21/05/2024
нота.мк
Аналитичка Нота

Европска комисија: Националната агенција е две години со нарушен статус

Европската комисија неодамна ѝ испратила налог на Македонија за враќање на злоупотребените над 2,2 милиони евра, потврдува за Нота.мк портпаролка на Европската комисија. Информацијата од Брисел и за нарушениот статус доаѓа во ист ден кога Фридом хаус објави дека Македонија бележи пад во судството и корупцијата.

„Како резултат на истрагата на ОЛАФ, Комисијата неодамна издаде налог за наплата“, вели за Нота.мк портпаролка на Европската комисија и додава: „Националната агенција е во статус на ‘делумно уверување’ (или ‘мислење со резерва’, н.з.) од почетокот на 2022 година, поради големиот број на набљудувања во областите на управувањето и спроведувањето на (ЕРАЗМУС, н.з.) програмата“. Формулацијата со која се изразува мислење со резерва се однесува на доверба или гаранција која не е целосна и тоа значи дека одреден критериум е исполнет во одредена мера, но не и целосно.

Делумното уверување, вели портпаролката на Комисијата во изјавата за Нота.мк, е дел од методологијата на Комисијата за осигурување дека системски прашања во националните агенции внимателно се рефлектираат во стапката на грешка, и во износот изложен на ризик, во годишниот циклус на известување. Давањето на таквата оценка за мислење со резерва е јавно, со цел обезбедување одговорност.

Европска комисија Брисел

„Глобална стапка на грешка од 5% се припишува на буџетот на националните агенции кога има висок кумулативен број на проблеми со управувањето и внатрешната контрола, а кои треба да се поправат. Оценувањето како ‘делумно уверување’ се прави транспарентно и јавно за да се обезбеди одговорност и следење“, објаснува портпароллката на Европската комисија во изјавата за Нота.мк.

Препораки за заострени процедури

Европската комисија веќе дала препораки за заострување на процедурите. Министерството за образование, една од адресите за препораките, ја надгледува работата на Националната агенција.

„Како последица на тоа, во Северна Македонија, Европската комисија тесно соработува со раководството на Националната агенција и со Министерството за образование и наука, во неговата улога како национален орган кој ја следи и ѝ прави ревизија на агенцијата, и даде конкретни препораки за заострување на процедурите, за да се осигура дека неправилностите забележани во истрагата на ОЛАФ нема да се случуваат во иднина. Како дел од нејзините надзорни процедури, кои вклучуваа надзорни посети во 2022 година, како и неодамна во ноември 2023 година, Европската комисија ги следи препораките на редовна основа, за да осигура дека тие се имплементирани во целост. Иако сè уште треба да се постигне напредок, Националната агенција во моментов прави напори за подобрување на ситуацијата“, оценува портпаролката на Европската комисија.

Нота.мк од 18.03. информира за истраги на ОЛАФ, злоупотреба на европски пари и барање тие да се вратат назад. Десет дена по првиот текст, директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, м-р Марко Ѓоргиевски, излезе на прес-конференција во Владата и потврди дека: „на 30.11.2023 преку електронска пошта Генералниот директорат за образование, млади, спорт и култура до Националната агенција за образовни програми и мобилност достави известување, во кое се бара поврат на средства во корист на Европската комисија“.

OLAF

Ден потоа, евроамбасадорот Дејвид Гир изјави: „Очекуваме од Националната агенција за ‘Еразмус+’ во Македонија да ги испорача сите препораки дадени од ОЛАФ“. Нота.мк праша и во Националната агенција и во Министерството за образование: што треба да се промени за да има поголема заштита на европските фондови? Од Министерството за образование се повикаа на тајност во разговорите со претставниците на Европската комисија: „Содржината на упатствата кои ги издава Европската комисија не се информации од јавен карактер и за нив се потпишуваат декларации за доверливост“. Прашањата испратени до директорот на Националната агенција, до објавувањето и на овој текст, останаа неодговорени.

Рок без конкретен датум

Marko Gjorgievski

Тој денеска пред други медиуми, по претходните интервјуа на две телевизии, го повтори кажаното дека рокот на враќање на над 2,2 милиони евра е од 30 до 45 дена. Но, и во таа изјава повторно го нема крајниот датум до кој треба тоа да се направи. Наместо тоа, повторување на она што Нота.мк го објави во првиот текст – дека поради изборниот циклус во земјата сега не било можно враќање на парите.

Во тој текст објавивме дека постојат „две можности: или парите да се вратат преку државниот буџет, или да се скрати побаруваната сума од идни фондови и така да се уплатат помалку пари во земјата“. За оваа втора можност, по скоро еден месец, денеска во Битола зборувал и заменик-премиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ. Тоа значи дека ќе се бара Европската комисија во иднина да исплати помалку пари за нови проекти, со цел враќање на долгот. Маричиќ објаснил и дека Националната агенција има право да пробара од оние кои ги злоупотребиле парите да ги вратат назад, со цел да не се повторувале ваквите случаи и тие луѓе да биле одвратени од измамите, бидејќи штета трпеле сите.

Во серијата текстови, Нота.мк објави и поврзаност меѓу првопријавеното лице, кое има докажана трага на злоупотреба на пари од ЕУ, со лица и невладини организации од листата на пријавени во Обвинителството, но и со Националната координаторка за евроинтеграции во Владата, Нола Исмајлоска-Старова. Таа досега не ги одговори поставените прашања, а Нота.мк замоли во Владата да се добијат одговори од нејзината Национална координаторка.

Пред неа ѝ бил извршен притисок на Лидија Димова, како што за Нота.мк тврдеше самата Димова, од страна на Зоран Заев со цел повлекување на пријавата што таа ја поднела во Обвинителството на крајот на 2019 година против 23 лица. Според неа, поради одбивањето да го стори тоа ѝ следувал медиумски линч и судски процес, а поради тоа била и пријавена во шест домашни институции и во Брисел од самата Исмајлоска-Старова.

transakcii eu fonddovi

Нота.мк можеше преку трансакции да потврди дека пари од ЕУ и натаму се слеваат кај лица, фирми и училишта од листата на пријавени од страна на Димова. Обвинителството за Нота.мк објасни дека поради немање на законско ограничување предистрагата во случајот и натаму, по четири ипол години, не е затворена.

Големи неуспеси во правото и корупцијата

Новите информации во однос на случајов доаѓаат на ден кога Фридом хаус објави извештај со оценки за демократијата во земјите во светот. Во однос на „судската рамка и независноста“ и „корупцијата“ Фридом хаус бележи уназадување, наместо напредок во Македонија. За судството и корупцијата земјата добива најслаба оценка – 3. Највисока оценка – 4,75, добило граѓанското општество.

Скалата со оценки се движи од 1 до 7, каде еден е најниско, а седум е највиско ниво на демократски напредок. Средна оценка, или 3,50 земјата добила за независноста на медиумите.

Во однос на балканските земји Македонија е некаде на средина со нејзината демократија. Фридом хаус проценува дека во земјата има 46% демократија. Гледано на десетгодишен период, овој пад годинава е прв по тој во 2017 година. Македонија се наоѓа во групата земји со цикличен хибриден режим, кои кружат меѓу автократија и демократија.

Фридом хаус

„Северна Македонија претрпе големи неуспеси во владеењето на правото и постојаната корупција на високо ниво во текот на годината“, заклучува Фридом хаус.

Related posts

Денеска истекуваат 45 дена рок од ЕК за враќање на злоупотребените над 2,2 милиони евра

Ново одлагање доби осудениот во процесот против Лидија Димова

ЕК: Земјата мора да го подобри спречувањето и известувањето за неправилности со ЕУ-фондовите

Поврзаност меѓу поединци и странски организации со првопријавеното лице за злоупотреба на ЕУ-пари

Се одчитува....

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading