16/11/2026
нота.мк
Аналитичка Нота

Малолетници од Северна Македонија и регионот – мета на онлајн трговијата со луѓе

Лажен инстаграм профил на седумнаесетгодишна девојка од Северна Македонија кој содржел и нејзини фотографии бил користен за нудење сексуални услуги од девојката. Со профилот управувал човек што преку оваа платформа ја нудел и продавал малолетничката. Хоророт што извесен период го живеела девојката е откриен во 2022 година. За да ги сокрие доказите, сторителот го исклучил профилот, но мајката на девојчето успеала преку мобилниот телефон да влезе во профилот и да обезбеди докази за полицијата, кои понатаму се процесуираа во истрагата. Овој случај на жртва на онлајн трговија со луѓе е само еден од низата кои ги откриваат истражните органи во државата.

„Мобилните беа одземени од сторителот и детето жртва и беа идентификувани и корисниците на жртвата. Сакам да кажам дека телефонот на сторителот немаше инстаграм профил но најдовме меил и кај корисниците откривме дел од пораките. Доколку ги немавме не можевме да ги идентификуваме. Значи не станува збор за отворено нудење, туку социјалната мрежа преку овие платформи и пораки е мегдан за трговија со луѓе,“ рече обвинителката Марија Ѓорѓева, заменик раководителка на Националната единица за сузбивање на криумчарење на мигранти и трговија со луѓе при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран крминал и корупција.

sovet na evropa 2

Овој пример таа го сподели со учениците на Конференцијата „Влијанието на технологијата врз трговијата со луѓе, промена на начинот на кој реагираме“ која се одржа во Сараево, а која беше организирана од Советот на Европа, во соработка со Хоризонталната програма III на ЕУ и Совет на Европа. На дводневните панели се споделија многу искуства и од земјите од регионот. За да се следи една ваква комплицирана и сензитивна истрага, потребни се докази, потенцира Билјана Лалова, началник на Единицата за трговија со луѓе и криумчарење мигранти, при Министерството за внатрешни работи.

„Без докази нема истрага. Особено кога станува збор за дете-жртва на трговија со луѓе, Лалова вели дека постои стапица во која честопати влегува малолетникот, а тоа е стратегијата љубовник. Односно, малолетното лице се воведува во љубовна врска и кога сторителот ќе ја стекне неговата доверба, тој креира различни дигитални содржини со експлицитна содржина со детето, како фотографии, видеа и сл, а потоа со нив го уценува и контролира за да се однесува на начин на кој сторителот сака да се однесува,“ појаснува Лалова.

Малолетниците честопати се жртви на вакви измами и лесно може да влезат во мрежата на трговците со луѓе. Причина за тоа е што трговците се во тек со технологијата и ги познаваат сите современи алатки со кои може жртвата да се вовлече во ланецот на трговија без да биде свесна во каква замка е западната. Обвинителката Ѓорѓева вели дека се потребни обуки на официјалните лица кои се вклучени во вакви истраги.

„Сторителите на овие кривични дела го следат дигиталниот развој, па за да се разоткријат потребно е и во институциите да има вештаци и соодветни софтвери,“ додава Ѓорѓева. Македонските инситуции имаат и позитивни примери од следењето на платформите на социјалните мрежи, но и од употребата на современите софтвери.

„Алгоритмите препознаваат детска порнографија. Постои софтвер за следење клучни зборови- на страници и на тој начин може да се превенира оваа криминална појава. Преку дигитални отпечатоци, меил адреси исто така може да се помогне во истрагата“, вели Ѓорги Кочовски од Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија.

Кочовски објаснува дека трговците со луѓе ја користат онлајн технологијата за координација, а покрај извршувањето на ова кривично дело се случуваат и низа други кривични дела. На пример, преку измама се наведуваат граѓани да веруваат дека се добитници на некаква наградна игра при што им се бараат лични податоци, кои подоцна се користат за отворање криптоновчаници. Тој сподели пример кога една истрага води кон друга, односно при истрага за нелегално казино откриле трговија со девојче. При вештачењето на мобилните телефони биле пронајдени компромитирачки видеа.

За да се решаваат овие случаи најважна е превенцијата, вели Марија Тодоровска од граѓанската организација „Отворена порта“. Оваа организација цели дваесет години води анонимна СОС-линија за советување и пријавување на случаи на трговија со луѓе. Тодоровска смета дека е клучно да се направи безбедна средина да се пријави тровијата со луѓе. Таа сподели искуство од случај во кој мајката одредено време имала сомнеж дека нешто се случува со нејзиното малолетно девојче, но, не се чувствувала безбедно да пријави.

sovet na evropa 3

„Девојче станува жртва на онлајн експлоатација, интимни фотографии беа користени за експлоатација, а таа е држена во состојба на насилство. Случајот се открива откако сторителот ги објавува фотографиите на профилот на мајката. Претходно мајката се сомневала но немала храброст да пријави“, вели Тодоровска.

Иако не се знае точниот број на случаи на онлајн трговија со луѓе во кое се вклучени малолетници, познати се три случаи кои се забележани и во Студијата за сузбивање на онлајн трговијата со луѓе преку користење технологија што ја објави Совет на Европа.

Фрапантни се бројките на потенцијалните жртви на трговија со луѓе

Јавниот обвинител Срѓан Јосимовиќ од Канцеларијата на српското Вишото јавно обвинителство во Нови Сад, укажува на фактот колкав е бројот на претпоставените жртви на онлајн трговија со луѓе. Тој вели дека ако се земе процентот од светската популација кој е онлајн и поседува мобилни уреди со интернет конекција, тогаш секоја земја би требало да е сериозно загрижена, бидејќи бројот на онлајн жртви на трговија со луѓе е застрашувачки голем.

„Треба да се обучат тимови кои ќе ги бараат доказите за онлајн трговија со луѓе, не да се чека доказите да дојдат до истражителите“, вели Јосимовиќ. Според него тоа е единствен начин да се делува проактивно и да се пресретне трговијата со луѓе на интернет. Инспекторот Саша Силјаноски од Службата за сузбивање на организиран криминал при Министерството за внатрешни работи на Република Србија смета дека е важно приватните компании да делуваат бргу и да дадат пристап до потребните информации навреме за да се спречи понатамошна експлоатација на жртвата кога веќе има сериозни наоди дека се случува кривичното дело трговија со луѓе. Од својата пракса тој сподели случај на принуден брак, а понатаму и на сексуална експлоатација. Проблем било што разговорот помеѓу организаторот и сторителите се одвивал во живо на платформите на социјалните мрежи и не можеле да се обезбедат дигитални докази. Токму дигиталните докази се сметаат за клучни во целата истрага при вакви случаи. Раководителката во службата за сузбивање на организиран криминал во Србија, Јелена Митровиќ, вели дека дгиталните докази се обезбедуваат на различни начини, во зависност од случајот. Сепак, од исклучителна важност е соработката со приватните компании и провајдери со интернет и мобилна телефонија.

„Постојат случаи ако се дојде до некој сомнеж за одредено лице дека врши кривично дело трговија со луѓе и знаеме дека има комуникации преку фејсбук, ние се обраќаме до компанијата Мета со барање од обвинителот и откако ќе биде барањето одобрено, ги добиваме ај-пи адресите. Тоа може да ни го стесни истражувањето, се приближуваме до некоја цел, доста може да се извлече од тоа,“ појаснува Митровиќ. Во таа насока размилсува и Оливије Зимоња од Министерството за внатрешни работи на Република Српска, БиХ. Тој посочува дека трговијата со луѓе треба да се набљудува како можност за дистрибуција на материјал од сексуална експлоатација на деца.

„Не очекуваме пријава за извршување на такво кривично дело. Мораме да ги шириме видиците и да соработуваме со други инсититуции и ние да дојдеме до доказите“ вели Зимоња.

sovet na evropa 4

Учесниците на Конференцијата што се одржа на 2 и 3 октомври 2024, сметаат дека новиот тренд на злоупотреба на вештачката интелигенција во трговијата со луѓе е аларм на каде ќе се движат сторителите на вакви кривични дела. Ќе биде потребно истражителите да се опремуваат со технологија и вештини за да се превенираат и откриваат ваквите кривични дела. Покрај едукацијата и обуките, важна е и суштинската информираност на јавноста за овој општествен феномен, но и запознавање на децата од најмала возраст за начините на препознавање на потенцијалната опасност од оналајн трговија со луѓе.

Со цел да се зајакнат капацитетите на институциите и организациите во борабта против трговијата со луѓе, програмската канцеларија на Советот на Европа  во Скопје во рамките на проектот „Зајакнување на активностите против трговија со луѓе во Северна Македонија“, дел од програмската рамка на Европската унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција III“, подготви Студија за сузбивање на онлајн трговијата со луѓе преку користење технологија. Студијата е изработена со учество на професионалци од МВР, центрите за социјална работа и претставници на НВО-ата. Оваа студија треба да придонесе и за подобри вештини во однос на детектирањето на ваквите кривични дела, оперативните аспекти на истрагата и кривичното гонење, како и обезбедувањето на доказите за водење кривична постапка.

Хоризонталниот инструмент III e рамка за соработка на ЕУ и Совет на Европа за поддршка на земјите од Западен Балкан и Турција за да се сообразат со Европските стандарди и легислатива.

Се одчитува....

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading