22/04/2024
нота.мк
Аналитичка Нота

ОЛАФ без наоди затворил истрага против Лидија Димова

Истрага против Лидија Димова направила и Европската канцеларија за борба против измами – ОЛАФ, но ова тело на Европската комисија ја затворило истрагата, поради немање докази за сторена злоупотреба на европски фондови од нејзина страна.

Во документот од август минатата година ОЛАФ ја информира Димова за затворената истрага, во која таа била засегнато лице. Формулацијата „засегнато лице“ се однесува на секое физичко лице или економски оператор под сомнение за извршена измама, корупција или која било друга незаконска активност што влијае на финансиските интереси на Унијата, и кое поради тоа е предмет на истрага од ОЛАФ.

OLAF

„Базирано на наодите во оваа истрага, без прејудицирање на која било истрага која се спроведува од канцеларијата на јавниот обвинител на Република Северна Македонија, како и за кои било заклучоци што треба да ги донесе ОЛАФ во врска со други личности и ентитети, ОЛАФ ја затвора истрагата без наоди кои се однесуваат на Вас“, стои во документот од ОЛАФ.

Dokument OLAF

Претставници на ова европско тело никогаш не изразиле желба да се видат со поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Вработени во ОЛАФ имале средби со други лица од Агенцијата. Димова била контактирана по електронски пат во јуни и во август, кога и бил доставен документот, кој сега е дел од извештај на вешто лице, направен по барање на одбраната на Димова. Нота.мк ја праша дали судот го прифатил тој извештај и документот од ОЛАФ како доказен материјал?

„Обвинтелката го оспори вештиот извештај. Само таа знае зошто! Патем, обвинтелката не нарача вештачење, туку ми го остави тоа мене. Судијката не се изјасни, а верувам дека тоа ќе го направи натаму во процесот. Апсурдот е дека сум обвинета за злоупотреба да европски фондови, а ОЛАФ смета дека нема измама. Јас сега навистина не знам за што ми се суди“, вели Димова.

Lidija Dimova

Проектот за практична работа во ветеринарно училиште добил награда

На неа од февруари лани ѝ се суди за злоупотреба на службена положба и овластување, и за измама. Прашана ако нема вина, како што тврди, зошто тогаш се најде на обвинителна клупа, Димова вели:

„Јас сум типичен пример за партиска непослушност. Да се согласев да делев проекти по партиски клуч – како што бараше искусниот познавач на граѓанското општество во СДСМ, и да ја повлечев пријавата – како што бараше другарот на Нола Исмаиловска, верувам дека дури ни корупционерот (според неа, укажува на фукцијата во тоа време на вицепремиер за борба против корупцијата и криминалот, н.з.) Љупчо Николовски немаше да има ништо против моето директорување. Но, она што е пострашно во мојот случај е спрегатата на политиката и медиумите. Впрочем, колку треба да сте паметен за да знаете дека никој не дава пари за тренинг на магариња? ‘Најтрагично’ од сѐ е што следната година, тие ‘тренирани магариња’ добија признание за најуспешен проект во средно стручно образование на Еразмус+ и тогаш ниту еден медиум не го објави тоа“, вели Димова.

Lidija Dimova sud

Признаено дело за злоупотреба на пари, но тие уште не се вратени

Она што медиумите го објавија е пресудата за едно од трите обвинети лица. Александар Гочев беше обвинет за измама и по признавање на кривичното дело, на 21.02.2023 година доби двојна условна казна од судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска:

„Условна осуда од две години, со тоа што нема да се изврши казната затвор, ако во време од пет години не стори ново кривично дело. Утврдената казна во две години ќе се изврши, ако во рок од шест месеци не го надомести имотно-правното побарување на Националната агенција од 943.757 денари“.  

Петре Шилегов, адвокат на Гочев, по читањето на пресудата нагласил: „ Штетата ќе ја надоместиме во рок од шест месеци“. По истекот на рокот, Нота.мк праша и кај адвокатот Шилегов, и кај осудениот Гочев, но и кај директорот на Националната агенција – дали парите се вратени назад? Шилегов се повика на неможноста да дава информации за странки, поради кодексот на адвокатурата.

Директорот м-р Марко Ѓоргиевски во септември лани за Нота.мк изјави дека „има судска одлука по која ќе се постапи кога ќе се создадат услови согласно закон. Согласно закон се однесува на тоа дека одлуката треба да стане правосилна и извршна. Можете да бидете спокојни дека како Национална агенција ги превземаме сите обврски спрема сите судски спорови во кои е вклучена Националната агенција“.

Marko Gjorgievski

По едно од рочиштата против Димова, Нота.мк побара објаснување од судијката Јанчулева-Михаиловска зошто не е активирана затворската казна и дали медиумите погрешно го пренеле нејзиното читање на пресудата? Судијката рече дека тоа за затворската казна е така, но и не е така, бидејќи имало жалба на пресудата. Тука се вмеша обвинителката Сузана Мирчевска-Кузмановиќ објаснувајќи дека осудениот Гочев поднел жалба во Апелациониот суд Скопје за висината на казната од нешто над 15.000 евра. И двете не можеа да кажат колку долго ќе трае тој процес.

Lidija Dimova obvinitelna klupa

Најава за детали од работењето на Националната агенција

Временската рамка ја даде самиот Гочев: „има судски процес, кој треба да заврши во понеделник на 25.03.“. Гочев во комуникацијата нагласи дека има најава дека наскоро ќе биде повикан како сведок во процесот кој се води против Лидија Димова и Ана Павлиду. „Мислам дека ќе Ви биде многу од корист доколку присуствувате за да ги слушнете сите детали, коишто се случуваа во Агенцијата во периодот додека бев таму. Дел се веќе познати на јавноста, но дел не се“, посочи Гочев.

Димова забележува дека досега имало многу одложувања на рочиштата.

Olaf sediste

„Мислам дека тоа главно се должеше на истрагата на ОЛАФ. Обвинителството не сакаше да мрдне кога слушна дека ќе има истрага од ОЛАФ, иако двата случаи ги смета за оддвоени и не сака никако да ги спои“, вели Димова.

Под двата случаи таа го подразбира оној што се води против неа и тој што таа го има пријавено за злоупотреба на европски фондови, а за кој ОЛАФ направил истрага и бара враќање на 2,2 милиони евра од државниот буџет.

Димова вели дека по отказот од работа во 2020 година поднела тужба до Управниот суд за, според неа, незаконската смена, затоа што немало пресуда дека украла пари, за да добие отказ. Се жали на повисока инстанца поради одлуката на тој суд.

„Не само што ме разрешија, туку од само за нив познати причини ми забранија вршење на дејност. Кога прашав која дејност, Обвителството ми рече дека несмеам да се занимавам со Еразмус+, но не сакаше да ми издаде никаква потврда. На тој начин ми ја запечатија кариерата. Јас бев без работа, а ниту еден од моите два сина тогаш не беше вработен. Згора на тоа имам и адвокатски трошоци. Иако апсурдно, јас верувам во божја правда и чекам да видам што ќе се случува. Фактот дека ОЛАФ ги бара 2,2 милиони оди во моја корист, смета Димова.

Истрагата за Лидија Димова беше отворена во октомври 2020 година, а обвинението беше покренато на почетокот на јуни 2022 година. Медиумите информираа дека истрагата траеше подолго од вообичаениот рок од шест месеци поради пандемијата. Таа е обвинета е дека со својата работа и поведение наштетила на средства од Европската унија.

(продолжува)

Related posts

Пријавените и по пријавата во Обвинителството си добивале ЕУ-фондови

Два месеци плус пролонгирање на враќањето на злоупотребени ЕУ пари

Потврда на прес во Влада дека Македонија ќе враќа 2,2 милиони евра

Сведок на ОЛАФ тврди: исти лица во Македонија продолжуваат со проневера на европски пари

Се одчитува....

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading