Излезе од печат новиот роман „Божик под Беласица“. Насловот потестува на некоја празнична романса. Каква приказна раскажавте овојпат?
Токму таква. Навидум е романса што се одвива за време на новогодишните и божикните празници, но на едно друго подлабоко рамниште станува збор за потрага по идентитетот. Романот е пресретнување на два света, не само географски определени, туку и религиозни, бришење на границите, не само физичките, односно станува збор за спојување на световите, на љубовта, и на онаа безусловната, семејната, но и на онаа што го избира животниот партнер, како и на хуманоста.

Романот има не еден туку повеќе носечки ликови и дејството се случува во два временски периода: крајот на Првата светска војна и денес, на две различни места на Земјината топка: Подгоријата и Америка, најмногу во Банско и Њујорк.
Не би откривала повеќе. Би им оставила на читателите да го разоткриваат напишаното.
Мотивите од природата, од подбеласичкиот крај честопати се среќаваат во Вашите раскази. Се раздолжувате ли на тој начин кон вашето родно место, или сликите од детството се пресилни и постојано ги оживувате пишувајќи за нив?
Моето потекло е од Мокрино. Моите родители се од Мокрино и секое лето, како и сите празници, ги поминував во Мокрино. Ние бевме семејство со многу внуци на баба ми и дедо ми, така што сè уште имаме приказни за раскажување. Тоа беа лета исполнети со детски џагор, смеа, понекогаш и плачење, но на крај сè завршуваше со шеќер на лепче. Потоа сите се разбегавме низ светот.
Еден период мене ме врзуваа болни спомени за Мокрино, но со текот на времето, да не речам со возраста, имав потреба да излезат од мене. Јас тоа го правам на начинот што најдобро го умеам: со пишување. Освен тоа, тоа е предел полн со приказни што чекаат да бидат овековечени. Нема ништо подобро кога реалноста ќе ја преточите во литерарна фикција и обратно. Сè што сум слушнала за Мокрино и мокринци од век и векова се обидувам да го литераризирам. Се надевам дека на тој начин Мокрино влегува во македонската книжевност како централен топос на моите приказни.

Вашето прозно и поетско творештво е специфично по тоа што секогаш одбирате да пишувате за обичните луѓе од нашето соседство, безимените работници на нивите, во фабриките, отселените, луѓе кои остануваат незабележани во секојдневието, но Вие ги пронаоѓате. Како се случува тоа поврзување со нивните приказни?
Секој од нас е приказна за себе. Нема само среќни и само несреќни луѓе, не постои само тага или само радост. Токму тоа сакам да го потенцирам во моите раскази. Еден обичен живот, една обична сторија сакам да ја овековечам. Секој од нас заслужува да остави трага на овој свет.
И вашата збирка раскази „Заорани“ носи човечки судбини од овој крај. Како реагираа луѓето кога ја претставивте книгата?
„Заорани“ е само почеток на сагата за Мокрино. Замислена ми е како трилогија што ќе заврши со една дистопија. Но тоа е проект на кој работам подолго време. А на „Заорани“ чинам работев сиот мој живот. Тука е сè она што сум го слушнала од моите баби прабаби, а најмногу од мојата мајка. Таа е енциклопедија за жителите на Мокрино.

Можеби и поради тоа што пишував за ликови што постоеле, некои од нив се преминати и во легенди, книгата беше повеќе од одлично прифатена не само од мокринци, туку и од читателите од Струмичко воопшто. Се препознаваат пејзажи, обичаи, фолклорот и судбините. „Заорани“ доживеа две изданија и мислам дека со тие раскази стекнав верна читачка публика, за што сведочи и во моментот големиот интерес за „Божик под Беласица“
Кои се точките за идентификација на Струмичани во најновиот роман?
Тоа се во физичка смисла сите места под Беласица, самиот град Струмица, но и обичаите што ги практикуваме за Божик. Она за што сум особено среќна е хуманоста на струмичани на која ѝ давам посебно место во романот, а е поврзана со Центарот за рехабилитација во Банско. Струмица и Струмичко изобилуваат со култни места. Некои сум ги спомнала, некои сум ги навестила, а некои допрва ќе се најдат во некое мое ново писание.
Дали литературата може да биде добар туристички водич и промотор?
Секако дека може. И не само литературата, туку уметноста воопшто. На пример, многу места што сум ги посетила било затоа што сум била заинтригирана од некоја книга или уметничка слика. И особено е чувството кога пак ќе прочитате нешто за некое место што веќе сте го посетиле. Мислам дека тоа им го нуди „Божик под Беласица“ на читателите: Мокринските Извори, Пирогот, Брлен, Смоларскиот и Колешинските водопади и топлите води на Банско. Контраст што заслужува внимание, односно прочит.
Интересот за „Божик под Беласица“ излегува од границите на локалното, регионалното. Се надевам дека така ќе биде и во иднина.
Интервју со Лилјана Пандева

