16/11/2026
нота.мк
Културна нота

Змејот што раскажува приказни

„Цело лето ќе летам змеј!“ – весело изјави Верица пред своето другарче Витан. „Сакам мојот змеј да ги види сите неба, не само ова селско-планинско небенце-сино ќебенце“, се смешкаше девојчето дури трчаше низ полјанката со конецот од змејот во рацете.

Погледнуваше ту во змејот што вишнееше на небото, ту во Витан кој седеше под врбата и наеднаш ѝ се сврте во главата и седна. „Змејот е од тука, како и ние, и ова лето првпат ќе патува. Сакам да му го покажам светот“, му објаснуваше Верица-Верверица на Витан.


Витан гледаше како лебди невешто склопениот змеј од дојрански трски што ги донесе дедо Васе при последниот риболов. Мораше да се согласи дека змејот заслужува да лета и на други места. „А кои неба сакаш да ги види, Веричке?“ – љубопитен беше Витан. „Оние што ќе ги видам и јас, будалче“, одговори Верица. „Само ќе гледаме од различна перспектива: јас долу – тој одгоре. Прво она во градот до нашето село, кај баба Живка, па дојранското…“ „Да види од каде му се корените“, дофрли Витан. „Па да, и она во Скопје над Зоолошката градина, а и некое морско небо, но сѐ уште не знам каде ќе летуваме“, набројуваше таа. „Којзнае какви се тие неба!? И колку е убава глетката од височините на тие места. Дури посакувам да сум змеј“, рече Витан. „Или змеј или птица“- додаде Верица-Верверица. „А ти Верице, би сакала ли?“ – ја праша Витан. „Не, јас сум веќе верверичка, се пентерам по дрвја, за мене е доволно змејот што лета, тој ќе ми раскажува“.

Децата седнаа и погледнаа кон небото. Над нив змејот гордо ја мавташе разнобојната опашка, како навистина да им плетеше приказни на децата.

Сузана Мицева

Се одчитува....

Discover more from нота.мк

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading