22/04/2024
нота.мк
Аналитичка Нота

Два месеци плус пролонгирање на враќањето на злоупотребени ЕУ пари

До петнаесетти мај годинава – дотогаш Александар Гочев, првоосудениот во случајот за злоупотреба на средства на ЕУ, добил пролонгирање да врати над 15.000 евра со камата во Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.

Тоа било одлучено во понеделникот на седница на Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, потврдуваат за Нота.мк и самиот Гочев и од Основниот кривичен суд Скопје.

Justicija, sudski cekan, makedonsko zname

„По правосилност и извршност на пресудата со КОК бр. 21/15 против Александар Гочев, за која е утврдено дека не е подмирена предвидената штета на оштетената Национална агенција, оформен е предмет пред Кривичниот совет, кој на 25.03.2024 година одржа седница на која осудениот побара одлагање на седницата, со кое одлагање ќе му биде овозможен краток рок за подмирување на штетата. Со оглед дека на неговото барање не се спротистави ниту полномошникот ниту надлежниот Јавен обвинител, Советот ја одложи седницата за 15.05.2024 година, до кога осудениот е должен да ја подмири штетата, под закана, во спортива да му биде отповикана условната осуда“, стои во известувањето од Основниот кривичен суд до Нота.мк од каде додаваат дека „пресудата е правосилна, односно не била обжалена пред Второстепениот суд, а е извршна од 14.09.2023 година“. Тоа е спротивно на информацијата добиена по едно рочиште дека пресудата е обжалена на Апелациониот суд.

При читањето на пресудата на 21.02. минатата година, а по признавање на вина за измама од страна на Гочев, судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска нагласи дека двегодишната затворска казна ќе се активира, ако во рок од шест месеци не бидат вратени парите: „Условна осуда од две години, со тоа што нема да се изврши казната затвор, ако во време од пет години не стори ново кривично дело. Утврдената казна во две години ќе се изврши, ако во рок од шест месеци не го надомести имотно-правното побарување на Националната агенција од 943.757 денари“. Медиумите пренесоа дека адвокатот на Гочев, Петре Шилегов, по читањето на пресудата изјавил: „Штетата ќе ја надоместиме во рок од шест месеци“.

Осудениот немал пари да врати, па побарал пролонгирање

Но, шесте месеци поминаа, а штетата не беше надоместена. Александар Гочев, во телефонски разговор, за Нота.мк објасни дека парите не ѝ ги уплатил на Националната агенција затоа што не бил во финансиска можност, додека судските и адвокатските трошоци ги платил веднаш. Преку својот адвокат, како што тврди, во рамките на тие шест месеци побарал одлагање на рокот за уплата.

evro banknoti vo raka

„На 15.05. морам да се појавам со доказ дека ги имам уплатено парите. Во спортивно ќе се активира затворската казна“, вели Гочев, кој не сака негова слика да се објавува во контекст на темава. Тој објаснува дека во решението за извршување, кое го добил, стоело дека на сумата од над 15.000 евра ќе биде додадена камата согласно каматна стапка на Народната банка.

Гочев додава дека во октомври лани Агенцијата поднела известување до судот дека долгот не е подмирен, а барање за наплата на долгот од него било поднесено и кај извршител. Тоа вчера (27.03.) во телефонски разговор го потврди и директорот на Националната агенција, м-р Марко Ѓоргиевски. Ветените пишани одговори, до објавување на текстов, не беа испратени.

Никој не се спротивставил на пролонгирањето

Правникот Владимир Туфегџиќ е човек кој бил и судија и е адвокат, односно бил на двете страни во судницата во текот на својата кариера. Нота.мк го праша за мислење  дали аргумент дека некој не е финансиски во можност да ги врати парите е аргумент за развлекување на извршувањето на некоја пресуда?

Туфегџиќ

Во основа, во судската пракса не е непознато Кривичниот совет да го уважи барањето за пролонгирање на рокот за враќање на парите и вообичаено странките, т.е осудените лица, на закажаното рочиште пред Кривичниот совет доставуваат доказ за делумно исполнување на обврските и образложени причини поради кои не можеле целосно да постапат по задолжението од пресудата, и тоа било основ за дополнителен рок за постапување по барање на осудениот, објаснува адвокатот Владимир Туфегџиќ.

Адвокатот додава дека имало случаи во минатото кога рокот за постапување се одложувал повеќе пати.

„Во судската пракса не е непознато на осудено лице да му биде пролонгиран рокот за постапување повеќе пати, но секако мораат да постојат образложени причини за тоа. Секако, Кривичниот совет цени дали се оправдани причините на осуденото лице да му се даде дополнителен рок за постапување, со оглед дека постапката се води по предлог на Јавен обвинител, по службена должност, или по барање на оштетениот до Јавен обвинител“, додава адвокатот Туфегџиќ.

Од Основниот кривичен суд во Скопје не одговорија конкретно што било наведено во понеделникот како причина за одлагање на седницата, односно што е наведено во барањето за пролонгирање на извршувањето на казната? 

„Што се однесува до причините за барањето, судот води сметка по служебна должност за нивната оправданост, а како што наведовме судот при одлагањето на седницата, односно дадениот дополнителен краток рок, го ценел фактот што на барањето не се спротиставил ниту полномошникот, ниту надлежниот Јавен обвинител“, велат од Основниот кривичен суд Скопје.

Осудениот ќе бил повикан и како сведок

Александар Гочев беше соработник на поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова. Гочев призна вина дека додека бил времено ангажиран во Националната агенција употребил факсимил што му го дала Димова и преку десет обрасци за исплата на пари прикажал невистинити податоци дека парите претставуваат аванс за негово службено патување. Така ја оштетил Националната агенција за 943.757 денари, или над 15.000 евра. Условната казна може да му се активира во затворска и ако во рок од пет години направи ново кривично дело.

Lidija Dimova

Во истиот процес ѝ се суди и на Лидија Димова за злоупотреба на службената положба и овластување и за измама, а на тогашната благајничка Ана Павлиду за несовесно работење во службата. Димова за Нота.мк тврдеше дека е на обвинителна клупа затоа што не повлекла пријава поднесена од нејзина страна во Обвинителството за злоупотреба на 2,2 милиони евра – пари што сега и ОЛАФ бара да се вратат во Европската комисија. Притисокот за повлекување на пријавата, според Димова, бил од тогашниот врв на СДСМ во партиското седиште во Скопје, пред лице од ВМРО-ДПМНЕ, кое сега работи како Национален координатор во Владата. Нота.мк дојде до заклучок од истрага на ОЛАФ против Димова, во кој се наведува дека не се најдени докази за злоупотреба на европски пари од нејзина страна.

Гочев во телефонскиот разговор за Нота.мк вели дека има најава оти Павлиду ќе го повика како сведок и како што минатата недела нѐ информираше, во тоа сведочење ќе објави детали, коишто се случувале во Агенцијата додека тој бил таму. Дел биле познати на јавноста, но дел и не биле.

Related posts

Европска комисија: Националната агенција е две години со нарушен статус

ЕК: Земјата мора да го подобри спречувањето и известувањето за неправилности со ЕУ-фондовите

Поврзаност меѓу поединци и странски организации со првопријавеното лице за злоупотреба на ЕУ-пари

Пријавените и по пријавата во Обвинителството си добивале ЕУ-фондови

Се одчитува....

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading