16/06/2024
нота.мк
Културна нота

Беседа за Гоце Делчев

Разбуди го Господи,

апостолот наш Гоце Делчев,

за сите преграб да рашири,

белки дома ќе нè собере,

белки духом ќе нè утеши

дека и малку сме токму за да имаме татковина

„Молитва за Гоце Делчев“ (одломка)
Иван Василевски

4 мај 2023, 120 години по трагедијата во Баница, век и дваесет лета подоцна: Се будиме со натежнати маглишта во душите ни, со пелин-зборови изречени кон тебе, кон мене, кон сите нас, кон мојата и твојата, кон нашата заедничка татковина, која како семка за`рти во Mанифестот на Илинденците во 1903.Денес Тебе Ти се обраќам татковино, Ти што ја живееш својата приказнаобременета со идентитетска криза, негирања со небулозни невистини, Ти што со чемер го испраќаш Македонецот, со благослов, да задоми дом таму некаде далеку, оти тука некој му го украл светиот пламен од огништето. Паралелно со реалноста, некаде во нашето колективно несвесно, живее сликата од едно длабоко сеќавање, за една болна загуба, за најголемата колективна болка и траума на Македонецот, смртта на Гоце Делчев, македонскиот идеолог и визионер, пацифист, белата мугра на македонското небо. Гоце Делчев е ликот од македонскиот историски континуитет, тој е ликот и опачината на македонските црнила, на една константа од македонската историја, на чашулевите црнила и стравот од братскиот нож в плеќи. И покрај сите падови, принудно наведнати глави и војувања за туѓи војски, Македонецот со Гоцевиот аманет на чело, секогаш наоѓал сила за нов простум, за ново издигнување и извишување кон сонцето. И тука, меѓу простумот и црнилата опстојуваме со векови.

убиство гоце делчев

Сведочиме време во кое насилно се откорнуваат камења од македонските бедеми, за да се вградат во нечии туѓи истории, лажно да крепат и да ги прикријат пукнатините. Настрвени песјаци застрашуваат од устите на гладните, за туѓи истории и мината. И чуму тогаш бесмислените трагања по Гоцевото чувство на припадност?! Гоце загина бранејќи го телото на родината, да не би му отворат уште една рана, додека старата уште крвари, да не го осквернават и растргнат. Загина тој чувајќи ја мајчината утроба од разјарените гладни усти со блеснати песјаци на оние кои ненаситно гладуваат по туѓото.Замина синот, кој со стегната тупаница, со дланка прободена од `рѓосан брут, со себе ја однесе македонштината. А, таа пак,чиниш се притаила таму некаде меѓу редовите на пожолтените, со мирис на восок црковни книги, се притаила под прагот на манастирските врати чии камбани тревожно биејќи, го повикувале народот на востание. Македонштината е во молитвата изговорена на нашиот древен јазик, таа е во шепотот на мајката, која клекната пред иконата и кандилото проси божја милост за своето чедо, таа е во песните, во тажачките, таа е во тишината меѓу два збора и две мисли.

И кога и да погледнеме назад, пред нас стои нашата, македонската историја, историја на востанија и војни едноподруго водени, неименувани, стихијни, порази, регрутирања, па нови востанија,  Илинден и АСНОМ, па нови кофликти, нови гробови и изгорени мајки. Тоа е тој народ кој никогаш не тежнеел да приграби нешто што не му припаѓа, ниту пак гаел чувства на нетрпеливост кон другиот. Тој питом народ, тој „дрзок селски дух“ како што велеше Конески, крикнувал силно: Слобода или смрт, таа мисла, вели академик Старделов, „го определува историското битие на нашиот народ како востанат народ, тој станат народ станувал народ постојано востанат“.И каква иронија на судбината! Нашата борба денес да биде борба за опстојба на македонскиот јазик и татковината ни Македонија, борба на младата македонска учена интелигенција, која катаден се окуражува да ги рашири крилјата и да го напушти јатото, скршена и поразена во донкихотовската борба со ветерниците. Наместо исполнување на Гоцевиот свет завет, ние, борејќи се со сеништата од минатото и самите се заплеткавме во нивните долги раце. Нашето денес е време на создавање комфорност без труд, време на полжавот, кој лачејќи леплива тинктура ќе се искачи до врвот, време на умисленост и заслепеност од лажна и привидина големина, празнина на духот, бездна без дно во која човекот пропаѓа полека, тивко, што дури чувствува некаква леснотија и задоволство.

слобода или смрт
гоце со другарите

Овде на немирниот Балкан, овде во подножјата на зелените планини, сѐ уште жуборат изворите што ја раскажуваат приказната за Македонецот. А, ако сакате да го најдете, побарајте го по беспаќата во колоната прогонети од родните огништа на Егејот, побарајте го на боиштата, на барикадите, видете како со голи раце, таму горе на Мечкин Камен ѕида Република, како во партизанските ровови тагува по згаснатите очи на другарката-партизанка. Ако сакате да го најдете Македонецот, ѕирнете и во тесните улички и сокаците, таму сокриен, го чека во заседа својот брат, кој претходно за грст златници го предал. Таму ќе го видите Младичот, кој со идеалот на градите, тргнува да го убие „крвавиот непријател на македонскиот народ“, без да знае дека пука во самиот себе. Тргнете по беспаќата, ќе згазнете во локва крв пролеана од братска рака, ќе најдете крвав нож фрлен во ендекот покрај патот, ноќта по крвавиот пир

И еве нѐ денес, исправени простум пред новите битки кои во гоцеделчевски манир треба да ги водиме, за да го разбереме светот, кој за жал, од ден на ден станува сѐ поконфузен, понеразбирлив, свет кој се гуши во една какафонија од зборови кои градат нови Вавилонски кули. Вистината е една: Грдото никогаш не ѝ простува на убавината, приучените на учените, квазиинтелектуалците, на оние вистинските со ѕвезда на челото, а големите на помалите од нив, кои имаат што да му понудат на светот.  Истите тие не му простија ниту на Делчев, наместо тоа, го фрлија во рацете на непријателот и утрото на 4 мај ја расплакаа Баница, чија земја и денес го чува мирисот на Гоцевата крв. Таа крв како ѓурѓовденско јагне заклано за жртва во очи големиот празник, беше пролеана за ние денес да останеме достојни на простумот, на кој нѐ научи тој, учителот и великанот.

роденден гоце
гоце дете

Трагична е македонската константа и усилба да се одродиме еден од друг, да го потиснеме другиот, да му згазнеме на врат, за ние да се извишиме.  Во време на борба на глутници, Делчев копнеел по свет кој ќе биде поле за културен натпревар меѓу народите , свет кој за жал сѐ уште се дави во сопствената некултура, омраза, беда, порив за самоуништување. Гоце, младиот човек од мракот на едно волчјо време, својот живот го положи на одарот на татковината, за ние денес да живееме во восклик со простумот. Гори и жари вистината дека за простумот се гине, се умира, за простумот животот не е најсвет, туку идеалот кон слободата и татковината. Слободата како императив на Гоцевата идеологија не подразбира само татковинска слобода, таа ја носи со себе слободата на мислата, на духот, слободата на избор, творечката слобода, уметничката слобода и слободата воопшто како магна карта за човекот. И денес Гоце стои на ветрометината на историјата, од една страна дивеат бурите коишто ги заплиснуваат беломорските води, од друга страна пиринските ветрови, кои наспроти желбата за замолкнување, ја шират и носат надалеку македонската песна, онаа омилената на Гоце: Ајде мори кукни, кукавице,
кукни, да не кукнеш!

„Не ме дума минатото, ме дума денот од утре како ќе го толкува моево денес!“, велеше великиот Конески. А, нашето денес постои, само како аргумент на силата и волјата на оние пред нас. Оваа зграда зад мене, оваа многузборлива немотија (како што велеше Гане) стои денес за да говори за минатото во кое еден голем ум со визионерски поглед гледал низ прозорецот кон планината, сонувајќи ја слободата на својата земја, додека неговите ученици го слушале и му се восхитувале.„Во училиштето копнеев за човечка љубов, за слобода, пред сѐ, а неа нигде кај нас не ја гледав, не можев да ја најдам. Смислата на животот не ја гледам во тоа да јадеш, да живуркаш и да умреш. Тоа е како да не си се ни родил“. Таа негова мисла нека ни биде spiritusagens (духовна водилка) на сите нас кои денес за покров го имаме овој прекрасен Универзитет, којшто го носи името на Големиот водач. Водени од неговата максима, свесно и одговорно да тргнеме со ум, со знаење и научна актива да се натпреваруваме со светот, a не со суета и злоба.

гоце делчев на коњ

И на крајот ,покојниот Горан Стефановски, говорејќи за нашата, за македонската приказна ќе рече: „Ни треба макотрпна работа за да ја утврдиме и ускладиме нашата автентична и суверена приказна. Ни треба востание на визија, волја и ум; на упорен труд. Државите се прават со жртви и крв, но се чуваат со работа и памет. Пред сто години, Илинденските херои, својата волја за држава ја потврдија со својата автентична и убедлива смрт. Ние денес, нашата волја за оваа држава, мораме да ја потврдиме со нашиот автентичен и убедлив живот (затворен цитат). И затоа Гане Тодоровски оплакувајќија во песна Гоцевата смрт ќе рече:

Друга смрт таква ти не ќе дочекаш скоро,

на таков свој заљубеник што само Тебе те имал.

Ој неразвенчана Гоцева изгоро,

ој, Македонијо, ој рано многуимена! Слава му!

д-р Ана Витанова-Рингачева

Се одчитува....

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading