20/05/2024
нота.мк
Аналитичка Нота

Ново одлагање доби осудениот во процесот против Лидија Димова

Уште еден месец пролонгирање на уплатата на над 15.000 евра казна добил Александар Гочев, првоосудениот во судскиот процес во кој ѝ се суди и на Лидија Димова, поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, и на поранешната благајничка во истата агенција, Ана Павлиду. Гочев првично требаше да ги уплати парите до крајот на август минатата година, за да не му се активира затворската казна.

Новиот датум за одржување на седницата на Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје е 15.06.2024. Од судот информираат дека уплатата треба во целост да се изврши до тој датум, нешто што требаше и до денешниот.

„Осуденото лице започнало со парцијално исплаќање на казната, па заради тоа седницата е презакажана за 15.06.2024 година“, стои во одговорот од Основниот кривичен суд. Дотогаш осудениот „потребно е да ја исплати целата сума, а за кој начин на плаќање се согласил и надлежниот јавен обвинител. Интенцијата на судот е сумата да биде целосно исплатена, односно надоместена штетата, па затоа и е дозволен дополнителен рок, но доколку тоа не биде испочитувано од осудениот, секако дека Кривичниот совет ќе постапува и по служебна должност може да ја замени условната казна со затворска“, информираат од Основниот кривичен суд. Судот не дава информација колкава е првичната сума што Гочев во меѓувреме ја уплатил и кога го направил тоа. „Кога и колку уплаќа се запознаени странките во постапката и, како што наведовме, согласен е и надлежниот јавен обвинител“.

Симбол на правдата, Justicija

Посочувањето кон јавната обвинителка во случајот беше направено и при образложението за претходното одложување на седницата на Кривичниот совет на 25.03.2024 година, кога на осудениот Александар Гочев му беше дадена можност да ги уплати парите до 15.05.2024 година, за да не му се активира затворската казна. Тогаш од судот информираа дека на барањето да се одложи седницата не се спротивставила јавната обвинителка:

„Осудениот побара одлагање на седницата, со кое одлагање ќе му биде овозможен краток рок за подмирување на штетата. Со оглед дека на неговото барање не се спротистави ниту полномошникот, ниту надлежниот јавен обвинител, советот ја одложи седницата за 15.05.2024 година, до кога осудениот е должен да ја подмири штетата, под закана во спортива да му биде отповикана условната осуда“.

Нота.мк праша во Обвинителството до кога осудениот би имал шанса да добива согласност од обвинителката, односно да одолговлекува и уплаќа на рати и да не му се активира затворската казна и зошто тоа воопшто се толерира во македонскиот правосуден систем? Од Обвинителството одговараат дека „во конкретниот случај е започната постапка за отповикување на условната осуда, при што Основниот кривичен суд Скопје, во рамките на своите законски овластувања, донел одлука за продолжување на рокот за исплата на паричните средства, рок во кој осудениот е должен да ја изврши исплатата“.

Од Обвинителството додаваат дека при следната проверка Основниот кривичен суд може да донесе одлука согласно член 53 од Кривичниот законик за продолжување на рокот; за ослободување на осудениот од определената обврска и замена со друга, ако осудениот не ја исполнил од оправдани причини или, пак, да донесе „пресуда со која ќе ја отповика условната осуда и ќе определи утврдената казна да се изврши“.

Од Обвинителството објаснуваат дека одлуката на Кривичниот совет е во форма на пресуда, против која може да се поднесе жалба „во ист рок, кој важел и за пресудата со која била изречена условната осуда“. „Ако на седницата на советот, судот утврди дека нема основа за донесување на која било од наведените одлуки, со решение ќе ја запре постапката за отповикување на условната осуда“

Обвинителството беше прашано и – кога осудениот Гочев ја направил уплатата и на колкава сума? Оттаму упатуваат дека одговорите треба да се добијат од „Основниот кривичен суд – Скопје, како надлежен суд, кој одлучувал и одлучува по овој основ во конкретниот случај“.​ Но, судот таков одговор не даде.

Осудениот требаше парите да ги уплати во рок од шест месеци

Александар Гочев беше осуден лани на 21.02. по признавање на вина за измама, односно незаконско подигнување средства од благајната на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. При читањето на пресудата судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска нагласи дека двегодишната затворска казна ќе се активира, доколку во рок од шест месеци не бидат вратени парите: „Условна осуда од две години, со тоа што нема да се изврши казната затвор, ако во време од пет години не стори ново кривично дело. Утврдената казна во две години ќе се изврши, ако во рок од шест месеци не го надомести имотно-правното побарување на Националната агенција од 943.757 денари“. Медиумите пренесоа дека адвокатот на Гочев, Петре Шилегов, по читањето на пресудата изјавил дека штетата ќе биде надоместена во рок од шест месеци. Шесте месеци се поминати, а сумата сѐ уште не е подмирена.

броење евра, раце

Пред наближувањето на датумот за одржување на одложената седница на Кривичниот совет осудениот Александар Гочев беше повторно контактиран од страна на Нота.мк, но сега тој одбива да комуницира, бидејќи не бил задоволен и гледал тенденција што неговата тема се објавила по објавувањето на текстовите за злоупотребата на над 2,2 милиони евра – пари од eвропски фондови. Нациналната агенција, од чија благајна тој ги подигнал парите за кои е осуден, се финансира со средства од ЕУ.

Гочев, иако смета дека текстот не бил лага, одбива да одговара на прашања и упатува одговорите да се барале од институциите надлежни за случајот по денешниот датум.

Нота.мк минатата недела се обрати за одговори на темата и до директорот на Националната агенција, Марко Ѓоргиевски, од каде повторно – и до објавувањето на овој текст, нема одговори на прашањата.

Осудениот ќе бил и сведок

Александар Гочев беше соработник на поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова. Гочев призна вина дека додека бил времено ангажиран во Националната агенција употребил факсимил што му го дала Димова и преку десет обрасци за исплата на пари прикажал невистинити податоци дека парите претставуваат аванс за негово службено патување. Така ја оштетил Националната агенција за 943.757 денари, или над 15.000 евра. Условната казна може да му се активира во затворска и ако во рок од пет години направи ново кривично дело.

Во истиот процес ѝ се суди и на Лидија Димова за злоупотреба на службената положба и овластување и за измама, а на тогашната благајничка Ана Павлиду за несовесно работење во службата. Димова за Нота.мк тврдеше дека е на обвинителна клупа затоа што не повлекла пријава поднесена од нејзина страна во Обвинителството за злоупотреба на 2,2 милиони евра – пари што сега ОЛАФ бара да се вратат во Европската комисија.

Lidija Dimova sud

Притисокот за повлекување на пријавата, според Димова, бил од тогашниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев и од актуелната Национална координаторка за евроинтеграции, Нола Исмајлоска-Старова. Нота.мк прва го објави и заклучокот од истрагата на ОЛАФ против Димова, во кој се наведува дека не се најдени докази за злоупотреба на европски пари од нејзина страна.

Осудениот Гочев е истакнат активист на СДСМ. Тој во телефонски разговор во март годинава за Нота.мк информираше дека има најава оти Павлиду ќе го повика како сведок и, како што во претходен разговор информираше, во тоа сведочење ќе објави детали, коишто се случувале во Агенцијата додека тој бил таму, а дел од нив не биле познати за јавноста. Според обвинетата Димова, појавувањето на Гочев како сведок било најавено за 30.05. оваа година.

Related posts

Денеска истекуваат 45 дена рок од ЕК за враќање на злоупотребените над 2,2 милиони евра

Европска комисија: Националната агенција е две години со нарушен статус

ЕК: Земјата мора да го подобри спречувањето и известувањето за неправилности со ЕУ-фондовите

Поврзаност меѓу поединци и странски организации со првопријавеното лице за злоупотреба на ЕУ-пари

Се одчитува....

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading