Целиот живот го спакувале во еден куфер, за да дојдат во сосема нов свет: Со психологот Мирјана Јовановска Стојановска за последиците по менталното здравје на бегалците

Жените бегалки се лесна мета на злоупотреба, а воените конфликти кои стануваат нивно секојдневие, оставаат далекусежни последици по нивното ментално здравје. Ова е ставот на претседателката на Комората на психолози, Мирјана Јовановска Стојановска со која разговаравме за траумите, психосоматските реакции и интеграцијата на бегалките. Нивната сексуална злоупотреба веќе беше тема на истражување на тимот на САМО ПРАШАЈ, кој разговараше со УНХЦР, но сега го актуелизира и прашањето за последиците кои воените конфликти ги остават врз благосостојбата на овие ранливи групи.
Од каде беа бегалките кои добија помош и поддршка од Ваша страна? Раскажете ни за вашето искуство…
Моето искуство е работа со жените кои дојдоа од Авганистан. Тоа беше една голема група на луѓе. Беа околу 200-300 луѓе кои беа сместени во хотели. Тоа беше во текот на 2022 и 2023 година. Значи беа големи групи на Авганистанци кои дојдоа тука и половина од нив беа жени. Сега од минатата година од 2023 па и сега, работам со жените од Украина. Откако почна војната таму па досега, значи работам и со жени дојдени од Украина.
Жените од Авганистан се дојдени во периодот кога Талибанците дојдоа таму?
Да, откако Талибанците ја презедоа власта таму, големи групи на Авганистанци кои соработувале, не тие што доаѓаат преку граница. Овие дојдоа организирано и најголем дел потоа отидоа за Канада. Тоа беа луѓе кои работеле за претходната Влада во Авганистан и работеле во некои амбасади или здруженија, нешто што било напредно. Меѓу нив, имаше луѓе кои работеле по универзитети, жени кои биле докторки. Кога дојдоа Талибанците веќе беше забрането жените да работат, да излегуваат, да бидат активни.
Какви трауми остави ова врз нивното ментално здравје, што кажуваа во нивните сведоштва?
Прво, беше многу тажно и шокантно да се види тоа. Јас лично не сум имала такво искуство меѓутоа тоа беа жени кои го поминале својот живот доста активно, се школувале, работеле…една од нив возеше такси, беше жена таксист. Тие целиот свој живот го поминале во својата земја со свои специфични обичаи ама доста слободни, едуцирани, еманципирани. Од нив имаше доста со по две деца, немаше некои големи семејства. Тие дојдоа од еден свет поразличен од нашиот и сите беа трауматизирани од она што се случило. Сите избегале од таму. Транспортот бил организиран така што им кажале од денес за утре дека ќе летаат, мислам дека прво оделе до Дубаи и им било кажано дека е дозволено да земат само по еден куфер. Значи од целиот свој живот што го имале таму можеа да земат само еден куфер и да ги напуштат своите куќи, своите домови, своите блиски (родители, сестри и браќа) и да избегаат со помислата дека всушност никогаш повеќе нема да се вратат.
Тие се избегани од таму затоа што нивните животи беа загрозени. Избегаа од нешто што беше животозагрозувачки, но тоа бегање значеше дека ќе го остават целиот свој живот, сѐ што правеле и твореле. Да се земат себеси, да ги земат децата или мажот и да избегаат од таму.
Кои беа нивните предизвици во Македонија? Дали споделија каков е односот на нашите институции?
Тие живееја многу затворено затоа што хотелите во кои престојуваа беа обезбедени со полиција. Тие не дојдоа многу во контакт со нашата култура, со нашата земја. Ние, психолозите кои работевме со нив, како и волонтерите од Црвен крст го претставувавме контактот односно мостот меѓу оваа земја и бегалците кои дојдоа.
Јас им носев еклери, баклави, боза, некои наши национални јадења кога работев со групите за да им покажам делумно како ние живееме овде. Ние бевме претставници на нашиот народ, на нашата култура. Се трудевме да бидеме најљубезни што можеме и да се чувствуваат како дома, но сепак тие живееја во екстремни услови. Сите имаа по една хотелска соба со два или три кревета. Тоа задоволуваше некои минимални животни потреби, имаа храна во хотелите каде што готвачите се обидуваа да зготват некоја храна слична на нивната. Беше тешко бидејќи требаше да одржуваат и хигиена и сопственото здравје, некои од нив беа бремени кога дојдоа, имаа здравствени проблеми.
Како се манифестираа нивните трауми? Дали имаа панични напади или некои психосоматски реакции?
Тие се многу затворена заедница и проблемите си ги решаваат внатре во семејството или меѓу нив во групите. Ни требаше време за да изградиме доверба со нив и да бидат пооотворени, да ни раскажуваат. Затоа што тие не се научени проблемите да ги споделуваат.
Дали е тоа дел од нивниот менталитет, да не се зборува за предизвиците со менталното здравје?
Сѐ што се случува тие мислат дека треба да остане дома, зад затворена врата. И на нас ни требаше време ние да научиме како тие функционираат затоа што немаше смисла да ги тераме на сила да зборуваат за нешто и не може да зборуваат ако не сакаат. Ние им нудевме помош со тоа што почнувавме од општи работи дека сега нивниот начин на живот се сменил, па ги прашувавме како се чувствуваат тука, па Црвен крст им правеше „женски вечери“ каде што се готвеа посебни јадења. Да живееш со месеци во хотел е нешто што е неверојатно стресно.
Им требаше време да се опуштат и не сите направија контакт со нас. Држевме групи во кои сите можевме да зборуваме за психосоцијална поддршка, да зборуваме за тоа како живеат. Значи од моменталните случувања до тоа како би можеле да се прилагодат. Имаа само еден куфер, а веќе почна зима па им требаа јакни, почна да студи. Им се носеа алишта и нормално дека тоа беа минимални услови за живеење. Така што, сепак и во тие неколку месеци што беа овде, пробавме да ги социјализираме со она што моментално се наоѓаа и што се случуваше.
Малку од нив пријавија дека имаат проблеми со менталното здравје, дека имаат панични напади, стравови, а претпоставуваме според тоа како ги гледавме, дека повеќето од нив имаа такви проблеми, но тие не го споделуваа тоа со нас.
Си зборуваа меѓу себе и повеќе се потпираа не лекови затоа што е тешко да дојдеш во една земја во која луѓето се толку различни. Како што нам ни беше различна нивната култура, така и ним им беше различна нашата.
Доживувањето дека живееш во хотел опкружен со полиција, во кој не може да дојде секој и од кој не може да излезе секој… тие не можеа да излезат слободно во град, па потоа почнавме да организираме да ги носиме во некој мол за да прошетаат и да купат нешто.
А какво беше искуството со жените од Украина? Веројатно сведоштвата се испреплетуваат бидејќи и тие доаѓаат од војна, но што споделија?
Жените од Украина се поевропски ориентирани. Начинот на живеење и функционирање е посличен со нашиот. Особено што нивното доаѓање не било организирано, тие имаа идеја да дојдат затоа што некои од нив се мажени за Македонци или поради тоа што имале некои роднини тука или пријатели.
Тие што јас ги сместив кај мене после почетокот на војната беа луѓе што се познаваа со мојот сопруг. Односно друг маж кој го знаеше него ги прати жената и детето, па со неа дојде уште една жена со две деца, па уште една жена со деца.
Значи тие луѓе дојдоа во вашиот дом преку пријатели, тоа не беше поврзано со професијата?
Да, тоа беше неповрзано со професијата. Тие најдоа куќа за изнајмување зад мојата зграда и сѐ уште живеат таму. За мене беше шок и кога ги пречекував на граница за да ги донесам тука. Чудно беше.
Што споделија, кои биле нивните стравови додека доаѓале наваму?
Пред сѐ тие раскажуваа дека било стресно самото патување. Додека возеле имало воени пунктови каде што ги застануваат и прашуваат каде патуваат, им барале документи. Поминувањето на границата е стресно. Патувањето низ Европа е побезбедно, но исто така е стресно затоа што треба да преспиеш некаде по пат. Стравот од војната, од умирачки, од разрушени градови. Ги оставија своите родители, баби и дедовци таму, оставија домови. Сѐ што печалеле цел живот… Доаѓаат тука да живеат со она што претходно го заштедиле.
Или имаше случаи во кои мажот остана во Киев за да работи, а жената и децата се тука.
Дали тоа имаше влијание на семејните односи, таа енормна физичка дистанца?
Па нормално дека има, да живееш една година раздвоен. Сепак добро е што имаат интернет па цело време се на телефон со роднините, со мажот, па можат да се видат и да разговараат.
Самиот раздвоен живот прави проблем. Живот во туѓа земја чиј јазик не го разбираш и обичаи и начин на живот. Сепак сме различни. Мислам, ние со нив сме послични отколку со Авганистанците ама сме различни во живеењето. Храната им е различна, им недостасуваат нивните вкусови. Не беа сите спремни да доаѓаат да добијат психосоцијална поддршка. Оние што доаѓаат, по моја проценка може да кажам дека подобро се справуваат со проблемите кои се јавуваат со менталното здравје затоа што кога доаѓаат групата станува кохерентна. Се здружуваат, си ги делат емоциите, преживувањата, соништата. Се чувствува една голема носталгија кај нив за домот, за земјата во која си живееле. Надежта ги држи дека ќе биде подобро за разлика од Авганистанците кои избегаа и отидоа во Канада и тие нема да се вратат во својата земја.
Не додека Талибанците се таму затоа што нивните животи се директно загрозени.
Украинците се загрозени од војната што ја има во земјата.
Вие во вашиот дом сте имале луѓе од Украина, но дали беа организирани психолошки сеанси со бегалците од оваа земја исто како и со тие од Авганистан?
Со Авганистанците тоа го организираше Црвен крст, но исто и со Украинците организираше Црвениот крст, а јас сум волонтер таму. Јас со Украинците работам затоа што зборувам руски јазик и на нив им беше поудобно да зборуваат во смисла на тоа дека немаше јазична бариера. Тие сите го учеле рускиот јазик и го зборувале со години. Јас учам украински, но не сум добра во тоа сѐ уште. За нив Русите се агресори и сега кога зборуваш на тој јазик зборуваш на јазикот на агресорот. Но групата го прифати тоа и имаме членови кои доаѓаат одвреме-навреме, некои се редовни. Тие што се кај мене не доаѓаат во група, некако полесно се социјализираат поради мене и тоа што со мажот ми ги прифативме. Се чувствуваат побезбедно, комуницираа со институциите преку мене.
Дали Украинците се соочија со некакви стереотипи и предрасуди тука во македонското општество од граѓаните? Имаа ли некакви предизвици со македонските институции?
И тие се соочуваат со истото со кое и ние се соочуваме. Како работат институциите, ќе отидете во зградата на МРТВ каде што е одделот за странци и ќе најдете многу вработени на премал простор, редици пред вратите…Но можам да кажам дека службениците што работат таму во тие услови на работење излегуваат во пресрет и се љубезни.
Украинците што беа сместени кај мене јас ги пријавив во првите 24 часа во полиција како што е редот.
Постои ли ризик бегалците како поранлива група да биде искористени, злоупотребени? Дали има стереотипи во нивната нова локална заедница каде што живеат, работат, каде што се движат секојдневно?
Украинците кај нас беа доста добро прифатени затоа што личат на европски луѓе и во облека и во однесување. Нема некои големи проблеми особено што сите сочувствуваа со нив поради војната во Украина. Единствено начинот на кој ни ефункционираме е малку поразлично од тоа како тие функционирале таму, храната им е различна бидејќи има некои зачини што ние ги немаме. Ама сепак слични сме. Моловите ги имаат сличните брендови како нивните во Украина, така што им се допаднавме како нација бидејќи сме гостопримливи.
Црвен крст организира и бесплатни курсеви за да го научат македонскиот јазик и подобро да се социјализираат. Прави забави за децата за празници или за Нова година, споделуваме рецепти.. нема голема и драстична разлика како со Авганистанците.
Украинците си живеат во станови слободно низ градов, а ги има и во други градови во Македонија. Меѓу нас живеат и слободно се движат, додека Авганистанците беа ограничени во движењето. Тие не можеа да излегуваат и да шетаат бидејќи ги чуваа да не бидат нападнати и да не им се случи нешто.
Тие доживуваат шок од војната, од загинати блиски луѓе…
Дали и какви последици остава тоа врз менталното здравје на долг рок? Со тие глетки, звуци на куршуми…?
Да, но стресно е и самото постојано добивање на информации.
Може ли ова да се одрази на долг рок особено кај децата во градењето на нивната личност?
Да. На пример, никој од нив ова нема никогаш да го заборави и секогаш ќе стои затоа што ова е катастрофа. Војната е катастрофа. Доаѓањето на Талибанците, за нив претставува катастрофа. Отселувањето од домот е катастрофа. Не се тоа стресови што ние секојдневно ги доживуваме туку се баш катастрофи што тие ги преживуваат. И тоа трае. Не ја доживеале катастрофата сега па од утре да почнат да се опоравуваат. Катастрофа која трае, трае, трае долг период и која ги исцрпува способностите на личноста да има механизми да се справи.
Нормално, доаѓаат во ситуација да почувствуваат депресија, да ги обземаат стравови, па тоа да влијае на квалитетот на сонот, на квалитетот на живеење. Ќе им треба време и време, барем на тие Авганистанци што отидоа во Канада, да се прилагодат на новото место на живеење, а ќе треба и работа да најдат. Тие што отидоа на пример, со завршен медицински факултет или инженери, таму нема да им се признаат дипломите. Ќе работат работа во услужна дејност или нешто што е далеку од нивните способности и од она за што учеле.
Овде Украинките пробуваат сега да си најдат работа, дали во козметички салон или друго. Па и тука има стотици документи што треба да ги направат за да може да си најдат работа. Се соочуваат и со проблеми во менталното здравје бидејќи имаат силни емоции на тага, немоќ, но и со практични проблеми бидејќи секоја година мора да вадат нови документи. Иако нашите институции недобро работат, целиот тој обид да се вклопиш во општеството е траума и стрес.
Ваквите групи што ги држиме претствуваат некаква помош. Во вакви ситуации ним им треба и практична помош, а не само психолошка поддршка. Но ете, на некој начин им помага и ова да се прилагодат на условите во кои сега живеат. Како да ги намалат тие последици од трауматските доживувања, да си најдат сили во себе и да се соочат со она во кое се, да ја прифатат ситуацијата и да ги бараат решенијата кои се најдобри во тој моментот затоа што веќе преживеале и сега не се во животна опасност. Прашање е како сега да го градат својот живот.
Какво е искуството на вашите колеги психолози кои работеа во камповите со бегалците?
Ние некако доаѓавме во хотелите со бегалците и се враќав дома. Некако овие услови во кои јас работев се почовечки. Во камповите доаѓаат измачени луѓе кои бегале со месеци, живеат во уште поекстремни услови и тоа што моите колеги и волонтерите на Црвен крст не добиваат соодветна помош за нив. Ним им треба психолошка поддршка за да можат да го издржат тоа. Тоа е страшна траума.
Во овие ситуации жените можат да бидат мета на злоупотреби. На секакви злоупотреби. Жените се полесен таргет за сексуална злоупотреба, затоа што многу жени го кажале тоа. Тие информации генерално се затворени, но се случуваат парични измами, злоупотреба физичка и сексуална…во секоја смисла. Жените и децата се полесен таргет.
Дали пријавуваат во институциите?
Ако кажат на психологот тоа ќе биде пријавено, но има случаи кога не кажуваат бидејќи се плашат особено ако тие што го извршиле делото се сѐ уште тука.
Вие како психолози дали ги проследувате тие информации?
Јас ако добијам таква информација морам да ја проследам. Но кога имаме информација дека нешто се случило, понекогаш жртвата не сака да зборува. Знаеме дека нешто се случува, но жртвата нејќе да зборува за тоа.
А во случаите што ги пријавивте до МВР што следуваше потоа? Имаше ли разрешница?
Па јас репортирам на Црвен крст и тие го проследуваат тоа понатака. Не пријавувам јас лично туку до организацијата која ме ангажира. И секогаш институациите се грижат, тоа не останува без одговор. Институциите се обидуваат да ги заштитат децата и жените.
На кој начин се заштитени?
Го обезбедуваат местото каде што се сместени, ќе бидат чувани значи нешто ќе се направи. Ќе добијат медицинска помош да ги однесат на гинеколог, се води грижа за тоа. За жал некои работи не може да се предупредат и нема превенција. Некогаш се случуваат.

