16/06/2024
нота.мк
Аналитичка Нота

Денеска истекуваат 45 дена рок од ЕК за враќање на злоупотребените над 2,2 милиони евра

Денеска е денот на кој истекува рокот до кој од Македонија во Европската комисија мораа да бидат вратени над 2,2 милиони евра – злоупотребени пари од ЕУ-фондови, потврдува за Нота.мк извор од Брисел. Изворот информира дека рокот кој им бил даден на македонските власти бил 45 дена. „Во моментов процедурата за враќање на средствата сѐ уште се одвива“, информира изворот за Нота.мк. Тоа значи дека уплатата сѐ уште не е направена. Нота.мк се обрати во Европската комисија, но оттаму најавија одговори на темата следната недела.

Нота.мк за следната недела ги очекува и одговорите на барањето алтернативна отплата на средствата – нешто за што информиравме уште во првиот текст објавен на темата на 18.03. годинава. Во тој текст објавивме дека постојат „две можности: или парите да се вратат преку државниот буџет, или да се скрати побаруваната сума од идни фондови и така да се уплатат помалку пари во земјата“. За оваа втора можност, по скоро еден месец, во Битола зборуваше и заменик-премиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ. Тоа значи дека постоела можност од Европската комисија да се побара во иднина да исплати помалку пари за нови проекти, со цел враќање на долгот.

Marko Gjorgievski vlada

Десет дена по првите текстови на Нота.мк директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Марко Ѓоргиевски, свика прес во владата за да потврди дека земјата ќе мора да вради над 2,2 милиони евра, по спроведената истрага на ОЛАФ – телото на Европската комисија задолжено за борба со злоупотреби на ЕУ-пари.

Во серијата текстови објавивме дека се работи за злоупотребени средства за кои пријава во обвинителството на 30.12.2019 година поднела тогашната директорка на Националната агенција, Лидија Димова. По информирањето на Европската комисија и интерната истрага Димова, како што тврдеше во изјави за Нота.мк, информирала и бројни домашни институции. Наместо да биде викната во Обвинителството таа тврдеше дека била повикана до тогашниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, во седиштето на партијата. На состанокот, според Димова, присуствувала и Нола Исмајлоска-Старова, поранешна пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, која гласаше за промена на името, а актуелна Национална координаторка за евроинтеграции во Владата. На состанокот бил извршен притисок врз Димова да ја повлече пријавата, која се однесува на 23 лица.

Lidija Dimova

За првопријавеното лице е наведено дека е македонски и бугарски државјанин, а меѓу пријавените има и две лица од Грузија. Во пријавата се обвинува дека во 2016 година е оформена група на лица со цел стекнување противправна имотна корист преку злоупотреба на ЕУ-фондови и дека за прикривање на трагата на парите, во еден случај тие завршиле во фирма во Бугарија. Во пријавата се посочува дека е направена и злоупотреба на лични податоци преку пристап до системите на Европската комисија преку внесување, обработка и дистрибуција на материјали од доверлив карактер. Грузиските државјани служеле како проформа договорна страна за извлекување на средствата. Во пријавата се наведени и училишта, односно нивни претставници, кои биле вклучени во таа шема и кои биле користени исто така проформа за извлекување пари, кои завршувале во две фирми.

Во серијата текстови, Нота.мк објави и поврзаност меѓу првопријавеното лице, кое има докажана трага на злоупотреба на пари од ЕУ, со лица и невладини организации од листата на пријавени во Обвинителството, но и со Националната координаторка за евроинтеграции во Владата, Нола Исмајлоска-Старова. Таа никогаш не ги одговори поставените прашања, а Нота.мк замоли и во Владата да се добијат одговори од нејзината Национална координаторка.

Лидија Димова тврдеше дека поради одбивањето да ја повлече пријавата ѝ следувал медиумски линч и судски процес, а била и пријавена во шест домашни институции и во Брисел од самата Исмајлоска-Старова.

transakcii eu fonddovi

Нота.мк можеше да документира дека пари од ЕУ и натаму се слевале во училиштата и фирмите, кои се наоѓаат во пријавата, по нејзиното поднесување. Извор посочи дека измамата и натаму се одвива и со инволвирање на трета фирма, за што Нота.мк можеше да анализира трансакции од кои се гледа дека средства од ЕРАЗМУС се влеваат во таа фирма. Нота.мк разговараше и со сведок на ОЛАФ.

„Станува збор за класична злоупотреба на средства низ мрежа на здруженија, компании, туристички агенции, како и основни и средни училишта. Едно нешто се кажува дека ќе биде реализирано во проектите, друго нешто се реализира на терен, трето нешто стои во завршните извештаи. Секако оваа мрежа има своја логистика во Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Без нив не може да се одобрат проектите, кои оваа мрежа на криминалци ги поднесува до Националната агенција, а не може ни да се одобрат финалните извештаи и да се затворат проектите на начинот на кој се затвараат истите. Злоупотребите се од лукративни причини, за личен бенефит и лично богатење на грбот на децата, кои треба да се крајни корисници на бенефитите од овие европски прогами и мобилностите“, објасни сведокот на ОЛАФ.

Од Европската комиција за Нота.мк пред повеќе од еден месец информираа за нарушен статус на Националната агенција поради злоупотребата на ЕУ-пари.

„Националната агенција е во статус на ‘делумно уверување’ (или ‘мислење со резерва’, н.з.) од почетокот на 2022 година, поради големиот број на набљудувања во областите на управувањето и спроведувањето на (ЕРАЗМУС, н.з.) програмата“, информираше на 11.04.2024 една од портпаролките на Комисијата.

Related posts

Ново одлагање доби осудениот во процесот против Лидија Димова

Европска комисија: Националната агенција е две години со нарушен статус

ЕК: Земјата мора да го подобри спречувањето и известувањето за неправилности со ЕУ-фондовите

Поврзаност меѓу поединци и странски организации со првопријавеното лице за злоупотреба на ЕУ-пари

Се одчитува....

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading