Зад секој километар уредена планинска патека и зад секоја функционална планинска градба стојат стотици часови работа, волонтерски труд и огромна посветеност. Оваа деновиве го потврдија членовите на Планинарскиот спортски клуб „Пелистер“ од Битола, вработените во Националниот парк „Пелистер“, како и Федерацијата на планинарски спортови
Во заедничка акција, која бараше исклучителен физички напор и носење тешка опрема низ непристапен терен, тие испишаа нова страница во историјата на планинарскиот дом „Димитар Илиевски – Мурато“ на Големо Езеро, кој за првпат доби електрична енергија, и тоа од сопствен фотоволтаичен систем.
„Конечно струја на Големо Езеро!“ , ваква беше реакцијата по поставувањето на фотоволтаиците на Петар Нолев, долгогодишен домар во планинарскиот дом „Димитар Илиевски – Мурато“, лиценциран планински водич и спасувач
Тежок логистички предизвик по стапките на алпските земји
Поставувањето на системот беше вистински предизвик. Панелите, кои тежат околу 60 килограми, заедно со батериите и сиот придружен алат, мораа да се пренесат по стрмните падини на Баба Планина. Но, крајниот резултат беше доволна мотивација за успешна реализација на акцијата.
Овој значаен проект на Пелистер не е изолирана акција, туку дел од пошироката иницијатива „Славков проект – Маркација на планински патеки во Северна Македонија“, која се реализира со финансиска и логистичка поддршка на амбасадите на Словачка, Чешка и Австрија.
„Во рамките на „Славков проект“ и активностите насочени кон поддршка на одржливиот развој, во планинарскиот дом е поставен фотоволтаичен систем. Посебен логистички предизвик беше транспортот на дел од опремата до предвидената локација. Опремата беше успешно пренесена, а логистичката поддршка на ПСК „Пелистер“ – Битола и НП „Пелистер“ значително придонесе за реализацијата на проектните активности“, велат од „Славков проект“.

На 2.218 метри надморска височина, покрај едно од најубавите глацијални езера во регионот, инсталирани се соларни панели со моќност од 3,5 киловати. Со користењето обновливи извори на енергија се очекува да се зголеми енергетската независност на домот и да се подобрат условите за престој на планинарите и посетителите. Ова е особено значајно за планинарските објекти на голема надморска височина, каде што пристапот до електричната мрежа и другата инфраструктура е ограничен.
Поставувањето на фотоволтиците на Големо Езеро е мал, но значаен пример како енергетската транзиција може да стигне и до најоддалечените места. Наместо зависност од конвенционални извори на енергија, обновливите извори овозможуваат производство на чиста енергија непосредно на местото каде што е потребна. Ваквите решенија придонесуваат за намалување на емисиите на штетни гасови, а истовремено овозможуваат развој на туризмот со помало влијание врз животната средина.
„Целта е да го направиме домот одржлив. Да не се палат огнови во околината, да може да се запали светло и да се зготви нешто во контролирани и безбедни услови“, велат учесниците во проектот.
Системот не е наменет за комерцијално производство или продажба на вишокот електрична енергија, туку за потребите на домот и заштитата на природата. За разлика од системите во градските домаќинства, кои можат да бидат поврзани со електричната мрежа и да испорачуваат вишок произведена енергија, во изолираните планинарски домови се користат автономни фотоволтаични системи.
Со овој чекор, Пелистер практично се приклучува кон практиките што одамна се применуваат во западноевропските земји, како Франција и Австрија. Во земјите околу Алпите и Пиринеите, каде што планинскиот туризам носи значителни приходи, соларната енергија е важен дел од одржливото функционирање на изолираните планинарски домови.
Акцијата на Големо Езеро веќе отвора простор за нови планови. Од Славков проект најавуваат дека следна на мапата е кулата на Титов Врв на Шар Планина, за која веќе се планира темелно реновирање и поставување фотоволтаичен систем.
.Поставувањето на соларните панели на Големо Езеро е важен чекор кон поврзување на планинскиот туризам со грижата за животната средина. Примерот од Пелистер покажува дека енергетската транзиција не се однесува само на големите електроенергетски капацитети, туку и на малите, локални решенија што овозможуваат почиста енергија таму каде што е најпотребна. Сега останува на посетителите одговорно да ја користат енергијата и да го чуваат природното богатство на планината.
„Славков проeкт“ за безбедни патеки
Покрај сончевата енергија во домот, планинарите добија и целосно уредена патека на релацијата Нижополе – Големо Езеро – Брајчино, во должина од околу 19 километри. Во рамките на активностите, расчистена е бујната вегетација, обновена е традиционалната Кнафелцова маркација и поставени се нови патокази кон Мало Езеро и врвот Пелистер.
„Една од најатрактивните трансверзали на Пелистер повторно ќе биде достапна за сите планинари. Со тоа се остварува сон на многу генерации – поврзувањето на Брајчино со Големо Езеро. Тоа ќе биде и пешачка и велосипедска патека, така што сите овие активности за уредување се во насока на развој на екоактивниот туризам. Овие мерки овозможуваат заштита на природата, подобар мониторинг и контрола, но и создавање услови за екоактивен туризам“, вели Иванчо Тошевски, директор на НП „Пелистер“.

Посебен акцент е ставен на безбедноста во зимски услови. По трасата на Дебел Рид, каде што старата зимска маркација била поставена пред речиси четири децении, сега се поставуваат нови столбови. За да се намали ризикот од несреќи при густа магла и ноќно пешачење, на новите ознаки се поставени специјални рефлектирачки ленти. Ова решение е во согласност со практиките за подобрување на видливоста и безбедноста на планинските патеки, какви што се применуваат и во алпските земји.
„Повеќе од 20 волонтери поминаа два интензивни дена на планината, работејќи во исклучително тешки, на моменти вистински алпски услови, при температури под нулата. До дел од локациите може да се пристапи единствено пеш, па значителен дел од опремата, материјалите и работниот алат се носеше на раце, низ километри планински терен“, велат од Федерацијата на планинарски спортови на Македонија, која е дел од реализацијата на „Славков проект“.
Емилија Мисирлиевски

