Проектот се најавува од 2013 година, а роковите за реализација постојано се поместуваат. По пропаднатата тендерска постапка, во јули 2025 година беше најавен почеток на реализацијата, но во октомври 2026 година сè уште се чека одобрение за градење. Во меѓувреме, отпадните води остануваат еколошки проблем за Драгор, а во речното корито завршуваат и пластичен отпад, мебел, теписи и други предмети.
Пластични шишиња, теписи, парчиња мебел, телевизори, детски колички. Ваква слика може да се види во коритото на реката Драгор низ Битола. Дел од отпадот се задржува под каскадите, додека по секое чистење повторно се појавуваат нови ѓубришта.
„Не е доволно само да се чисти коритото. По извесно време повторно има шишиња, мебел и друг отпад. Некогаш водата е бела, некогаш црна. Потребна е поголема грижа од граѓаните, ама сите знаеме дека во Дргор завршува каналицијата од целиот град. Потребна е одговорност и санкции за оние што ја загадуваат реката. Драгор не треба да биде место каде што ќе го фрламе она што не ни треба и срамно е во 21 век фекалиите да завршуваат во коритото на реката која тече низ Битола“, вели битолчанец.

Цврстиот отпад е само еден дел од проблемот, Битола со години чека изградба на пречистителна станица која треба да го реши проблемот со непречистените отпадни води што се испуштаат во реката Драгор и Петтиот канал. Иако проектот се најавува уште од 2013 година, а во меѓувреме беа поставувани повеќе рокови за негово завршување, станицата сè уште не е изградена.
Последните информации од Општина Битола покажуваат дека проектната документација е изработена и ревидирана, но се чека одобрение за градење. Од Општината очекуваат тоа да биде издадено во наредните денови, по што изведувачот треба да ги започне градежните работи.
„Проектите се изработени, ревидирани и веќе се во системот за е-одобрение, при што за неколку дена очекуваме да се добие одобрение за градење, по што изведувачот ќе ја започне изградбата“, информираат од Општина Битола на 28 октомври 2026 година.
Од Општината објаснуваат дека, бидејќи станува збор за договор според моделот FIDIC Yellow Book, претходно треба да се завршат проектантските и инженерските активности. Изведувачот е воведен во работа на 6 август 2025 година, но за почеток на градежните работи е потребно одобрението за градење.
Од најави за 2021 година до нови одложувања
Проектот за изградба на пречистителната станица се најавува од 2013 година. Пред крајот на третиот градоначалнички мандат, Владимир Талески најави дека овој крупен инфраструктурен проект ќе се реализира во 2018 година. Одложувањето го образложи со сложената географска конфигурација на Битола и потребата од дополнителни колектори.
Во 2018 година, тогашната градоначалничка Наташа Петровска најавуваше дека станицата треба да профункционира до 2021 година. Но, и овој рок не беше исполнет. Најавите за реализација на проектот продолжија и во мандатот на следниот градоначалник, Тони Коњановски, но пречистителната станица и натаму остана нереализирана.
Во ноември 2022 година беше распишан тендер за изградба на пречистителната станица, а понудите од градежните компании се собираа до февруари 2023 година. Постапката, сепак, беше откажана бидејќи сите технички исправни понуди биле над предвидениот буџет на проектот.
„Тендерската постапка е откажана од причина што сите технички исправни понуди беа над проектираниот буџет на проектот. Тендерската постапка ќе биде повторена. Тендерската документација е ревидирана, се очекува доставување на одобрување на истата во Делегацијата на ЕУ, по што истата ќе биде објавена“, соопшти тогаш Министерството за животна средина и просторно планирање.
Според тогашните информации, по повторувањето на тендерската постапка и склучувањето договор, изградбата требаше да трае две години.
Во јули 2025 година беше најавен почеток на реализацијата на проектот, чија договорна вредност е околу 21,7 милиони евра. Сепак, и по повеќе од една година, според одговорот од Општината од октомври 2026 година, градежните работи сè уште чекаат на одобрение.

Драгор – отворен канал за фекалии и урина
Колку е сериозен проблемот со загадувањето на Драгор и колку е важно неговото решавање покажува и Студијата за оцена на влијанието врз животната средина, изработена за проектот за изградба на пречистителната станица и колекторскиот систем во Битола.
„Реката Драгор од градот Битола до утоката во Црна Река е сосем мртва река, без никаков жив свет. Загаденоста на Драгор е во III – та, односно IV и V група или вон класа“, се наведува во документот.
Во документот се посочува дека Драгор фактички е претворен во отворен канал што ги одведува комуналните отпадни води, вклучително и физиолошкиот отпад – фекалии и урина, отпадните води од домаќинствата и од индустриските капацитети.
Студијата наведува и дека количината на канализациска отпадна вода во реката е двојно поголема од количината на чиста природна вода. На местото предвидено за испуштање на отпадните води, примероците анализирани за потребите на студијата одговарале на петта, односно најлоша класа на квалитет на водата.
Проблемот не завршува кај Битола. Драгор се влева во Црна Река, а водите преку Вардар продолжуваат кон Егејското Море. Затоа, една од целите на проектот за пречистителната станица е да се намали натамошното акумулирање на хранливи материи и еутрофикацијата низводно, во текот на реката Вардар и во Егејското Море. Така, решавањето на проблемот со отпадните води во Битола има значење и за поширокиот воден екосистем.
Климатските промени дополнително ја зголемуваат потребата од правилно управување со отпадните води. Подолгите сушни периоди и намалениот водостој можат да ја намалат способноста на реките да ги разградуваат загадувачките материи, додека интензивните врнежи можат да го преоптоварат канализацискиот систем, особено во деловите каде што атмосферските и фекалните води се собираат во иста мрежа. Затоа, изградбата на пречистителната станица не е само решение за долгогодишното загадување на Драгор, туку и важен чекор кон подобро управување со водните ресурси во услови на климатски промени.

Рокот за изградба на пречистителната станица е август 2027 година
Пречистителната станица треба да има капацитет за опслужување на 112.474 еквивалентни жители. Со неа треба да се третираат отпадните води од Битола и околните населени места: Кравари, Буково, Лавци, Брусник, Долно и Горно Оризари и Караманите.
Проектот предвидува механички и биолошки третман на отпадните води, со што треба да се намали загадувањето на реката Драгор и Петтиот канал. Освен изградбата на самата станица, проектот опфаќа и проширување и рехабилитација на канализациската мрежа. Предвидени се околу 15 километри нова мрежа, реконструкција на околу 13 километри постојна мрежа и три пумпни станици.
„Согласно договорот склучен помеѓу Министерството за финансии и Конзорциумот составен од Лантанија – Карканијас – Стентон Градба, вредноста на изградбата е 21.707.369 евра, дел финансирана од ИПА 2 програмата, а поголемиот дел од национално кофинансирање“, се наведува во одговорот на Општина Битола.
Општината наведува дека договорениот рок за завршување на изградбата е 6 август 2027 година, по што следува едногодишен период за отстранување на евентуални дефекти. Но, со оглед на тоа што и во октомври 2026 година сè уште се чека одобрение за градење, останува прашањето дали рокот ќе може да биде исполнет. Во проектните податоци како датум на завршување е наведен 6 август 2028 година, што го опфаќа и едногодишниот период по градежните работи.
Дотогаш, Драгор и натаму останува реката во која се влеваат отпадните води од градот, а нејзиното корито е место каде што завршува и отпадот од кој некој решил да се ослободи. По повеќе од една деценија најави, клучното прашање останува кога пречистителната станица навистина ќе биде изградена и пуштена во функција, а Драгор ќе престане да биде отворен канал за отпадните води од Битола.
Емилија Мисирлиевски

