ОЛАФ лани, освен во случајот со злоупотребата на над 2,2 милиони евра од Еразмус+, не утврдил злоупотреби на фондови од ЕУ во другите две истраги што оваа канцеларија на Европската комисија за борба со измами ги направила во Македонија. Од ОЛАФ за Нота.мк информираат дека поради тоа во тие случаи немало препорака за враќање на пари.
„Да, имаше три завршени истраги во 2023 година во Северна Македонија за користење на фондовите на ЕУ, менаџирани или потрошени целосно или делумно на национално или регионално ниво, од кои две беа затворени без препорака. Со други зборови, истрагите за овие два случаи се навистина затворени“, информира канцеларијата за печат на ОЛАФ.
Оттаму не можат да откријат во кои области постоел сомнеж за злоупотреба на европски фондови. „Сите информации што ОЛАФ може да ги објави јавно за својата истрага се содржани во Извештајот на ОЛАФ за 2023 година. Не сме во позиција да коментираме повеќе. Ова е со цел да се заштити доверливоста на истрагата и на сите можни поврзани постапки, како и да се обезбеди почитување на личните податоци и процедуралните права“, велат во ОЛАФ.

Прашани дали Европската комисија ќе инсистира на некаква казна за поединците, фирмите или Националната агенција за злоупотребата на парите, во канцеларијата за печат на ОЛАФ велат дека овој орган само спроведува административни истраги. „Каде што се детектирани потенцијални измами или неправилности, ОЛАФ ги испраќа информациите собрани во неговите истраги до надлежните власти за нивно разгледување и можни последователни активности“.
Во македонското Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во еден предмет ги имаат споено наодите на ОЛАФ и пријавата на Лидија Димова, поднесена на крајот на 2019 година. И по четири ипол години од таа пријава, случајот се наоѓа во предистрага, а Димова тврди дека по пријавата никогаш не била повикана во Обвинителството. Освен во македонските институции, таа ја пријавила злоупотребата и во Брисел, по што следувала истрагата на ОЛАФ затворена во минатата година со барање за враќање над 2,2 милиони евра.
Во неодамна објавениот извештај ОЛАФ откри дека 50 лица и ентитети од Македонија и пет ЕУ-членки здружено ги поткопале целите на Еразмус+.
„Истрагата на ОЛАФ идентификуваше 50 засегнати лица и ентитети во Северна Македонија и во пет земји-членки на ЕУ. ОЛАФ со дигитални форензички операции изврши и проверки на лице место во просториите на консултантите“, стои во извештајот на ОЛАФ за истрагите во минатата година. Дека со ненајавен упад се влегувало во канцеларии и се копирале сите податоци, па дури и тие кои навидум биле избришани, за Нота.мк посочи сведок во истрагите на ОЛАФ.

Канцеларијата на Европската комисија за борба против измами открила дека во шемата имало и учесници и од самата македонска Национална агенција за европски образовни програми и мобилност, но нивниот идентитет останал неидентификуван.
„Чувствителни и доверливи информации во врска со апликантите и оценувачите на Еразмус+ биле доставени до консултанти од неидентификувани членови на персоналот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност на Северна Македонија“, објави ОЛАФ додавајќи дека информациите биле „искористени од консултантите за да се мешаат во постапката за евалуација и доделување на грантовите Еразмус+“. ОЛАФ во извештајот нагласува и дека над 15 македонски училишта без овластување им дале на консултантите да бидат подизведувачи и целосно да имплементираат проекти од Еразмус +. „Ова ги лиши другите апликанти за Еразмус+ да добиваат грантови и ги поткопа целите на програмата Еразмус + за градење капацитети“, нагласува ОЛАФ во извештајот за Македонија.

Преку серија текстови од средината на март годинава Нота.мк информира за истрагите на ОЛАФ, барањето за враќање на над 2,2 милиони евра злоупотребени пари од ЕУ, но и за врските меѓу лицата и фирмите, како и меѓу првопријавеното лице и Националната кординаторка за евроинтеграции, Нола Исмајлоска-Старова. За врвот на организираната група – првопријавеното лице со двојно македонско и бугарско државјанство, а блиско во минатото до ВМРО-ДПМНЕ, има и претходна регистрирана злоупотреба на европски фондови.
Нота.мк го објави и тврдењето на Лидија Димова дека се нашла во медиумски линч и судски процес затоа што го одбила притисокот од Зоран Заев и Нола Исмајлоска-Старова да ја повлече пријавата против лицата вклучени во злоупотребите на ЕУ-средствата.
Нота.мк информираше и дека, поради злоупотребите, Националната агенција е неколку години со нарушен статус во Брисел и дека поради непочитување на рокот за враќање на средствата – 17.05.2024 година, Европската комисија скратила над 2,2 милиони евра од првата уплата за Еразмус+ за годинава и побарала македонското Министерство за образоване да ја покрие дупката за проектите да можат да се спроведат во целост.

