16/06/2024
нота.мк
Аналитичка Нота

Со дезинформации во маркетиншки цели до милионски заработки

Не се добројуваат злоупотребите на личните податоци во интернет пространството. Најчесто се користат за креирање дезинформации за постигнување на маркетиншки цели на одреден производ или компанија. Со тоа јавноста се доведува во заблуда, а „изумителите“ до милионски заработки.

Д-р Пановски не може ниту да наброи во колку лажни кампањи за продажба на производи е злоупотребен. Почнало со чај за лекување од паразити, лек за дијабет, до објави во кои тој е претставен како изумител на лек за слабеење. Докторот вели дека државата е глува за ваквите злоупотреби на социјалните мрежи и никој ништо не презема.


Ние професори, а не сум само јас, има многу еминентни како мене и поеминентни, со месеци седиме на Фејсбук и никој ништо не презема, иако се пријавени. Значи ние за државата сме безвредни. Може со нас секој да брише под. И веќе не ги памтам сите. Таму има и лажни интервјуа. Тие веќе и не ги ни читам. Тоа се грозни работи. Се јавувале колеги да прашаат каде да пријават. И они пријавувале. Од МВР кажаа дека е пријавено до Обвинителство. Во Обвинителство прашавме до каде е работата, за да продолжиме со приватна тужба? Нема одговор. Како да сте безвреден граѓанин, а ве злоупотребуваат и се кршат закони

— Д-р. Никола Пановски

Од републичкото Јавно обвинителство потврдуваат дека имаат предмет во предистражна постапка. Повеќе потенцијално оштетени лицапријавиле злоупотреба на нивни податоци.

„Постапувајќи по оваа пријава, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје првично даде насоки до Министерството за внатрешни работи за да се извршат проверки, со цел да се идентификуваат објавувачите на наведените содржини. Откако беа извршени проверките, Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство Скопје достави кривична пријава, по која веќе се постапува и се преземаат сите дејствија со кои се проверува дали во конкретниот случај има елементи на кривично дело кое се гони по службена должност. Предметот е во предистражна постапка“, стои во одговорот од Обвинителството.

Д-р Пановски нема дилема дека може да се пронајдат сторителите, но институциите не постапуваат. Осум месеци чека да го известат до каде се пријавите – без одговор.

„Кај нас додека не умре некој и додека медиумите не кажат дека умрел поради пиење на лажен лек… А, еднаш тоа за малку ќе се случеше, меѓутоа за среќа девојката преживеа, која престанала да прима инсулин гледајќи ги овие лажни реклами од професорка, тогаш злоупотребена, исто пензионерка, која работи со дијабет, на која она ѝ верувала и мислела дека тоа е вистина. И падна во дијабетична кома. Значи, додека не умре некој, овие нема да мрднат со прст. Корумпирани сте. Тоа ќе им кажам уште еднаш и преку медиумите. Мислам дека не сте толку неспособни, вие што ве плаќаме за од ова да нѐ штитите, туку сте корумпирани“, вели пензионираниот доктор Пановски.

Вакви злоупотреби има на цел Балкан. И Босна и Херцеговина е плодна почва за вакви малверзации, потврдува проф. д-р Бранислав Михајловиќ, редовен професор на Факултетот за здравствени науки во Бања Лука од областа на јавното здравје и заштитата на животната средина, на крајот на минатата година се нашол во измислено интервју на околу десет страници, во кое објаснувал делување на лек, а се нуделе и 50 % попуст за ногово купување.

Еве како изгледа тој наслов. Еве видете. Ова е насловот на вебстраницата, каде се зборува за тоа колку медицински ефекти има овој лек. Па вели: „по чистењето на крвните садови кај старите личности притисокот престанува да се крева и исчезнуваат девет таканаречени неизлечливи болести“. Тоа наводно јас го велам. Имаат една вебстраница и ја линкуваат таа вебстраница на Фејсбук профили. Тоа се сѐ лажни Фејсбук профили – еден, друг, трет, четврти. Кога ќе се открие еден, тој го гасат и отвораат втор. Кога ќе се открие вториот, тогаш трети и така натаму. Значи, преку Фејсбук реклами.

Докторот пред да пријави во институциите направил сопствена истрага нарачувајќи го продуктот, кој со попуст чинел над 25 евра, и праќајќи пријатели во канцеларијата на дистрибутерот „Лидшоп“ во Сараево – фирма во сопственост на Македонецот Влатко Василев. Случајот го пријавил во сите босански институции, но по седум месеци смета дека тие се или мрзеливи или корумпирани, бидејќи поместување нема, иако добил потврда и од Кантоналната обвинителка дека законот е прекршен.

Тоа е навистина кривично дело, како што кажа таа, кражба на идентитет, но фирмата, која ја направила кражбата на идентитетот и го рекламирала тој лек, е надвор од Босна и Херцеговина – во Емиратите, во Дубаи. И сега според нејзините зборови, а јас би сакал само да цитирам, за да не бидам двосмислен, таа рече дека тоа е кривично дело, но не е направено во Босна и Херцеговина, затоа што оваа фирма Лидшоп имала договор со таа маркетиншка фирма во Емиратите и таа фирма извршила огласување, но таа не е на територија на Босна и Херцеговина, така што не можат кривично да ја гонат, а ниту сопственикот на таа фирма, вели проф. д-р. Бранислав Михајловиќ.

Сопственикот на компанијата што ја посочува д-р Михајловиќ во телефонски разговор ни посочи дека фирмата во Сараево ја затворил во мај, откако почнале пријавите. Но, на страницата на Управата за индиректно оданочување на Босна и Херцеговина стои дека фирмата е сѐ уште активна. СопственикотВасилевима други фирми во Македонија и Србија. Вели дека бизнисот му е чист, бидејќи производите се на голема руска фирма, која ги испорачува, а тој само ги пакува и наплаќа за таа услуга. Производите се одобрени од Агенцијата за храна и ветеринарство преку неговата македонска фирма „Сторк Импекс“.


Главно бизнис операторите кои бараат мислење за производ /додаток на исхрана истиот и го пласираат на пазарот. Дел од бизнис операторите го дистрибуираат и до други оператори со храна

— Агенцијата за храна и ветеринарство

Сопственикот Василев тврди дека ниту спорниот маркетинг не го организирал тој, туку компанијата што ја нарекува свој партнер, а и производителите од Бугарија, Пакистан и Индија.

„Сега е веќе хаос со тој маркетинг. Сите заработуваат од реклами. Од дома кој што сака прави и во суштина, кој го плаќа тој маркетинг, тој си сноси одговорност. А, јас ако немам доказ дека сум го платил маркетингот, ако немам дека јас сум платил за маркетингот, значи немам никаква одговорност“, вели сопственикот на „Сторк Импекс“, кој има и кол-центар во Македонија, но вели не продавал преку него, ама нарачките се правеле откако ќе се кликнел банер и ќе се оставеле податоците, по што сепак следувал повик од кол-центарот.

Д-р Нино Голдбек, виш јавен обвинител во Баварската централа за Интернет криминал, спомнува дека во повеќе држави има кол-центри, кои се дел од измами. Балканот, а особено Македонија е во фокусот и на меѓународни истражувања. Забележано е дека нешто се случува во земјата, а како посебно интересно место се издвојува Скопје.

„Бугарија и Србија, на пример, се за спомнување, ама навистина во различни истраги добивме сосема конкретни докази и нашите истраги недвосмислено покажаа дека имаше или има, на пример, колцентри и во Северна Македонија. И соодветно на тоа во минатата година, на пример во ноември во рамките на една голема акција во различни држави, меѓу другото во Албанија и Грузија, се случи заплена и во Северна Македонија. Има јасни докази за тоа дека барем и во Северна Македонија ова измамничко делување е пристигнато Според моите сознанија, во Северна Македонија на лице место не се уапсени луѓе. За тоа не ни замоливме, туку на прво место се работеше за претрес на простории и за заплена на доказен материјал. Во минатите три-четири-пет години, само тука во Баварија, значи во најјужната покраина на Германија, отприлика се настанати вкупни штети од 300 милиони евра и тоа се само штетите кои кај нас се пријавени. Таканареченото црно поле сигурно е многу повисоко, нагласува д-р Нино Голдбек, виш јавен обвинител во Баварската централа за Интернет криминал.

Злоупотребата на идентитети во маркетинг цели и воопшто целиот криминал во ваквиот тип на онлајн продажба е високо порфитабилен. Затоа и базата на граѓани со злоупотребени лични податоци или идентитет е голема и непрестано расте. Ако во Германија се бројат милионски штети, во Македонија институциите не бележат ни многу пријави за вакви злоупотреби. Секторот за компјутерски криминал при МВР има добиено само по четири пријави за злоупотреба на лични податоци во маркетиншки цели поднесени во 2022 и 2023 година. Овие осум пријави во минатава година и половина, биле од правни лица.

Злоупотребите во маркетинг цели не се однесуваат само на кражба на идентитет на познати личности. Жртва може да стане секој.

„Имаше спонзорирана реклама за која не знаевме дека е лага. Имаше официјално лого за антивирус. Имаше оглас за барање работници, со дневна плата од 70 до 200 евра за земјите: Македонија, Романија, Бугарија, Србија. Нешто што звучи одлично и звучи реално. Ние многу често ги известуваме клиентите дека нешто е измама и да не кликаат.Тоа е еден од начините за преземање. Вие кликнувате, next, next, а тоа води до преземање на сите лични податоци“, вели Митко Андонов, сопственик на маркетинг агенција.

„Човек треба да си претстави дека измамничките мрежи, кои работат измамнички на Интернет со наводни профитабилни инвестиции, се апсолутно зависни постојано да добиваат податоци од муштерии. Значи, податоци од личности, кои дотогаш не биле измамени и каде постојат средства на располагање, кои тие би можеле да ги инвестираат. И, секако, таквите податоци на муштериите не паѓаат едноставно од небо, туку тие некако мора да се освојат“, потенцира германскиот обвинител д-р Нино Голдбек.

Мета на злоупотреби се и авторски дела на други компании, креативни решенија за продажба на одредени производи и слично. Токму ова е најголемиот проблем на македонските маркетинг компании, кои ги советуваат клиентите да внимаваат како ги рекламираат своите производи, но и чии услуги ги користат за таа цел.

„По добивање на официјално барање од надлежен јавен обвинител или судија, Секторот за компјутерски криминал, како контакт точка со социјалните мрежи во светот, ги доставува овие барања до социјалните мрежи, со цел да се добие податок од каде се креирани тие страни,групи или профили. По добиени одговори од социјалните мрежи и информации околу креаторите, повеќето доаѓаат надвор од Р.С.Македонија“, стои во одговорот од Секторот за компјутерски криминал при МВР.

„Има ситуации кога фотографии, односно тоа се дизајни во сопственост на трети лица, коишто дел од компаниите ги користат без да знаат дека можат да се соочат со проблеми. Дел од нив го прават тоа незнаејќи, можеби и несакајќи, со пребарување на пребарувачите доаѓаат до некоја слика што одговара на соодветниот бизнис и тие слики, фотографии, дизајни се ставаат на нивните профили. Некои пријатели, познаници, кои во моментов не се наши клиенти, одговараат на износ од 5 илјади долари пред компании во Америка и се повикани да одговараат пред судовите во Америка. Затоа сметам дека е од голема важност да внимаваме, креативите што се користат за правни лица да бидат лиценцирани, односно изработени стриктно за тие компании. Во иднина најмногу промени ќе има во делот на заштита на личните податоци. Тука ќе мора сѐ повеќе да внимаваме, бидејќи до крајот на оваа година многу строги ќе бидат правилата за добивање на лични податоци, односно нема да смееме да се повикуваме, или да рекламираме на лица кои не се согласиле“, вели Митко Андонов

Интернетот е неограничен простор полн со предизвици, но и демначи, кои се подготвени да украдат не само идентитети, туку и цели профили за да ја остварат својата цел. Фокусот е на профилите на јавните личности, но и институциите. Во блиска иднина ќе има построги правила во однос на рекламирањето на Интернет. Многу е тешко да се регулира активирањето на реклами на Интернет и така да се избегнат измами. Проблематично е т.н. програмско рекламирање, кое е индивидуализирано појавување на рекламни банери врз основа на податоците за интересите на корисникот.Тој комплексен процес има многу дупки, кои криминалците ги гористат.

„Нам ни е познато дека пред сѐ големите социјални мрежи и сериозните информативни портали го имаат тоа дефинитивно на агендата. Тие воопшто немаат интерес преку нивните страници на крај да се овозможува или да се потпомага измама и дека со техники за филтрирање се обидуваат тоа да го спречат.Но, тешко е, предизвикувачки е, и сето тоа натаму ефикасно да се конфигурира – мислам дека тоа е главната задача“, вели германскиот обвинител.

Д-р Пановски и во пензионерските денови е вознемируван од реклами со наводни негови изјави, а луѓе го прашуваат дали напишаното е вистина.

„Не знам зошто социјалните мрежи не ги забрануваат. Не знам колку пати треба да им кажеме дека тоа не е вистина. Замислете мојот пријател Вело Марковски го направија така дека он зборува. Му направија на устата дека он кажува за тој чајот за паразити. Стотици луѓе пишуваат таму дека ова е лага. Има таму опција каде што се кажува: ова е лага, тргнете го. И излегуваат секој ден“, вели д-р Пановски.


На сите оние кои ова го гледаат јас им го препорачувам следново. Тие кои се злоупотребени, прво, треба да чукнат на вратата на инспекциите, второ, треба да чикнат на врата на Обвинителството, а ако ништо од тоа не функционира, тогаш да чукнат на вратата на медиумите и медиумите ова да го објавуваат секои десет дена

— Проф. Д-р. Бранислав Михајловиќ

Од македонската Агенција за храна и ветеринарство информираат дека не постои обврска да се нагласи дека додатоците на исхрана не се лекови, туку тие мора да бидат означени само како додатоци на исхрана. Притоа, при одобрувањето на некој производ неговото име не играло улога. Слично е и во Босна и Херцеговина.

Регистриран е како додаток на исхрана во Федералното министерство за здравство, но лековитите својства кои се наведени за него зборуваат дека се работи за лек. Значи, за тоа се работи. Измамата е на тоа ниво. Регистрирано како додаток на исхрана, а дадени му се лековити својства кои ги пишуваат на кутијата и кои наводно јас сум ги рекол за него. Како што е лажна изјавата, е лажно интервјуто, идентитетот и сѐ останато, така и тие лековити својства, кои се напишани на тој препарат Кардилајн, се лажни. При контрола на македонската фирма во Сараево било укажано дека „на производот не смеат да му се припишуваат лековити својства, бидејќи истиот не е лек, туку додаток на исхрана“, вели проф. д-р Михајловиќ.

Одобрени производи и на македонскиот пазар имаат имиња кои можат да доведат до забуна дека додатокот на исхрана лечи кардилошки болести или проблем со шеќерот и простатата. Според дефиницијата од Правилникот за посебните барања за безбедност на додатоците на исхрана, тие може да бидат во форма на капсули, пастили, таблети и други слични форми, кеси со прашкаста супстанца, ампули со течност, а додатокот на исхрана може да биде во форма на спреј.

Во македонското Обвинителство нема централна статистика за ваквите случаи во Македонија. „Неспорно е дека со зголеменото користење на Интернетот, и особено социјалните мрежи, како простор за огласување и ширење различни содржини, бројот на пријави за злоупотреба на податоци во вакви цели се зголемува“, информираат од Обвинителството.

Автори: Александар Методијев, Сузана Мицева

ne veruvaj proveruvaj

Овој производ е изработен во рамките на проектот ,,Користи факти”, кој го спроведува Институтот за комуникациски студии, со поддршка на Британската амбасада во Скопје.

Related posts

Поврзаност меѓу поединци и странски организации со првопријавеното лице за злоупотреба на ЕУ-пари

Негување медиумска писменост кај децата – зајакнување на нивната отпорност на дезинформации

Димитар Мицев

Вештачката интелигенција – нова алатка за креирање дезинформации

Сузана Мицева

Битка против дезинформациите

Сузана Мицева
Се одчитува....

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading