03/03/2024
нота.мк

Преголем е денешниот ден за нас Македонците, пресветол е Илинден, најголемата болка на Македонецот, но и неговата најголема љубов. Во таа далечна 1903 на 2 август зазорува Илинден,  новата зора на надежта за слобода и посветло утре.  Сонот на Гоце, Даме, Карев, Сандански, Ѓорче, Димо Хаџи Димов и другите Илинденци, иако беше крваво задушен, сепак Илинден ја крена свеста на Македонецот, дека историјата ги памети и чува идеите на востанијата, идеи што значат борба за остварување на основното човеково право- слободата.

И токму во сржта на таа идеја започнува да се раѓа Републиката, првата република на Балканот, таму горе високо на највисоката точка, во Крушево, имаше крвав крај, но еден мал, но горд народ токму во тој пеколен август ја бранеше својата чест: Сите кои, умирајќи пееја сетно: Слобода или смрт. (Петре М. Андреевски).

„И оваа усвитена егзистенцијална и морална македонска дилема низ која се одвивала нашата историска борба, не е само мисла извезена на востаничките знамиња, вели покојниот академик Старделов, таа го определува историското битие на нашиот народ како востанат народ, тој станат народ станувал народ постојано востанат.“

И еве го Илинден денесво секој дом, во сечие срце, во жуборот на водите, во тивките движења на летниот ветрец, под ладовините на столетните дрвја, но Илинден е и далеку оттука, секаде каде што нашиот човек свил свое гнездо.Илинден е сега и тука, во пазувите на оваа раскошна убавина, во Мокрино на Изворите, на овој отворен музеј на Беласица. Илинден денес е за секој оној кој тука се родил, заластарил и започнал да ја шири крошната на своето семејно стебло, со надеж дека ќе создаде доволно широка и дебела ладовина за да има каде потомците да се засолнат, да се за`лнат, кога бури и невремиња ќе надвиснат над нив. Погледнете ги овие столетни дрвја, погледнете ги овие столетни крошни, секоја со свој пат кон сонцето, секоја со свои лузни по стеблото, но сите заедно вкопани длабоко во македонската почва пијат од ист извор, се хранат, зеленеат, раскажувајќи дека овде некој од дамнина минувал, пладнувал, сонувал убаво, сончево, слободно утро.

Некогаш во длабоката древност пред изгрејсонце на празникот Св.Илија, некој наш далечен предок заклал жртва, за да ја омислостивимајката земја, нашата хранителка, да не го секне изворот на животот овде.Земјата на која денес стоиме овде прегранти од големите подбеласички крошни е земјата која ги памети сите страдања, суши, гладни години, ги впила сета крв и сите солзи на мајките, сестрите, невестите.

А народот пак, тој жилав и нескротлив селски дух, секоја година давал жртва на светецот Илија, голема крвна жртва, како не би пресушиле Изворите, како некогаш многу одамна во време на страшни војни и маки, во време на глад и жед, кога Изворите жедни за капката жртвена крв, престанале да течат. Воденичките камења престанале да го мелат житото, се дур некојси дедо Крсте не се сетил да капне жртвена крв. Оттогаш, секоја година водата помешана со крв ја храни земјата, на Илинден, на денот кога бијат македонските камбани, за да нѐ потсетат, простум да застанеме пред одарот на жртвите, чија крв ја топела македонската земја, која сонуваше слобода.

Сонот за слободата е сон на секој човек. Македонецот никогаш не посакувал да освојува туѓи синори, да размеѓува туѓи меѓи, да освојува туѓи неба….Туѓото не било наш сон и никогаш нема да биде. Македонецот единстевно посакувал да биде слободен на своето, да пие од својот извор, да јаде на својата синија, макар леб и сол, да ја колчи својата меѓа. Работел за други, децата други му ги грабале и отуѓувале, војувал за други и пак еве го денес, седнат крснозе покрај огништето да раскаже како било некогаш, за да знаеме како да живееме денес. Македонецот откорнат од родната грутка засекогаш во себе го носи и чува драматичниот пејзаж на откорнувањето, отворената рана, заклучената порта, обраснатите со коров дворови и секнатите чешми.

Додека заминува, некаде во темните понори на свеста се мешаат сликите на детството, мирисот на бабиниот леб, крцкањето на кепенците, појот на петлите и тропотот на коњите кои на изгрејсонце одат на жетва во јули. „Ако ја заборавиш родната земја, корените ќе ти пресушат“ – рекол мудрецот. Да се заборави татковината, значи да се умира бавно во маки и болка. Затоа овој народ овде секоја година на Илинден му  пркоси на заборавот.

Илинден е во зборот, во песната, во легендата и преданието, Илинден е во движењето на сликарската четка на уметникот кој со љубов создава својаприказна, Илинден е во ликот на фрескосликарот, на зографот, скулптурот, Илинден е во рацете на градителите, во мислата на учителите, Илинден е во чекорите на играорците, кои земјата ја тресат со силата на седумосминскиот такт, Илинден е во рацете на вредниот селанец, оној  кој грутка по грутка го превртува секое плодно парче македонска земја за да даде род, да нѐ прехрани, да не умреме од глад или да почнеме да гриземе од телото и душата на другиот, не би сами да се уништиме. Илинден е во гласот на славејот кој со пој разбирлив само за птиците, пее за сето она што го видел од висина, за нас луѓето недостижна. Илинден е жуборот на изворите кои виделе сѐ, засведочиле сѐ, станувале алови од крвта на оние кои љубејќи ја татковината, животот го дале за неа.

Илинден е чедо успиено во прегратките на оваа огромна планината, на оваа грамадна зелена и мокра убавина, која и денес простум стои, немо раскажувајќи ги приказните за сите оние кои крстоселе по нејзините патеки, за пролеаните солзи на мајките кои од своите гради откинале по една љубов, положувајќи ја на одарот на татковината.

Ние Македонците сме едно цело, без разлика дали нѐ делат мориња и недогледни води, насилно исцртани вештачки граници или напишани и измислени историски документи. Манифестот на Илинденците е одлика на нашиот дух кој посакува и недвосмислено бара слободна заедничка татковина за сите, социјално и национално угнетени народи. А патот бил и сѐ уште е тежок. Од Илинден преку Балканските и Светските војни преку АСНОМ 1945, па и до денес, еден свет идеал Македонецот носи како амајлија на своите гради, сонот за суверена, слободна и независна земја. „Новата генерација се соочува со нова битка, вели Анте, да се зачува духот на целото како морална категорија на иднината, во која размисла нема.“ Дали можеме, дали имаме сила и храброст тоа да го направиме? Секако дека и можеме, имаме и сила и храброст да се издигнеме, како многупати до сега. 

Покојниот Горан Стефановски,беседејќи во МАНУ уште 2004 година говореше за нашата, за македонската приказна велејќи : „Ни треба макотрпна работа за да ја утврдиме и ускладиме нашата автентична и суверена приказна. Ни треба востание на визија, воља и ум; на упорен труд. Државите се прават со жртви и крв, но се чуваат со работа и памет. Пред сто години, Илинденските херои, својата волја за држава ја потврдија со својата автентична и убедлива смрт. Ние денес, нашата волја за оваа држава, мораме да ја потврдиме со нашиот автентичен и убедлив живот.“

Животот омеѓен меѓу раѓањето и смртта , а помеѓу мигот, сегашноста сосема кратка како сон, миговно ни се лизга низ рацете. И каде е смислата на живејачката, нели е таа само привид кој лебди меѓу она што било и она што можеби никогаш нема да биде. И затоа Гане Тодоровски обраќајќи кон Македонија „Кон Татковината“, вели:


Денот наш полн е со грижи и проблеми:
дете разболено, дрва, пари за нешто ново.
Проштевај мајко ако ти не си тема
тогаш во нашите најинтимни разговори.

– Гане Тодоровски

А таа нашата мајка, секогаш има разбирање за нас, децата кои занесени во играта на животот, забораваат и името да ѝ го спомнат. И еве нѐ денес, пречекуваме уште еден Илинден, Илинден на надеж и копнеж, дека битките што ги водиме, не ќе бидат залудни. Илинден е љубов, гордост, сон и јаве, Илинден е секој од нас! Но Илиндене завет, даден збор, беса, дадена клетва и долг за исполнување. Илинден е домата кон која постојано се враќаме, по која пекаме, за која пееме и тагуваме.„Ние Македонците имаме многу празници, но ни недостасува само еден: Празник на разделениот. Празник на македонскиот иселеник! Ден што да биде ден на блиските, на своите, не само низ писма, видени и чуени роднини и браќа. Ден што ќе биде и Водици и Мртва сабота и Први мај и Илинден. Едноставно ден кога ќе можат да се видат блиските и да ги прослават сите непрославени празници.“ (Анте Поповски).

Драги Македонци, вие што тука останавте и сите вие кои со срцата катадневно сте тука, во домата најубава и најтопла, нека денешниот ден биде токму тој ден, ден на љубов! И на крајот стиховите на Гане Тодоровски упатени кон татковината, кон Македонија:

Остави нека секој по своему те љуби,
пред тебе стои патот да крепнеш и да младееш,
и нема нужда сите на еден глас да трубиме
дека најскапото за тебе ќе го дадеме.

За многу години Илинден, Македонијо!

  • Беседата беше говорена на 2 Август 2022 година на Мокринските Извори под Беласица.
  • Автор: Ана Витанова Рингачева

Остави коментар

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading