03/03/2024
нота.мк

Како Сонцето, како месечината, како  водата, како златото, биди јасно и блескаво и одразувај го она што го носиш во срцето

Натпис на кинеско огледало
ogledaloto

Огледалото денеска е обичен предмет што секојдневно го користиме, но во минатото било составен дел од легендите, митовите и детските приказни. Се појавува како магично огледало кое може да ги прикаже случувањата од минатото но и тие од иднината, како и оние од оддалечените места во сегашноста. Огледалото отсекогаш се поврзувало со Месечината, со душата и пророштвото, зашто како на површината на водата, одговорите на поставените прашања на огледалото се читаат преку одразите што тоа ги прикажува. Но, тоа што се гледа во огледалото, не зависи од огледалото, туку од оној што во него гледа.

Најстарото огледало било мирната површина на водата, а потоа биле мазните површини на рзлични ковани метали: злато, сребро, бронза, челик, или опсидијан, природно стакло од вулканско потекло, во црна или изразено темнозелена боја… Првите огледала од стакло најверојатно ги изработувале Римјаните. Колку површината била поглатка, со колку помалку нерамнини, сликата во огледалото поверно го прикажувала предметот што во него се одразува.

ОГЛЕДАЛОТО ВО МИТОВИТЕ

medusa

Грција

Постојат различни митови во стара Грција во кои се појавува огледалото. Еден од нив е митот за синот на Зевс, Персеј, кој по наредба на кралот Полидект морал да ја усмрти Медуза, една ос страшните Горгони. Ликот на Медуза бил толку страшен што секој што ќе го погледнел се претворал во камен.

За да ја изврши задачат, Атена му поклонува бакарен штит, толку сјаен, за да може во него да се огледа како во огледало. Хермес му го подарува својот остар меч, а еден од трите подароци од Грациите, биле крилести сандали. Кревајќи се во воздухот благодарејќи на крилестите сандали и држејќи го штитот на Атена во рацете, во кој како во огледало се огледал ликот на Медуза, Персеј успеал со мечот да ја усмрти Медуза.

Вториот мит говори за Нарцис, младичот со ненадминлива убавина, но, неспособен да почувствува љубов кон било кого освен спрема себе. Неговата гордост унесреќила многу нимфи. Додека лутал низ една шума, го здогледала нимфата Ехо и се заљубила во него. Но, бидејќи неговото срце било затворено за нејзината љубов, тој побегнал од неа. Од големо самољубие, ги одбивал и сите љубовни подароци од божицата Афродита и така ја предизвикал нејзината лутина и казна. Псотоел извор со чиста вода што никој го немал допрено, дури ни ливчиња или гранчиња. Во него сѐ се огледувало како во огледало. Наведнувајќи се над изворот, Нарцис го здогледал својот лик во водата и се заљубил во самиот себе. Залудно обидувајќи се да го прегрне својот одраз, паднал во водата и се удавил.

narcis
amaterasu

Јапонија

Во митот за божицата Аматерасу, огледалото го извлекува божественото светло од пештерата и го одразува во светот. Кога божицата Аматерасу, лута на постапките на својот брат, богот Сусано, се повлекла во пештера, во светот завладела темнина. Осум милијарди ками се обиделе да ја измамат Аматерасу од пештерата. За таа цел донеле петли кои го најавуваат излегувањето на Сонцето, а на дрвото сакаки, кое било спроти влезот на пештерата, ставиле огледало и скапоцености. Божицата Аменоузуме почнала да игра пред пештерата соблекувајќи се, на што почнале да се смеат насобраните ками. Аматерасу станала љубопитна па погледнала надвор и огледувајќи го својот лик во огледалото, помислила дека камите нашле нова божица на Сонцето. Тогаш почнала и петловата песна и така излегла надвор. Еден ками во тој момент влезот на пештерата го затворил со карпа, за да ја спречи повторно да побегне. Така на светот повторно блеснало Сонцето.

Остави коментар

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading