Промените во енергетиката и индустријата бараат нови знаења и квалификувана работна сила. Во Пелагонија, една од институциите што треба да одговори на овие потреби е Регионалниот центар за стручно образование и обука „Ѓорѓи Наумов“ во Битола. Од почетокот на учебната 2025/2026 година, училиштето официјално функционира како регионален центар. Покрај редовното образование, ја проширува својата дејност и со обуки за возрасни, преквалификација и доквалификација. Во дуалното образование веќе се опфатени околу 500 ученици, а центарот соработува со над 100 компании. За тоа како се подготвува да одговори на новите потреби на стопанството, какви програми нуди и какви инвестиции и дополнително опремување се планирани, разговараме со директорката Жанета Сервини.
Во 2024 година средното техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“ беше најавено дека го започнува процесот на трансформација во Регионален центар за стручно образование и обука. Што конкретно значи оваа трансформација и што ќе се промени во функционирањето на училиштето?
Жанета Сервини: Со почетокот на учебната 2025/2026 година нашето училиште официјално прерасна во Регионален центар за стручно образование и обука. Ова не претставува само промена на називот, туку значајно проширување на образовната улога и начинот на функционирање на институцијата.
Воспоставена е нова организациска структура со тим од директор, помошник директор и четири раководители, задолжени за формалното образование, за образование за возрасни и валидација на неформално и информално образование, за истражување, развој и иновации и за соработката со деловната заедница и деловни односи. Во структурата се вклучени и координатор за практично образование и кариерни советници, со што се зајакнува поврзаноста меѓу образованието, учениците и стопанството.
Покрај редовното средно стручно образование, Центарот ја проширува својата дејност и во областа на образованието на возрасни, преквалификацијата, доквалификацијата и признавањето на претходно стекнатите знаења и вештини.

Во процесот на трансформација кои планирани активности се реализирани досега, а што сè уште претстои?
Жанета Сервини: Во изминатиот период реализиравме значајни активности за подобрување на инфраструктурата, осовременување на наставната опрема и проширување на образовната понуда. Воведовме две нови занимања, добивме акредитација за валидација на шест стручни квалификации и обезбедивме меѓународна финансиска поддршка за дополнително опремување на Центарот.
Во следниот период продолжуваме со развојот на програмите за образование на возрасни, модернизацијата на практичната настава и продлабочувањето на соработката со компаниите.
Со каква инфраструктура и опрема располага центарот во моментов? Дали постоечките работилници, кабинети и лаборатории ги задоволуваат потребите за современа практична настава или се потребни дополнителни инвестиции?
Жанета Сервини: Центарот располага со специјализирани кабинети, лаборатории и работилници за практична настава во секторот електротехника и информатички технологии и секторот машинство. Во последните години значително ја осовременивме опремата со современи компјутери, CNC-машини, 3Д-печатач, современи апарати за заварување, VR-симулатори за заварување и друга стручна опрема.
Овие инвестиции овозможуваат поквалитетна практична настава и стекнување вештини блиски до реалните работни услови. Секако, модернизацијата е континуиран процес што бара понатамошни вложувања, кои исто така се планираат за наредниот период.
Какви инвестиции се планирани во училиштето, колку средства се потребни и од кои извори се очекува да бидат обезбедени?
Жанета Сервини: Во периодот од 2022 до 2026 година во училиштето се инвестирани околу 700.000 евра во инфраструктура, енергетска ефикасност, стручна опрема и училишен мебел. Меѓу позначајните инвестиции е и фотонапонската централа со капацитет од 40 kW.
Дополнително, одобрен е грант од околу 600.000 евра од германскиот Регионален фонд за предизвици, наменет за набавка на современа стручна опрема. Ова претставува значајна поддршка за понатамошниот развој на Центарот.
Кои образовни профили ги нуди центарот во моментов и колку се вкупно? Дали се планира воведување нови профили или промена на постојните согласно потребите на компаниите во Пелагонискиот регион?

Жанета Сервини: Центарот нуди образование во два сектора: сектор електротехника и информатички технологии и сектор машинство, со вкупно десет образовни профили, од кои девет се предвидени за дуално образование.
Образовни профили:
- Електротехничар за компјутерска техника и автоматика (дуално)
- Компјутерски техничар за видео игри и виртуелна реалност (дуално)
- Техничар за индустриска мехатроника (дуално)
- Електротехничар – енергетичар (дуално)
- Електротехничар за електроника и телекомуникации (дуално)
- Техничар за компјутерско управување (дуално)
- Техничар за енергетски ефикасно греење и климатизација (дуално)
- Машински техничар за моторни возила (дуално)
- Машински техничар (дуално)
- Заварувач (тригодишно образование)
Образовната понуда ја проширивме со два нови профила: компјутерски техничар за видео игри и виртуелна реалност и техничар за енергетски ефикасно греење и климатизација. Со тоа отвораме можности за образование во области поврзани со современите дигитални технологии и енергетската ефикасност. И во иднина образовната понуда ќе ја усогласуваме со потребите на стопанството.

Во кои струки има најголем интерес кај учениците, а за кои профили компаниите најтешко наоѓаат квалификувани работници? Дали постои разлика меѓу интересот на учениците и реалните потреби на пазарот на трудот?
Жанета Сервини: Најголем интерес кај учениците има за профилите електротехничар за компјутерска техника и автоматика, техничар за компјутерско управување, електротехничар-енергетичар и машински техничар за моторни возила. Значаен е и интересот за новиот профил техничар за видео игри и виртуелна реалност.
Од друга страна, компаниите сè повеќе ја истакнуваат потребата од квалификувани работници со тригодишно стручно образование, особено од кадри со конкретни практични вештини. Токму тука се забележува разлика меѓу интересот на учениците и потребите на стопанството. Затоа настојуваме преку професионалната ориентација и соработката со компаниите да го зголемиме интересот за овие занимања и да ја усогласиме образовната понуда со реалните потреби на пазарот на трудот.

Колку компании соработуваат со центарот и колку ученици се опфатени со дуалното образование и практичната обука во реална работна средина?
Жанета Сервини: Како што веќе спомнав, Центарот има развиена соработка со над 100 компании и други работодавачи од Пелагонискиот регион и пошироко, а во дуалното образование се вклучени околу 500 ученици.
Меѓу нашите партнери се „Кромберг и Шуберт“, РЕК „Битола“, АД ЕСМ, ФОД Новаци, „ЕВН“ голем број компјутерски компании и бројни компании од електротехничкиот и машинскиот сектор. Оваа соработка овозможува учениците да стекнуваат практични вештини во реална работна средина и подобро да се подготват за идното вработување.
Дали соработката со компаниите резултира со вработување на учениците по завршувањето на образованието?
Жанета Сервини: Соработката со компаниите создава добри предуслови за вработување на учениците по завршувањето на образованието. Преку дуалното образование тие стекнуваат практично искуство, се запознаваат со работните процеси и развиваат компетенции што ги бараат работодавачите, па дел од учениците се вработуваат во компаниите. Истовремено, одреден број ученици го продолжуваат образованието на високообразовните институции.
Пелагонија во наредните години ќе се соочува со промени во енергетиката и индустријата. Каква улога може да има центарот во подготовката и преквалификацијата на работниците за новите потреби на економијата?
Жанета Сервини: Регионалниот центар има значајна улога во создавањето можности за преквалификација и доквалификација на работната сила. Покрај редовното средно образование, располагаме и со програми за постсредно образование во електротехничкиот и машинскиот сектор.
Во следниот период ќе се насочиме кон развој на дополнителни обуки што ќе одговараат на потребите на индустријата, енергетиката и регионалниот пазар на трудот.

Дали досега сте разговарале со РЕК „Битола“, АД ЕСМ и компаниите поврзани со нивното работење за можностите за преквалификација на работниците? Дали постојат конкретни планови или програми за оваа намена?
Жанета Сервини: Нашето училиште веќе има воспоставено соработка со РЕК „Битола“, АД ЕСМ и ФОД Новаци во рамките на практичното образование на учениците.
Во моментов сме во фаза на разговори и договарање за проширување на соработката во областа на преквалификацијата и доквалификацијата на работниците. Целта е да се развијат соодветни програми што ќе одговорат на потребите на енергетскиот сектор и промените што претстојат во регионот.

Дали постојните образовни профили се доволни за потребите што ќе ги наметнат обновливите извори на енергија, енергетската ефикасност и новите производствени технологии или ќе бидат потребни нови програми и дополнителна опрема?
Жанета Сервини: Постојните образовни профили обезбедуваат солидна основа за стекнување стручни компетенции во електротехниката и машинството. Со воведувањето на профилот техничар за енергетски ефикасно греење и климатизација веќе направивме конкретен чекор во таа насока. Планираме и во едукацијата на возрасни да вклучиме едукација за обновливите извори на енергија, енергетската ефикасност и новите производствени технологии.
Сепак, технолошкиот развој бара постојано приспособување на образовните програми, наставните содржини и опремата.
Центарот најавува програми за образование на возрасни, меѓу кои за електричари, заварувачи и веб-дизајнери. До каде е постапката за нивна верификација и кога се очекува да почнат првите обуки?
Жанета Сервини: Во овој период веќе ја започнавме постапката за верификација на програмите за електричар, заварувач и бравар. По завршувањето на потребните процедури, обуките ќе се организираат согласно интересот на кандидатите и потребите на пазарот на трудот.
Истовремено, Центарот веќе доби акредитација за да врши валидација на шест стручни квалификации, за што има и тековен оглас објавен на нашата веб-страница, што претставува конкретен напредок во проширувањето на нашата образовна дејност.

Како ќе функционира валидацијата на неформалното образование и работното искуство?
Жанета Сервини: Валидацијата им овозможува на граѓаните официјално да ги потврдат знаењата и вештините стекнати преку работно искуство и неформално учење, без повторно да посетуваат целосна образовна програма.
Центарот веќе е акредитиран за валидација на шест стручни квалификации: администратор на веб-страни, електричар, машински механичар, автомеханичар, инсталатер на цевкини водови и инсталатер на греење и климатизација. Постапката ќе се спроведува преку процена и проверка на компетенциите, согласно утврдените стандарди.
Колкав е капацитетот на центарот за преквалификација и обука на возрасни и дали овие програми ќе бидат поврзани со конкретни потреби за вработување?
Жанета Сервини: Центарот располага со просторни, кадровски и технички услови за постепен развој на образованието на возрасни. Бројот на учесници ќе се утврдува според видот на програмата, расположливите капацитети и искажаниот интерес.
Нашата цел е обуките да бидат практично ориентирани и поврзани со реалните потреби на компаниите и можностите за вработување.
Кои се главните приоритети на центарот во следниот период и што треба да се постигне за трансформацијата да донесе конкретни резултати за учениците, работниците и стопанството во регионот?
Жанета Сервини: Нашите главни приоритети се: уште подобри инфраструктурни услови, понатамошно осовременување на наставата, развој на образованието на возрасни, проширување на соработката со компаниите и создавање подобри можности за практична обука и вработување.
Веќе имаме конкретни резултати како што се: официјална трансформација во Регионален центар, значајни инвестиции во инфраструктурата и современата опрема, нови образовни профили, околу 500 ученици во дуално образование и акредитации за валидација на шест стручни квалификации, а деновиве очекуваме и верификација на 3 програми за обуки за возрасни, и тоа за заварувач, електричар и бравар.
Нашата цел е овие постигнувања да ги надградуваме и Центарот да прерасне во препознатлива регионална институција што ќе придонесува за развојот на образованието, работната сила и стопанството во Пелагонија.
Интервјуто го подготви: Емилија Мисирлиевски


