16/11/2026
нота.мк
Uncategorized

УНХЦР: Половина од раселените лица преку граница во светот се жени и девојчиња

На темата за сексуална злоупотреба на жените бегалки, тема на која истражуваа од САМО ПРАШАЈ, разговараме и со УНХЦР.

Веќе три децении нашата држава добива поддршка од Агенцијата на обединетите нации за бегалци, УНХЦР. Токму триесет години ова тело има свое претставништво овде, обезбедувајќи квалитетна заштита на бегалците, барателите на азил, но и решавање на проблемот со бездржавјанството.  Оттука, побаравме информации од УНХЦР за сексуалната злоупотреба на жените бегалки кои нашата држава ја користат како транзит кон Европа, а која беше потврдена од една од нив, но и од претставници на граѓанскиот сектор кои се активни на ова поле.

Од УНХЦР велат дека освен со државните институции, сoработуваат и со партнерски организации од невладиниот сектор, преку кои обезбедуваат бесплатна правна помош и застапување, толкување, активности за поддршка на инклузијата како психосоцијални, културни и јазични активности, како и други активности.

На кој начин поконкретно УНХЦР обезбедува помош и поддршка, но и какви се механизмите за пријава на случаи при евентуална злоупотреба – се само дел од прашањата за кои побаравме одговорот. Деталите ви ги пренесуваме во продолжение:

Што говорат вашите информации – дали има сексуално злоставување на жените и ако да, дали тоа се има случено на македонска територија или можеби жените бегалки тоа го пријавиле како случај од некоја од соседните земји?

УНХЦР: Раселувањата, вклучувајќи го и контекстот на транзит, кога луѓето користат нерегуларни рути или пак со помош од криумчари, ја зголемија изложеноста на бегалците, особено на жените бегалки, на сексуално и родово засновано насилство. Сексуалното и родово заснованото насилство (СРН) е вкоренето во родовата нееднаквост; тоа е сеприсутно и е животозагрозувачко прашање поврзано со заштитата и здравјето, а УНХЦР активно работи со партнерите за да му се спротивстави. Сепак, постојат предизвици во следењето и регистрирањето вакви инциденти.

Во светски рамки, жените и девојчињата претставуваат приближно половина од сите луѓе кои се раселени преку границите. Сепак, демографскиот профил на лицата кои пристигнуваат во државата е претежно машки. Родовиот дисбаланс значително влијае на стапката на пријавени инциденти. Исто така важно е да се земе предвид дека и момчињата и мажите не се изземени од ризиците на СРН. За жал, родовите стигми создаваат дополнителни пречки кон пријавувањето.

Колку жените бегалки кои доживеале сексуално злоставување се охрабруваат тоа да го пријават во полиција? Дали се забележува недоверба од нивна страна, срам, страв од закани…?

refugees

УНХЦР: Во јануари 2021г. беше донесен Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство. Законот е инклузивен и со своите одредби ги опфаќа бегалците и барателите на азил. Според законот, бегалците можат да пристапат до социјална заштита во иста мера како државјаните, што е позитивен чекор кон осигурување пристап до права и безбедност. Сепак, постојат неколку предизвици кои можат да влијаат на стапката на пријавување. Еден од нив останува достапноста на толкувачки услуги на и од ретки јазици. Ова е особено предизвик кога се работи со случаи на СРН, без разлика дали се работи за обезбедување психолошка поддршка, помош на преживеаните или олеснување на комуникацијата во болниците. Понатаму, социјалните стигми поврзани со СРН, стравот од забавување на патувањето, недостатокот од лесен пристап до услуги продолжуваат да влијаат на стапките на пријавување.

Дали имате информации за статистика на силувани жени на  Балканската рута последниве осум години и колку од нив се процесуирани?

УНХЦР: Сите податоци кои УНХЦР ги поседува се достапни на нашиот портал data.unhcr.org, но ние ги немаме побараните собрани статистики. Сите статистички податоци поврзани со извршени кривични дела треба да се добијат од властите до кои таквите случаи би биле пријавени.

Како жените бегалки / мигрантки стапуваат во контакт со вас? Директно или посредно?

УНХЦР: Бегалките и барателките на азил можат и стапуваат во контакт со УНХЦР и партнерските организации преку разни начини, вклучувајќи интервјуа во канцеларија, телефонска линија за помош, посебна страница на интернет за помош која нуди клучни информации вклучувајќи информации за тоа каде да се побара помош, како и нашите канали на социјалните медиуми на Инстаграм и Фејсбук. Згора на тоа, УНХЦР и партнерите соработуваат тесно со властите за да се осигураат бегалките да ја добијат поддршката веднаш и да добијат пристап до државните услуги за заштита.  

Како ја оценувате соработката со полицијата кога се работи за почитување на правата на мигрантите?

УНХЦР: УНХЦР е активно вклучен во градење на капацитетите на граничната полиција и другите полициски службеници, особено во области кои се најпогодени од мешани движења и каде се поднесува најголем дел од барањата за азил. Веќе долги години, нашата организација обезбедува поддршка за Министерството за внатрешни работи за градење на систем за влез којшто ги зема предвид потребите за заштита и којшто ги идентификува ранливоста и ризиците на луѓето со цел нивна заштита. УНХЦР е благодарен што Министерството е отворено да соработува во врска со овие прашања.

camp

Дали сте побарале одговорност од надлежните за регистрација на секоја мигрантка и посуштински интервјуа со неа за да има можност да пријави насилство?

УНХЦР: УНХЦР активно се застапува за граничен систем прилагоден на потребите за заштита кој осигурува дека бегалците и барателите на азил се идентификувани, заштитени од враќање и имаат пристап до постапката за азил. Во оваа насока, во 2023, УНХЦР ги поддржа МВР и МТСП да ги ревидираат стандардните оперативни постапки за работење со непридружувани и разделени деца и други ранливи странци, кои се очекува да бидат усвоени што е можно поскоро. Згора на тоа, УНХЦР во континуитет ги поддржува властите за градење капацитети на теренските работници со цел да излезат во пресрет на посебните потреби на ранливите поединци, како и со цел подобрување на меѓусекторската координација кога се упатуваат и процесираат ранливи поединци.

Како може да се зголеми безбедноста на жените мигрантки во однос на сексуално насилство и родово базирано насилство?

УНХЦР: Финансирањето за програми за спречување на родово заснованото насилство (РН) и одговор на него остануваат на критично ниско ниво. Таквите услуги се клучни и спасуваат животи, па затоа е важно и да бидат препознаени за тоа што се. Клучно е да се обезбеди безбеден и достоинствен пристап до превенција на РН за сите жени и девојчиња, без разлика на нивното потекло и статус. Ова ја вклучува нивната целисходна инклузија во системите за социјална заштита, пристап до правда и услуги за сексуално и репродуктивно здравје.

Подигнувањето на свесноста за ризикот од СРН, вклучувајќи помеѓу жените бегалки е исто така важен дел од процесот на превенција. Мораме исто да идентификуваме можности за зајакнување на соработката и да побараме координирано да се работи на заштитата и инклузијата со цел спречување и искоренување на родово заснованото насилство. Бегалките и жените без државјанство мораат да бидат целосно вклучени во јавните политики и услуги без дискриминација.

Автор: Вања Мицевска

Се одчитува....

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading