16/11/2026
нота.мк
Културна нота

Видое Подгорец – (не)зарастен бунар во атарот на македонската литература

Писателот е и треба да остане будната совест на својот народ!

Видое Подгорец

Во селската црква „Свети Спас“ и до ден денес постои една стара веќе пожолтена книга со список на сите родени и умрени селани. Некаде во средината на таа книга е запишано дека сум роден во месец јуни, на осмиот ден, во 1934-то господово лето – вели за себе Видое Подгорец во книгата Писателите за себе( Скопје: Панили, 2010 г.) од Тамара Арсовска. Во сиромаштија, неизвеност и години на војни и окупации, започнува животната врвица на Подгорец. Во неговата биографија пишува дека основно училиште завршува во родното Колешино, а Виша педагошка школа во Штип. Со неполни шеснаесет години почнува да работи како учител (едно полугодие) во училиштето во с. Босилово, Струмичко. Најблискиот пријател на Подгорец, писателот Киро Донев, во книгата во печат Незавршена приказна за Видое Подгорец, запишува сведоштво на тогашниот директор на училиштето Сандо Костов:

Го примив на работа и му дадов да води второ одделение. На домување го земав кај мене. Бевме „цимери“. Живееме во иста одаја под кирија. По неколку дена, откако се опушти малку, ми покажа две тетратки во кои грижливо беа запишани неговите стиховни творби. Ми ги даваше да ги читам. На вечер, до доцна во ноќта, седеше, пишуваше нови. Ми кажуваше кои од запишаните стиховни творби биле објавувани во училишните ѕидни весници. Објавена збирка со песни сé уште немаше,  но ја подготвуваше.

Под секоја напишана стихотворба, покрај името, стоеше Подгорец. Го прашав што му значи тоа „Подгорец“. Ќе се насмееше, па како на шега ќе речеше:- „ Па што знам, јас сум од Подгоријата, моето село е подгорско, под подножието на Беласица. Го сакам тој предел со природната убавина што извира од Беласица, ме инспирира. Па, ете така…“

Токму Беласица станува извор на негова најголема инспирација. Восхитувајќи ѝ се на планината, истовремено со стравопочит ја набљдувал, додека неговиот татко му раскажувал за нејзиното славно минато. Со возбуда ги слушал приказните за големата планина која во неговите очи, а подоцна и во неговото дело, добива димензии на митско место. На нејзините падини гнездо свиле и историјата и митологијата, а во подножјето течел еден сиромашен селски живот во хармонија со природата, живот облагороден од жуборот на големиот водопад. Испреплетени љубовта, восхитот и почитта, подоцна ќе изродат дела во кои силно се чувствува подбеласичката ладовина. Таа ладовина најсилно се чувствува во неговото антологиско дело, трилогијата Белото Циганче (1966), која е преведена на повеќе светски јазици. Самиот автор вели дека идејата за Белото Циганче кај него се раѓа некаде во почетокот на шеесеттите години кога го пишува  расказот „Бреско“, објавен во книгата Неспокојно детство: „Белото циганче“ е едно мое оддолжување спрема светот на моето детство и воопшто спрема светот на Циганите што ги познавав и што не ги познавав“ (Арсовска 2010:226). Сликите на парталавите голомешести и босоноги Циганчиња кои секое лето се населувале во Мадра, кај селските гумна, во творечкиот свет на авторот стануваат синоним за животот, за жедта по него и за страста со која се живее: „Тие беа наша врска со светот, еден вид подвижен мост. Тие доаѓаа како свежи ветрови да го растераат застоениот воздух и да донесат мириси на далечни, непознати, но убави плодови“ ќе каже Подгорец.

Beloto Cigance

Приказните на стариот дедо Реџо, добродушниот и ведар Циганин со „богата циганска душа“, останале во потсвеста на детето Видое, за подоцна да оживеат во ликот на баба Мулон и да ја раскажат најубавата сага некогаш одамна одживеана во подножјето на Беласица. Писателот не можел да избере поубав и подостоинствен начин за да ѝ се оддолжи на планината и воопшто, на родината.

Од снимањето на серијата „Белото Циганче“ во 1985 година, Фотографирал Киро Донев (Од десно кон лево: Нада Гешовска, Снежана Стамеска, Видое Подгорец и Илија Џувалековски)

Навраќајќи се назад во неговата биографија среќаваме податоци дека во 1956 година Подгорец завршува учителска школа „Гоце Делчев“ во Штип,а во јуни 1959 година дипломира и на Филозофскиот факултет, на групата за југословенска литература. Три години потоа работи како училишен инспектор за Штипската околија, а во 1960 година се вработуваво НИП „Нова Македонија“, во редакцијата „Детска радост“.

Заедно со Симон Дракул, Миле Марковски и Славчо Темков го уредуваат списанието Наш свет. Во 1964 Симон Дракул го напушта Наш свет, а Подгорец останува до 1966 година. Во 1967 Подгорец преминува во Другарче (кое до тогаш го уредува Глигор Поповски), а во Наш свет останува Киро Донев.

Drugarce

(Исечок од списанието Другарче бр.1, септември 1967 година. Од архивата на Киро Донев)

Во периодотод 1967 до 1969 го уредува списанието Другарче, а потоа заминува во издавачката куќа „Наша книга“ (како одговорен уредник на издавачка дејност) и на тоа место останува до пензионирање. Токму извавачката куќа „Наша книга“ во 1969 година ќе објави 10 тома избрани дела од Видое Подгорец. Ова издание е прво издание на избрани дела од македонски писател за деца. Со доаѓањето во „Наша книга“ Подгорец започнува иницијатива за објавување избрани дела од македонската литература. Тогаш се објавени избраните дела на:  Ѓорги Абаџиев, Стале Попов, Ванчо Николески, Славко Јаневски, Јордан Леов, Томе Момировски и др.

Неспорен  е неговиот огромен влог во формирањето и издигнувањето на македонските списанија за деца. Благодарение на квалитетните содржини соодветни со возраста на децата, содржини кои ги задоволуваа воспитно-образовните, етичките и естетски критериуми, списанијата на „Детска радост“ беа репер за тоа што значи квалитетна литература за деца. На страниците на тие списанија објавуваа, тогаш, млади автори, кои денес се веќе на листата на втемелувачи на македонската литература за деца. Од биографијата на Видое Подгорец го издвојуваме и фактот дека од 1958 година станува член на Друштвото на писателите на Македонија. Животниот пат на Подгорец завршува на 14 април 1997 година во Скопје. Во 2002 година, по навршувањето на пет години од смртта на Видое Подгорец, на иницијатива на група интелектуалци предводени од писателот Киро Донев, најблискиот пријател и соработник на Подгорец започнува да живее книжевно-научната манифестација „Средби под јаворите“. Во трајноста и оправданоста на таа идеја тогаш, покрај Киро Донев, силно верувале:  Горјан Петрески, Васил Тасев, Димитар Митев – Тушето, Атанас Крстев, Костадин Џемов, Душан Цацков, Иван Котев, Никола Петров, како и најблиските членови на семејството на Видое Подгорец. Во 2019 година, по повод 85 години од раѓањето на Видое Подгорец, во рамки на Манифестацијата се возобнови научниот симпозиум (првиот и единствен научен симпозиум бил одржан во 2002 година) на кој научници, професори и истражувачи дебатираа на тема: „Книжевната оставнина на Видое Подгорец – влог во издигнувањето на современата македонска литература во национален и меѓународен контекст“. Водени од заклучокот дека делото на Подгорец неправедно беше оставено на маргините на научниот интерес, организаторите посветено работат на идејата, научните симпозиуми да бидат стожерен столб на Манифестацијата. Името на Видое Подгорец денес го носат две основни училишта. На иницијатива на Киро Донев, едно основно училиште во Струмица и основното училиште во Колешино, родното место на Подгорец, го носат неговото име.

Видое Подгорец е најплодниот македонски писател кој зад себе остави дела како патописец, поет, раскажувач и романописец за деца и возрасни. Само во првите десетина години од својот творечки живот има објавено над триесетина наслови. Неговите дела се преведувани на повеќе светски јазици: српски, хрватски, словенечки, турски, албански, руски, украински, полски, чешки, словачки, бугарски итн. Добитник е на повеќе високи награди и признанија меѓу кои: „13 Ноември“, „Читателска значка“ (Љубљана), наградата „Климент Охридски“, „Курирчек“, „Младо поколение“ (1966) како и наградата на РТВ Скопје за најдобра книга за деца меѓу две Струги 1984-1985 (награда која се доделувала во рамки на Струшки вечери на поезијата) за книгата Бигорна љубов.

Подгорец започнува да пишува уште додека учи во учителската школа во Штип, а малку подоцна, непосредната работа со децата (како учител) ќе изврши големо влијание за неговата определба за детската литература. Кога како момче физички го напуштил родното Колешино, Подгорец со себе си го понел и своето детство, а во родното огниште како да оставил жар во пепелта, која и по години од неговото заминување останала жива и топла. Првата болка од разделбата со родниот крај ќе ја почувствува кога како тринаесетгодишно момче заминува на учителска школа во Штип, градот за кој самиот ќе каже дека му прилега на „старец кој прележал некоја тешка болест, но без надеж да оздрави “. Судбината на интернатските деца не била ни малку лесна, самиот Подгорец вели дека приказната за интернатот е „долга и тажна“: „Имав чувство дека тука беа најдени само нашите тела, без душите. Душите ни беа останати во нашите планински гнезда, по селата, по нивјето, ливадите, овошните, градини, лозја, потоци. Личевме на стадо овци без овчар“- се исповеда Подгорец во своето последно интервју, во својата за емисијата „Траги во времето“ на Радио Скопје, со Љупчо Стојменовски, емитувана на 3.2.1994 година. Но токму таму, во старата и распадната интернатска зграда,  распнат меѓу тагата по родниот крај и жедта за знаење, зад старата дрвена врата на заборавената библиотека, Видое го открива чудесниот свет на книгата: „За мене Штип одигра пресудна улога во однос на литературата. Во тоа време додека јас бев во интернатските прoстории, открив една стара, речиси веќе заборавена библиотека, со книги на повеќе јазици. За мене тоа претставуваше едно непроценливо богатство“. Подоцна, за да му се оддолжи на градот во кој се подготвуваше да стане учител, тој ќе ја напише повеста „Првото писмо“.

Според зачуваните документи, првата објава на Подгорец е песната „Убава е пролетта“, објавена  во 1952 година во весникот „Титов пионер“ бр.2, а авторот се потпишува како Видое Димитровски – Подгорец. Изданието на весникот „Титов пионер“ од 1951 година, во некои извори се споменува како место на првата објава на Подгорец. Имајќи го на увид весникот (од архивата на Киро Донев) можеме да воочиме дека во тој број нема објавено песна од Подгорец. Во 1954 година во весникот „Титов пионер“ бр.2 на стр.3, ја објавува песната „Смелиот скијач“, а во бр.4 истата година, под името Видое Димитровски -Подгорец излегува песната „Дојде пролет“. Истата 1954 година во истиот весник „Титов пионер“ бр.5, авторот ја објавува песната „Горска веселба“ и за првпат до своето име го додава својот книжевниот псевдоним и станува Видое Подгорец.

vidoe podgorec
Првата песна на Видое Подгорец објавена во „Титов пионер“ бр.2, 1952 година. (од архивата на Киро Донев)

Првата книга поезија за деца насловена Развигорче, Подгорец ја објавува во 1956 година во издание на „Детска радост“ при НИП Нова Македонија. Во 1958 година излегуваат три негови книги: првите две книги поезија за возрасни: Уморно летово издание на „Култура“ и Мугри над тополите во издание на „Кочо Рацин“  и  Прости ми канаринке (раскази за деца) во издание на „Детска радост“. Долг е списокот на наслови и книги што во својот релативно краток живот зад себе ги оставил писателот Подгорец. Со право Киро Донев констатира: Со по две новообјавени книги секоја година ѝ се оддолжувал на државата! Но, на неговата  работна маса останаа уште тринаесетина подготвени ракописи за печат. Еве, вака би изгледа некако би изгледала хронолигијата на неговите објавени книги:

РОМАНИ:  Македонската голгота (1978), Корените  на  судбината (1982),

Карпошовата  буна (1983), Земја  на  солзите  (1988),  Перуновите  потомци (1989). Романизирана  биографија: Феткин  (1998).

ПОВЕСТИ: Аз, буки, веди… (1969), Златко (1995).

РАСКАЗИ: Умирање  на залез (1984), Среќен човек (1989), Вечни  огнови  (1993).

ПОЕЗИЈА:  Мугри над  тополите ( 1958), Уморно лето ( 1958), Време  на љубовта  ( 1978), Зарастен  бунар ( 1978), Распетие ( 1984),  Древен  обред ( 1985),  Длабарка( 1993), Котел  за  сон ( 1995).

РОМАНИ  ЗА  ДЕЦА  И МЛАДИ: Белото Циганче (1966 – трилогија), Златкарпатска  повест (1966),  Прокудени птици (1969), Овчарчето  Бош (1969), Рајна војвода  (1971),  Првото писмо (1972),  Истрча  белиот  коњ (1978), Црниот  пантер (1981), Прва  љубов (1983), Дивиот  пес  (1987), Туника  или  прва  љубов (1987), Необични  доживувања  (1991), Јаворот (1992), Криворог (1994), Исчезнатиот  рај (1997), Птиците одлетаа(1999).

РОМАНОТ  ЗА   МЛАДИ: Ајдручка чешма (1964), Бигорна  љубов (1973), Пепел и цвет(1974), Бродот  Брезова  кора (1978), Пиринскиот  цар (1980), Летот  на  белата  гулабица (1982), Дивиот  рај  (1983),  Патешествијата  на  Силјан  Штркот (1983).

РАСКАЗИ  ЗА    ДЕЦА: Прости ми, канаринке (1958), Топли  гнезда

(1959), Неспокојно  детство  (1961), Шумскиот  разбојник (1962), Сенки  на  ѕидот (1963), Деца  под  печурки (1964), Отиде  со  жеравите  (1967), Чудесно  патување(1967), Сивиот одмазник (1969), Ливада  на  соништата (1969), Приказни  за  селото (1981),  Дрво  на спомените  (1985), Шарбајка(1986), Нашиот  двор  (1988), Ѕвездени  зборови (1990), Сребрениот меч (1991), Изгубеното царство (1993), БабаБлагината  срна (1994), Магарињата на Олимп (1994), Дванаесеттите  огледала (1995), Воденичарски  приказни (1995).

СКАЗНИ 1-2: Пчеличката  медарка (1989), Среќен човек (1989).

ПОЕЗИЈА  ЗА  ДЕЦА:  Развигорче (1956), Горско  кладенче (1960), Тихо  доаѓаат  соништата  (1963), Сребрена школка (1965), Над  лулката  (1967), Весела  азбука  (1969), Илјада  цветови (1969), Во  Солуна  грош  сомуна (1981), Песни за  Туника (1982),  Лушпи  од   месечина  (1982),  Шарена птица  (1987),  Чудесна  шума (1989), Мониста  од  роса (1991), Венче  невенче (1994).

Еден исто така многу значаен факт кога зборуваме за делото на Подгорец е фактот дека тој е првиот македонски автор на хаику поезија. Книгата Лушпи од месечина објавена 1982 година (Книжевна младина на Скопје, општина Чаир, библиотека Виножито), покрај останатата поезија содржи и 26 хаику песни.  Подоцна низ годините, во 1993 година излегува од печат збирката хаику поезија насловена Мониста од роса, (тристишја) објавена во „Студентски збор“. Подгорец е автор на неколку телевизиски сценарија за детски игри, како и на две радио-драми за деца: Незавршена приказна (заедно со Михо Атанасовски) и Чудесно патување. Уредник е и на две антологии: Антологија на современата македонска проза за деца, 1968 и Антологија на современата македонска поезија за деца, 1968 во издание на изавачката куќа „Епоха“. Подгорец има направено и два избора: Гулаб на мирот, 1963 година, избор раскази за деца од цел свет (избор и превод Подгорец ) во издание на „Детска радост“ и Вртешка, 1965 година, избор песни за деца од цел свет (избор и препев на Подгорец),  во издание на издавачка куќа „Кочо Рацин“ Скопје.

Таа силна посветеност на пишувањето резултира со 108 дела кои за време на својот земен живот ги создаде Подгорец. Таа бројка е недостижна за многумина од писателската фела, но делата на Подгорец не се само бројка, тие се суштина и порака. Во книжевната оставнина на големиот македонски писател има и неколку изданија (печатени без ЦИП) кои не се влезени во официјалната библиографија на авторот. Но, тие постојат во библиотеките како доказ за големата издашност на писателот, кој како да не можел да ѝ оддолее на возбудата, која како плима го носела низ животот. Работел постојано, поднаведнат над машината за пишување, неуморно ги пресоздавал мотивите, го преобликувал и преместувал зборовите ставајќи ги во функција на откривање на нови книжени светови.  „Неговиот прозорец секогаш последен се гасеше, работеше длабоко во ноќта, до зори“ – сведочи неговиот единствен пријател (како што го нарекува Подгорец) и „брат по перо“, писателот Киро Донев.

kiro donev
(од архивата на Киро Донев)

Кога за опсервација пред вас имате дело на една грамадна писателска фигура, како Видое Подгорец, погоре спомнатата фактографија и нема своја оправданост од чисто книжевен аспект, но од книжевно-историски, секако, да. Книжевната историја нужно подразбира селекција на факти кои за љубопитниот читател и не значат многу. Но, овојпат, нашиот пристап кон делото на Подгорец е двостран, пребарување на факти за неговото име и дело и обид за читање и толкување на истото. Првата задача ја сметаме за делумно завршена, но втората нуди можност за постојано, во недоглед препорочитување на огромната книжевна оставнина. Би биле само дел од низата толкувачи на книжевноста (за Подгорец пишувале: Мурис Идризовиќ, Миодраг Друговац, Слободан Мицковиќ, Воја Марјановиќ и други), кои понудиле свое лично толкување на делото на плодниот писател. 

kiro donev i vidoe podgorec
Киро Донев и Видое Подгорец (од фото-архивата на Киро Донев)

Видое Подгорец е полифоничен автор, тој е поет, прозаист, патописец, критичар кој по богатата книжевна продукција, во науката се споредува Бранко Ќопиќ и Франц Бевк, а Киро Донев често знае да го нарече „македонскиот Балзак“. И навистина му прилегаат сите наведени споредби. Ако како истражувачи го знаеме значењето на споменатите автори за нивните национални литератури, тогаш неминовно треба сами да дојдеме до заклучокот, кој всушност бил Видое Подгорец и што значи неговото име за македонската национална литература. Мотивските конструкции во неговото дело покажуваат неверојатна способност за оплодување, размножување, како кога во природата ветрот го разнесува поленот за да ги опраши растенијата. Неодамна повикани да пишуваме за делото на Подгорец констатиравме дека тој како автор покажува неверојатно познавање на животот во сите негови облици, форми, појави, сокриени значења и симбли. Неговиот творечки распон е огромен, од најсуптилен мозаичар на лирските чувства, па сè до истражувач на големите историски вистини. Подгорец е пред сè автор за деца кој, оживувајќи го детето во себе, создава ликови на деца мечтатели, сонувачи, авантуристи, патувачи, но и деца кои многу рано ја почувствувале болката од камшикот на животот. Таква трезвеност во пристапот кон децата и во умешноста за маневрирање со детскиот аспект, скоро и да не се среќава кај друг македонски писател за деца. Од една страна реалноста со својот опустешен пејзаж, а од друга страна магијата на детскиот свет, шаренило од бои, раскош од слики пресликани од светот на фантазијата, џагор од зборови занесени во детска играрија. Од наивната детска емоција претопена во еден топол лиризам, па се до историографски, мемоарско-фактографски интерпретации, во толкав распон се шири линијата што ја повлекува перото на Подгорец. 

Премногу се асоцијациите кои спонтано се разгрануваат додека општиме со творечкиот дискурс на Подгорец. Творештвото на Подгорец се воспириема со сите сетила. Набљудувајќи го неговото дело на моменти остануваме збунети од неможноста да направиме прецизна систематизација на неговите книги. Токму затоа се наметнува потребата од постоење на сериозна научна студија во која жанровски би се систематизирале по родови и жанрови сите негови дела. Токму од тие причини во науката се појавија дилеми за тоа која е првообјавената песна на Подгорец, кога и каде авторот за првпат оставил пишана трага.  Целокупната архива за делото на Подгорец со година ја чува писателот Киро Донев. Низ полиците на неговата огромна библиотека, освен дел од личните предмети на Подгорец кои Донев чи чува како реликвии, може да се видат и книгите кои писателот-пријател му ги подарувал, оставајќи го својот потпис на првата страница, со посвета која секогаш носи некаква скриена порака. 

vidoe podgorec

Набљудувајќи ја неговата грамадна книжевна оставнина воочуваме дека станува збор за еден неверојатен творечки имагинариум. Неговото дело има широк распон. Неговите раскази пишувани во фонот на лиричноста, во себе носат силна етичка и морална нишка. Авторот никогаш не го остава читателот во недоумица, скоро секогаш наоѓа начин индиректно да ја пренесе пораката. Во еден разговор со Киро Донев, кога размислувал затоа каков треба да биде расказот наменет за децата и каква порака треба да пренесе до нив,  Подгорец вели:

Пораката не смее да биде дадена како гола дидактична поука, туку таа треба да се содржи во самото јадро на настанот како морална категорија. Расказот за деца, посебно краткиот, пред писателот поставува и еден друг услов: тој не смее да биде пренатрупан со многу личности и со многу настани, зашто тоа за младиот читател ќе претставува не насладување во убавата литература, не духово уживање, туку мачно решавање на тешка математичка задача.

Од неговите размислувања може да се заклучи дека Подгорец не само што поседувал неверојатен талент за пишување, тој во суштина ги разбира очекувањата на читателите и ја знае формулата по која детето ги решава загатките кои му ги поставува животот. Затоа велиме дека поставувањето на детскиот аспект во делото на Подгорец е целсосно во согласност со високите критериуми кои ги поставува детето како најискрен читател. Општејќи со делото на Подгорец како читатели неминовно го забележуваме автобиографски релјеф (Друговац 1986:315), но со претпазливост во донесувањето на нашите судови, бидејќи Подгорец е автор кој внимателно ги поставува своите наратори, без да им сугерира и наметнува личен тон. На моменти провејува автобиографскиот призвук, особено во оние прозни записи во кои говори за сиромашното детство, спомените од школувањето во Штип, неостварените детски соништа. Во споменатото интервју Подгорец ќе каже: „Моето детство се одвиваше, течеше за време на голема војна, под окупација. Татко ми постјано војникуваше, де во една, де во друга војска, а сите туѓи. Ја делеше судбината на секој Македонец во тоа време. Зимите во трошната куќарка ни беа долги, гладни и студени. Подоцна, сеќавањата и спомените од дестството од Колешино најдоа место во повеќе мои прозни книги со автобиографски призвук. Би ги спомнал само книгите со раскази: „Прости ми канаринке“ и „Дрво на спомените“. Затоа, знаејќи ја биографијата на авторот, како читатели и толкувачи може да го насетиме автобиографскиот призвук, но не и да констатираме дека целата поетика на Подгорец се потпира на тој принцип. Неговата големина како автор се огледа во умешноста да ја контролира нарацијата, без при тоа да дозволи, раскажувањето да добие патетичен призвук. Подгорец тоа го постигнува со мајсторскиот потег на вградување на пејзажот, преку описи кои скоро секогаш ја следат линијата на лиричноста. И повторно се навраќаме на темата за оддолжувањето кон оние места, луѓе и настани кои во писателовата душа предизвикувале постојана возбуда, кога за момент ќе ги разбудел во спомените. „Спомените од едно конкретно детство не се без одгласи на една приватна животна историја, меѓутоа автобиографското во неа е кренато до рамниште на универзална проектираност, општочовечка препознатливост“ (Друговац 1986:316). Таквата поставеност значи постојана потреба да се трага по личните искуства чии одгласи можат да станат пораки со универзални значења. „Таа опседнатост на авторот со таа магистрална опсервација – детството, се пробива како чиста линија и во неговото творештво за возрасни“ (Мицковиќ 1987:5). Детството, природата, татковината, војната и човекот во сооднос со сите нив, тоа се жариштата на Видоевата мисла. Разработувајќи ги овие мотиви, авторот создава течна нарација во чија позадина се препознаваат импресивни пејзажи. „Големиот водопад и неговата силна издашност се срцевината на тоа време и тој простор и токму тука се зачнала таа нераскинлива врска на Подгорец со природата, мајката хранителка-изворот на животворната енергија. Зачнат и одгледан во подножјето на огромната зелена, мокра и сончева Беласица, Подгорец  во дамарите како да ги впил енергиите од трите основни принципи на животот. Таа апсорбирана енергија, подоцна му ја вратил на животот и тоа  во нејзиниот најчист  најсовршен  облик – зборот. Неговите моќни зборови ги зауздал и ги пуштил да ја изораат најдлабоката бразда на тогаш сè уште необработената и нераскопана нива во атарот на македонската литература. Таа бразда и денес е ровка, мокра и плодна“.

Како читатели, секогаш кога го препрочитуваме Видоевото дело, во нас расте и созрева уште едно дете. Нараторите во неговото дело најчесто се деца кои светот го гледаат со чисти и ширум отворени очи. Во разговор со својот голем пријател Воја Марјановиќ, Подгорец ќе рече: „Пишувам за деца затоа што тоа е моја животна потреба. Судбината преку тоа ми дала шанса да се потврдам како човек. И, пишувајќи за деца, јас го продолжувам своето сопствено детство“. Во Видоевата душа како постојано да оддекнувале одгласи на одамна одживеаното детство, кои самиот тој ги доживувал како зативнатиеха: „Кога човек ќе стане свесен за минливоста на животот, за тоа дека чекорењето низ животот не е вечно, тој се враќа назад по веќе изодениот пат и таму повторно се открива. Се бара себеси низ случките и настаните, низ собитијата и траумите што ги доживеал еднаш… За мене, тие зативнатиеха сега наоѓаат одгласи и на литературен план“. Тоа се тие еха кои тихувале долго во детската душа, стивнати, спокојно притаени во дамарите, како да чекале миг да се огласат и да грмнат. Детството како поилиште на мислата и емоцијата станува средиште од кое извираат универзалните значења и вредности по кои е устроен животот и светот воопшто. Детството (со сите негови лица) е тема длабоко заринкана во душата на писателот, вкотвена на брегот на животот и ниту најсилната бура не може да ја придвижи и да ја пушти стихијно брановите и ветровите да ја носат. Делото на Подгорец е како нов дом изграден на темелите на детството, цврсти, длабоко вкопани полеани со капка крв од принесената жртва во темелот како жртвеник. Навраќајќи се по години во родното место, во свеста на авторот одново оживуваат сликите од детството кои тој ќе ги преточи во дела: Малечок свет, Вечни огнови, Црни кокичиња.  Ќе ја посочиме песната „Старата куќа“ посветена на неговата родна куќа, што веќе не постои, а Видое ја чита во емисијата „Траги во времето“ давајќи го своето последно интервју:

Ден низ ден се разѕидува таа.

Камен по камен се рони.

Не оти дооден грофнат старец

ничкум кон земјата паѓа.

Но, внатре секоја нејзина педа

како црковен олтар е света.

Од секој агол скап и топол

по некој стивнат спомен се раѓа.

Наскоро сосема ќе ја скријат

повити и неизрежани лози.

На прагот нејзин ќе господари

по некој плашлив гуштер

или некоја подивена коза

ќе брести од зеленилото.

Низ пукнатините ќе се гонат

глувци и лебарки гладни.

А  јас беспомошно ќе ја гледам

и долго, долго ќе страдам.

Горка печал ми тежи в гради

и вилнее бесно и диво,

небаре студени камени плочи

некој таму ми редел.

Но, чувствувам дека во урнатините

има стократно повеќе живот

одошто в сиот околен предел.

Но, живот скриен во спомените

за кои веќе враќање нема.

Во еден наш неодамнешен напис за Подгорец констатиравме дека станува збор за писател кој многу свесно му пристапувал на зборот, го имал и го чувал како фенер чија светлина го пробива патот низ темнината. Силното емоционално јадро, една кондензирана смеса на емоции, спомени, сеќавања, размислувања се наоѓа во сржта на раскажувачката проза на Подгорец од првите години на неговата книжевна активност. Подоцна, во зрелите фази од своето творештво, Подгорец повторно ги оживува пејзажите, сликите и спомените кои како скриени костени собрани од подбеласичкитекостенови крошни , ги носел во џебовите: „Ме возбудуваат и го привлекуваат сето мое внимание, и самиот се чудам понекогаш на нивната јавност. Ги гледам како на дланка, живи, полни со немир, па не ме оставаат на мира додека не ги забележам на хартија.“ Тој немир кој постојано татнел во писателовата душа, едноставно е поривот и творечката дарба, со зборот да се наслика она што се восприемало, што се одживеало, одболувало. Судбината на неговата татковина, љубовта кон неа, но и детето кое постојано потскокнува таму некаде длабоко во душата, се постјаните немири на Подгорец. Тие како постојано да го вознемирувале, па сред ноќ станувал за да ги извади од себе, да ги скроти и смири, правејќи ја хартијата нивна постела. Така чиниш се помирувал и со нив и со себе. Како возрасен и по малку уморен од животот, Подгорец живеел за да пишува и пишувал за да живее: „Кај повозрасниот човек, по малку заситен, по малку уморен од животот, кој одамна ги изврвел тие далечни патеки и патишта, кој што го препливал тоа разбранувано море на животните проблеми, не постои веќе првичната возбуда за откривање на светот околу себе. Може да се каже дека сме стигнале на некаков брег, со релативно богат животен опит што сме го понеле со себе и трајно опстанало во нас“, ќе каже Подгорец во своето последно интервју.Само детето во него останало единствено жив и тогаш кога животот во него гаснел. Тоа дете и денес живее на страниците на неговото дело, трча по ливадите, учи за природата, го љуби животот, ги шири рацете, за да го освои светот со својата наивност и добрина. Детството е нашата изгубена прататковина по која постојано трагаме. Писателот, го зема зборот, го нарамува како најостра коса и тргнува да ги расчисти зарастените патеки, кои треба да го однесат до бунарот, на чие дно сè уште извира водата што ја гасела жедта на уморното дете. Тој бунар, обраснат со трње и глог е сè уште жив, ја чува во себе животворната вода на детството. Токму тоа го знаел Видое, кога катаноќ на слаба ноќна светлина, ги откривал тајните патеки на детството, а на единствениот пријател, Киро Донев ќе му каже:

Детството,  Кирчо  е  многу  поширок  поим, за  него  не  може  сѐ  да  се  каже во  пет  реченици.  Зашто, всушност и  никогаш  не завршува.  Кога  ќе  му  минат  годините,  тоа  продолжува  во  соништата…  Затоа  јас  уште  сум  дете,  или  секогаш  ќе   настојувам  да  бидам  поблиску  до  детството.  Ако  не  со  друго,  тогаш, со  она  што  го  пишувам…

Жеравите на Сасаки

Сасаки лежи. Седма зима

лежи

можеби на асура, можеби в кревет.

Болно е тоа девојче од Хирошима,

ќерка на рибар

со празни мрежи.

Сасаки лежи години седум,

редум,

Можеби на асура, можеби в кревет –

од девет до девет

и пак

од девет до девет….

Првиот лекар – зрачење….

Вториот лекар – зраење…..

Третиот лекар си оди

виновен, нем како крадец.

Сасаки лежи.

Сасаки нејќе да јаде.

Копнее само за детска безгрижна игра

врз златен песок

покрај бескрајните јапонски сончеви води.

И една вечер…

Којзнае која година,

којзнае која ноќ,

Сасаки сони најубав сон на светот:

„Девојче, ти ќе оздравееш,

ти пак ќе играш, ќе пееш,

сонцето пак ќе те мами,

ветрето пак ќе те гали,

морето пак ќе те дарува

безбрежно синило благо

под зраци златести, врели –

само ќе треба да направиш

илјада жерави бели!

Сасаки, чу ли:

илјада жерави бели

од хартија!

И кога задниот жерав ќе биде готов –

оној што иде по бројот

девет и девет и девет –

ќе станеш ти од својата асура

или од својот кревет!“

И уште една година

сонот ѝ подари сила

бескрајна желба за живот на Сасаки.

И уште една година

болното девојче од Хирошима

од хартија правеше крила

за илјада жерави бели.

Илјади деца од цел свет

праќаа жерави безброј,

праќаа лете и в зима

адреса:

„Хирошима,

Улица  на рибарите,

монтажни бараки,

за болната Сасаки.“

Илјади деца паќаа:

радост од своите детства,

желби од своите соништа,

љубов од својата љубов,

здравје од своето здравје –

на својата далечна друшка,

на болната Сасаки.

………………………………..

………………………………..

Во топла ѕвездена вечер,

кога по небото сино

жерави ќе се јават,

зар не помислуваш тогаш,

малечок другар,

Сасаки е жива

Сасаки е жива и здрава!

Згрутчени солзи

Се лелеат класјата дрочни

во палав преграб со булките.

А ноќе до унес си играат

со ѕвездите и светулките.

Дење, под сончев припек,

штурците кротко им пеат,

класјатасвенливо слушаат,

се нишкаат и зреат.

Ги гледам и си мислам:

нивните зрна в лето

нели се згрутчени солзи

на гладните деца во светот!?

Видое ПОДГОРЕЦ

(хаику)

***

Често го посетувам изворот

 крај овоштарникот со праски,

а сакам да го заборавам.

***

Нечитлив ракопис

по крајезерскиот песок:

бескраен есенски дожд.

***

 Паѓаат цветни ливчиња

од дуњата крај порта.

Си ги бројам годините.

***

 Затрепери воздухот

како нежни струни.

Птицата тагува за гнездото.

***

Празнично ѕвони камбаната.

Над кубето летаат гулаби

како видливи звуци.

***

Невидлив поток во ноќта

тагата на планината

ја носи накај морето.

***

На листот капка роса:

во неа целото небо

со појас од виножито.

***

Скршив расцветано гранче.

Раката ми се претвори

во злосторнички меч.

***

Ноќе се затвораат цвеќињата,

а се отвора тагата:

часови на горка осаменост.

***

Првиот пожолтен лист

на крајпатната топола

ја изгони последната грлица.

***

Денот како бела птица

спокојно си починува

на врв од самотна топола.

***

Пред замин, на стариот орев

не вели му збогум татко,

може да се исуши.

***

Ѕвездите и цвеќињата

си ги смениле местата.

Јасна априлска вечер.

***

Штркот се огледа во барата

 и одлета да и` се пофали

 на штркицата.

***

Ѕвездата над лозницата

им го покажува

патот на орачите.

***

Под фенерот на месечината

сончогледите тивко

ги гасат кандилата.

***

Небото се извишува

за да му отвори простор

на стариот орев.

***

Штркот го лови

зрелиот портокал на сонцето

од дното на барата.

***

Горе минуваат облаците.

Долу минуваме ние.

Кој кого да жали?

***

Си заминаа ластовичките.

Над реката остана

празно есенско небо.

***

Небото – косена ливада,

луната – плашлива срна

трча од облак до облак.

***

Кого ли оплакува кукавицата,

кога нема

ни дом ни пород?

***

Од локвата на патот

жедно куче

го излока небото.

***

Во китка од сув босилек

 закачена на ѕидот

престојува душата на баба ми.

***

Над житата трчаат

црвени пламенчиња.

Булките цветаат.

***

Гласот на утот

ја мери

длабочината на ноќта.

***

Се наведнувам од вирчето

да црпнам грст ѕвезди.

Со кал ми се полни рацете.

***

Ноќната пеперутка цел живот

кружи околу ламбата

мислејќи дека е месечина.

***

На портата седи мајка

со доенче на градите.

Од небото ја гледа Исус.

***

Тивка шумска полјанка.

Соговорници ми се

лисјата и цвеќињата.

***

Една птица на моето дрво,

една пчела на мојот цвет

и ништо друго.

***

Не знам, зумбуле,

дали и идната пролет

ќе ме пречекаш тука.

Избор од  хаику поезијата на Видое Подгорец: Никола Маџиров, уредник на списанието за хаику и кратки поетски форми  Мравка

(Изборот е објавен во списанието Зенит бр.3)

КНИГА ВО ИЗЛОГОТ

Немав наполнето ни тринаесет години, кога се запишав на прва година на Учителската школа во Штип. Штип го запаметив не како град, ами како една руина. Ми прилегаше на старец којшто прележал некоја тешка болест, но без надеж во целосно оздравување. Уште ако се имаат предвид тесните периферни калдрмисани сокачиња и плитарните распукани куќи што се надвиснале косо над нив, со закана дека секој момент ќе паднат – впечатокот е речиси целосен. Тие куќи ми личеа на ластовичкини гнезда залепени за сувите карпи на ридот….

Потоа: интернат со многу и различни детски судбини; ни деца, ни луѓе, коишто тропаат на вратата од животот и го бараат својот дел од него….Па: глад, шуга, пченкарник, праз, зелка и козја пастрма во алуминиумските канчиња. Секој ден тоа па тоа. Ноќе: намовната есенска темнина, влажно студенило и дрвеници.

Во таа сива врнежлива есен во туѓиот град, јас не можев да се набљудувам себеси, но затоа длабоко во сеќавањето впечатливо ја имам сочувано сликата на моите другари по принуда. Тоа беа селанчиња како мене, кои во почетокот се чувствуваа збунети, исплашени, изгубени. Сè мислам дека тука беа дојдени само нашите тела, без душите. Со денови и недели не можевме да се привикнеме на новиот живот во заедничкиот дом во градот. Личевме на стадо, сеедно од што. По сиромашните излози зјапавме со празни, ненавикнати очи, во групи. Душите ни беа останале во нашите планински гнезда, во селата: по нивјето, ливадите, овошните градини, гумната, лозјата, потоците, по речните брегови… И затоа преживуваме крајна, болна носталгија по родниот крај.

Во сеќавањето ми испливува споменот за првата книга што ја видов во излогот на една книжарница. Чудно е ова: подоцна, во животот, стотици книжарници со илијадници книги ми поминале пред очите, но во сеќавањето се задржала таа, првата.

На единствената поголема улица во градот, покрај другите продавници и занаетчиски дуќани, се наоѓаше и една книжарница. На нејзиниот излог, покрај не многу богатиот, но безредно расфрлен училишен прибор, имаше и една книга. На предната корица од книгата, свиткана од сонцето и со избледени бои, беа напишани четири зборови: Даниел Дефо: РОБИНЗОН КРУСО. Сликата на корицата прикажуваше човек со брада, гол до појасот, со цврсти мускули, застанат на една карпа. До него стоеше една коза. Човекот гледаше кон отворена и безгрижна морска широчина како оттаму да очекува нешто. Козата со животинско спокојство го набљудуваше својот стопан и, веројатно, безучесна во неговата тревога и немир, мирно преживаше.

Таа книга, поточно илустрацијата на нејзината корица, како да беше спојка меѓу селото што го оставив зад себе, во шумовитите и питоми пазуви на Беласица, и овој негостољубив, сив, распаднат град. Таму останаа и моите кози и овци, но затоа од привидниот заборав почнаа да се будат приказните што ми ги раскажуваше татко ми во долгите виуличави зимски ноќи. Бездруго и во оваа книга во излогот се крие некоја чудесно убава, некоја таинствена приказна за човекот со козата и за морето, за кое немав никаква претстава. И почнав да мечтаам за тоа како да ја купам таа книга.

Во саботните и неделните попладниња, кога можевме да излегуваме в град, јас постојано висев пред малиот излог на книжарницата. Носот го имав зелепено до испрашеното и од муви испоплукано стакло и долго ја проучував сликата од корицата на книгата, претпоставувајќи си ја во себе нејзината содржина. (Во тоа време веќе имав прочитано повеќе книги, па секоја нова што ќе ми дојдеше до рацете, предизвикуваше во мене нова возбуда). Од дома одамна ми имаа ветено дека ќе ми испратат пари, но тие никако да стигнат. Не се осмелував да влезам во книжарницата и да ја побарам книгата – да ја разгледам. Затоа пак, по враќањето во интернатот по цели ноќи се превртував во сламената постела, размислувајќи за книгата во излогот. Каков свет се крие меѓу нејзините корици? Што бара осамениот човек со козата на пустиот брег? Дивјак ли е или бродоломник, па очекува некој брод да го спаси…? Илијадници прашања ми се мотаа во главата, без да можам да смислам еден единствен одговор. Одговорот се наоѓаше во книгата, но јас немав пари да ја купам.

Долго време траеше тоа мачење. Штирата надеж ме крепеше сè до длабока есен, кога еден ден ги добив долго очекуваните пари од дома. Кога веќе ги имав во рацете, излегов од интернатот и веднаш се најдов во книжарницата. Овојпат не погледнав во излогот, ами влегов прво внатре. Сиот заздишан како човек кој долго време жедувал и најпосле дошол до некој бистар извор  и лакомо ја нурнува во неговото течно сребро целата своја глава, му се обрнав на продавачот:

  • Ве молам, дајте ми ја книгата „Робинзон Крусо“!

Човекот прво ме погледна рамнодушно, со професионално спокојство на лицето; потоа пробуричка низ рафтовите, се накашла и исто така мирно и со рамен глас ми одговори:

  • Нема. Продадена е!

Господи боже! Зарем и такви трагедии можат да се случуваат во животот?! Се затетеравив, веројатно сум пребледел; нозете ми се поткосија, рацете ми омлитавија, а очите ми ги преплави едно огромно море солена влага. Градите ми ги корнеше некое нечујно но длабоко внатрешно липање како кога се готви да изригне вулкан.

Не се сеќавам како сум излегол надвор.


Сите фотографии, материјали и информации за животот и делото на Видое Подгорец, за потребите на нашите истражувања ги отстапи писателот Киро Донев

Се одчитува....

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading