Две години по ред Македонија, во споредба со останатите земји од Западен Балкан, губи најголема површина шуми во пожарите. Според податоците на Европскиот информациски систем за следење на шумски пожари, во периодот од 2020 до 2024 година, во Македонија биле опожарени 134.314 хектари земја. Од нив само во минатата година горело на 95.214 хектари шуми и шумски предели. Тоа се 36 проценти од сите шумски пожари во Западен Балкан, каде лани имало над 250.000 хектари опожарени шуми и шумски предели.
Пресметката на вкупната штета од пожарите во македонските шуми за периодот од 2000 до 2022 година е 170 милиони евра, што ја вклучува дрвната маса и трошоците за гаснење на пожарите. Кога кон неа би се пресметале штетите од пожарите во минатите две години, и губењето на живеалиштата, другите шумски производитуризмот, прочистувањето на водите, на воздухот и така натаму вкупната сума би била многу поголема.
Во 90 проценти од пожарите предизвикувачот е човекот. Така во македонски шуми кон границата со Бугарија горело и на први и на осми јануари годинава. Во тој дел од државата имаше пожари и минатата година, кои траеја три недели, и во 2021 година, кога изгореа скоро 4.100 хектари шума.
Во брифинзи со македонски институции ни беше посочено дека намерно се палат борови шуми, бидејќи калориската вредност на борот и по пожар е поголема, а со цел откуп на дрвото по поевтина цена со цел производство на пелети.
Новото раководство на Јавното претпријатие Национални шуми ни открива дека во шумарството имало огромен криминал и дека вработени оделе со фирми по пожарите за да направат профит. Покрај опожарено се сечело и неопожарено дрво без дозвола и тоа се прикривало со трупците од опожареното дрво.
Предметите за шумските пожари во македонското обвинителство често се затвораат без истрага, бидејќи нема доволен број на докази за делото. Предметите поврзани со шумските пожари најчесто се водат за кривичното дело предизвикување општа опасност. Со измени во Кривичниот законик, казната за делото предизвикување општа опасност станала повисока отколку за кривичното дело предизвикување шумски пожар. Во последниве години Обвинителството бележи тренд на зголемување од околу 10 проценти и на другите, но и на делата поврзани со шумските пожари.
Проблем за пријавување на подметнување шумски пожар е и што државата ја нема внесено во Катастарот целата површина под шуми, па може да се случи да се фати лице како пали шума, а на хартија да стои дека таа површина е пасиште.
Како индустријата на пелети го крие материјалот за производство? Колкави количини дрво се извезени од Македонија? Кои фирми добиле дозволи за извоз и кон кои земји е испорачувано македонско дрво? Зошто во Царината нема посебна евиденција за извозот на опожарено дрво? Како во Германија со форензички методи се анализираат продукти од дрво? Што ќе прави Македонија во скоро време за да ги сузбие мотивите за шумските пожари и нелегалната сеча? Гледајте во документарно-истражувачкиот филм „Шумите во пламен“, кој премиерно беше емитуван на телевизија Телма.
Автори: Александар Методијев и Сузана Мицева
Соработник: Станимир Вагленов
Истражувањето во Македонија, Бугарија и Германија за проблемите, штетите и решенијата со шумските пожари е поддржано од Journalismfund Europe.


