Доколку деновиве не достави доказ дека е земан кредит и уплатница дека во целост е вратен долгот во Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, на Александар Гочев ќе му се активира затворската казна, вели за Нота.мк извор од Основниот кривичен суд Скопје. Гочев, кој беше осуден во процесот во кој им се суди и на Лидија Димова и Ана Павлиду, за Нота.мк открива колкава сума му останува за враќање. На крајот на мај, тој се појави како сведок во процесот во кој беше осуден.
Изворот од Основниот кривичен суд открива дека пред неколку недели, а пред истекот на третиот рок што Гочев го имаше за подмирување на казната, тој добил дополнително пролонгирање од неколку недели, бидејќи информирал дека подигнал кредит за да ги врати парите во Националната агенција. Изворот вели дека оставаат временски простор да се достави уплатницата, затоа што некогаш имало проблем со пратките по пошта.
„Каде се чекало толку време, се дава уште некое време“, вели изворот од судот. „Доколку не достави доказ дека е подмирена целата сума, ќе му се отповика условната казна и ќе биде издаден упатен акт за испраќање во затвор“, вели изворот, кој тврди дека судот бил информиран оти кредитот бил земан на целата сума, која Гочев мора да ѝ ја врати на Националната агенција, поради незаконско подигање пари од нејзината благајна.
Гочев треба да ги врати парите по пресудата изречена лани во февруари, по признавањето на вина во обвинението за измама на штета на ЕУ. Националната агенција, според законот за нејзино основање, се финансира со средства од државниот буџет и од ЕУ. По пресудата, Гочев имаше рок до крајот на август лани да ги уплати парите, а во спротивно да му се активира затворската казна. Но, по барањето пред Кривичниот совет за пролонгирање, нему му се продолжуваше рокот за враќање на средствата најпрво до 15 мај, па потоа и до 15 јуни годинава.

Секое образложение од судот беше дека тоа е рок до кој морало да се уплатат средствата, а во спротивно ќе се активирала затворската казна, но и дека обвинителката била согласна со пролонгирањето, а судот имал намера на крај да се наплатат средствата.
Гочев за Нота.мк потврдува дека сега подигнал кредит, но и дека и покрај тоа му останува долг.
„Да, земен е. Вратени се досега 763.757 денари. Останати се уште 180.000 денари. Останува моја обврска уште 180.000 (денари, н.з.) да ги уплатам. Кога ќе биде уплатата, можам да известам на крајот на следната недела. Веројатно дотогаш ќе имам и покана со датум за рочиштетот на Кривичен совет“, вели Александар Гочев. „По враќање на долгот, Агенцијата каматата треба да си ја бара во посебна граѓанска постапка. Следно е Кривичен совет да донесе одлука по однос на условната казна“, додава Гочев.
Осудениот и во својство на сведок

Гочев се појави на 31.05. годинава како сведок на рочиште во Основниот кривичен суд, во истиот процес во кој беше осуден, и сведочеше против обвинетата Лидија Димова. Пред судот рече дека сакал парите да ги врати во 2020 година, но кредит не можел да добие. Парите, според него, се трошеле за работа на Агенцијата. Тој тврдеше дека признал вина не под присила, туку затоа што средствата наместо да се користат за патувања, како што биле предвидени, се користеле за организирање настани.
„Поради моја лична грешка, кога сум имал намера да ги вратам назад во Агенцијата – тоа беше десетина дена пред да заминам, поднесов барање за кредит, меѓутоа не ми беше потпишано од директорката“, рече Гочев при сведочењето на рочиштето на крајот на мај годинава. Димова не му потпишала, затоа што не бил вработен во Агенцијата, туку работел на проект.
Тој пред судот одговори дека имал средно угостителско образование и рече дека првично имал волонтерски договор, а потоа добил договор за надворешен соработник на Националната агенција и бил ангажиран на административни, логистички и технички работи, а бил ангажиран затоа што имал претходен колегијален однос со Лидија Димова. Гочев тврдеше дека немал ни тој, ниту колегите некаква обука и дека сами колегите се воведувале во работата со меѓусебна помош и на таков начин се учеле што треба да се работи.
„Во периодот во којшто сум работел немало никаков проблем во соработката меѓу никого – ни помеѓу мене и директорката, ни помеѓу мене и вработените“, рече Гочев пред судот на крајот на мај годинава, нагласувајќи дека соработката и комуникацијата била одлична.
Ќе враќал пари за работата на Националната агенција
Тој пред судот тврдеше и дека поради сопствеништво на само едно возило, Агенцијата во времето на директорувањето на Димова набавила уште четири возила, но не предвидела соодветен буџет за гориво за новите возила во 2018 година. Горивото за зголемениот возен пакрк се покривало со пари од благајната, за што, според него, уредно се приложувале фискални сметки во вкупен износ од околу 8.000 евра. Возилата се користеле за службени, но и за приватни потреби на вработените. Пари од благајната се земале и за реновирање на нови простории. Сѐ се одвивало на дневна основа, па кога му требале средства барал исплата од благајната. Тој рече и дека благајничката не му се спротивставувала и секогаш кога му било потребно ја исполнувала задачата, а и меѓу колегите се знаело кога тој подигал средства и за која намена го правел тоа.

„Со дел, во износ од отприлика 4.000 евра, беа покриени три настани, кои што се одржаа во Скопје. На 27 март 2020 во Агенцијата постоеше список на присуство, на лица од странство коишто беа присутни, агенда од настаните, фотографии од настаните, материјали од настаните, меѓутоа никаде не фигурираше како тие настани се платени. Значи, тие се организирани, се одржани, меѓутоа формално од Агенцијата не се платени. Платени се со кеш средства од благајната. И сметките за тие беа оставени во Агенцијата“, рече Гочев во своето сведочење со кое тврдеше дека ни горивата, ниту настаните биле формално искнижени како трошок на Агенцијата. Но, на прашање на Димова дали за настаните биле известени во Брисел, Гочев одговори потврдно.
Факсимил се користел за скоро сѐ од повеќе луѓе
„Писмена одлука во ниту еден момент немало“, рече Гочев пред судот, одговарајќи во однос на користењето на факсимилот потпишан од директорката. „Факсимилот е изработен некаде во почетокот на нашето работење. Ајде да речам дека било јануари месец. Не го памтам точно, меѓутоа скроз на почетокот. (…) Значи, факсимилот во мое ракување се наоѓа сѐ до месец мај 2018 година. Значи, од мај 2018 година сум го користел, меѓутоа не сум го поседувал“, рече Гочев пред судот објаснувајќи дека потоа го подигал од други колешки.
Тој тврдеше дека Димова знаела како се употребувал тој факсимил, дека не барала информации за што тој се користел и дека од правната служба му било речено дека тој не смеел да се користи само за документи за јавни набавки и вирмани пратени во банка, а за сѐ друго смеело.
Прашан дали бил овластен да пренесува наредби и задолженија од директорката до вработените, Гочев рече: „Искрено, не. Меѓутоа со текот на времето де факто да“ додавајќи дека координацијата при отсуството на Димова, поради службении патувања, се правела преку Фејсбук, Ватсап и Вибер гурпа и дека за сѐ барал дозвола од директорката.

Гочев пред судот рече дека не знае дали Димова поднела пројава против него, но по некоја пријава бил да даде изјава во Финансиската полиција и во Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Одбраната на Димова се произнесе дека го смета сведокот за компромитиран. Гочев тврдеше дека под присила на Димова и на еден адвокат потпишал изјава дека Димова не знаела за подигањето на парите.
Лидија Димова тврди дека процесот, кој се води против неа, е политички монтиран, затоа што се спротивставила на притисокот од Зоран Заев и Нола Исмајлоска-Старова да ја повлече пријавата поднесена на крајот на 2019 година против 23 лица за злоупотреба на фондови на ЕУ, меѓу кои првопријавеното лице е блиско до владината Национална координаторка за евроинтеграции.

