16/11/2026
нота.мк
Аналитичка Нота

50 лица и ентитети од Македонија и пет ЕУ-членки здружено ги поткопале целите на Еразмус+

ОЛАФ, во извештајот објавен за истрагите во 2023 година, открива детали од злоупотребата на средства на ЕУ во Македонија. При истрагите на терен во Македонија бил утврден конфликт на интереси и манипулација во постапката за доделување на проекти, а бил утврден и бројот на лица, организации и фирми вмешани во злоупотребата на средства од Еразмус+. Во македонското Обвинителство случајот и по четири ипол години и натаму е во предистрага.

Канцеларијата на Европската комисија за борба против измами во 2023 година спровела вкупно три истраги во Македонија, од кои една ја завршила со препорака – онаа за која Нота.мк од средината на март годинава информираше за враќање на над 2,2 милиони евра, злоупотребени пари од ЕУ-фондови.

„ОЛАФ ги истражуваше наводите за измама со погрешна распределба на средства за училиштата во Северна Македонија поради конфликт на интереси и манипулација со постапката за доделување (на проекти, н.з.) во период од шест години. Истрагата на ОЛАФ идентификуваше 50 засегнати лица и ентитети во Северна Македонија и во пет земји-членки на ЕУ. ОЛАФ со дигитални форензички операции изврши и проверки на лице место во просториите на консултантите“, стои во извештајот на ОЛАФ за истрагите во минатата година. Дека со ненајавен упад се влегувало во канцеларии и се копирале сите податоци, па дури и тие кои навидум биле избришани, за Нота.мк посочи сведок во истрагите на ОЛАФ.

На тој начин Канцеларијата на Европската комисија за борба против измами открила дека во шемата имало и учесници и од самата македонска Национална агенција за европски образовни програми и мобилност, но нивниот идентитет останал неидентификуван.

Извештај за 2023 ОЛАФ Македонија

„Чувствителни и доверливи информации во врска со апликантите и оценувачите на Еразмус+ биле доставени до консултанти од неидентификувани членови на персоналот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност на Северна Македонија“, објави ОЛАФ додавајќи дека информациите биле „искористени од консултантите за да се мешаат во постапката за евалуација и доделување на грантовите Еразмус+“.

ОЛАФ нагласува и дека кај над 15 македонски училишта било утврдено дека без овластување им дале на консултантите да бидат подизведувачи и целосно да имплементираат проекти од Еразмус +. „Ова ги лиши другите апликанти за Еразмус+ да добиваат грантови и ги поткопа целите на програмата Еразмус + за градење капацитети“, нагласува ОЛАФ во извештајот за Македонија.

Натаму оваа Европска канцеларија за борба против измами нагласува дека ја информирала Европската комисија за злоупотребата на над 2 милиони евра во периодот од 2016 до 2018 година и дека издала „административни препораки за зајакнување на процедурите и процесите, со цел подобро спречување на ваквите случаи во иднина“.

„Со оглед на потенцијалната кривична одговорност на бројни играчи, ОЛАФ исто така испрати извештај за своите наоди до судските власти на Северна Македонија“, стои во извештајот за земјава.

Обвинителство Скопје

Нота.мк праша во македонското Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција дали случајот е сѐ уште во предистрага, имајќи предвид дека тој е пријавен од страна на претходната директорка на Националната агенција, Лидија Димова, на 30.12.2019 година. Од Обвинителството одговорија дека случајот е во предистрага, во која се преземаат дејствија и носат наредби.

„По предметот по наредба на предметен јавен обвинител постапува Управата за финансиска полиција, чие постапување е неопходно во насока на расветлување на случајот и донесување на мериторна јавнообвинителска одлука“, стои во одговорото од ова Обвинителство.

Носењето на мериторната одлука значи одлучување што обвинителот ќе прави понатаму – „дали ќе отвора истрага, ќе го праќа на надлежност предметот или ќе го затвори. Така е согласно Законот за кривична постапка“, објаснуваат од Обвинителството. Претходно оттаму информираа дека за предистрагата нема законски утврден рок и таа може да трае колку што обвинителот смета дека е потребно да трае.

Предметот е оформен со спојување на два предмети – тој по извршените претреси и поднесениот извештај од ОЛАФ и тој по поднесувањето на пријавата од страна на Лидија Димова на крајот на 2019 година, бидејќи се утврдило дека се работи за истиот случај. Обвинителството кон крајот на март годинава за Нота.мк информираше дека „по добиено известување од Управата за финансиска полиција, и реализирани работни средби со претставници на ОЛАФ, е утврдено дека со истрагата на ОЛАФ  се опфатени повеќе субјекти од првично пријавените“, нешто што сега и ОЛАФ го објавува. Во пријавата поднесена од Димова се наведени 23 лица, од кои двајца грузијски државјани, а ОЛАФ во својата истрага регистрира вкупно 55 лица, фирми и организации во Македонија и пет ЕУ-членки.

Тие злоупотребувале пари од Еразмус+ фондот, со кој ЕУ го поддржува образованието, обуката, младите и спортот низ Европа. Програмите овозможуваат учениците и наставниците да го прошират своето знаење преку посета и обуки во странска земја. Иако ОЛАФ е дел од Европската комисија, тоа тело делува независно во своите истраги за корупција и измами, со цел осигурување дека парите на даночните обврзници во ЕУ завршуваат за нивната намена во проектите.

Нота.мк во серија текстови од 18.03. годинава објавува за истрагите на ОЛАФ, барањето за враќање на над 2,2 милиони евра злоупотребени пари од ЕУ, но и за врските меѓу лицата и фирмите, како и меѓу првопријавеното лице и Националната кординаторка за евроинтеграции, Нола Исмајлоска-Старова.

Нота.мк го објави и тврдењето на Лидија Димова дека се нашла во медиумски линч и судски процес затоа што го одбила притисокот од Зоран Заев и Нола Исмајлоска-Старова да ја повлече пријавата против лицата вклучени во злоупотребите ЕУ-средствата. За врвот на организираната група – лице со двојно македонско и бугарско државјанство, а блиско во минатото до ВМРО-ДПМНЕ, има и претходна регистрирана злоупотреба на европски фондови.

Лидија Димова

Нота.мк информираше и дека поради злоупотребите Националната агенција е неколку години со нарушен статус во Брисел и дека поради непочитување на рокот за враќање на средствата – 17.05.2024 година, Европската комисија скратила над 2,2 милиони евра од првата уплата за Еразмус+ за годинава и побарала македонското Министерство за образоване да ја покрие дупката во целост за проектите да можат да се спроведат.

Related posts

Се одчитува....

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading