03/03/2024
нота.мк
Аналитичка Нота

Вештачката интелигенција – нова алатка за креирање дезинформации

Неодамна се појавија видеа од „дивата“ младост на поранешната германска канцеларка, Ангела Меркел. Ова не беа компромитирачки материјали, туку моќта на вештачката интелигенција – на интелигенцијата на софтверите и машините. Ќе ве направи повторно млади, ќе ви даде супер моќи или, едноставно, ќе ви направи хаос од приватниот и професионалниот живот.

Навидум смешни и досетливи содржини, но толку вешто направени што лесно можат да станат и проблематични. Овие видеа, во кои поранешната германска канцеларка Ангела Меркел е претставена како поп ѕвезда, станаа меѓу најгледаните и најсподелуваните на социјалната мрежа ТикTок. Направени се со помош на вештачка интелигенција и се само прозорец кон она што таа го носи: напредок, креација, но и многу предизвици и најверојатно – проблеми.

Меркел не е единствената јавна високопрофилирана личност што се најде како предмет на интерес во креирање видеа и фотографии со помош на вештачка интелигенција. Има и многу други: папата го видовме во монтка, Трамп како наводно бега од полиција, пред таа да го “уапси“, но и филмски и музички ѕвезди починати пред децении видовме како би изгледале денес. Со вештачка интелигенција беше претставено и како би изгледала принцезата Дајана денес, кога би била жива. Сѐ на сѐ фасцинантно, но и морничаво.

„За пет години на светско ниво максимум, Македонија за 10, ќе мораме да донесуваме храбри одлуки, вештачката интелигенција да стане дел од нас. Позициите во голем дел од индустриите ќе зависат од тоа колку вешто ние се справуваме со технологиите на ВИ. На примр, ние имаме копирајтери,и сега некои ни велат не ви требаат, имате ЧАТџипити и да не ги редам и именувам. Но, не може да ги замени, сепак човечкиот фактор драстично менува. Можеби ќе промени во смисла наместо тројца да биде еден, или наместо десет тројца луѓе во копирајтинг, а за една година и во дизајн, но, нема да биде толку брзо да се замени комплетно“, вели маркетинг експертот Митко Андонов.

Дека човекот не може да се замени се согласуваат и новинарите, и експертите. Иако новинарството се смета за ранлива професија, во која големи промени ќе внесе вештачката интелигенција, тоа секако нема да биде во оваа декада.

Паул Ешенхаген

Барем во моментов не гледам дека вештачката интелигенција може да замени новинарки и новинари, водителки и водители, истражувачи и така натаму. Сепак, од друга страна, гледаме почетоци дека од медиумските куќи тоа веќе се пробува. Најавено е дека од летото треба да има комплетно со вештачка интелигенција генерирано радио со гласови од вештачка интелигенција како радио водители. Веќе постои едно такво радио – „Радио Хелгoланд“, каде тоа се испробува. „Шпрингер“ (издавачот на „Билд“, н.з.) најави дека ќе отпушти 200 луѓе и тоа, меѓу другото, го оправда и со примената на вештачката интелигенција, вели Паул Ешенхаген од Германскиот сојуз на новинари.

Воопшто не е состојбата сега во 2023 таква што системите со вештачка интелигенција навистина ќе ги заменат новинарите, ни во печатениот дел, ниту во кој било друг дел, туку таму, така да се каже, луѓето се сѐ уште одговорни за содржините. Во секој случајза најголемиот дел од содржините, иако веќе има системи, кои одредени форми на вести, на пример извештаи за времето или спортски извештаи, можат да ги создадат целосно автоматизирано“, вели д-р Андреас Зудман, научен работник во одделот за медиумски студии на Бонскиот универзитет и експерт за вештачка интелигенција. 


Чутановски

За продлабочени бекграунди, анализи, и такви пософистицирани новинарски формати вештачката интелигенција сѐ уште не може да се носи со човекот, меѓутоа и тоа ќе дојде. Веќе сега има обиди вештачката интелигенција да пишува коментари. Значи, има мислење – opinion pieces

— Горан Чутаноски, новинар и фотоуредник во Дојче Веле.

Вештачката интелигенција користи веќе создадени материјали на Интернет и со тоа се засегнуваат нечии авторски права. Ова ќе биде еден од најголемите предизвици во следните години – да се заштити продуктот што некој веќе го креирал во Интернет просторот и што понатаму е предмет на обработка од вештачката интелигенција, бидејќи токму врз таа основа некој може да заработува милиони. Друг момент е транспарентноста. Треба да се нагласи дека нешто е направено со помош на вештачка интелигенција и со таа содржина не треба да се шпекулира.

Такви случаи на недостаток на транспарентност или шпекулирање со вештачка интелигенција имаше неодамна во медиумите во Германија. Неделникот „Ди Актуеле“, кој со теми како готвење, домаќинство, здравје и информации од животот на познати личности е наменет за женската публика, во април годинава користејќи ја формулацијата „светска сензација“ објави наводно „прво интервју“ со поранешниот возач на Формула 1, Михаел Шумахер. По неговата несреќа при скијање во 2013 година тој се нема појавено во јавноста.

„Еве го – неверојатното интервју! Со долгоочекувани одговори на горливите прашања, коишто целиот свет толку долго ги поставува“, стоеше во текстот на измисленото интервју со Михаел Шумахер. Во скандалозното интервју стоеше дека одговорите се создадени од вештачка интелигенција, но се алудираше дека зад информациите во нив стои самиот Шумахер.

„Од каде ги знае оваа вештачка интелигенција личните позадини? За бракот, децата, болестите? Морало некој информациите, како во Википедија, да ги внел на Интернет! Дали тоа бил навистина самиот Шуми, кој од болнички кревет ги куцал информациите?“, се шпекулираше за податоците што вештачката интелигенција ги изнела во лажното интервју.

По реакциите во јавноста и медиумите, без работа остана главната уреднична на магазинот, а издавачката куќа Функе јавно ѝ се извини на фамилијата Шумахер.

„Овој невкусен и заблудувачки напис не смеешеникогаш да се појави. Тој во никој случај не ги исполнува стандардите на новинарството што ние, и нашите читателки и читатели, ги очекуваме од издавач каков што е Функе“,стои во соопштението на Бјанка Полман, менаџерка на магазините на издавачката куќа Функе, објавено на 22.04.2023.

Медиумскиот концерн „Хуберт бурда медиа“ пред неколку месеци издаде магазин „99 рецепти за тестенини“ произведен со вештачка интелигенција, без тоа да им биде укажано на читателите.

„Таму тие издадоа буквално цел магазин со рецепти, текстови и фотографии генерирани со вештачка интелигенција, без тоа транспарентно да го направат. Сега не знам колку луѓе готвеле според овие рецепти и дали тие рецепти навистина биле за јадење, но овој магазин е излезен на пазарот и тоа беа очигледно 100 процентно генерирани содржини со вештачка интелигенција“, Паул Ешенхаген, референт за дигитална комуникација и заменик портпарол на Германскиот сојуз на новинари – ДЈВ.

Во браншата постои мислење дека ќе мора да се обележуваат содржините, кои се создадени со вештачката интелигенција, бидејќи со нејзина помош може да се креираат и проблематични содржини.

„Верувам дека би помогнало да се означуваат содржините создадени со вештачка интелигенција како такви. Многумина не се свесни дека вештачката интелигенција не е созреана и дека суштински е да се пристапува со одредена внимателност. Сепак, тоа е и класно прашање кои или дали некој воопшто има пристап до темава и дали е свесен дека може да постојат и лажни вести. Верувам дека означување би помогнало посензибилно и повнимателно да се занимаваме со одредени теми или одредени известувања“, смета Тијана Милошевска, студентка на мастер студии, новинарка и радиоводителка.

Милошевска
Судман

„Ова подеднакво Ве погодува Вас, како и мене, и кога гледате фотографија во весник не мислите најпрво, односно не тргате од тоа да кажете: „О, дали e ова вистинско“? Туку, да, најпрво го приемате тоа како вистинско. Не дека тоа не е нормално. Немаме време ни можност сликите и текстовите, кои ги имаме, секогаш да ги доведуваме во прашање“, вели професорот на Универзитетот Бон, д-р Андреас Зудман.

„Законот за авторско право и други сродни права, кога станува збор пред сѐ за фотографии, предвидува две обврски. Едната обврска е да се запази моралното право, односно кој е автор. Мора да е истакнато кој е автор на одредена фотографија, без разлика дали тоа е лице со име и презиме или, пак, е некој тип на софтвер. И второ, ако во случајот станува збор за професионален фоторепортер или медиум, да се исполни материјалното право – да има компензација. Значи, таа фотографија да биде компензирана финансиски. Зборуваме кога таа е автентична, кога е направена од автор“, вели извршниот директор на Здружението на новинари на Македонија, Драган Секуловски.

Секуловски

Во една прилика од ЗНМ му било укажано на македонскиот премиер дека е значајно да се ставаат водени жигови, посебно на владини фотографии и видеа, за публиката да не биде оставена сама на себе да препознава која фотографија е направена од приватен медиуми, која од Владата, а која од вештачка интелигенција.

Вештачката интелигенција е вешта, но не е совршена. Експертите и фото-уредниците ѝ најдоа многу маани, па споделуваат искуства како може да се распознае реална фотографија од таква креирана со помош на вештачка интелигенција.

Чутановски

„Ушите знаат да се несовршени, да се премногу залепени за главата, да фали некој дел од увото. Знаат да се појават шест прсти наместо пет. Или четири да бидат исто така. Знаат исто така да се појават недоследности во одредени делови на телото, кои што се предимензионирани да речеме. Неодамна се појави сликата на Ши Џинпинг и Путин, и наводно дека Путин му ја бакнува раката на Ши Џинпинг многу поданички, онака демек му се доодоворува, што секако има голема политичка конотација во време на војната во Украина и тие сите стратешки преместувања во светот. И, на крајот се покажа дека сликата е фејк. И велам – такви елементи имаше. Ногата, којшто беше позади, како што Путин беше клекнат на колено, беше предимензионирана и стопалото не беше оформено како што треба“, објаснува Горан Чутаноски, новинар и фото-уредник во Дојче Веле, кој е дел од две комисии за вештачка интелигенција во медиумот.

„Сѐ уште може, на пример кај видеата, да се види дека условите на осветлувањето не одговараат, дека пропорциите на телото не се соодветни ит.н. Кога ќе се погледнe ќе се види нешто што иритира. Одредени делови од лицето, кога лицето е вештачки создадено, делуваат неприродно мазни и т.н. Тоа значи дека со погледот на специфични детали на сликата може да се види дека тоа видео е некако манипулирано“, објаснува д-р Андреас Зудман, научен работник во одделот за медиумски студии на Бонскиот универзитет.

„Но, тоа се детски болести, кои верувам дека многу бргу ќе бидат искоренети. И ќе биде сѐ потешко и потешко да се разликуваат овие лажни од вистинските фотографии, од вистинските слики и видеа. И верувам дека таму некогаш ќе ни треба задолжителност за транспарентност и задолжителност за означување на видеа и слики генерирани со вештачка интелигенција. Или можеби обратно – на вистинските видеа и слики. За да можам да претпоставам дека сѐ што не е соодветно означено барем со претпазливост е за уживање, бидејќи би можело да биде лажно“, укажува референтот за дигитална комуникација, Паул Ешенхаген.

Освен што вештачката интелигенција не е совршена, таа во некои случаи е прилично глупава, велат новинарите. Затоа, никој не очекува дека во блиска иднина ќе може вештачката интелигенција да прави длабоки анализи, она што во моментов е задача на специјализирани новинари.

„Дека вештачките интелигенции делумно стануваат сѐ поглупави, затоа што сѐ повеќе се хранат со други содржини создадени од друга вештачка интелигенција и така се создава некој вид инцест на вештачката интелигенција. Преку тоа не може ништо ново таму да влезе. Вештачките интелигенции не можат сами нешто ново да измислат, туку тие можат само расположливото да го репродуцираат и врз основа на веројатност да закачуваат зборови еден на друг или да цртаат слики, кои изгледаат како слики од други. Но, самата вештачка интелигенција нема никаква креативност и затоа во секој случај и натаму е потребна содржината направена од луѓето, за вештачките интелигенции да се хранат“, вели референтот за дигитална комуникација, Паул Ешенхаген.

„Многумина го пробуваат ЧетЏПТ и заклучуваат кога, на пример, сами си го пребаруваат сопственото име: „Ах, системот не ме знае. Колку е глупав“ и така натаму. Но, тоа секако не е така. Тоа е на крајот само одраз на тоа дека не се толку битни како Доналд Трамп. Тоа човек го знае однапред. И, соодветно на тоа, ако има малку податоци за нив “, вели д-р Андреас Зудман.

Додека во одредени медиуми се прават експерименти со вештачката интелигенција, во други има одлучност таа да служи само како корисна алатка, и да не смее да се објавуваат содржини целосно направени од неа, бидејќи е потребна сериозна контрола на  веродостојноста на информациите и податоците што таа ги продуцира.

„Главна одлука на целото раководство на куќата и на главната уредничка на куќата, Мануела Каспер-Клерич, е дека вештачката интелигенција засега може да се користи само како помошник. На крајот содржината што можеме да ја добиеме, што ќе се генерира со вештачка интелигенција: текст, слики, програма и т.н. мора да помине низ човечки раце. Значи, на крајот на краиштата одговорноста за сѐ што куќата презентира на светската јавност лежи во рацете на одговорните уредници, на тие што на крајот на краиштата служат како четири очи, на тие, коишто ја преземаат и ја корегираат целата работа“, вели фото-уредникот во Дојче Веле, Горан Чутаноски.


Судман

Ако сега Асошиејтед прес, или која било американска телевизија, или Лос Анџелес тајмс примени вештачка интелигенција, тогаш нивното барање е информациите да се точни, како што се очекува и од луѓето

професор д-р Андреас Зудман

Дали може вештачката интелигенција да се стави во некаква рамка? Кој ќе го контролира нејзиното користење? Овие прашања ги мачат и бизнисмените и експертите и секој е со различни очекувања и барања.

„Знаеме дека последните дваесет години настанаа најголемите промени, напредок во човештвото, со појавата на компјутерите, мобилните телефони и интернетот. Сега вештчката интелигенција ќе ги надмине нив. Јас сум среќен и оптимистички гледам на ВИ. Се додека успееме да надвладееме и да ги имаме правите луѓе што ќе бидат насочени во тој дел. Тоа што ќе се случува во иднина е ВИ неизбежно ќе биде огромна промена и незибежно ќе го промени начинот на живеење, до толку многу, што генерациите што денес, претежно зборувам за бизнисите, нема да можат да се вклопат. Ќе има драстични промени во поредокот и во економијата. Сега, мојот повик и надеж е дека ќе ги најдеме правите луѓе коишто ќе направат регулација“, вели Митко Андонов, сопственик на маркетинг агенција.

andonov

„Едноставно верувам дека претпоставката оти технологиите на вештачката интелигенција може целосно да се суспендираат, да се контролираат или преку етички упатства може да се стават во вистинска насока и со тоа да се исклучи злоупотреба, тоа е исклучително наивна и проблематична замисла, затоа што нема да функционира“, вели универзитетскиот професор и експерт за вештачка интелигенција д-р Андреас Зудман.

„Тие правила на игра сметам дека треба да бидат во доменот на заштита на авторското право и во потенцијална злоупотреба од креирање на плагијати. Меѓутоа мора да се земе предвид дека тоа е алатка или тоа се алатки коишто се достапни слободно да се користат, повеќето се слободни, некои се на база на претплата, се достапни на Интернет и тешко може некој, како што е во Македонија, да направи ограничување. Како Здружение на новинари ние секогаш сме внимателни околу оние регулативи и ограничувања, бидејќи сметаме дека слободата на изразување, иако не е апсолутно право, треба да ужива огромна слобода и потенцијални ограничувања може само да отворат нови проблеми, каде што алатките ќе се користат на страна и притоа може да има и поголем степен на злоупотребување“, вели Драган Секуловски од ЗНМ.

Иако нема регулатива за користењето на вештачката интелигенција ни во Германија, ниту во Македонија, и во двете држави важат правилата на новинарската етика. Ловењето на таквите производи и помошта на новинарите во распознавањето што е создадено од човек, а што од машина ќе биде повторно со помош – на машина.

Куќата веќе има развиено два софтвера, коишто служат токму за откривање на такви слики, видеа и други содржини, коишто се произведени со вештачка интелигенција. Таму каде што човечкото око воопшто не може да досегне, тие софтверски решенија ќе бидат направени така, односно веќе се делумно направени, да ги препознаваат сите фејк: и видео и слики и текстуални пораки и т.н. Значи, тоа што доаѓа од четботови, каде што не се луѓе, туку се машинерии“, објаснува Горан Чутаноски, кој е дел од две комисии за вештачка интелигенција во Дојче Веле.

Вештачката интелигенција се користи како поддршка не само во новинарството, туку и во архитектурата, медицината и многу други и некреативни и креативни бранши. Акцентот е на користење како помошник, бидејќи верификацијата на крајниот резултат мора да помине низ човечки раце. Во новинарството и при користењето на вештачката интелигенција мора да постои принципот на два извора на информации, бидејќи таа сама по себе не е извор на информации.

Автори: Александар Методијев, Сузана Мицева

IKS
ne veruvaj proveruvaj

Овој производ е изработен во рамките на проектот ,,Користи факти”, кој го спроведува Институтот за комуникациски студии, со поддршка на Британската амбасада во Скопје.

Related posts

Негување медиумска писменост кај децата – зајакнување на нивната отпорност на дезинформации

Димитар Мицев

Битка против дезинформациите

Сузана Мицева

Со дезинформации во маркетиншки цели до милионски заработки

Сузана Мицева

Остави коментар

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading