03/03/2024
нота.мк

Доколку човек сака да каже или да напише нешто за некоја работа и да се ослободи од опасноста за заземање страна, тој мора да ги следи изворите од што повеќе земји. Па така и јас. Секојдневно на работната маса, задолжително имам теkстови од неколку руски и украински медиуми. И провладини и „опозициони“. Исто и од странски агенции или списанија.

Тоа ми овозможува да направам споредба за некој настан за да дојдам до некоја вистина. Не нечија. Пример, Ројтерс имаше објавено една вест која зборуваше за некои негативности и во Русија и во Украина. Руските медиуми ја објавија веста, но за работите, кои се однесуваа на нив премолчеа, а и Украинците ги избришаа работите кои фрлаа вина врз нив. Па така, веста беше пренесена точно, но некои факти во објавеното беа изоставени. А тоа зборува во прилог на манипулацијата, односно манипулирањето со содржините. Руските читатели ќе бидат вовлечени во заблуда дека Ројтерс ја критикува Украина, и обратно Украинците ќе сметаат дека Ројтерс ги обвинува Русите, а не и нив. Затоа е потребно консултирање повеќе извори.

За влијанието на странските медиуми

Руските медиуми на Запад, оние провладините, се блокирани, па така не може да се зборува за некакво нивно влијание. Со ова е нарушена слободата на говор. Но, тоа е сопствен избор на секоја држава. Иако, за волја на вистината во време на интернет сите забрани можат да се надминат. И оној кого го интересира нешто лесно може да го најде, на еден или друг начин. На социјалните мрежи, на Јутјуб, Гугл и т.н. Згора на тоа на Запад се преземени драстични мерки за борба со руските дезинфрмации. Всушност се води пропагандна војна, меѓу Истокот и Западот, како де од специјалната војна која се води веќе дваесетина години.

И во Русија се блокирани западни медиуми. Или се прогласени за странски агенти или непожелни. Кај нас нема директна руска медиумска пропаганда веќе неколку години. Се’ она што се пренесува како информација или дезинформација е преземено од соседството. Уредниците и новинарите ги мрзи да одат подалеку од српските, хрватските или бугарските медиуми, не знам како е со албанските медиуми, па најлесно им е копи-пејст новинарството. Со сите пропагандни наративи, со сите грешки, со целото незнаење на тие јазици, па понекогаш излегуваат дури смешни. За Западот не треба да се трошат зборови. Тој е неприкосновен, па дури и кога се шири западна пропаганда. Тој е „наш“. Таков е приодот на нашите медиуми кон западните извори на информации. А што се однесува на влијанието на руските медиуми врз публиката во Русија, тоа е големо. Згора на тоа, таму нема опозициони медиуми.

За медиумите во земјата

Според она што можам да го следам, засега тие во најголем дел се трудат да бидат објективни. Да споделат сеопфатна вистина. Но има екстреми, кои се во служба на едната или на другата страна. И работат во прилог на пропагандата на двете страни.

До кога ли ќе трае

Ова е прашање на кое многу тешко може да се даде точен одговор. Борби ќе има и натаму. Гледате дека постојано Украина ја вооружуваат од Западот, а не заостанува на тој план ни Русија, вооружување на сопствената армија. Ќе се војува се додека има оружје или додека не се постигне некаков мир. Но тој засега не е на повидок. Лично сметам дека војната ќе запре кога тоа ќе го сакаат Американците.

Улогата на религијата

Религијата е посебно прашање. И тоа придонесе кон ескалацијата на спротивставувањето меѓу Украина и Русија. Судирот меѓу Фанар и „Третиот Рим“. А гледаме сега дека почнуваат пресметки и на религиска почва. Рускиот патријарх ја „благословува“ војната, додека украинската држава по секоја цена сака да ја уништи Украинската православна црква – Московска патријаршија. Војната нема да прерасне во верска, иако има некои знаци за такво нешто.

Како до точни информации

Во прв ред објективно следење на развојот на ситуацијата. Црпење сознанија од повеќе извори. Во прв ред од украински и руски медиуми. Што помалку потпирање на извори од соседните земји. И доколку, што повеќе официјални извори. Зашто што она што тие ќе го кажат може да биде „обработено“, па дури
„преработено“, по што и тој извор не ќе може да поверува што се’ кажал.

Мирче Адамчевски

(1979-2004) – Нова Македонија

(1993-1999) дописник од Москва.

2023 Автор е на публикацијата „Македонско-руска соработка”

Еден од основачите и прв главен уредник на списанието за градежништво, архитектура, екологија и инвестиции „Порта 3”.

2006 претседател на Советот за радиодифузија

Активен претседател на комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија

Остави коментар

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading