16/11/2026
нота.мк
Аналитичка Нота

Помалку пари од ЕУ во Македонија, а дупката да си ја покрие МОН

По истекот на крајниот рок за враќање од Македонија во Европската комисија на злоупотребените над 2,2 милиони евра – рок кој истече на 17.05. годинава, Европската комисија си го наплатила долгот така што скратила од уплатата на средствата предвидени за Еразмус+ за оваа година. Комисијата бара проектите да се спроведат до крај, а дупката во парите во висината од над 2,2 милиони евра да си ја покрие Министерството за образование.

„Во согласност со член 102 од Финансиската регулатива, и по истекот на рокот наведен во дебитната белешка (издаден документ со кој се известува за тековните должнички обврски, н.з.) до северномакедонската Националната агенција, Европската комисија ги врати утврдените побарувања, како што е идентификувано во извештајот на ОЛАФ, со пребивање на првата исплата на Агенцијата поврзана со Договорот за придонеси во 2024 година. Според условите на Еразмус+ Регулативата, националната власт (Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија) е обврзана да го надополни секој недостаток за да нема влијание врз имплементацијата на програмата за 2024 година“, одговара за Нота.мк портпаролка на Европската комисија во Брисел. Нота.мк ѝ укажа на портпаролката на погрешната формулација на придавката „северномакедонска“, но до објавување на овој текст не добивме корекција на одговорот.

Портпаролката на Европската комисија во одговорот додаде и дека ќе се следи работата на Министерството за образование и наука и на Националната агенција за да се утврди дека тие ќе ги надоместат тие средства. „Европската комисија тесно соработува со Националната агенција и националната власт за да се осигура дека тие ќе ја постигнат оваа цел“, вели портпаролката на Комисијата.

Евра, монети, симбол на евро

Бидејќи најавите се дека со Министерството за образование ќе раководи кадар на ВМРО-ДПМНЕ, Нота.мк пред неколку дена се обрати до оваа партија со прашања како новата министерка за образование ќе најде средства за целосно имплементирање на Еразмус програмата планирана за оваа година, односно од кои места би се крателе средства за да се обезбеди сумата од над 2,2 милиони евра? Каков е планот во однос на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност за избегнување на идните злоупотреби на европските фондови?

javno obvinitelstvo

Прашавме и дали ќе се бара кривична одговорност и од актуелното раководство на НА и од лицето, нивен поранешен истакнат активист, кое преку истраги на ОЛАФ има регистрирана трага на злоупотреби на европски фондови, а за кое предистрагата на Обвинителството трае четири ипол години? Но до објавувањето на овој текст одговори не добивме. Одговори дали има нови моменти во предистрагата побаравме и во Обвинителството, но и оттаму до објавувањето на овој текст не добивме одговори.

Нота.мк преку серија текстови од средината на март објавува за злоупотребата на над 2,2 милиони евра пари од ЕУ-фондови и за односот на македонските власти кон темата. Во мај бевме брифирани од извор во Брисел дека македонските власти добиле рок од 45 дена да го подмират долгот, утрврден по спроведена истрага на ОЛАФ, но дека тоа не го сториле.

Десет дена по првите текстови на Нота.мк директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Марко Ѓоргиевски, свика прес во владата за да потврди дека земјата ќе мора да врати над 2,2 милиони евра, по спроведената истрага на ОЛАФ – телото на Европската комисија задолжено за борба со злоупотреби на ЕУ-пари.

Marko Gjorgievski vlada

Во серијата текстови објавивме дека се работи за злоупотребени средства за кои пријава во обвинителството на 30.12.2019 година поднела тогашната директорка на Националната агенција, Лидија Димова. По информирањето на Европската комисија и интерната истрага Димова, како што тврдеше во изјави за Нота.мк, информирала и бројни домашни институции. Наместо да биде повикана во Обвинителството, таа тврдеше дека била викната до тогашниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, во седиштето на партијата. На состанокот, според Димова, присуствувала и Нола Исмајлоска-Старова, поранешна пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, која гласаше за промена на името, а актуелна Национална координаторка за евроинтеграции во Владата. На состанокот бил извршен притисок врз Димова да ја повлече пријавата, која се однесува на 23 лица.

Нола Исмајлоска Старова

Во серијата текстови, Нота.мк објави и поврзаност меѓу првопријавеното лице, кое има докажана трага на злоупотреба на пари од ЕУ, со лица и невладини организации од листата на пријавени во Обвинителството, но и со Националната координаторка за евроинтеграции во Владата, Нола Исмајлоска-Старова. Таа никогаш не ги одговори поставените прашања, а Нота.мк замоли и во Владата да се добијат одговори од нејзината Национална координаторка, но и тој обид беше неуспешен. Денеовиве некои македонски медиуми објавија дека Исмајлоска-Старова побарала апанажа, што значи дека нема да ја задржи позицијата во новата влада.

За првопријавеното лице, блиско до Националната координаторка, во пријавата е наведено дека е македонски и бугарски државјанин, а меѓу пријавените има и две лица од Грузија. Во пријавата се обвинува дека во 2016 година е оформена група на лица со цел стекнување противправна имотна корист преку злоупотреба на ЕУ-фондови и дека за прикривање на трагата на парите, во еден случај тие завршиле во фирма во Бугарија. Во пријавата се посочува дека е направена и злоупотреба на лични податоци преку пристап до системите на Европската комисија преку внесување, обработка и дистрибуција на материјали од доверлив карактер. Грузиските државјани служеле како проформа договорна страна за извлекување на средствата. Во пријавата се наведени и училишта, односно нивни претставници, кои биле вклучени во таа шема и кои биле користени исто така проформа за извлекување пари, кои завршувале во две фирми.

Лидија Димова тврдеше дека поради одбивањето да ја повлече пријавата ѝ следувал медиумски линч и судски процес, а била и пријавена во шест домашни институции и во Брисел од самата Исмајлоска-Старова.

Нота.мк можеше да документира дека пари од ЕУ и натаму се слевале во училиштата и фирмите, кои се наоѓаат во пријавата, по нејзиното поднесување. Извор посочи дека измамата и натаму се одвива и со инволвирање на трета фирма, за што Нота.мк можеше да анализира трансакции од кои се гледа дека средства од ЕРАЗМУС се влеваат во таа фирма. Нота.мк разговараше и со сведок на ОЛАФ.

„Станува збор за класична злоупотреба на средства низ мрежа на здруженија, компании, туристички агенции, како и основни и средни училишта. Едно нешто се кажува дека ќе биде реализирано во проектите, друго нешто се реализира на терен, трето нешто стои во завршните извештаи. Секако оваа мрежа има своја логистика во Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Без нив не може да се одобрат проектите, кои оваа мрежа на криминалци ги поднесува до Националната агенција, а не може ни да се одобрат финалните извештаи и да се затворат проектите на начинот на кој се затвараат истите. Злоупотребите се од лукративни причини, за личен бенефит и лично богатење на грбот на децата, кои треба да се крајни корисници на бенефитите од овие европски прогами и мобилностите“, објасни сведокот на ОЛАФ.

Од Европската комиција за Нота.мк пред неколку месеци информираа дека од 2022 година е нарушен статусот на Националната агенција поради злоупотребата на ЕУ-пари.

Related posts

Се одчитува....

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading