22/04/2024
нота.мк
Културна нота

Моќта на јазикот

Jазикот е способност на луѓето за општествена комуникација преку артикулиран систем на вербални знаци што овозможува формирање на мисловни содржини и нивно пренесување во форма на кохерентни говорни пораки (Р. Бугарски, Јазик и култура).

socijalizacija

Бидејќи основната функција на јазикот е комуникацијата меѓу луѓето, јазикот е всушност основата на човековата социјализација. Преку својата основна функција, јазикот може да се користи за различни цели и во многу ситуации. Во овој текст ќе ја разгледаме моќта на јазикот и како основно прашање ќе ги истражиме сите начини на кои јазикот може да влијае врз нас, имајќи предвид дека за некои негови влијанија речиси и не сме свесни.

Моќта на идентификацијата

Јазикот има моќ да обединува и да создава чувство на заедништво помеѓу двајца луѓе кои никогаш претходно не се сретнале. Замислете дека сте во мултимионски град илјадици километри оддалечен од вашето родно место. Во еден момент, на улица, го слушате вашиот мајчин јазик, што ви буди силна желба да дознаете кој го зборува, а можеби и да и пријдете на таа личност и да разговарате со неа. Возбудени сте како да сте сретнале некој ваш близок, иако можеби никогаш претходно не сте ја виделе таа личност; сепак, јазикот што го зборувате ве привлекува. Јазикот ве тера да се идентификувате со случаен минувач на улица. Кога зборуваме за идентификување и припадност, треба да го имаме предвид примерот на нациите, кои се создадени врз основа на заедничка историја, традиција и култура, но често (иако не секогаш) врз основа на заеднички јазик што ги поврзува луѓето во една група.

Јазикот има моќ да нѐповрза во поблиски заедници, во кругови на семејството и пријателите. Има мини жаргони, начини на акцентирање на зборовите и некои само нам познати поговорки кои нѐ зближуваат. Децата имаат навика со своите пријатели да измислуваат „таен јазик“ со кој само тие, во нивната група, би можеле да комуницираат меѓу себе. Иако често е целосно измислен јазик, неговата функција на зближување на луѓето и нивно идентификување останува доминантна.

Моќта за  меѓународно разбирање

Иако луѓето зборуваат различни јазици, низ историјата биле познати јазици на  дипломатијата, утврдени така што државните претставници да можат подобро да се разбираат меѓусебе за време на преговорите. Во текот на 20 век, дипломатскиот јазик стана начин на комуникација меѓу луѓето и во секојдневните ситуации, пред сѐ поради популаризацијата на туризмот, но и поради службените патувања и меѓусебното вмрежување на сè поголем број луѓе. Првиот дипломатски јазик бил латинскиот (иако неговата употреба првенствено била писмена), потоа францускиот, а до денес јазик на глобалната комуникација останува англискиот.

komunikacija

„Крунисувањето“ на одреден јазик како дипломатски повеќе зборува за моќта на државата во која дадениот јазик е официјален, отколку за самиот јазик. Да го земеме примерот на англискиот јазик. Употребата на англискиот јазик како „лингва франка“започна со колонијалното ширење на Обединетото Кралство, за да го достигне својот врв во 20 век, со зајакнувањето на Соединетите Американски Држави и нивната доминација како глобална суперсила. Меѓутоа, поради гореспоменатите историски и политички околности, англискиот јазик се зборува на глобално ниво како олицетворение на моќта на САД. Друг интересен пример кој ја илустрира врската помеѓу политичкото влијание на една земја и моќта на нејзиниот јазик е примерот на рускиот јазик и неговото присуство во социјалистичка Југославија. На крајот на Втората светска војна, рускиот јазик се изучувал во училиштата во Југославија како основен странски јазик, пред се поради заедничката политика и интереси на Југославија и Советскиот Сојуз. Сепак, по разделбата на Тито со Сталин и неговото зближување со Западот, англискиот полека го заменува рускиот како прв странски јазик во училиштата низ земјата. Овој пример јасно ја илустрира врската помеѓу моќта на една држава и нејзиниот јазик. Моќта на англискиот јазик ја одразуваше меката сила на Соединетите Држави и нивните стремежи дипломатски, преку својата култура, да влијаат врз придобивање на политички приврзаници.

Пропагандна моќ

Уште од античките времиња на Стара Грција и Стариот Рим, реториката била ценета дисциплина. Славните оратори како Гркот Демостен и Римскиот Цицерон пишувале политички говори против нивните ривали што ги држеле на јавни места, како што е Римскиот форум. Оваа традиција продолжила до ден-денес, а говорите и нивната употреба за политички цели не ја изгубиле својата важност низ историјата. Политичарите ја користат реториката како основна алатка за да придобијат поддржувачи. Историјата е полна со примери на тоталитарни режими кои ја покажуваат важноста што диктаторите им ја придавале на нивните јавни настапи и колкава пропагандна моќ всушност имаат таквите настапи. Секако, покрај внимателно одбраните зборови при ваквите изведби, клучни се и адекватните гестови и ставот на говорникот. Сепак, зборовите секако се најсилните носители на пропагандните пораки на владејачките режими.

propaganda

Еден пример е „црвениот аларм“ што следеше по Втората светска војна во Америка. Сенаторот Џозеф Мекарти водел кампања против комунизмот и комунистите во САД. Неговите говори, кои граѓаните можеле да ги слушнат на радио и телевизија, имале силно влијание, а стравот од комунизмот се вкоренил во јавноста. Слично било и во земјите од источниот блок за време на Студената војна, каде во исто време, како пандан на американскиот „црвен аларм“, се водела пропагандна војна против капитализмот. Главното оружје биле зборовите и говорите. Слични војни на зборови може да се видат и во денешните политички кампањи ширум светот.

Колку е важно претставник или политичар на една земја да ја совлада уметноста на говорењето најдобро говори филмот „Говорот на кралот“ од 2010 година, кој ги прикажува тешкотиите со кои се соочува англискиот крал Џорџ Шести при јавните настапи. Со оглед на тоа што како крал, Џорџ VI не можел да го избегне јавното говорење, морал да побара помош од логопед. Џорџ VI беше на власт во Велика Британија за време на Втората светска војна, кога беше многу потребна поддршката на кралот за граѓаните и војската.

За да се илустрира пропагандистичката моќ на јазикот, во овој текст е даден пример за политички говори, што секако не значи дека политиката е единственото поле во кое јазикот се користи на овој начин. Доминантната пропагандистичка употреба на јазикот е јасно видлива и во различните маркетинг кампањи, на кои, сепак, во оваа прилика нема да се задржуваме понатаму.

Катарина Беширевиќ

Извор:https://www.infoprevodi.com/moc-jezika/

Се одчитува....

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading