17/05/2024
нота.мк
Актуелна Нота

Македонија е втората најзагадена држава во Европа

Швајцарската компанија АјКјуEр (IQAir) денеска го објави извештајот за аерозагадувањето во 2023. Македонија останува на второто место од 43 држави во Европа според загадувањето на воздухот.

25,2 – тоа е просечната годишна вредност на микрограмите на метар кубен на ПМ2,5 честичките што се дишеле во Македонија во 2023 година. Подобрувањето од 0,4 микрограми на метар кубен, во однос на 2022 година, не ја тргна земјата од втората позиција на најзагадена европска држава, веднаш зад Босна и Херцеговина. Споредена со 134 земји, региони и територии, во однос на аерозагадувањето Македонија се наоѓа на 32 место. Тоа е подобрување за едно место во однос на 2022 година, кога земјата била на 31 место.

Струмица и Тетово се појавија на листата на најзагадени европски градови

najzagadeni gradovi

И покрај тоа, се нотира влошување кај неколку македонски градови. Во 2022 година ниту еден град од Македонија не се најде на листата со 15 најзагадени регионални градови во Европа. Но, во извештајот на швајцарската компанија IQAir за 2023 година се појавуваат Струмица, како 12 најзагаден регионален европски град, и Тетово, како 14 најзагаден регионален град.

Иако просечната годишна концентрација на ПМ2,5 честички во Скопје се намалила за 2 микрограми, македонскиот главен град е за една позиција полошо пласиран во однос на 2022 година, поради подобри вредности во другите главни градови. Скопје е на 30 место од 114 најзагадени главни градови во светот.

„Кога е темно нема да го видите чадот“

Во документарецот „Пази! Видлив воздух“ и истражувањето за аерозагадувањето во македонскиот главен град, извршниот директор на IQAir, Франк Хамес, оцени дека подобрувањето во Скопје се движи бавно и дека така за деценија или две би се постигнал подобар квалитет на воздухот.

Мислам дека Скопје стартуваше од лоша точка во однос на квалитетот на воздухот. Стана подобро со текот на времето. Мислам дека има надеж. Секоја година станува за еден до два микрограми подобро. Има мал напредок што доаѓа. Мислам дека тоа покажува дека има мал напредок, но сѐ уште мислам дека ако одиме само вака бавно ќе требаат десет или дваесет години за да се постигне квалитет на воздухот, којшто е поприфатлив“, изјави Франк Хамес, извршен директор на IQAir.

Frank Hames

Тој го споредува македонскиот главен град со Лос Анџелес, поради формата на тенџере, во која се заробува загадениот воздух. Тоа загадување доаѓа од старите увезени возила, од индустријата, но и од домаќинствата.

Frank Hames

„Домаќинствата се голем проблем за загадувањето на воздухот во Скопје, посебно во зима. Во многу сиромашни земји и во земји во кои населението можеби нема доволен пристап до чисти материјали за греење, горењето отпад е еден од големите проблеми, посебно во зима. А, кога горите пластика и кога горите дрво, кое е под стандардите, шансите да произведувате аерозагадување се до 10 пати поголеми отколку, на пример, со гас или со многу чисто горивo. Можеме да забележиме дека некои индустриски играчи, околу светот, всушност прават некои од горењата навечер за да ја сокријат таа активност од властите. И така треба да ги погледнете информациите од мониторите за квалитетот на воздухот во реално време за да видите. Некогаш гледате како се создаваат врвовите на загадување на воздухот во ноќта. Кога е темно нема да го видите чадот“, додава Хамес, објаснувајќи зошто нелегални активности се случуваат во ноќта и зошто сензорите се значајни во тоа откривање.

Загаден воздух – извор на болести

Проценките се дека аерозагадувањето е одговорно за еден од девет смртни случаи во светот и тоа се смета за најголема еколошка закана за човековото здравје. Аерозагадувањето се посочува како извор на здравствени проблеми, како што се астма и други белодробни болести, рак, мозочен удар, но и за проблеми со менталното здравје или комплицирање на постоечки болести, како дијабетесот.

Извештајот ги сумира податоците за квалитетот на воздухот PM2.5 од 7.812 градови, кои опфаќаат 134 земји, региони и територии. Податоците искористени за креирање на извештајот се собрани од повеќе од 30.000 станици за следење на квалитетот на воздухот.

Related posts

ОЛАФ бара Македонија да врати 2,2 милиони евра од злоупотребени европски фондови

Видлив воздух, невидливи луѓе

Димитар Мицев

Странец се обидува да го подобри квалитетот на воздухот во Скопје

Димитар Мицев

Фалат 48 проценти од потребните инспектори за животна средина

Димитар Мицев
Се одчитува....

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading