16/11/2026
нота.мк
Аналитичка Нота

Со условна пресуда ќе се превоспитува Илир Бојку за нелегалната сеча на Јабланица

Судот во Струга кон крајот на мај изрекол условна пресуда за Илир Бојку, а во јуни истата е потврдена со што Бојку е условно осуден за нелегалната сеча на планината Јабланица. Тој беше уапсен на почетокот на октомври минатата година, по истражувањето на терен на новинарите на Нота.мк. Истражувањето годинава доби две награди од ЕУ, а Бојку од судот условна казна и враќање на парите што ги дал како гаранција за излез од притвор.

Во делот за образложението зошто Бојку е виновен стои дека пресудата за делото „кражба“ го условува Бојку да не изврши ново кривично дело во рок од две години за да не оди една година во затвор, додека за делото „пустошење на шума“ Бојку нема да оди шест месеци затвор доколку во рок од една година не направи ново кривично дело.

Условна пресуда Илир Бојку

Во утврдувањето на единствената казна затвор, пак, бројот на месеци и години се намалува и пресудата го условува Бојку да не изврши слично кривично дело во период од две години и шест месеци, затоа што во спротивно ќе мора да одлежи затворска казна од една година и три месеци.

Процесот се водел за „кражба„ и за „пустошење на шума“ и во пресудата нема дело за нелегално ангажираните работници од Албанија да сечат дрвја на Јабланица. Во образложението на пресудата стои само дека Бојку „го ангажирал осудениот Н. Ф., за кого се водела одделна постапка“, за противправно присвојување дрва.

Кауцијата вратена назад

На Бојку му се вратени и парите што ги дал како гаранција за излегување од притвор. Судот во Струга ја информира Нота.мк дека средствата во висина од 11 илјади евра се упалтени на сметката на сопругата на Бојку.

Евра, машка рака

„По однос на дадената гаранција во износ од 11.000 евра (во денарска противвредност од 676.500,00 денари), истата со решение на Основен суд Струга КС-КР 87/24 од 24.07.2024 година е укината и вратена на сопругата на обвинетиот, Љулвевере Бојку од с. Велешта“, стои во одговорот до Нота.мк од Основниот суд во Струга.

Во описот во пресудата на условно осудениот стои дека тој е „со завршено основно образование, средно имотен, осудуван по извод од казнената евиденција“, но и дека во моментот на пресудата не се водела постапка и за друго кривично дело.

Случајот со нелегалната сеча на Јабаланица го водел судијата Јордан Јованов. Судијата Јованов во оразложението на пресудата наведува дека Бојку ја признал вината што укажувало дека признавањето е доброволно, „дека истиот е свесен за правните последици од признавањето на вината, за последиците сврзани за имотноправното барање, како и за трошоците за кривичната постапка“. Бојку бил „задолжен да ги надомести трошоците на кривичната постапка во износ од 3.000,00 денари“, кои претставувале „судски паушал, имајќи ги предвид времетраењето и сложеноста на постапката, како и имотната состојба на обвинетиот“.

Јабланица, нелегална сеча на дрво

Жителите во Велешта треба да бидат под влијание на пресудата

Понатаму аргументирајќи ја условната казна за Бојку, судот наведува дека постојат олеснителни и отежителни околности за овој случај. Во отежителните е наведено што Бојку е обвинет за две кривични дела, но и тоа што и претохдно е осудуван. Сепак за судот олеснителна околност било тоа што обвинетиот Бојку е семеен човек, татко на четири деца, но и тоа што коректно се однесувал за време на судската постапка. Судот смета дека условната пресуда ќе влијаела врз превоспитување на Бојку.

„Имајќи ги во предвид вака ценетите околности, тежината на кривичното дело, виноста и личноста на сторителот, овој суд смета дека целите на казнувањето, предвидени во член 32 од Кривичниот законик, основано може да се очекува дека ќе се остварат со изречената алтернативна мерка – условна осуда како во изреката на пресудата и со неа, покрај остварувањето на правдата, обвинетиот ќе се спречи во иднина да врши кривични дела, ќе се влијае врз неговото превоспитување, а исто така воспитно ќе се влијае и врз останатите граѓани каде што обвинетиот живее, да не вршат кривични дела, односно изречената казна ќе ја постигне целта на генерален, а посебно на специјален план“, се вели во судското образложние.

Јабланица, нелегална сеча на дрво

Изоставена вредноста на одземените дрва

На обвинетиот Бојку му се одземени само два мобилни телефони марка Самсунг и Нокиа, бидејќи истите биле користени за извршување на кривичните дела „кражба“ и „пустошење на шума“. Тој најмил човек кој со моторна пила, две секири и копач  исекол вкупно 516 стебла шума сопственост на државата со која стопанисува Јавното претпријатие Национални шуми. Судот ја изоставил „вредноста на одземената дрвна маса од диспозитивот на обвинителниот предлог“, иако вредноста била утврдена од вешто лице.

„Судот не се впушти во одлучување по имотно-правното барање на оштетеното правно лице, како што беше побарано со поднесокот од 10.11.2023 година, туку согласно член 114 од Законот за кривичната постапка, го упати оштетеното правно лице предјавеното имотно правно побарување да го остварува во спор“, стои во пресудата на Судот во Струга. По апсењето и поднесувањето кривична пријава пред една година беше соопштено дека штетата изнесува 3.920.721 денари или околу 64.000 евра.

Жителите во Лабуништа лути

„Условна на условна му дал судот. Страшно“, е коментарот на претставник на здружението „Натура Лаб“ од Лабуништа, навраќајќи се на претходна пресуда. Тој додава дека пред месец и половина камион на фирма од Велешта бил запленет, затоа што немал документи и испратници за исеченото дрво. Жителите стравуваат дека стишувањето на состојбата, со промената на власта и наводни ревизии, може краткорочно да трае, бидејќи на терен се гледало пробивање на нови патишта и повторно носење на работници од Албанија. Во Лабуништа има незадоволство што 13 години се чека на прогласување на Јабланица за национален парк и што државата немала 2.000.000 денари за прокет за ревалоризација. Здружението досега ги контактирало сите претходни власти, како и странските амбасадори во Македонија, но поддршка не добило.

Апсење на Илир Бојку на Јабланица

Наградено истражување

Новинарите на Нота.мк минатата година можеа да ја документираат состојбата ја Јабланица – пресушен извор на вода, исечени немаркирани дрва, исечено и оставено дрво на различни места во планината, но и работници од Албанија, кои беа сместени во напуштен објект без прозорци, во кој живееја со коњи. Еден од работниците сведочеше дека при контроли на властите некои лица од Албанија бегале, затоа што немале документи, додека друг зборуваше дека се платени по 40 евра на ден и дека имаат дозвола за работа, која се наоѓала кај шефот Бојку во Велешта.

Награда ЕУ истражувачко новинарство

Но, помалку од еден месец од снимањето шефот беше уапсен заедно со еден нелегален дрвосечач од Албанија. Откако институциите разбраа дека новинари истражуваат на темата, а здружението во коментар на Фејсбук пост на МВР напиша дека за континуираната, неконтролирана и незаконска сеча од големи размери на планината Јабланица е запознаен и министерот Оливер Спасовски, но дивеењето и пустошењето не запира, МВР спроведе акција на 04.10.2023 година. По неа медиумите беа информирани за акцијата, а потоа на Бојку му беше овозможено да излезе од притвор со гаранцијата од 11.000 евра.

Истражувањето под наслов „Кревките шуми“ на крајот на април годинава ја доби првата награда на конкурсот организиран од Советот за етика во медиумите на Македонија, ЕУ и УНЕСКО, а во средината на октомври годинава и третото место на конкурсот за Наградата за истражувачко новинарство на ЕУ во Македонија.

Автори: Сузана Мицева и Александар Методијев

Се одчитува....

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading