинителството, тврди за Нота.мк извор, кој е детално упатен во злоупотребите со европските пари и во активностите на првопријавеното лице. Нота.мк можеше да верифицира дека трансакции со назнака ЕРАЗМУС од училишта се слеваат во оваа фирма, која досега не ја анализиравме. Европската комисија очекува подобрување во борбата со злоупотребите на парите од Унијата.

18.050.844 денари, или околу 295.916 евра, добива оваа фирма од трансакции со назнака ЕРАЗМУС меѓу 03.09.2020 и 29.03.2024 година. Од оваа сума 11.315.113 денари, или околу 185.494 евра, се од трансакции на шест училишта кои во 2019 година, покрај други, се пријавени во Обвинителството како дел од мрежата за злоупотреба на европски фондови, а кои и натаму добивале ЕРАЗМУС проекти. Првата трансакција од едно од пријавените училишта е на 17.11.2021, а последната од друго е на 29.03. оваа година. Проектите се од 2020, 2021 и 2022 година, односно по пријавата од страна на Лидија Димова во Обвинителството на крајот на 2019 година.

броење евра, раце

Нота.мк веќе објави дека кај двете пријавени фирми и натаму се слеваат пари од ЕУ. Од 25.03.2020 до 08.03.2024 година, првопријавената фирма за злоупотреба на европски пари има добиено вкупно 17.598.932 денари или околу 288.507 евра од европски фондови. Парите и натаму непречено се влеваат преку училишта, универзитет, но и дом за стари лица.

Од 24.01.2020 до 12.07.2023, само од уплати од училишта со назнака Еразмус или Еразмус+, второпријавената фирма добила вкупно 2.558.134 денари, или околу 41.937 евра.

Како што објавивме, во листата со трансакции од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, а спротивно на тврдењето на актуелниот директор дека нема да се исплаќаат пари во проектите под истрага, се гледа дека тие се уплатени на пријавени образовни институции. Така, на 19.05.2021 струшко училиште добива 1.879.123 денари, од кои на 14.06.2021 година ѝ уплаќа на првопријавената фирма 688.342 денари. На 28.12.2021 година универзитет, кој преку лице потпишано на тендерска документација се наоѓа во пријавата до Обвинителството, добива 2.615.930 денари, по што во три трансакции на 22.02.2022 година ѝ уплаќа 741.496 денари на првопријавената фирма.

ЕК: се прават препораки за поправање

Од Европската комисија за Нота.мк потсетуваат дека земјата еднаш е исклучена од програмите на Унијата.

„Врз основа на евиденциите на Европската комисија, подготвителните мерки за програмите за доживотно учење и млади во акција беа еднаш суспендирани во периодот од 2010 до 2011 година, и продолжија во 2012 година“, објаснува портпаролка на Европската комисија за Нота.мк.

Тогашната суспензија е поради истото лице, кое се јавува како првопријавено во 2019 година за измама на над 2,2 милиони евра – пари што сега од државниот буџет ќе се вратат во Европската комисија. „Каде што се идентификувани нерегуларности, таму соодветните суми се враќаат назад во Европската комисија“, додава портпаролката на Комисијата. „Доколку се појави сомнеж за измама во Националната агенција, Европската комисија и Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ, н.з.) го следат тоа според воспоставени правила“.

Во Брисел уверуваат дека се соработувало со Националната агенција, националните власти и независно ревизорско тело за да се направеле „поправни препораки и активности за зајакнување на системот за контрола и намалување на ризикот од измама и неправилност“.

Европска комисија Брисел

Во минатогодишниот извештај за напредокот на Македонија земјата доби критики дека препораките од претходната година во делот за финансиска контрола се „само делумно исполнети и тие остануваат валидни“. Затоа на Македонија ѝ се укажува „да ја подобри превенцијата, управувањето и известувањето за нерегуларности кои ги погодуваат фондовите на ЕУ“. Таа се оценува како умерено подготвена во делот на финансиската контрола.

Од Европската комисија за Нота.мк потсетуваат дека лани е забележан одреден прогрес во финансиските контроли, но нагласуваат дека „независноста на Државниот завод за ревизија сѐ уште не е гарантирана со Уставот“ и дека на Македонија ѝ е „препорачано да осигура ефикасно функционирање на мрежата на Службата за координација против измами“.

МОН: наодите од ревизијата се тајна

Прашани во Министерството за образование на какви забелешки наидуваат на средби со претставници на Генералниот директорат за образование, млади, спорт и култура во Европската комисија во однос на користењето на европските фондови, по повеќе од две недели одговараат дека содржината на состаноците со Европската комисија не биле информации од јавен карактер.

ревизија симбол слика

„Увид во целокупниот систем на работа на Националните агенции низ Европа секако има и Европската комисија. Доколку би имало неправилности и кршење на правилата на ЕУ-програмите, секоја Национална агенција првенствено би била спречена да работи“, одговараат од македонското Министерство за образование по обелоденувањето на информацијата дека земјата мора да врати над 2,2 милиони злоупотребени евра.

Ова министерство, според членот 25 од Законот за основање на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, заедно со Државниот просветен инспекторат, треба да врши надзор над работењето на Националната агенција. „По барање на Министерството за образование и наука ревизија може да врши и друштво за ревизија кое го избира Министерството за образование и наука“ стои во истиот член. Од Министерството за образование велат дека „имаат слобода за методите и начинот на кој ќе го организираат следењето и надгледувањето“. Прашани што откриле со ревизиите во Националната агенција, кои според македонскиот закон треба да ги прават, одговараат за ревизии од Европската комисија, кои биле тајна.

„Содржината на Упатствата кои ги издава Европската комисија не се информации од јавен карактер и за нив се потпишуваат Декларации за доверливост. Следствено на тоа и надзорот, наодите од следењето, како и наоди од страна на некоја ревизија или супервизија, која се организира редовно од страна на Европската комисија, поврзани со која било Национална агенција исто така не се информации од јавен карактер за да може едно министерство да ги сподели“, стои во одговорот од Министерството.

Профити по две основи: менаџирање и манипулирање

Од оваа институција велат дека секоја календарска година избираат ревизорска куќа со јавен повик. Во електронскиот систем за јавни набавки Нота.мк најде два огласи за независна надворешна ревизија на Националната агенција – од 2021 и 2022 година. До договорот по вториот оглас стои дека ревизорите треба да „ги проверат преземените активности во случаите на измама произлезени од претходни договори за доделување грантови“, како и „дали грантовите имаат добиено друго финансирање од Европската комисија“ и да „определат дали кој било од грантовите генерирал профит за корисникот на грантот“.

OLAF

Нота.мк повторно разговараше со еден од сведоците на ОЛАФ и ова лице тврди дека пријавените во мрежата на злоупотреба профитот го правеле по две основи. Едната е проектното менаџирање, за кое носителот на проектот месечно добивал 500 евра, а партнерите по 250 – пари кои не се правдале каде и како се потрошени. Тоа, собрано на повеќегодишно ниво, колку што трае некој проект, води до поголема сума. Втората основа за заработка, која всушност е измама, како што тврди сведокот на ОЛАФ, е лажно фактурирање на број на учесници и оттаму и лажно фактурирање на ноќевања во хотели, како и лажно претставување на поголем број ангажирани автобуси од тој во реалноста.

Сведокот на ОЛАФ објаснува дека за откривање на мрежата истражителите на ова тело на Европската комисија ненајавено упаѓале во институциите инволвирани во темата и направиле копии од податоците во компјутерите, враќајќи назад избришани мејлови и документи. Според ова лице, ОЛАФ покрај истрагата за злоупотреба на над 2,2 милиони евра направил и две други истраги за злоупотреби од поново време. Оваа информација Нота.мк не е во можност да ја верифицира.

За потсетување, Нота.мк од 18.03. годинава објавува серија текстови за злоупотреба на ЕУ-фондови и истраги на ОЛАФ. Десет дена по првата вест на Нота.мк директорот на Националната агенција, м-р Марко Ѓоргиевски на прес-конференција во Владата потврди дека Македонија од буџетот ќе враќа над 2,2 милиони злоупотребени евра. Нота.мк објави и документ од ОЛАФ од 2013 година, кој се однесува за истрага против исто лице, кое се јавува како првопријавено од вкупно 23 лица и во 2019 година.

EU

Во 2013 година Македонија од државниот буџет вратила 152.181,67 евра, по што ОЛАФ го затворил случајот. Истото лице, во 2010 година е разрешено од функција поради „неетичко постапување при распределбата на европските фондови“. Нота.мк објави поврзаност меѓу тоа лице и организации од Бугарија, Шпанија и Естонија, вмешани во мрежата на измама, но и поврзаност со Националната координаторка за евроинтеграции во Владата, Нола Исмајлоска-Старова. Лидија Димова најпрво за Нота.мк тврдеше дека во присуство на оваа поранешна пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ тогашниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, во партиското седиште барал од неа да ја повлече пријавата во Обвинителството. Димова тврдеше дека одбила, по што, според неа, ѝ се случила медиумска хајка и судски процес. Нота.мк објави документ од ОЛАФ дека против неа е направена истрага, но не се најдени докази за злоупотреба на пари од ЕУ. Нота.мк објави дека и покрај пријавата во Обвинителството и претходните потврдени случаи на злоупотреби на пари од ЕУ, преку проекти со образовни установи, универзитет, но и старски дом тие и натаму се слеваат кај пријавените лица, односно две фирми наведени во пријавата до Обвинителството. Обвинителството, пак, во изјава за Нота.мк тврди дека предистрагата била проширена и на други лица и дека таа и по четири ипол години не е завршена, затоа што нема законско ограничување на нејзиното времетраење.

Related posts

Денеска истекуваат 45 дена рок од ЕК за враќање на злоупотребените над 2,2 милиони евра

Ново одлагање доби осудениот во процесот против Лидија Димова

Европска комисија: Националната агенција е две години со нарушен статус

Поврзаност меѓу поединци и странски организации со првопријавеното лице за злоупотреба на ЕУ-пари

Се одчитува....

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading