16/11/2026
нота.мк
Аналитичка Нота

Новата енергија, новите професии: кој ќе работи во зелената економија?

Зелената транзиција не е само прашање на производство на електрична енергија од сонце и ветер. Таа отвора можност за нови работни места, локални бизниси и поинаков развој на малите средини. Но, дали жителите на Струмичко, под падините на Беласица и Огражден, ќе бидат дел од новата економија или повторно ќе останат само публика на инвестициите што се случуваат на нивна територија?

Во подножјето на Беласица и Огражден, зелената економија не мора да започне со големи индустриски капацитети, ниту со инвестиции вредни милиони евра. Нејзините почетоци можат да бидат многу поблиску до секојдневниот живот: млад човек обучен да монтира и одржува фотоволтаични системи, електричар кој ќе се специјализира за новите енергетски технологии, земјоделец кој ќе ги намали трошоците за производство со сопствен извор на енергија, семејство што ќе отвори мал туристички капацитет, или претприемач кој ќе најде економска вредност во преработката на шумските и земјоделските производи.

Прашањето е дали овие можности ќе се претворат во вистински работни места, со редовни приходи и перспектива за младите, или зелената економија ќе остане уште еден термин во стратегиите и развојните програми.

Токму малите средини имаат причина да го постават ова прашање. Струмичкиот регион располага со природни, земјоделски и човечки ресурси, но истовремено се соочува со предизвиците на иселувањето, недостигот од квалификувана работна сила и нерамномерниот економски развој. Во такви услови, енергетската трансформација може да биде повеќе од замена на еден извор на енергија со друг. Таа може да стане можност за создавање нов локален пазар на трудот.

solar energy

Од сончевите панели до новите мајстори на енергетиката

Беласица и Огражден се планини со различни природни карактеристики, но и со заедничка развојна можност: нивното пошироко подрачје е поврзано со населени места, земјоделски активности, шумски ресурси и туристички потенцијали. Во овој простор, зелената економија може да се развива низ повеќе меѓусебно поврзани дејности.

Највидливиот сегмент е соларната енергија. Струмичката котлина и околните населени места имаат услови за користење на сончевата енергија, особено преку фотоволтаични системи на покривите на производствените, земјоделските и деловните објекти. Но, зад секој поставен соларен панел стои цела низа професии: електроинженери, проектанти, електричари, монтажери, техничари за одржување, лица за контрола и испитување на системите, како и стручњаци за енергетско управување.

Дека ова не е само потенцијална, туку и сè поизразена потреба на локалниот пазар на трудот, укажува машинскиот инженер Петар Иванов. Според него, младите од струмичко-радовишкиот регион треба навреме да се насочат кон преквалификација и стекнување практични знаења за работа во секторот на обновливите извори на енергија, особено во одржувањето на соларните електроцентрали. Во регионот веќе се поставени голем број фотоволтаични плантажи, што отвора континуирана потреба од стручни лица кои ќе ги следат, сервисираат и одржуваат системите. Тоа значи дека можностите за вработување не завршуваат со изградбата и монтажата на соларните капацитети. Напротив, нивното долгорочно функционирање создава потреба од технички кадар и специјализирани услуги.

Во Струмица веќе постои дел од потребната локална инфраструктура за ваков развој. Неколку компании се поврзани со електротехнички услуги и испитување на фотоволтаични електроцентрали, а постојат и локални деловни субјекти евидентирани во соларниот сектор. Овие примери не се доказ дека регионот веќе има развиен пазар на зелени работни места, ниту дека се создадени одреден број нови вработувања. Тие, сепак, покажуваат дека дел од потребната стручна дејност веќе може да се најде во локалната економија.

Вистинскиот предизвик е таа дејност да се прошири и да се поврзе со образованието и обуките. Ако секој нов енергетски проект бара монтажери, сервисери и техничари, тогаш логично е прашањето зошто овие кадри да се обучуваат исклучиво во поголемите градови или да се ангажираат од други региони.

За младите од Ново Село, Босилово, Василево, Вељуса, Куклиш, Колешино или Радовиш, ова би можело да значи професија што не бара преселба во Скопје или заминување во странство. Но, само доколку постојат локални компании што ќе вработуваат, ќе инвестираат во обука и ќе обезбедат континуирана работа.

далековод струја електрична енергија

Зелената економија не завршува кај електроцентралите

Ако соларните панели се највидливиот симбол на енергетската транзиција, енергетската ефикасност е можеби нејзиниот најнепосреден допир со домаќинствата и малите бизниси.

Подобра изолација на домовите, замена на старата дограма, поставување топлински пумпи, ефикасни системи за греење и ладење и паметно управување со потрошувачката на енергија создаваат потреба од нови услуги. Во овој сектор можат да работат градежници, фасадери, столари, водоинсталатери, електричари, монтери на системи за греење и ладење, енергетски советници и контролори на енергетската ефикасност.

Ова е особено важно за Струмичко, каде што земјоделството и прехранбената индустрија имаат значајно место во локалната економија. Производството, складирањето и преработката на земјоделски производи бараат големи количества енергија. Ладилниците, пластениците, сушарниците, погоните за преработка и пакување можат да имаат значителни придобивки од енергетски поефикасна опрема и обновливи извори.

Замислата за еден земјоделски производител од подножјето на Огражден кој со фотоволтаичен систем ги намалува трошоците за електрична енергија во ладилникот не е само еколошка приказна. Тоа е и економска одлука што може да ја подобри конкурентноста на неговиот производ. Истото важи за пластеничкото производство во струмичкиот регион, каде што енергетските трошоци можат да влијаат врз цената и исплатливоста на производството.

Но, тука се отвора уште една можност: локалните земјоделски стопанства да не бидат само корисници на новата технологија, туку и создавачи на нови работни места. Потребни се техничари за одржување на системите, стручњаци за енергетско управување, лица за модернизација на производствените процеси, но и претприемачи кои ќе развиваат услуги за повеќе земјоделски производители.

Тоа е суштината на зелената економија во малите средини: инвестицијата во технологија да создаде дополнителна економска активност и локална потреба од човечки труд.

Особено значаен е примерот на струмичката компанија „Графосервис“, кој покажува дека зелената трансформација не е резервирана само за енергетските компании. Според податоците објавени од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во јуни 2026 година, семејната компанија, која има 26 вработени, инвестирала во фотоволтаична централа на покривот на производствениот објект. Сега произведува доволно електрична енергија за потребите на производството, а вишокот го предава во мрежата. Сличен пример е и компанијата „АБ Новоселски пат“, која поставила фотоволтаични системи на своите деловни објекти.

Овие примери се важни и поради една друга причина: покажуваат дека зелената инвестиција може да го заштити постојното вработување, дури и кога не отвора веднаш нови работни позиции. Намалените трошоци за енергија значат поголема отпорност на компанијата, можност за модернизација и зачувување на работните места. Во малите средини, каде што секоја стабилна компанија има значење за локалната економија, и тоа е важен резултат.

solarni paneli

Беласица и Огражден: економија што може да ја користи природата, но не и да ја троши

Потенцијалот на овој регион не се исцрпува со соларните системи. Беласица и Огражден отвораат можности за развој на зелена економија поврзана со шумарството, земјоделството, туризмот и користењето на природните ресурси на одржлив начин.

Шумските екосистеми во струмичкиот микрорегион се распространети токму на овие две планини. Во нив преовладуваат листопадни шуми, со даб, габер, костен и бука, додека на повисоките делови се среќаваат и зимзелени видови. Во регионалните развојни материјали се посочува и присуството на секундарни шумски производи – печурки, лековити и ароматични растенија и други природни ресурси.

Тоа е економски потенцијал кој може да создаде работни места и надвор од традиционалното шумарство. Организираното собирање, откупот, сушењето, пакувањето и преработката на шумски плодови и лековити растенија можат да станат основа за мали семејни бизниси. Наместо природните производи да се продаваат како суровина, нивната локална преработка може да создаде дополнителна вредност.

Тоа може да биде мал погон во подножјето на Беласица за сушење и пакување шумски печурки, лековити билки или шумски плодови. За неговото функционирање не се потребни само луѓе што ги собираат производите. Потребни се технолози за храна, работници за преработка, лица за контрола на квалитетот, пакување, маркетинг и дистрибуција. Со соодветна организација, ова може да биде дополнителен извор на приходи за домаќинствата во селата.

Слична можност постои и во развојот на пчеларството, производството на мед и други пчелни производи, како и во поврзувањето на локалните земјоделски производители со туристичката понуда. Во селата на Беласица, каде што природните предели, традиционалните производи и гастрономијата можат да бидат дел од туристичкото доживување, постои простор за мали семејни бизниси што ќе ја поврзат економијата со зачувувањето на природата.

Од здружението „Пчелин рај“ велат дека овој регион има многу поволни услови за производство на мед и дека младите треба да се поттикнуваат во овие зелени бизниси да ја бараат својата делумна или целосна егзистенција, во зависност од обемот и посветеноста кои се подготвени да ги вложат во пчеларството.

Производството на мед честопати е зависно и од климатските улови, но, од другс страна, во земјава и на пазарите во регионот и Европа, недостатокот на мед го прави исклучително баран производ со конкуретна црена.

Туризмот како можност за вработување, а не само сезонска активност

Беласица веќе има препознатливи природни атракции. Смоларскиот и Колешинскиот Водопад, планинарските патеки, шумските предели, традиционалните села и близината на Дојранското Езеро создаваат можност за развој на туризам што не се потпира врз масовна изградба, туку врз природното и културното наследство.

За да стане економска гранка, сепак, природната убавина не е доволна. Потребни се обучени планински водичи, инструктори за рекреативни активности, лица за одржување на патеките, туристички аниматори, угостители, готвачи, производители на локална храна и луѓе што ќе можат да создаваат и промовираат туристички производи.

Во селата Колешино, Смолари, Мокриево и Габрово, на пример, развојот на селскиот и еко-туризмот може да отвори дополнителни можности за семејствата. Престој во рурални домаќинства, локална гастрономија, планинарски тури, велосипедски маршрути, запознавање со традиционалните занаети и локалното производство можат да се поврзат во туристички производ што ќе носи приходи и надвор од главната летна сезона.

На Огражден, пак, можностите се поврзани со планинскиот и руралниот туризам, пешачењето, велосипедизмот, традиционалното земјоделство и локалната гастрономија. За населените места во неговото подножје, тоа може да значи развој на мали сместувачки капацитети, угостителски услуги, продажба на домашни производи и организирани посети на природните предели.

Важен е и енергетскиот аспект. Туристичките објекти можат да користат соларни системи за топла вода и електрична енергија, топлински пумпи, системи за собирање дождовница и решенија за намалување на отпадот. Така, еко-туризмот не би бил само промотивна ознака, туку модел на работење со помало влијание врз животната средина.

Но, ова бара координација. Ако секое домаќинство развива понуда без заедничка туристичка стратегија, без обележани патеки, стандарди за квалитет и организирана промоција, потенцијалот ќе остане расцепкан. Зелената економија во малите средини подразбира и соработка меѓу општините, локалните производители, туристичките работници и образовните институции.

Евра, монети, симбол на евро

Кој ќе ги пополни новите работни места?

Тука се наметнува едно од најважните прашања на зелената транзиција: дали локалното население има знаења и квалификации за професиите што допрва ќе се бараат?

Според анализата на Европската фондација за обука (ETF), зелените вештини се застапени во 33 од вкупно 93 образовни профили во средното стручно образование во Северна Македонија. Во земјата веќе постојат образовни програми и обуки поврзани со обновливите извори на енергија, енергетската ефикасност и заштитата на животната средина, но нивната поврзаност со реалните потреби на работодавците сè уште е недоволно развиена.

Особено индикативен е податокот дека преку проектот ТРАИНЕЕ биле сертифицирани повеќе од 1.200 работници, од кои речиси 550 во областа на енергетската ефикасност. Во проектот учествувале и повеќе од 57 компании. Тоа покажува дека постои основа за создавање стручен кадар, но и дека обуките треба да продолжат и да се прошират.

За регионот на Беласица и Огражден ова е особено важно. Не може да се очекува млад човек од Радовиш, Ново Село или Босилово самостојно да ги пронајде сите можности за преквалификација и потоа да бара работа во сектор што сè уште не е доволно развиен локално. Потребно е поврзување на средните стручни училишта, центрите за вработување, локалните компании и општините.

Во спротивно, може да се случи парадоксална ситуација: во регионот да се инвестира во нови енергетски капацитети, а монтажерите, сервисерите, инженерите и другите стручни лица да бидат ангажирани од други градови или од странство, затоа што локалната работна сила не ги поседува потребните квалификации.

Потребата од ваков пристап ја потврдува и анализата на ETF, која укажува дека во земјата недостига систематско следење на потребите на компаниите за зелени вештини и нивно усогласување со образовните програми. Со други зборови, сè уште не е доволно прецизно утврдено кои професии ќе бидат најбарани, во кои сектори и во кои региони.

Од државните програми до локалните работни места

На национално ниво веќе постојат механизми преку кои зелената економија се поврзува со вработувањето. Во август 2025 година, Министерството за економија и труд објави мерка за поддршка на отворање нови работни места преку зелени инвестиции, со планирано вклучување на 200 невработени лица во микро, мали и средни претпријатија.

Поддршката предвидуваше неповратни средства од 250.000 до 750.000 денари, зависно од бројот на новоотворени работни места. Средствата можеа да се користат за набавка на опрема и машини, софтвер, технологии за обновливи извори на енергија и материјали за енергетска ефикасност. Меѓу приоритетните сектори беа преработувачката индустрија, земјоделството, шумарството, управувањето со води и отпад, градежништвото и транспортот.

Ова е важен пример за тоа како зелената транзиција може да се претвори во конкретна мерка за вработување. Но, за регионите како Струмичко-радовишкиот, клучно е ваквите програми да стигнат до малите компании и семејните бизниси, кои често немаат доволно административен и финансиски капацитет за да аплицираат за поголеми инвестиции.

Се одчитува....

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading