Близу пет илјади основци во Струмица тргнаа на училиште на 2 септември. Тринаесетгодишниот Матеј не е еден од нив. Тој има аутизам и тоа е причина да не биде со своите ученици на првиот школски час. Наместо да се радува на новиот почеток, тој цела седмица останал со баба си. Мајката, Марија вели дека најтешко им е наутро кога неговиот помлад брат тргнува на училиште, а Матеј мора да останува дома. Утрата биле исполнети со плачење и тага, бидејќи минатата година браќата заедно се подготвувале и оделе на училиште.
Од Министерството за обрзование и наука смируваат дека ситуацијата ќе се среди овој вторник, на десетти септември. Според министерката Јаневска вина за ситуацијата имале училишатата и ресурсните центри. Биле бавни и навреме не ги спровеле процедурите.
„Министерството за образование и наука ја заврши својата задача, а конкурсите за ангажирање на асистентите е обврска на училиштата со ресурсни центри и нивна задача е да планираат кога да го распишат и објават конкурсот“, вели Јаневска.

Со ваквиот став на министерката не се согласуваат од здружението на граѓани „Сплотени срца“. Тие велат дека МОН ја префрла одговорноста. Потсетуваат дека процедурите за ангажирање образовни асистенти минатата година почнале во јули.

„Минатата година огласите се пуштија во јули, а во вагуст веќе имаше интервјуа и се потпишуваа договорите. Годинава во втората половина на август почнаа постапките, иако МКФ комисиите понавреме завршија со проценките“, велат од „Сплотени срца“.
Колку вкупно деца со попреченост има во Струмица, но и во државата не е познато. Засега нема посебен регистар каде што се заведуваат. Исто така и опфатот во образовниот процес останува мистерија, бидејќи особено во руралните средини се познати случаи кога родители одбивале да го однесат детето на проценка во МКФ комисијата и останало незапишано во основно образование.
Комисијата за функционална проценка на деца и млади со попреченост во Струмица работи веќе трета година. Првите две години се проценети околу 150 деца, но тоа ниту одблизу не е конечна бројка, поради што канцеларијата во Струмица постојано упатува повици до родителите да ги донесат децата.
Според Националната стратегија за правата на лицата со попреченост која важи до 2030 година, проценката на функционалноста на децата и младите е според новиот модел кој е во согласност со Меѓународната класификација за функционалност, попреченост и здравје (МКФ) на Светската здравствена организација. Моделот предвидува девет регионални стручни тела за функционална проценка и тоа: две во Скопје, како и по едно во Битола, Гостивар, Штип, Струмица, Охрид, Велес и Куманово. Регионалната распространетост на телата е со цел стручните тела да бидат поблиску до местото на живеење на самите корисници. Едно национално тело ја има улогата на координација и надзор на сите регионални тела. До овој момент отворени се две стручни тела во Скопје, и по едно во Битола, Гостивар, Струмица и Куманово, а формирано е и национално тело за координација. Работата на сите тела е регулирана со нов Правилник за дополнителна образовна, здравствена и социјална поддршка на деца и млади, согласно МКФ, донесен во јануари 2023 година.
Не е познато точно колку ученици со попреченост се надвор од образовниот процес, но Министерството за образование и наука вели дека се води статистика за оние кои посетуваат настава.

„Во наставата во редовните основни училишта во Македонија вклучени се 2000 ученици со попреченост, додека во средните училишта околу 300. Постои недостаток на образовни асистенти и токму затоа во новата учебна година ќе бидат ангажирани над 1000 стручни лица, најмногу досега. Образовните асистенти им помагаат на учениците со попреченост полесно да ги совладуваат училишните обврски и да го достигнат својот полн потенцијал“, велат од МОН.
Развојни советувалишта за рана детекција на проблемите во развојот кај децата
Струмица беше еден од првите градови каде се отвори паралелка за деца со аутизам, во рамките на основното училиште „Сандо Масев“. Дефектологот Спасе Додевски, кој беше едне од иницијаторите на оваа програма, вели дека во периодот 2007-2008 година кога е отворена паралелката имало триесетина деца на општинско и регионално ниво. Во следните години бројката фрапантно се зголемила и сега е многукратно поголема, но не се знае колку точно, што е поради недостатокот на посебен регистар за деца со попреченост.
Додевски вели дека само мал дел од факторите кои влијаат на попреченост се поврзани се генот, а повеќето се средински фактори меѓу кои најизразени се лошиот третман, нереагирање при појавата на првите симптоми, непрепознавање на состојбата од страна на родителите или неприфаќање на реалната ситуација и сл. Тој потенцира дека Сојузот на дефектолози има формирано иницијатива која се однесува на отворање на развојни советувалишта кои задолжително ќе го следат развојот на секое дете од раѓање до седмата година. Според Додевски, родителите би требало да се јавуваат на редовни термини во ова советувалиште во кое би членувале специјалисти од повеќе области со цел да се открие потенцијално отстапување во развојот од најрана возраст.

Образовна асистенција се предвидува и за средношколците со попреченост
Министерството за образование и наука предвидува посериозен опфат во средно образование на учениците со попреченост, што ќе се уреди со новиот Закон за средно образование.
„Законот се подготвува во моментов. Образовни асистенти ќе се ангажираат и во средните училишта, каде досега образовна асистенција се обезбедувала преку разни проекти на локалните самоуправи и меѓународни организации. Со овие измени државните средни училишта за деца со попречености ќе се трансформираат во средни училишта со ресурсни центри и ќе функционираат на идентичен начин како и основните училишта со ресурсни центри. Тие ќе обезбедуваат кадровска и друг тип на поддршка за редовните средни училишта при организирањето на наставата за учениците со попреченост“, објаснуваат од МОН.
Услугата за образовна асистенција за првпат се предвиде во учебната 2020/2021 година, согласно Законот за основно образование. Услугата за образовна асистенција за учениците со попреченост се спроведе преку Ресурсните центри и работно ангажирање на образовни асистенти. Министерството за образование и наука тогаш издвои буџетски средства за 500 образовни асистенти за ученици со попреченост во основните редовни училишта, по препорака од стручните тела за функционална проценка. За учебната 2022/2023 година, бројот на образовни асистенти за зголеми за 225, со што вкупниот број изнесуваше 725.
Оваа учебна година МОН најави ангажирање на 1000 образовни асистенти.
Со овој текст, НОТА.мк се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбаса

