22/04/2024
нота.мк
Аналитичка Нота

Потврда на прес во Влада дека Македонија ќе враќа 2,2 милиони евра

Барање за враќање на 2,276,212 евра од Македонија во Европската комисија – директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност денеска на прес-конференција во Владата ги потврди информациите, кои за првпат беа објавени на Нота.мк минатата недела. Тој го потврди известувањето од ОЛАФ со број ОC/2019/0983/B4, но не го откри рокот за враќање на парите.

„Во месец март Националната агенцијата доби известување за конечноста на одлуката за поврат на средства од тимот за борба против измами од Генералниот директорат за образование, млади и култура согласно извештајот на ОЛАФ. Со оглед дека во тек е предистражна постапка, што ја спроведува Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, ќе Ве замолам за разбирање што не можам да споделам повеќе детални информации во однос на овој предмет, што е од интерес за севкупната јавност“, соопшти на прес-конференцијата во Владата директорот на Националната агенција, м-р Марко Ѓоргиевски.

Читајќи го текстот, директорот рече дека се работи за 22 корисници на грант, а одговарајќи на новинарско прашање рече дека се работтело за 21 проект.

OLAF

„Имено, на 30.11.2023 преку електронска пошта Генералниот директорат за образование, млади, спорт и култура до Националната агенција за образовни програми и мобилност достави известување во кое се бара поврат на средства во корист на Европската комисија согласно извештајот на ОЛАФ со број ОC/2019/0983/B4. Во известувањето бевме информирани дека постојат одредени наоди за неправилности во врска со проектни досиеја на 22 корисници на грант од програмата Еразмус+, финансирани од Европската комисија. Согласно ова известување се бара поврат на средства од 2,276,212 евра средства кои биле доделувани како грантови во временски период од 2016 до 2018 година“, посочи директорот на Националната агенција.

Директорот нагласи и дека заедно со Владата, преку интензивна комуникација со релевантни европски институции, барале да се  изнајде најсоодветно решение како да се реализира тој поврат на средства и како да не се повторуваат такви случаи во иднина.

Повторување на измамувач

Но, во овој случај се работи за лице кое се повторува како лице инволвирано во измами со европски фондови. Како што веќе објавивме минатата недела, лицето е прво во пријавата поднесена од страна на Лидија Димова, тогашната директорка на Националната агенција, во Обвинителството на крајот на 2019 година. Претходно, за злоупотребата била информирана и Европската комисија. Минатата недела Нота.мк можеше да комуницира со сведок на ОЛАФ, кој посочи дека поради ова лице Македонија веќе еднаш била суспендирана од ЕУ-фондовите. Првопријавеното лице е со двојно македонско и бугарско државјанство.

„Најинтересно од сѐ е дека скоро сите тие скандали се поврзани со една особа и неколку нејзини блиски соработници. Тоа е првоосомничената особа во вашиот текст со двојното државјанство. Заради таа особа нашата држава беше веќе еднаш суспендирана од Еразмус + програмите“, тврди сведокот на ОЛАФ за Нота.мк и додава: „Лицето со двојно државјанство има своја логистика директно во кабинетот на Премиерот, т.е. тој со години е политички ментор и блисок пријател на еден од Националните координатори во Владата“.

Нота.мк побара изјави од Националната координаторка во Владата, која порано беше пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ и гласаше за промена на името, за нејзината поврзаност со ова лице, но до објавување на текстот не доби нејзини одговори. Лидија Димова, по чија пријава ОЛАФ го бара враќањето на овие над 2,2 милиони евра, за Нота.мк тврдеше дека пред истата поранешна пратеничка, а сегашна Национална координаторка, во седиштето на СДСМ од тогашниот врв на партијата ѝ било барано да ја повлече пријавата. Откако тоа не го сторила, според неа, ѝ се случил медиумски линч и судски процес за злоупотреба на ЕУ пари од нејзина страна.

Многу проекти, a две фирми за ЕУ пари

Нота.мк доби допис, кој ОЛАФ во 2013 година му го испратил на посоченото лице со двојно државјанство, со кој го потсетува дека во претходната година било информирано дека било под истрага за неправилности и измама во ЕУ-проекти и дека откако се вратени парите од страна на Националната агенција во висина од 152.181,67 евра, случајот од страна на ОЛАФ е затворен.

OLAF izvestuvanje vrateni pari 2013

Проблемот со тоа лице е што парите од проектите се слевале во неговата и во фирмата на второпријавеното лице, а останатите пријавени лица – претставници на училишта и двајца грузиски државјани, служеле како покритие преку кое парите ќе завршат во фирмите.

Marko Gjorgievski

Актуелниот директор на Националната агенција во интервју за Факултети.мк од 12.04.2021 година изјави: „Согласно своите надлежности можам да кажам дека Националната агенција за европски образовни програми и мобилност ги суспендира сите проекти што се цел на истрага“. Неговата денешна потврда за барање од страна на ОЛАФ да ѝ се вратат на Европската комисија над 2,2 милиони евра покажува дека сепак имало исплата на средства во проекти кои се цел на истрага. Како што Нота.мк објави, фајловите со пријавата од страна на Димова исчезнале во Обвинителството, па по притисок на ОЛАФ копии добиле третман на оригинали. За исчезнување на докази за злоупотреба на ЕУ фондови лани во април информираше и поранешната шефица на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Вилма Русковска.

Related posts

Два месеци плус пролонгирање на враќањето на злоупотребени ЕУ пари

Сведок на ОЛАФ тврди: исти лица во Македонија продолжуваат со проневера на европски пари

ОЛАФ без наоди затворил истрага против Лидија Димова

ОЛАФ бара Македонија да врати 2,2 милиони евра од злоупотребени европски фондови

Се одчитува....

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading