Борбата на Струмица против рудникот во Иловица влегува во осмата година. Она што во раните двеилјадити години беше претставувано како одлична инвестиција и крај на економската миграција во овој регион, последната деценија е претворено во борба против потенцијален загадувач кој сее страв меѓу локалното население. Активизмот во Струмица се прелеа од Гевгелија, која прва се крена против отворање на рудници на планината Кожуф. Тогаш кај струмичките активисти се вклучи алармот од еколошките ризици по околината, особено затоа што струмичката котлина важи за голем производител на храна.

„Ние не бевме свесни за целата опасност од отворањето на тешка индустрија во нашиот крај. Гледајќи ги реакциите на граѓаните на Гевгелија, слушајќи ги експерите кои почнаа да предупредуваат за ситеможни влијанија и последици, ние моравме да се запрашаме и самите, што ќе биде со нашата плодна котлина која нѐ роди и одгледа, која нѐ прехранува, ако ни се отвори ваков рудник“,-вели активистот, актер и советник во советот на Општина Босилово, Стојан Велков- Трн.
Силниот отпор на активистите и серијата локални референдуми во Југоистокот помогнаа да се спречи отворањето на рудникот кое беше најавувано за 2017 година. Тоа што концесионерот не успеа да ги спроведе процедурите и да го исполни договорот од концесијата одеше во прилог на активистите, па Владата јго раскина договорот за концесија со Еуромакс. Дополнително, политичките превирања тие неколку години ја ставија темата рудници на дневната политичка агенда. Така, притисокот измешан со политички калкулации овозможи измена во Законот за минерални суровини во кој се забранува употреба на цијанид и сулфурна коселина во рудници со површински коп.
Активистите бараат новата Стратегија за рударство да забрани отворање на рудници во ниви, во непосредна близина на населени места или во заштитени подрачја. Две од овие три барања директно се однесуваат на местоположбата на која се наоѓа наоѓалиштето за злато и бакар во Струмичко-на само неколку стотини метри воздушна линија од последните куќи во селата Иловица и Штука, или како што велат локалните жители, ги дели еден „плет“. Со таков сосед, не сака да живее дедо Ило Малинов, локален активист и гласноговорник на повеќето свои соселани. Вели, такво чудовиште не дозволува да израсне над неговата глава. Тој е во зрели години, но неверојатно витален и прв на линијата на отпорот, ги мотивира младите и ги бодри да си ги бранат огништата.
„Ако никне тука тој ѕвер, јас се плашам да помислам што би станало. Тоа е мачка во вреќа, ризик што не смееме ниту да фантазираме да го преземеме. Можеби ќе биде добро, ќе биде мирно, десет, дваесет, па и педесет години, ние ќе си заминеме од овој свет. Но, има едно, што ако. Што ако не биде така? Што ако се случи нешто , не сега, тогаш? Кој ја сносува одговорност, кој ќе објаснува дека ние сме биле плитки и алчни?“ ги споделува со нас своите стравови и дилеми дедо Ило.

Во моментов кога е во фаза ба усвојување новата Стратегија за рударство претставници на 45 граѓански организации и институции од секторот животна средина, поднесоа барање до надлежните институции со кое бараат да се гарантираат еколошки параметри во Предлог – Стратегијата за рударство 2025-2045. Своите барања ги испорачаа и во МАНУ, во Министерството за економија и Владата.
„Од она што можевме да го разгледуваме во нацрт-стратегијата, утврдивме дека текстот е во колизија со низа закони и стратегии усогласени со меѓународните регулативи. Зборувам за регулативи во делот на земјоделството, туризмот, животната средина, кои се водат од зачувување на водите, почвите и воздухот, како одбрана од климатските промени. За да нема последици кои многу ќе нѐ чинат како граѓани и како држава, бараме јасно утврдена Стратегија што за темел ќе ги има еколошките принципи“, вели Костадин Ристоманов, активист во Еко долина.

По овие барања засега се немаат изјаснето од Еуромакс Рисорсис, компанијата која со години се обидува да го отвори рудникот за злато и бакар. Нивните стратегии низ годините се менуваа. Најпрво се обидуваа да го одоброволат населението ветувајќи вработувања, повисок стандард, инвестиции во локалната заедница. Потоа имаше обиди да се изврши притисок врз активистите со закани за тужби поради нивните јавно изнесени ставови за опасноста од отворање на рудник со отворен коп. Во последно време, Еуромакс се обидува со позитивна кампања да ги убеди струмичани дека рудникот ќе биде безбеден и нема опасност за животната средина и здравјето на луѓето. Нивните активности во медиумите и на социјалните мрежи се сведени на честитки за македонските национални празници и по некој афирмативен текст или колумна објавени на македонските интернет портали.
Опасни забелешки на Студијата за проценка за влијанието врз животната средина за рудникот Иловица
Активистите низ годините наоѓаа бројни слабости и опасности во нивната Студија за проценка за влијанието врз животната средина. Според нив, таа содржи многу недоследности. Иако тврдеа дека нема да има нарушување на природните живеалишта за растителниот и животинскиот свет, Студијата сепак предвидува дека ќе има нарушувања на биодиверзитетот во реките Штука и Јазга. Во документот кој има речиси 500 страници, наведено е дека „Пренасочувањето на реката Штука ќе резултира со трајна загуба на речиси 4 km на природни живеалишта во истечните води. Преливникот ќе биде доволно стрмен за да спречи спротиводно движење на водна фауна што претставува пречка за природно движење и миграција преку каналот“.
Понатаму, Студијата лоцира и други проблеми, како еутрофикација. „Отпадните води ќе се обработуваат во пречистителна станица на локацијата. Сепак, ако постои неисполнување на Директивата на Европската унија за урбана отпадна вода, еутрофикацијата во водните текови може да резултира со намалување на богатството на видови со доминирање на повеќе заедници кои се нашироко распространети и толерантни на високa еутрофизација“, се вели во Студијата.
Промена во биодизверзитетот ќе има и реката Јазга. Студијата посочува дека ќе се намали протокот на реката. „Ова ќе има последици врз водната екологија, со намалување на наквасениот обем што ќе резултира со намалување на крајбрежната вегетација, а воедно и значајното намалување на протоците ќе го направи овој дел од реката помалку погоден за микро без’рбетници“. Според наведеното во студијата, кога нивото во акумулацијата Иловица ќе падне, вода ќе се зема од брана Турија. „Предлогот за надополнување со вода во акумулацијата е кога нивото на водата ќе падне под 344 м н. в., тогаш од акумулацијата „Турија“ да биде испумпана вода во акумулацијата „Иловица“. Сепак, Студијата не предвидела што ќе се случи во суви години како оваа, кога поради неповолните хидролошки услови нивото на браната Турија остана на нешто помалку од една третина од вкупниот капацитет. Надојдената вода од врнежите донесе и големи колични кал поради што се појави манган, а Струмичани цел месец не смееја да ја пијат водата од водоводната мрежа.

Надвор од предвидувањата што ги даваат Студиите, анализите на експерите говорат дека рудниците се најопасните жаришта на загадување во државата. Професорот Трајче Стафилов од Институтот по хемија на Природно-математичкиот факултет со години ги истражува жешките еколошки точки. Вели дека се издвоени 16 кои вклучуваат места од поранешни и актуелни рудници, но и фабрики кои создаваат депонии со опасен отпад.
„Тешката индустрија носи и сериозни последици. Прифатливи се и привремени решенија за нив, на пример покривање на јаловиштата и депониите со отпад, за да нема разнесување на опасни честички низ воздухот“, додава тој.
Новото министерство со план да рестартира затворени рудници
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини вели дека внимателно се разгледуваат прашањата за отворање на нови рудници и дека земјава не може преку ноќ да се откаже од оваа дејност бидејќи рударството ангажира околу 8 илјади работни места. Велат дека контролите на постојните рудници ќе бидат редовни и ќе се настојува да се применуваат сите протоколи и процедури за заштита на работниците но и животната средина.
„Предвидено е да се рестартираат неколку рудници кои беа затворени во минатото, како „Стогово“ и „Тајмиште“, бидејќи тие сѐ уште имаат потенцијал и можат да донесат бенефит за локалната средина како приходи од концесии во општинските каси и нови работни места“, велат од министерството.
Дали во тие планови спаѓа и отворање на нови рудници како рудникот кај Иловица, немаше коментар.
Со овој текст, НОТА.мк се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбаса

